Активизам

Analiza 3 1

Социјалните медиуми и медиумската „неписменост“ можност за манипулација со гласот на граѓаните

Најновата анкета на ЕВРОМЕТАР покажува дека повеќе од половина од граѓаните, за политички теми најчесто се информираат преку интернет. Од нив, најголем дел, над 90 отсто, тоа го прават преку социјалните мрежи, кои, истовремено, се најплодната почва за дезинформации. Имајќи предвид дека следната година е предвидена за избори, како и фактот дека кандидатите и политичките партии токму преку овие канали најлесно допираат до своите потенцијални гласачи, оформувањето на гласот на граѓаните во овие услови претставува вистински предизвик. Според комуникологот Сеад Џигал, фактот што токму за политички вести луѓето се информираат најмногу од социјалните мрежи е резултат на дигиталните генерации.– Тоа е резултат на една значителна промена што се одвива веќе неколку години наназад. Промена во демографските групи. Оние генерации што ги нарекуваме дигитални генерации, кои се израснати со интернетот, подоцна и со социјалните мрежи, сега заземаат еден поголем удел во демографската слика на оние што ги следат, публиката, читателите и другите корисници. Во поновите анкети таа бројка се зголемува и ќе продолжи да се зголемува бројката на луѓе што претежно ги користат дигиталните платформи за информирање и за комуникација – вели тој за МИА. Политичкиот аналитичар Џелал Незири смета дека кога една публика претежно се информира од социјалните мрежи, во поголем дел за нештата е дезинформирана.– Кога една публика претежно се информира од социјалните мрежи, тоа значи дека таа публика не е информирана. Во поголем дел за нештата е дезинформирана. Ние знаеме кои се медиумите што пласираат потврдени, верификувани информации. Тоа се мејнстрим медиумите, но и онлајн медиумите што почитуваат минимални норми и професионални стандарди во новинарството и како такви објавуваат содржини што имаат поминато еден или два филтри на проверки. Првиот филтер може да биде самиот новинар, вториот уредникот, за, на крај, таа информација да биде потврдена. Но, во случајот на социјалните мрежи, ние имаме едно море дезинформации каде што секој објавува сѐ и сешто, каде што изворот на тие информации не е потврден, а не е ни самата информација. Тоа е опасно за самото општество, опасно е за демократијата, но и за државата – нагласува тој за МИА. Информирањето за изборниот процес на социјалните мрежи е само по себе предизвик  Џигал вели дека информирањето за време на изборниот процес, при состојба во која публиката е пренесена на социјалните мрежи, има доста предизвици. – Тука има доста предизвици. Од една страна, политичките субјекти, партии, коалиции, ќе треба да ги приспособат своите програми и комуникациски стратегии за оваа сега зголемена публика, која и порано беше присутна, но сега е значително зголемена. Исто така, дел од тоа приспособување ќе треба да биде не само пакување на нивните пораки и програми, туку и да се заштитат кампањите, политичката комуникација, програмите и другата комуникација со граѓаните од некои релевантни и реални опасности што ги носат социјалните мрежи – вели тој.Институционална поддршка, свесноста, едукацијата и подготвеноста на оние што ја водат комуникацијата, во овој случај партиите и коалициите, и подобрена медиумска писменост и медиумска едукација кај граѓаните, како потенцијални гласачи, учесници во изборниот процес, ги издвојува како клучни. – Тоа е процес со повеќе страни, во кој сите вклучени треба да влезат сериозно и да се настапи координирано за да се избегне каков било вид негативни последици врз изборни процеси, информирање, објективно информирање на граѓаните и обезбедување фер услови. Тоа подразбира и поддршка од граѓанскиот сектор, како и од регулаторот, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Потребна ни е зголемена подготвеност и свесност дека тој тип медиуми имаат поинаков тип однос и кон корисниците, но и кон учесниците во политичка комуникација – смета Џигал. Според Незири, во услови на предизборна кампања, кај нас повеќе се користи таканаречената „црна кампања“ на оцрнување на политичкиот противник, отколку промовирање на платформите и на идеите на еден кандидат, или на една политичка партија.  – Се очекува дека партиите ќе ги користат тие алатки, ќе го користат интернет-просторот за да ги извршуваат своите проекти што имаат за цел оцрнување на непријателот во политичка смисла и победа на изборите – вели тој.Незири дополнува дека е многу важно во овој момент да има повеќе видливост на професионалните медиуми, не само на традиционалните социјални мрежи, какви што се Фејсбук, Твитер и Линкдин, или други, туку и на новите што се појавуваат секој ден и се можеби надвор од видикот на постарата генерација. – Тие медиуми мора да се приспособуваат на новите трендови што ги наметнува онлајн сферата. Ако треба да се воспостави таа комуникација со пошироката публика, тогаш верификувана вест треба да се стави и на Тик-ток. Мора да бидат сеприсутни традиционалните медиуми за да не остават многу простор за анонимните портали или за анонимните извори на информации што се фактички дезинформации, да го зафаќаат тој простор – посочува тој. Промовирањето на медиумите што се во списокот на Советот за етика на медиуми што ги почитуваат стандардите, професијата и кодексот за етика во новинарството, го посочува како друга опција. – Тој список на медиуми да се промовира како можен извор, или избор за информирање на граѓаните. Да ѝ се стави до знаење на јавноста дека користењето сомнителни извори за информирање, е исто толку опасно како да се користат информации за нивна можна дестинација од луѓе што не се кредибилни. Ако вие одите некаде на пат и сакате да стигнете до одредена дестинација и притоа патем прашувате луѓе што ви се сомнителни каде води овој пат, тогаш можеби никогаш нема да стигнете на таа дестинација. Затоа е многу важно и јавноста да биде предупредена од каде ги користи тие информации – вели Незири, бидејќи, според него, доколку некој ни сервира дезинформации, ние ќе имаме погрешен став за многу важни нешта во државата. Медиумска писменост како алатка за верификација на политичките вести Според Џигал, софистицираноста на оние што дезинформираат е неколку скалила поголема од таа на публиката, на корисниците и на јавноста. – Медиумската писменост е една од оние категории што мислиме дека ние ја имаме и бидејќи постојано сме во комуникација, користиме медиуми, мислиме дека сме доволно вешти за да ги користиме паметно и да се заштитиме. Што не е најчесто случај. Суштината е во тоа што секој од нас треба да биде особено внимателен во ваков тип политички изборни процеси во време на кризи и војни. Се покажува дека сепак, софистицираноста на оние што дезинформираат е неколку скалила поголема од нас, публиката, корисниците, јавноста, и потребно е постојано да ја усовршуваме таа медиумска образованост и медиумска писменост. Во таа смисла, секој од нас треба да ги подобрува своите вештини – вели тој. Џигал дополнува дека ни е потребна поддршка од сите што можат да помогнат, да му помогнат на обичниот граѓанин континуирано да ја подобрува својата медиумска едукација, која треба да му овозможи две главни работи, а тоа е квалитетно да се информира, и од друга страна, да се заштити од манипулациите или од некои негативни последици од овие платформи. Џелал раскажува дека работите се многу променети од времето кога тој работел како новинар во печатен медиум и вели дека мора да се приспособиме на новото време. – Пред да објавиме една информација, сме проверувале два-три пати и сме користеле најмалку два или три извори. Кога на крај ќе се увериме дека веста е точна, тогаш ќе објавиме. Сега се случува спротивното. Многу онлајн медиуми објавуваат непроверени и непотврдени вести и потоа останува на читателот да провери на два или на три извори на информации. Мора да се приспособиме на новото време. Не можеме да го сопреме времето или да го вратиме назад кога немало интернет. Мислам дека интернетот е многу добра алатка ако знаеме како конструктивно да го користиме – вели тој. Според него, значајно е граѓаните да научат како да имаат критичко мислење во однос на целата содржина што им се нуди. – Не само содржината во онлајн просторот. Туку да имаат критично мислење и кон содржината од мејнстрим медиумите. Бидејќи никој нема право, или го нема тој печат на апсолутната вистина, затоа што вистината е секогаш релативна работа. Таквото критичко мислење може еден читател да го води кон вистинското. Во овој контекст, мислам дека кон секоја содржина мора критички да се осврне кога ја консумира, мора да ја потврди и со користење отворени бази на податоци, и со користење алтернативни медиуми за информирање и со споредување на веста од двa или три професионални медиуми, за на крај да потврди дека таа вест е вистинска или тој настан е пренесен во јавноста како што треба. За тоа сега не треба голем напор да се провери, бидејќи со два-три клика на интернет, може да се дознае дали една вест е вистинита или лажна – заклучува Незири. Автор: Ангела Рајчевска Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД). Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.  
Gt3 4

Невидливата рака на „вистинските“ уредници

Медиумскиот простор во Македонија е конфузен и контрадикторен. Има многу медиуми, но нивното влијание е ограничено во поглед на формирањето на јавното мислење. Удолницата по која се движиме како фела и како медиуми што се одразува преку нефункционирање на редакциите, немање профилирани новинари, нивното меѓусебно договарање и немање желба за вистинска конкуренција во медиумскиот простор, се само дел од проблемите. Но, начнав и една тема, а тоа е што поголемиот дел од медиумите се потпираат само на рејтингот за гледаност, читаност или кликови, а не и на тоа дали имаат доверба кај публиката. Затоа, редно е да кажеме јасно и гласно дека рејтингот е главниот уредник на вестите во телевизиите. Се поставува прашањето, како тоа? Е, па, вака. Во битката за секој денар, телевизиите сакаат да имаат гледани вести и програма, бидејќи маркетинг агенциите, што е природно за нив, сакаат рекламите да ги пласираат онаму каде што производите на нивните клиенти, огласувачите, најмногу ќе бидат видени. Значи, за ова нема „љутиш“. И дефинитивно мораме да разбереме дека приватните телевизии се отворени за да прават профит, а на маркетинг агенциите и на нивните клиенти фирмите им е во интерес парите да ги дадат онаму каде што ќе се постигне најдобар ефект за рекламираните производи. Значи, онаму каде што има рејтинг. Во прилог на ова, дека рејтингот е сè, за да се дадат парите таму е и податокот дека граѓаните, пред сè, се информираат за вестите од телевизиите. Последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) објавена во декември 2022 го покажува тоа. Извор: ИРИ – декември 2022 Ова го потврди и анкетата на Националниот демократски институт (НДИ) спроведена по барање на Министерството за економија каде што се наведува дека главен извор на информациите, пред сè за политика и за економија, се телевизиите. Извор: НДИ – јуни 2023 Но, околу рејтингот има две „цаки“. ВАЖНО Е ДА СИ ГЛЕДАН?! Првата: Главно, рекламите, читај парите, се концентрирани во два сегмента од програмата. Тоа се играните серии што сега се турски, а пред тоа беа шпански, јужноамерикански, мексикански, индиски. Вториот сегмент е во вестите односно пред и по нив, бидејќи и тие се гледани, но и затоа што тие со своите содржини влијаат врз јавното мислење, кои се многу важни за политиката и за економијата. Најголем дел од „колачот“ (парите) добиваат најгледаните содржини. Но, овде има една квака 22. Додека гледаноста за забавните содржини е многу релевантна од аспект колку треба да се рекламира одреден производ или фирма, за вестите таа не е секогаш најважна. Поважна е довербата (види текст од 30.5.2023 „Бехтел – Енка“ не го изгради новинарството (mim.org.mk) ) Но, како маркетинг агенциите можат да влијаат врз вестите, врз уредувачката политика. На прв поглед, никако. Тие огласуваат во најгледани/најчитани содржини и не им е важна содржината. Но, телевизиите за да ги прикажат вестите како гледани, прибегнуваат кон една стара финта, а таа е овие информативни изданија да ги стават меѓу два гледани блока или две серии, со што лажно се постигнува поголема гледаност од реалната. Затоа често во анкетите се случува вестите да имаат голема гледаност, а довербата да е многу пониска од тоа. Во вакви услови каде што парите си доаѓаат без разлика на тоа што се нуди, ете зошто новинарите се комотни да се договараат и да нудат исти содржини, а уредниците немаат потреба да се натпреваруваат со квалитетни вести кога приходите зависат од комерцијалните содржини. Затоа вестите повеќе служат како средство за пропаганда, наместо за вистинско и квалитетно информирање. Конкуренција нема, реклами има, ама не за вестите со доверлива содржина туку само за оние што го исполнуваат едниот параметар, а тоа е гледаноста. ЛИЧНА СИ, АМА ТРЕБА И ДА КАЖЕШ НЕШТО Втора: Довербата. Во моментов никој не ја мери. Во постарите анкети на јавното мислење спроведени од ИРИ (Меѓународниот републикански институт) освен рејтингот на информативните програми, се мереше и довербата. Се случуваше медиуми да имаат рејтинг двапати повисок од довербата (секако ова се однесува на информативните програми, бидејќи што има да ѝ се верува на некоја серија), а некои медиуми да имаат колку рејтинг, толку и доверба. Имаше и парадокс, медиум да има повисока доверба од рејтинг или што би се рекло, „не те гледам, ама ти верувам“. Иако довербата на информативните емисии не се става во равенката рејтинг = пари, сепак фирми огласувачи сакаат да бидат видени и во медиумски производи на кои им верува публиката. Едноставно, медиумот со доверба, медиумскиот производ со доверба и новинарот што ужива доверба се добар имиџ за огласувачот, а некогаш и пресудно одреден производ или услуга да привлече поголемо влијание од другите. Затоа, најдобро би било равенката да биде: доверба + рејтинг = пари. Овде ќе вметнам плус еден аргумент околу довербата. Извор: ИРИ – декември 2022 Граѓаните за да изградат одреден став за случувањата, гледаат повеќе телевизии, се информираат од повеќе портали. Ако ова се доведе во корелација со тоа дека во државава најуспешен медиум во суштина е еден агрегатор на вести, каде што на купче има вести со иста или со слична содржина, може да се заклучи дека ние, граѓаните, немаме медиуми од кои примарно се информираме. Во регионот, но и пошироко, не е познат феноменот на агрегатор на вести бидејќи таму публиката си има медиуми од кои директно се информира. Едноставно имаат одреден медиум што граѓаните го преферираат, а ги задоволува нивните потреби за севкупна информација. Кај нас не е така. Никој наутро, преку ден или навечер не отвора да следи избран медиум што за него е репер во поглед на информациите. Ние, едноставно за да ја добиеме целата слика, сите потребни информации, мораме да се потпираме на агрегатор на вести.   Откако ги поставивме овие параметри, доаѓаме до клучното прашање, а тоа е дали ова може да се промени. Дали вестите можат да станат квалитетен медиумски производ со своја уникатна уредувачка политика. И дали со ова, ќе може полека во јавноста да се наметнува ставот дека и квалитетната програма заслужува внимание, а не само инстант евтините серии и шоуа, кои не нудат ништо освен празна забава. КАКО ДО КОНКУРЕНЦИЈА ВО НОВИНАРСТВОТО Одговорот е – може. Прво и основно, во Македонија има голем број граѓански здруженија што се занимаваат со квалитетот на новинарството. Можеби некое од нив ќе најде средства и долгорочно да врши испитување на јавното мислење каде што полугодишно, а зошто да не и квартално, ќе утврдува кои медиуми имаат најголема доверба, на кои медиумски содржини најмногу им се верува како и на кои новинари. Овие податоци јавно би се објавувале и со текот на времето ќе станат репер во јавноста, по што може и да почнеме да очекуваме придвижување кон подобар квалитет и секако враќање на конкуренцијата меѓу медиумите и секако, пред сè, кај новинарите. Тогаш и маркетинг агенциите, чија примарна цел е пораката на нивните клиенти да стигне до што поголема публика, ќе почнат да го ценат и параметарот доверба и ќе сакаат да огласуваат во содржини на кои им верува публиката. Ова е макотрпен пат и да се постигне влијание на една ваква листа, која сигурно ќе биде опструирана од незадоволните медиуми и од оние што сметаат дека нивната улога е само правење пари и пропаганда, па ќе треба време, ресурси, посветеност и, секако, тој што ќе ја изработува да нема дамки во своето работење. Второто решение би го надополнило првото и е издигнување на Македонската радио-телевизија на реперен медиум според стандарди и доверба, по што сите други медиуми ќе се стремат да го постигнат тоа ниво. За ова е потребна и политичка волја, но и сериозна еснафска, новинарска визија. Доброто е што, ако се точни најавите, наскоро на оваа национална телевизија ќе се најдат сериозни новинарски продукти, односно информативната програма ќе се потпира на надворешни проекти, кои се поотпорни на политички влијанија. Сепак, засега недостаток на овој концепт е што при одбирањето која емисија ќе биде на МТВ, нема да го имаме клучниот показател, а тоа е кој медиумски производ ужива реална доверба кај публиката. Затоа, време е тие што имаат доверба во јавноста, на таа иста јавност во перспектива да ѝ понудат и поразлични и поквалитетни содржини, а кога веќе тоа ќе биде ставено на „асталот“, полека ќе се менува мантрата дека треба да се нуди само она што сака публиката. Изгледа како волшебен круг, но не е. Чекор по чекор, оние што имаат доверба, а не замислените величини, ќе може да пласираат нешто добро и квалитетно, според новинарски стандарди. Автор: Горан Теменугов Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД). Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.  
Indoor Event

Неочекувана шанса за подобра положба на новинарите и на медиумските работници

Наспроти ретките и бледи зраци светлина што одвреме-навреме ќе ги огреат нашите медиуми и новинарството, само неискрениот набљудувач денес може да каже дека тие не се во прилично мрачна состојба. Со невидена леснотија и редовност, медиуми ја манипулираат сопствената публика, впрегнувајќи се во срамотни апологии на сомнителни бизнисмени и матни зделки; функционери од државниот врв си дозволуваат отворено и без страв од последици јавно да кудат новинари и да им кажуваат како да си ја работат работата; редовно, обично пред избори и во други времиња чувствителни за моќниците, зачестуваат и заканите, вербалните и физичките напади. Во медиумите, според последната анкета на ИРИ, значителна доверба имаат само 7 (седум) отсто од граѓаните. Трипати повеќе испитаници – 21 отсто, во голема мера не им веруваат. Моќниците и нивните медиумски партнери (тоа се често и едни исти луѓе) се борат да продолжи оваа грда состојба, одржувајќи ја атмосферата во која новинарите што се бунат против лошите услови и против малигните влијанија и притисоци, се судираат со толку цврсто исповрзани политички и бизнис-интереси, што попрво ќе замолчат или ќе се откажат и ќе одат да работат нешто друго одошто да се впуштаат во нерамната борба со моќните транзициски ветерници од чијашто „валкана“ енергија цело време се напојува македонската информативна сцена. Низ годините, стотици колеги одбраа да избегаат од нашите медиуми и од новинарството – не оти си најдоа подобра професија што повеќе ја сакаат, туку поради загадениот амбиент во кој мораа да работат, скршените надежи и задушените гласови, поради малите плати и големите неисплатливи стресови. Старите проблеми опстојуваат Голем дел од јадовите со кои се сретнал секој што работел во медиумите во изминативе децении, и натаму опстојуваат, потврдија резултатите од обемната анкета на Синдикатот на новинарите и медиумските работници (ССНМ), спроведена пред околу две години. Главниот заклучок е дека вработените во медиумите се наоѓаат во исклучително неповолна социоекономска положба, а дури половина од нив размислуваат да ја напуштат професијата. Новинарството и медиумите на ниту еден начин не се обична или просечна професија, но повеќе од половина од вработените и натаму имаат потпросечни плати (и тоа пониски не од денешната официјална просечна плата во државата (околу 36.000 денари), туку од онаа од пред некоја година, кога изнесуваше нешто над 28.000 ден.). Незадоволни од примањата се 57,7 отсто од испитаниците. Дури 41,6 отсто од анкетираните новинари и медиумски работници се вработени на определено време или се хонорарци. „Несигурноста на работните места и обезвреднувањето на трудот на новинарите и на медиумските работници негативно влијае врз мотивираноста во нивната работа, но и ја зголемува опасноста од корупција и контрола од различни центри на економска и на политичка моќ“, заклучуваат истражувачите. Од анкетираните новинари, 37,7 отсто навеле дека добиваат закани, најчесто од сопствениците на медиумите и од уредниците, од публиката (читателите, гледачите), бизнис-заедницата, власта и политичарите, како и од полицијата. Но, во последните две години, станува сѐ позабележлив еден нов процес, една неочекувана шанса во полза на новинарите и на медиумските работници и на нивниот социоекономски статус. Фото: freepik.com Бавни промени и шанса со голем потенцијал Пред 15-20-25 години, кога во Македонија имаше повеќе луѓе, имаше и голема невработеност и многу повеќе новинари, а споредбено мал број медиуми, кои тогаш имаа  влијание посилно од кое било денешно јавно гласило. Нивните сопственици, и поради други причини, имаа значително поголема моќ во однос на работниците и поотворени можности за злоупотреби. Речиси и да нема колега кој во изминатите три децении не се соочил со изживувања на работното место, некогаш и многу брутални. Многу газди долго ги користеа новинарите и медиумите за да стигнат до моќ и влијание во општеството, за потоа, со помош на таа иста моќ, неказнето да ги експлоатираат своите вработени. Но, подоцна се намножија медиуми – во неколку „бранови“ се отворија повеќе телевизии, за доминацијата на интернетот да изроди и голем број портали. Во исто време, од земјава се иселија стотици илјади луѓе, па освен што се проретчи генералната публика, информативниот, како и многу други економски сектори, запаѓа и во сѐ посериозен проблем со човечките ресурси. Ова се потврдува секојдневно, само со поглед на насловите и написите на порталите, со полуминутно гледање прилог од вестите на телевизиите. Со секој поминат месец, станува сѐ потешко да најдете не само амбициозни, образовани и писмени, туку и основно пристојни луѓе, кои би работеле како новинари или медиумски работници за актуелните плати и во сегашните услови. Од овој „зорт“ медиумите, принудно, сѐ повеќе се полнат и со луѓе за кои новинарската е привремена и лесна работа на која се нафатиле додека не ја најдат вистинската. Лесна е затоа што тие не го сфаќаат новинарството како свој професионален повик и не ги прифаќаат (а, од нив тоа сѐ помалку и се бара) сериозните предизвици и одговорности што ги содржи таа професија. Би ве зачудило за колкумина тоа е само механичко копирање и лепење некакви текстови од едно на друго место, без никаква одговорност и без воопшто да прочитаат што пишува. Според сопственото искуство во последните неколку години и според сведоштвата на повеќе колеги, уредници, новинари и медиумски работници со кои разговарам деновиве, на искусните, способни и писмени луѓе што „преживеаја“ во редакциите, цената полека, но стабилно им расте. Сопствениците на медиумите, меѓу нив и сѐ почесто некои нови и поинакви луѓе, веќе стануваат свесни дека мораат повеќе да се потрудат за да ги задржат. Во исто време, новите генерации, сочинети во голем дел од децата на работници што знаат што е експлоатација, се многу помалку наивни, имаат многу повеќе опции и потешко прифаќаат некој да им го потценува трудот. Мнозинството од бистрите и амбициозните деца, ако веќе не студирале или не нашле работа во странство, немаат намера ниту да останат во земјава, а камоли да работат како новинари во нашите медиуми.   Новинарите и медиумските работници што веќе се вработени, сега се во малку подобрена позиција наспроти газдите, кои барем повеќе не можат толку лесно да им мавтаат пред очи со откази – ако им замине новинарот или снимателот со десет години искуство, ќе им требаат месеци за да најдат каква било пристојна замена. Новиот работник, дури и да е почетник, ќе бара многу повисока плата и подобри услови одошто би барал пред години. На новинарите и на медиумските работници што работат во редакциите, ова им отвора нова можност да се изборат за значајно подобрување на положбата на целата професија – сплотени и подослободени од дел од економските притисоци, тие сега, со помош на синдикатот, би можеле не само полесно да „избоксуваат“ подобрување на примањата и на условите, туку и многу посилно да им се спротивстават и на сите други обиди да се наруши или да се омаловажи нивната работа. Но, овие промени засега се случуваат бавно и во ограничен број медиуми. Таму каде што новинарите и медиумските работници веќе се во подобрената ситуација, тие, за жал, сега ја користат главно за лична „корист“ – да работат помалку за истата (и натаму потпросечна) плата. Свесни дека сопствениците на медиумите се сѐ повеќе зависни од нив и сѐ потешко би се одлучиле да ги казнат и да им дадат отказ, а од друга страна не се еднакво подготвени да ги покачуваат платите и да ги подобруваат условите, многумина од колегите, меѓу нив и најискусните, во овие ситуации засега одат со типично „македонско“ решение: си го „спуштаат“ ангажманот, работното залагање, до последниот прифатлив минимум. Ќе биде интересно да се гледа како ќе се насочуваат и ќе се развиваат овие процеси во месеците и годините пред нас. Мислам дека тие имаат сериозен позитивен потенцијал, но за тој да се искористи и правилно да се насочи, ќе треба многу да помогнат Синдикатот и еснафските здруженија. Автор: Жарко НастоскиНасловна фотографија: freepik.com Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД). Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.  
Display Website

Стигматизирањето на интернет-порталите не води кон квалитет и кон извонредност во македонското новинарство

Стигматизирањето е социјален феномен поврзан со ширење стереотипи и дискриминација. Онлајн-медиумите и новинарите кои работат во интернет-редакциите подолго време се изложени на жестоки и неумерени критики за тоа дека наводно произведуваат неквалитет и дека се „канцерозно“ ткиво на македонското новинарство. Така се создава стереотипот за „лошите“ интернет портали и за „добрите“ традиционални медиуми. Наспроти ова, животот си врви, промените се глобални и неизбежни и онлајн-медиумите веќе одамна се доминантен сегмент на вкупната медиумска индустрија и во Македонија. Потценувањето и дискриминацијата нема да го спречи нивниот натамошен експлозивен развој. Колку порано го разбереме тоа, толку побрзо ќе можеме да сториме нешто повеќе за подобрување на професионалните и на етичките стандарди во нашиот журнализам. Живееме во време на апсолутна доминација на интернет-медиумите, на интернет-платформите и на социјалните мрежи. Така е секаде во светот, така е и во Македонија. Едно скорешно истражување авторитетно ги поби заблудите за наводното доминантно влијание на т.н. традиционални медиуми (печатот, радиото и телевизијата), за кои долго и упорно се тврдеше дека се главен и доверлив извор на информирање на јавноста, многу повлијателен од онлајн-медиумите, на кои им се припишуваше само маргинален импакт и некаква „растечка популарност“. Така, едно од последните истражувања на ЕВРОСТАТ потврди дека 72% од македонските граѓани на возраст меѓу 16 и 74 години во 2021 година го користеле интернетот за читање на онлајн медиуми или за информирање преку електронските верзии на весниците. Ова е идентичен процент со просекот на земјите-членки на ЕУ. Со оглед на фактот што традиционалните медиуми интензивно мигрираат кон онлајн-платформите, веќе денес може слободно да се каже дека производителите на медиумски содржини на интернет, меѓу кои најзначајно место имаат интернет-порталите, се доминантен сегмент во вкупната медиумската индустрија. Денес, две години откако се регистрирани тие податоци, во светот на медиумите се случуваат уште побрзи и подраматични промени. Но, наспроти тоа, кај нас, во дел од медиумите и на социјалните мрежи, сe врши долготрајна, упорна и злонамерна стигматизација на интернет-порталите, за кои често се врзува стереотипот дека „дно дна“ на македонското новинарство и „сива зона“ во која не постојат никакви професионални и етички стандарди. За издавачите на порталите упорно се тврди дека се корумпирани од центри на политичка и на економска моќ. Накусо, да ја употребам клучната теза од една куса анализа на помладиот колега Жарко Настоски, објавена од Македонскиот институт за медиуми, порталите се „канцерот на конформизмот“ во нашиот журнализам. Кога сме кај Настоски, сакам да нагласам дека не го доживувам како лик кој стигматизира медиуми и колеги. Неговата куса анализа не ја доведувам во врска со неодамнешниот инцидент во „Слободен печат“. Но, признавам дека тој текст беше последената во низата коишто ме поттикнаа во една обемна статија да се потрудам да ги деконструирам четирите главни тези врз кои се потпира стигмата за македонските интернет-портали. Четирите клучни тези на стигмата Теза број 1: Порталите не ги интересира ништо друго освен бројот на кликови. Ова не е точно, барем не до степен да може да се произведе една ваква груба генерализација. Дополнително, погрешна е и тезата на Настоски дека борбата за кликови ја стимулирале компаниите-огласувачи, кои, наводно, според бројот на кликовите грубо ги пресметувале бројот на луѓето што ги гледале нивните реклами. Компаниите-огласувачи и рекламните агенции навистина мерат и премеруваат каде ќе ги насочат рекламните буџети, но тоа е многу покомплицирана и пософистицирана операција одошто ја замислува младиот колега. Огласувачите и агенциите секогаш се отворени за разговор и тој можел од нив да побара објаснување за тоа. Има што да се научи. Општо земено, борбата за кликови, всушност, е исто што и борбата за повисок тираж и читаност на печатените медиуми, за поголема гледаност на телевизиите или за поголема слушаност на радијата. Зошто таа битка за публика е легитимна кога станува збор за традиционалните медиуми, а не е кога се на тапет интернет-порталите? Во овој контекст, на многубројни дебати, семинари и работилници се имам изнаслушано инспиративни ламентирања против т.н. кликбејт-наслови. Тоа се оние наслови кои содржат „мамка“, која читателот треба да ја „проголта“ и „да се закачи на јадицата“. Никогаш не сфатив што има толку лошо во обидот на новинарите своите вести да ги обликуваат на начин што ќе го зграпчат вниманието на читателите уште со насловот. И што е тоа толку различно од пишувањето инвентивни и атрактивни наслови или телевизиски најави во традиционалните медиуми? Кога во раните 1980-ти студирав новинарство, како пример на новинарска извонредност се споделуваше информацијата дека тогаш најтиражниот југословенски дневен весник „Вечерње новости“ имаше посебен уредник за наслови. А една од највпечатливите книги за новинарството во тоа време го носеше насловот „Рибари на човековата душа“, сугерираќи јасно дека новинарите се налик на рибари кои ги ловат човековите емоции, обидувајќи се да ја освојат душата на читателот. Се разбира, во тој новинарски „риболов“ и тогаш насловите беа главните „мамки“. Уште една мала дигресија. Постои добра причина поради која добрите новинари и уредници во интернет-порталите се трудат не само да пишуваат атрактивни наслови, туку и да избегнуваат во насловниците да пласираат сумарум на вестите. Спротивно на очекувањата на многу луѓе кои би сакале во објавите на Фејсбук и на другите социјални мрежи, како и во објавите што ги агрегираат агрегаторите – значи, таму каде што вообичаено се објавуваат само насловите и поднасловите - да прочитаат сумарум на вестите, без да мора да кликаат и да го напуштат комотното и забавно скролање, новинарите во интернет-порталите знаат дека не земаат плати од Марк Закерберг или од сопствениците на агрегаторите. Идејата на добрата „мамка“ е да го покани читателот да кликне и да чита, а не да го одврати од таа намера. Конечно, во врска со оваа тема, би сакал да додадам дека борбата за кликови може да има и нелегитимна димензија. Се случува медиумите да ги мамат своите читатели со лажни вести, со неоправдан и често и примитивен сензационализам, со вулгарности и на слични начини. И кога во некои расправи ќе нагласам дека таквото „кликачко новинарство“ е непрофесионално и нелегитимно, од луѓето кои ги стигматизираат порталите добивам вакво цинично потпрашање: но не се ли тие манипулации имено најприсутни во онлајн-медиумите, не е ли тоа потврда дека во нив се негува неквалитет? На ова мојот одговор секогаш е јасен: не, драги мои, тоа само значи дека 90 % од луѓето се информираат на интернет и вестите ги следат во реално време, не чекајќи ги вечерните вести на телевизија или утрешните весници кои се сѐ поретки. Фото: freepik.com Теза број 2: Порталите се извор на неквалитет во македонскиот журнализам. Пред неколку месеци присуствував на една интересна еднодневна работилница, организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС). Не знам како им се згрешило на организаторите, но наместо предавачот да ни продава басми за борбата против лажните вести и на слични фенси теми (за кои денес најлесно се добиваат пари за проекти), се појави еден интелигентен Австриец, којшто шокираше дел од присутните со својот одговор на прашањето што е тоа квалитет во новинарството. Ова беше неговиот одговор: квалитетот е исполнување на очекувањата на потрошувачите! Се израдував. Кој знае од кога немам слушнато нешто толку умно и едноставно. Се потсетив на деновите кога и јас, кога предавав на Едногодишната школа на новинарство на МИМ и подоцна на Високата школа за новинарство и односи со јавноста, на студентите често им велев дека професијата чевлар, на пример, е подеднакво важна како и нашата професија – разликата е во тоа што чевларите знаат дека е најважно да им угодат на своите муштерии и да ги задоволат со своите производи, додека ние новинари од периодот на едноумието ја наследивме заблудата дека читатели не знаат што е тоа квалитетно новинарство, дека се глупави и дека дури и мразат квалитет, а обожуваат евтин сензационализам. Дури и тоа да е точно – а не е! – вистинската заблуда е во самобендисаноста со која новинарите си се убедиле дека тие секогаш знаат да го препознаат јавниот интерес и знаат што е добро и корисно за нивните читатели и без да ги прашаат. Инаку, не спорам со тоа дека има неквалитет во македонското новинарство. Денес навистина можеби повеќе од порано. Тоа е и затоа што денес има повеќе медиуми и повеќе новинарство. Но, има и многу други причини за опаѓањето на професионалните и на етичките стандарди во оваа наша професија, при што најважните се последиците од долготрајната економската криза, сеопштата пауперизација на општеството (економска, културна, духовна), како и недостигот на едуцирана работна сила мотивирана да се вклучи во работата на редакциите. Сепак, да се помисли дека неквалитетот е лоциран во интернет-порталите, додека традиционални медиуми се островца на кои се негува журналистичка извонредност и се произведуваат органски домати, простете, е кардинална глупост. Тоа Настоски не го вели, да бидам прецизен. Но, неговата анализа опасно „гази“ во тој дискурс. И тука една мала дигресија. Неодамна, кога еден човек ме убедуваше колку е тешко да се прави весник (пример за „квалитетно“ новинарство, според него), прво му кажав дека зборува со новинар кој во својата кариера „породил“ четири дневни весници, а потоа му предложив да го однесам во една таква весникарска редакција, за самиот на лице место да види како се прави весник во денешно време. Човекот ме погледна зачудено, во очекување на одговор. Му објаснив: нашите колеги во дневните весници содржините ги прават така што препишуваат и компилираат вести од интернет-порталите, а дел од тие вести пред тоа самите ги пишуваат, во улога на „новинари-дублери“ во нивните интернет-редакции. Можеби е ова мало претерување, но не е далеку од вистината. Да заклучам на оваа тема. Битката за квалитет и извонредност во нашата новинарска професија нема да се добие со стигматизирање на професионалните онлајн-медиуми. Треба да се има на ум и тоа дека огромно мнозинство квалитетни и талентирани македонски новинари денес творат во порталите и на други онлајн-платформи, а некои се присутни само на социјалните мрежи. А огромно мнозинство од оние кои допрва ќе бидат ангажирани како подмладок во редакциите – ако се потрудиме да ги има повеќе, дај боже! – ќе бидат ангажирани токму во овој сегмент од медиумската индустрија. Теза број 3. Порталите се занимаваат со копи-пејст новинарство и форсираат квантитет наместо квалитет. Нема сомнение дека на онлајн-медиумите (не само во Македонија), може да им се стават многу сериозни забелешки за „ригидната едноличност во новинарската форма“, како што вели колегата Настоски. Тој е сосема во право и во следната констатација: „Медиумите и новинарите, во зависност од уредувачката политика, дури и кога е во прашање само формата на веста, на новинарскиот производ би морале да дадат некаков свој печат, да ја претстават и толкуваат информацијата на свој, посебен начин, пренесувајќи ја суштината, а внимавајќи на сите аспекти на темата и приказната“. Да, би морале, но често не го прават тоа. На сите помлади новинари им посакувам да работат во редакции во кои се внимава на формата и на обликувањето на содржините, при што се прават сериозни напори основните информации да се збогатуваат со дополнителни елементи во структурирањето на содржините, како што се објаснувањето на импактот, бекграундерите, секундарните теми, мултимедијалните елементи и слично. Така се доаѓа до новинарски продукти кои во најширока смисла се нарекуваат news explained (го „грабнав“ и овој термин од спомнатиот Австриец). Посветено следејќи ја продукцијата на конкурентските интернет-портали, можам да посведочам дека во најмалку дваесеттина од нив на ова се работи многу сериозно и резултатите се видливи. Тоа е нешто што радува. Она што зачудува, пак, е навиката на некои искусни новинари и на медиумски експерти (што и да е тоа), во нивните настојчиви обиди за стигматизирање на интернет-порталите, под копи-пејстирање понекогаш да подразбираат и вообичаени постапки на користење информативни содржини од легитимни извори. Така, на пример, ќе слушнете обвинувања дека порталите „преземаат“ информации од МИА. Како може објавување на содржини од сервисот на една новинска агенција, кој не е бесплатен, да се нарекува „преземање“? Често се критикува и „преземањето“ информативни содржини од социјалните мрежи, дури и кога станува збор за содржини кои се под режим на слободна употреба или под посебно пропишани услови. Замислете, ова се мантра и во време кога најголемите глобални медиуми, како Си-Ен-Ен или Би-Би-Си, на пример, своите извештаи од војната во Украина ги збогатуваат најчесто си снимки преземени од Твитер или од другите социјални мрежи. Што има тука чудно и нелегитимно, во време кога илјадници граѓани со своите смартфони ги бележат и ги документираат најважните настани, побрзо и подобро од било кој професионален новинар или снимател, едноставно затоа што тие се на местото на настаните, а нивните смартфони се доволно софистицирана опрема за такво нешто? Дополнително, професионалните онлајн-медиуми во Македонија имаат воспоставено прилично јасни и коректни правила за меѓусебно преземање содржини, кои почиваат на начелото дека никој нема монопол над вестите и дека оригиналноста, ексклузивноста и другите особини на авторство се создаваат со специфичните техники и вештини на обликување на новинарските содржини. На оваа тема, само уште едно важно предупредување: стереотипите за начинот на кој интернет-порталите ги креираат своите содржини во последно време се засилува и со стигматизирање на вештачката интелигенција. Многу „нострадамуси“ предвидуваат дека вештачката интелигенција многу брзо ќе го задуши „вистинското“ новинарство, а „вистинските“ новинари, оние кои нели секогаш знаат што е квалитет и што е добро за публиката и без да ја прашаат, едноставно ќе останат без работа. Се разбира дека ништо од тоа нема да се случи, но промените што ќе се почувствуваат во редакциите ќе бидат драматични. Новинарите ќе мора да научат дека промт-инженерингот станува една од вештините која најмногу ќе се цени и ќе се ползува во редакциите во многу блиска иднина. Тие што нема да се прилагодат на промените, ќе станат новинарски „диносауруси“. И тоа не е страшно, во Македонија сосема комотно живеат и творат такви „диносауруси“...    Теза број 4: Порталите се покренуваат, се корумпираат и се контролираат од центри на политичка и економска моќ. За љубов на вистината, младиот колега Настоски не го кажува ова вака (јас ја обопштувам тезата). Тој во својата куса анализа сепак ќе напише: „Ако не се борат за кликови, порталите се борат некој бизнисмен да реши кај нив да плати за некаков свој текст со кој си ги штити интересите, често спротивставени на јавниот интерес“. Хм, ова веќе ми звучи познато... За да ги демистифицираме нештата, мора да тргнеме од базичните факти. Точно е тоа дека дел од македонските онлајн-медиуми се формирани и се финансирани од центри на економска и политичка моќ (тоа посебно се случува пред секои избори, како сега) и бездруго е точно дека има портали кои објавуваат пи-ар содржини на компании и на други субјекти, понекогаш, за жал, без јасна назнака за какви објави станува збор. А јас ќе го додадам и ова - има ликови на нашата медиумска сцена кои за своите услуги наплаќаат дебело и во кеш. Но, да се помисли дека сето тоа го има во порталите, а дека традиционалните медиуми се имуни на ова зло, исто така е кардинална глупост. Само да потсетам: најголемиот медиумски корупциски скандал во последнава деценија не се случи во некаков портал, финансиран од не знам кого, туку во една телевизија, на која преку ноќ ѝ беше додела концесија буквално „под рака“, а на крунисувањето на нејзиниот могул - беше тоа буквално, а не метафорично крунисување, се надевам дека не сте заборавиле! - присуствуваше целиот тогашен државен врв, плус обвинители, судии и многу други луѓе „отепани“ од работа во корист на „јавниот интерес“. Потсетете се и на славните новинарските пера кои беа ангажирани во таа телевизија, која потоа се „прослави“ со рекетирање бизнисмени. Да не заборавиме уште некои важни факти поврзани со газдувањето и со финансирањето на медиумите во Македонија. Сопственици на три македонски национални телевизии – Сител, Канал 5 и Телма - отсекогаш биле и сѐ уште се сопственици на други компании, кои немаат врска со медиумскиот бизнис и кои всушност се и нивните основни бизниси. Јас во тоа не гледам никаков проблем. И никогаш не би рекол дека за колегите од тие медиуми „економската логика не познава изрази како професионална дистанца и јавен интерес“. Како што тоа младиот колега Настоски го вели за порталите. Дури и наспроти фактот што државата на националните телевизии им недоместува и дел од трошоците за производство. Што баш и нема врска со било каква економска логика... Инаку, тезата дека економската логика е спротивставена на професионалната дистанца и на јавниот интерес е целосно погрешна. Напротив. Прашање плус: дали печатените медиуми познаваат изрази како професионална дистанца и јавен интерес, во случај кога државата со директни субвенции им надоместува 50% од трошоците за печатење и 50% од трошоците за дистрибуција? Секогаш кога ги спомнувам овие субвенции, заедно со законската обврска сите јавни институции, нотари и извршители своите огласи да ги објавуваат во два дневни весника на македонски и во еден на албански јазик - замислете, ова се случува со години и во време на прокламирана дигитализација на општеството! - газдите на весниците се возбудуваат и креваат голема врева. Некои тврдат дека севкупно не станува збор за големи пари. Можеби. Медиуми на албански јазик неодамна ги објавија бројките. За мене беа вџашувачки. Но, јас овде нема да ги соопштам и нема да ги коментирам тие бројки, ќе му ја оставам таа пријатна задача на колегата Настоски. Покрај и наспроти овие канали на системско и организирано економско и политичко влијание врз македонските медиуми, од кои интернет-порталите се целосно исклучени, а во случајот на државната поддршка и дискриминирани, постојат уште два вида односи меѓу медиумите и центрите на економска и политичка моќ. Едниот вид се легалните и сосема легитимни соработки во областа на рекламирањето, огласувањето и објавувањето комерцијални пи-ар содржини, како и содржини поврзани со кампањите за промоции за јавните политики. Сосема друга работа е поттикнувањето на сивата економија во интернет-порталите, против која сега се борат и самите професионални онлајн-медиуми, обидувајќи се да го вида коренот на злото. Имено, интернет-порталите во последниве години се соочени со големи потешкотии во работењето. Глобалната економска криза предизвикува намалување на буџетите на компаниите за рекламирање и следствено и намалување на приходите на издавачите на онлајн-медиуми. Тоа, пак, се одразува врз капацитетноста на редакциите, односно ги намалува можностите за ангажирање квалитетен кадар, ги осакатува професионалните стандарди и предизвикува процут на корупцијата и на сивата економија во овој доминантен сегмент на медиумската индустрија. Оттаму, мојата теза е дека дискриминирањето на онлајн-медиумите при доделувањето било каква економско-финансиска помош од страна на државата е фактор којшто ги поттикнува сивата економија, корупцијата и пауперизацијата во редакциите. Затоа е чудно што освен три месеци во текот на пандемијата, за разлика од традиционалните медиуми, онлајн-медиумите никогаш не добиле никаква финансиска поддршка од државата. Може ли некој да ми ја објасни логиката на таа дискриминаторска политика и како таа влијае врз квалитетот на македонското новинарство? Стигмата не е аргумент за ништо Како новинар со безмалку 40-годишна кариера, како основач на медиуми, како уредник и едукатор на млади новинари, можам да посведочам дека новинарството никогаш не било толку интересна и возбудлива професија како денес. Од периодот на т.н. боемско новинарство, од она време кога најважните новости се дознаваа во кафеаните и потоа се диктираа директно „во олово“, до ова денешно време, кога новинарите располагаат со безбројни алатки за собирање информации, за истражување, за пребарување и за обликување на медиумски содржини, се случија навистина тектонски промени. А веќе денес е јасно дека медиумите допрва драматично ќе се менуваат. Тие глобални промени нема да ја заобиколат Македонија. Стигматизирањето и неразбирањето на општествениот импакт на професионалните онлајн-медиуми нема да го спречи нивниот натамошен експлозивен развој. Никогаш веќе нема да се врати времето на моќта на испечатената рото-хартија и на телевизиските антени на покривите на зградите. Интернет-порталите и другите онлајн-платформи уште повеќе ќе доминираат во медиумската индустрија. Веројатно ќе дојде време и за окрупнување на издавачите на интернет-портали и за други начини на „природна селекција“ на помоќните наспроти послабите. При тоа, смешно е да се верува дека штафетата на извонредноста ќе ја понесат интернет-медиумите кои располагаат со неограничени подарени ресурси, поради што уште некое време ќе се „возат“ на заблудата дека квалитетот во новинарството е некаков нивен ексклузивен „проект“ за кој добиваат донации, тема која нема суштинска врска со потребите и со очекувањата на публиката што треба да се задоволат. Промените треба да се „јавнат“ со нужната доза на остра, дури и неодмерена критика, каква што пројавил Жарко Настоски во својата куса анализа. Тоа е добро. Таа младешка енергија и гнев бедруго мора да се поддржат, бидејќи тие можат да станат „ракетно гориво“ на промените. Сепак, големите думи како „канцерот на конформизмот“, „колапс“ и слични, треба да се штедат за чамче муабети. Стигмата не е аргумент во битката за квалитет и за промоција на професионалните и на етичките стандарди на новинарската професија. Конечно, својата извонредност колегата Жарко Настоски и нему сличните сепак ќе мора да ја докажат на пазарот, таму каде што се водат најважните битки и каде што, всушност, се случуваат промените. Автор: Бранко Героски Насловна фотографија: freepik.com Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.
Typing Laptop Using Wireless Technology Indoors Generated By Ai

Канцерот на конформизмот и нашето новинарство

Во основите на новинарскиот повик е професионалната дистанца – кога читаме новинарски текст, претпоставуваме дека пишувачот, новинарот, зазема објективна, непристрасна позиција како известувач за темите и настаните, за да обезбеди интегритет и доверба кај публиката, дека го следи и го заштитува јавниот интерес. Ова понатаму има многу врска со новинарската независност, со етичноста, скептичноста и критичкото мислење... Новинарите насекаде и отсекогаш се во борба да ги сочуваат овие основни постулати на својата благородна, но денес прилично омаловажена професија. Но, значи ли ова нешто во измаченото македонско новинарство, на посебно незгоден начин обликувано од политичките и бизнис-кругови во бескрајната транзиција, напуштено од плејада одлични новинари (од кои голем дел преминаа да работат за „другата страна“) и речиси целосно оставено на контролата на моќниците? Еве илустрација: Ако ги следите македонските интернет-медиуми, чиишто популарност и влијание постојано растат наспроти телевизијата и другите канали на информирање, не може да не забележите како на една тема, повеќе портали често објавуваат исти, идентично „спакувани“ информации-близначки. Вести со ист наслов и ист текст, дури и со идентични грешки. Во таа поразителна пракса се гледа потеклото на некои од причините за лошите состојби во нашата медиумска сфера. Но, во исто време, таа е и сликовит показател за последиците од колапсот кој трае, односно за размерот и за длабочината на проблемите во кои западнало информирањето кај нас. Ваквата, секојдневно присутна, ригидна едноличност во новинарсата форма и израз не може да се сретне ниту во една земја од регионот, па дури ни во Вучиќевата Србија, во чиј медиумски простор со години речиси апсолутно доминира армија од портали впрегнати во соопштување и одбрана на едни исти гледишта и политики. Такви „армии“ , секако, одамна има и кај нас, но униформноста за која станува збор овде веројатно потекнува многу повеќе од влијанието на економските, отколку на политичките извори на моќ, иако на крајот им служи на интересите и на едните и на другите. Важен е само квантитетот Медиумите и новинарите, во зависност од уредувачката политика, дури и кога е во прашање само формата на веста, на новинарскиот производ, би морале да дадат некаков свој печат, да ја претстават и толкуваат информацијата на свој, посебен начин, пренесувајќи ја суштината, а внимавајќи на сите аспекти на темата и приказната. Во нашите медиуми, посебно на интернет, тоа едноставно веќе нема кој да го прави. Егзодусот на новинари од медиумите и хипепродукцијата на портали придонесе во македонските интернет-гласила денес да работат неприфатливо голем број луѓе кои никогаш не се сретнале со основните новинарски правила, не го ни прочитале Кодексот на новинарите, никој никогаш не им укажал на тоа што е соодветно, а што несоодветно да се прави кога работите како новинар. На исто така непријатно голем број портали на интернет, поради економски причини, воопшто не им е важен квалитетот на објавените вести, туку само колкав број на објави има на сајтот. Компаниите-огласувачи, за чии реклами се борат стотици портали на истенчениот пазар, не ги интересира ништо освен бројот на кликови, од кој грубо се пресметува и бројот на луѓе што ќе ги видат нивните реклами. Ако објавите повеќе вести, ќе има и повеќе кликови и само тоа е важно. Комплетниот процес на информирање на интернет така тежнее да се претвори во грдата борба за што повеќе објави и кликови што сите ја гледаме - на непосредна, тешка штета на новинарството, објективното информирање и јавниот интерес. Јавното мислење се обликува евтино Ако не се борат за кликови, порталите се борат некој бизнисмен да реши кај нив да плати за некаков свој текст со кој си ги штити интересите, често спротивставени на јавниот интерес. Повеќето портали ќе ви дозволат кај нив да објавите што сакате ако им платите, многу често и за тажно мали пари. Секој што има неколку илјади евра може да покрене толку голема кампања по македонските портали, што сериозно може да го насочи јавното мислење онаму каде што нему му одговара. Кога сопствениците на многу портали бараат луѓе кои ќе објавуваат вести, тие всушност не бараат новинари, туку работници за целосно механизиран процес, кои ќе „исштанцаат“ што повеќе објави во еден ден, што да пишува во нив. Има норми кои не смеат да се потфрлат: еден човек - 50-60-80 објави во една смена. Дури и да нема официјално пропишан број на вести кои треба да ги објавувате, ќе ви замерат ако не објавувате „доволно“. Економската логика не познава изрази како „професионална дистанца“ и „јавен интерес“. Овој тренд, кој владее со години и децении, добро го познаваат луѓето што работат во секторите за односи со јавност во институциите и во компаниите. Голем број од нив се и поранешни новинари, па знаат и како да го искористат општоприсутната атмосфера на безумни копи-пејст вести на порталите. Што и да им испратите, ќе објават, често и без воопшто да прочитаат што објавиле. Конформизмот е смрт за слободата Во едноличното, роботско известување на нашите интернет-медиуми, убеден сум, се пресликува канцерот на конформизмот во целото општество, кој можеби како никогаш досега го обзема и сиот јавен простор – луѓето кои мислат со сопствената глава стануваат сѐ понепожелни, а од тоа никако не се исклучени или заштитени новинарите. Во својата срж, новинарството е спротивно на едноличноста на конформизмот. Што би рекол нигерискиот поет, нобеловецот Воле Сојинка: „Најголемата закана за слободата е отсуството на критика“. Во нашиот медиумски простор, сепак, сѐ уште опстојуваат мали острови на интегритет кои не му се даваат на конформизмот - редакции во кои сѐ уште работат и доминираат новинари во вистинската смисла на зборот. Во нивниот донкихотовски пркос, сум забележал многупати, е последната надеж за објективното информирање кај нас – иако за ова, како и за многу други искривени состојби во македонското новинарство, не е лесно да се биде оптимист. Автор: Жарко НастоскиНасловна фотографија: freepik.com Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Fake News2

Тие што објавуваа дезинформации за ковид-19, сега успешно го прават тоа и за војната во Украина

Големите светски случувања се мека на дезинформации: Да се натераме себеси да не кликаме на прва! Во време на глобални општествени случувања, епидемии, економски кризи... преку ноќ полето на дезинформациите станува плодна почва за манипулација. Како да се поштедиме од „опасноста“ и да не им веруваме на лаги пласирани на сите видови медиуми? Прво што треба да имаме предвид за да се заштитиме е свесноста за сопствените емоции, објаснува комуникологот Емилија Петреска-Камењарова, помошник раководител на Секторот за програмски работи при Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Дезинформациите се така формулирани што настојуваат кај нас да предизвикаат емоционална реакција – целта е да нè натераат да ги споделиме пред трезвено да размислиме, а неретко и пред целосно да ги прочитаме. Затоа, да се натераме себеси да не кликаме на прва – објаснува таа. Ширеа лаги за ковид-19, па продолжија и за Украина Како најлесно да се препознаат? Најчесто насловите се напишани со сите големи букви, завршуваат со повеќе прашалници и извичници (!!!???), претставуваат мамка што ветува дека во текстот нешто важно ќе се открие – што често не се случува (јадица наслови), нема линкови, или ако има, тие водат до сомнителни извори, текстот има многу грешки, неретко личи како да е преведен со „Гугл транслејт“ и сл. Содржината нема автор/ка или е потпишана со псевдоним. Нема датум кога е објавена или веќе не е актуелна итн. Секогаш треба да провериме дали таа содржина ја има на некое друго место – за што треба навистина малку време. Најчесто или ја нема на друго место или се повторува истата, само пренесена од други профили или сајтови. Илустрирана е со фотографии или со визуелен материјал од друг настан, без потпишан/а фотограф/ка. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги уште пред неколку години објави инфографици „Зад лажните вести“ и „Зад насловите“, кои се преведени на македонски и на албански јазик (оригиналните инфографици ги подготви Европската асоцијација за заштита на интересите на гледачите – ЕАВИ). Мислам дека е добро читателите да ги прочитаат – куси се, ама корисни – вели Петреска-Камењарова. Според податоците од крајот на 2022 година, само 46,7 отсто од населението во земјава било вакцинирано со две дози, што се должи и на неимуноста на дезинформациите од пандемијата. Емилија Петреска-Камењарова– Често, оние што ширеа дезинформации за ковид-19, потоа се префрлија на ширење дезинформации за војната во Украина и се успешни во тоа. Како што покажува истражувањето на Институтот за демократија и на фондацијата „Конрад Аденауер“ објавено во март годинава, само 21% од испитаниците во земјава сметаат дека целта на руската агресија е да ја освои Украина, додека мнозинството граѓани не се согласуваат дека Русија има таква цел (41% – воопшто, а 13% донекаде не се согласуваат). Сметам дека на ниту еден медиум не треба слепо и беспоговорно да му се верува, туку дека е потребно да се прават проверки. Постојат повеќе начини како да се провери одредена информација: на пример, да се види како повеќе медиуми известуваат за неа, да се направи споредба, особено на информациите од медиуми што имаат различни начини на прикажување некој настан или појава. Големи се шансите оние информации што се повторуваат кај објави/текстови со различен став кон конкретното прашање, да бидат оние што се вистинити – објаснува Петреска-Камењарова. Неодамна е промовирано истражување што зборува за „дезинформацискиот пејзаж во повеќе земји членки на ЕУ“. Тоа покажува дека за секоја земја постојат наративи типични за неа. Но, исто така, има теми што се повторуваат во најголем број од земјите, при што најчести се дезинформациите во врска со ковид-19 и антиваксерството, војната во Украина и прашањето на мигрантите, а во неколку од нив се повторуваат и антиродови дезинформации и трансфобични манипулации, како оние за кои сведочиме деновиве во нашата земја. Истражувањето покажува и дека граѓаните во земјите во кои има повисоко ниво на медиумска писменост се поотпорни на дезинформациите – уште еден показател зошто и во нашата земја треба да се фокусираме на подигнувањето на нивото на медиумската писменост кај сите генерации – од најмали до највозрасни – вели Петреска-Камењарова. Барањето по вистината е предизвик Верификацијата на фактите и на полето на информациите од економски карактер, е критична во време на голем број дезинформации. Засновајќи се исклучиво на факти, насоката е едноставна, а тоа е дека треба да користиме фактички проверени извори, како, на пример, научни статии, владини извештаи или елаборати и истражувања од независни истражувачки организации. Овде треба да имаме предвид да го провериме и авторот на информацијата, особено кога станува збор за економски ситуации. Насочувајќи го вниманието на тоа дали нивните мислења и предвидувања се поддржани од академска заедница и од други стручни организации, објаснува Владимир Петковски, доктор на економски науки на Економскиот факултет од Скопје. Барањето по вистината може да биде предизвик, но тоа не треба да нè обесхрабрува, напротив треба да нè мотивира да ја пронајдеме вистината сами и секако да ѝ веруваме на науката и на нејзините достигнувања, како најверодостоен извор на податоци. Не е лесно да се селектираат информации и да се проценува нивната вистинитост, но со применување на овие начела, луѓето можат да развијат критичко размислување и да дојде до покачување на нивото на информираност и разбирање за глобалните економски ситуации – вели Петковски. Владимир ПетковскиПотребата за паника е тотално непотребна, со оглед на тоа дека постојат повеќе чекори за проверка на веродостојноста на информациите, и доколку се практикуваат, ќе се дојде до вистината што подложи пред сè на фактите и на науката. Дополнително, ќе се запознаеме подобро со самиот „проблем“ и ќе се намали можноста за паника и потребата од неа. Важно е да се истражи изворот на информациите и да се провери неговата веродостојност. Треба да се провери дали изворот има добра репутација и дали неговите тврдења се поткрепени од други независни извори. Притоа не треба да се ограничуваме на еден извор на информации. Информации од повеќе извори можат да доведат до интересни податоци и заклучоци. Морамe да го процениме и квалитетот на информациите што ги добиваме. Да посветиме внимание на доказите, на студиите и на статистиките што ги поддржуваат тврдењата. Притоа потпирајќи се на основани и солидни извори засновани на научна и економска основа – смета Петковски. Подложни сме на преземање нерационални и неоправдани мерки и акции кога се изложуваме на делумни информации или дезинформации за економското работење во една земја. Постојат многубројни примери за тоа, впрочем секоја пирамидална шема може да претставува класичен пример за преземање нерационални мерки и акции засновани на делумни или на погрешни информации. Во поново време тоа важи и за одредени видови криптовалути, објаснува Петковски. Еден реален пример што датира од 2001 година можеби најдобро го отсликува ова, воедно станува збор за компанијата „Enron“. Во 2001 година, „Enron“ беше една од најголемите американски компании, чија дејност беа енергетика и финансии. Сепак, се откри дека компанијата била вклучена во масовна финансиска измама. Дезинформациите и делумните информации што беа презентирани од менаџментот на „Enron“ доведоа до преувеличување на приходите и прикривање големи загуби. Компанијата се претставуваше како успешна на берзите, додека вистинската состојба за нејзиното финансиско работење беше драматично различна. Овој случај илустрира како дезинформациите и делумните информации што се шират од компании можат да имаат сериозни последици врз финансиската стабилност и довербата во пазарот. Инвеститорите и јавноста во целост се потпираат на информациите што ги добиваат од компаниите, и кога тие информации се неточни или измамнички, може да се создаде неверување и погубни последици за економијата – објаснува тој. Непроверените информации за ковид-19 влеваа страв кај луѓето Ковид-пандемијата најверојатно беше најголемата енигма на денешницата. На почетокот сите ги фати неспремни и со тоа се направи паника што не можеше да се контролира, истакнува д-р Драгана Емел Маркоска. Таа докажа колку многу може да се манипулира со информации во време на пандемија. Од една страна беше нова болест со нова клиничка слика, со терапии што во од, т.е. како одеше времето, се менуваа за да се постигне успех во лекувањето. Во целиот тој процес непроверените информации дополнително влеваа страв кај населението. Сепак, ова беше болест што бараше голема дисциплинираност кај населението, нешто на кое луѓето не беа научени досега. Сето тоа придонесе да се зголеми паниката кај луѓето. Последиците од ковидот сè уште е рано да кажеме дека се завршени, за тоа е потребно повеќе време. Друг голем проблем во периодот на ковидот беше тоа што следењето и откривањето на другите болести беа ставени во мирување – вели Емел Маркоска, педијатар од Скопје. д-р Драгана Емел МаркоскаИнтернетот и достапноста на секакви информации е проблем за најголемиот број лекари, педијатри и сл. Пациентите прво читаат на интернет, па потоа на социјалните мрежи, па дури потоа се одлучуваат дали ќе одат на лекар. Најверојатно тоа се должи на преголемата преоптовареност на социјалните мрежи со голем број информации, од кои дел не се проверени туку се само пласирани од една страна и преоптовареноста на лекарите со пациенти од друга страна, посочува докторката.– Кога станува збор за здравјето, најдобро е да се најде еден лекар (педијатар) на кој би му верувале и со кој би се советувале родителите т.е. пациентите. Јас низ смеа знам да кажам дека најголем проблем имаме со безбројните информации што се достапни на интернет, а воедно и не се доволно проверени за да бидат точни. Да не се разбереме погрешно, не е интернетот нешто што не треба да се употребува, ама барем да биде во умерени количини. Најважното што јас како педијатар им советувам на пациентите е да си најдат педијатар, кога станува збор за своето дете, на кој ќе му веруваат и само така ќе успеат да го минимизираат понекогаш погрешното влијание од интернетот – вели докторката. Автор: Сребра ЃорѓијевскаНасловна фотографија: freepik.com Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Wall Background Television Screens Used News Studio Background

Договор куќа гради, ама го урива новинарството

„Нема да има гледачи, слушатели, читатели!“, „Важно е што сака публиката!“, „Да ѝ го дадеме на публиката тоа што го сака! Ако имаме публика, ќе имаме реклами! Без реклами, нема да може да опстоиме, а вие новинарите ќе останете без плати!“ Ова е главната мантра на секој сопственик и главен уредник на поголемиот број медиуми во државава. Ова е главното оправдување на медиумите, без разлика дали се телевизии, радија или портали, со кое се турка идејата дека понудата треба да биде евтина забава со сомнителен квалитет. Не случајно, преплавени сме со реалити шоуа, трогателни серии, вести и информации што наликуваат едни на други како излупено јајце. НОВИНАРИТЕ СЕ ДОГОВАРААТ Бидејќи дневноинформативното новинарство ми е поблиску одошто креирањето на програмските стратегии на телевизиите, ќе се осврнам на една рутина што многу ме изненади кога бев уредник на економската редакција, на дневните изданија на вести и на емисија од областа на економијата. За 28 години работно искуство, го поминав она време од македонското новинарство кое беше во зенит, според својот квалитет, а сега сум сведок на драстичното опаѓање, секако чест на исклучоците. Но, што толку многу ме изненади за да имам потреба да го напишам. Додека бев уредник на економска редакција и на вести во една национална телевизија, открив дека моите помлади колеги, секојдневно, интензивно комуницираат со колегите од другите телевизии и медиуми. На прв поглед ништо чудно, колегијалноста треба да се гради и да се чува. Сепак, кога малку подлабоко се заинтересирав за таа комуникација, открив дека речиси сите новинари од економските редакции или што следат економија, пред сè во електронските медиуми, се во вибер-група каде што се договараат што ќе работат дента. Едноставно, тие си се договарале на што ќе посветат внимание, која тема ќе ја предложат на колегиум и дури кои агли на темата да ги одредат и кои изјави да ги обезбедат. Фото: freepik.com По ова сознанието, мојата реакција беше жестока. Не поради тоа што некој ја нарушува мојата уредничка позиција, бидејќи јас ги координирав насоките за прилозите, туку затоа што ми беше неприфатливо и надвор од мојот новинарски порив и кодекс да може да постои договор со други, пред сè конкурентски медиуми за тоа што би се работело дента. Додека бев во таа телевизија, правев сè да го спречам ваквиот начин на работа и се трудев уредувачката политика и пристапот кон темите да биде автохтон и карактеристичен за медиумот каде што работев. Откако во кратки црти ви ја претставив сликата што се случуваше, а веројатно сè уште се случува, да појаснам зошто сево ова ме извади од такт. Се прашував како дојдовме во ситуација да се објаснуваме со колегите зошто е важно новинарите да имаат свој пат, а не да го следат чопорот и да бидат како и сите други. Едноставно, за мене, а веројатно и за поголемиот дел од новинарите од постар ков кои веќе не се во фелава, непоимливо е да немаме конкуренција едни за други. Да не се бориме за тоа кој ќе има ексклузивна информација, кој ќе има различен агол од некоја прес-конференција или сосема различна тема од другите, а која произлегува од нешто актуелно или помалку актуелно што се случува. Се чини дека оваа практика по редакциите е само дел од низата практики што го прави новинарството чиста масовна конфекција. Имаме повеќе брендови и зад нив стои ист уредник. ДАЛИ РАЗЛИЧНИ ТЕМИ ЌЕ НИ ГО ПРЕГРЕАТ МОЗОКОТ? Но, кој е тој вистински уредник. Не, не се „газдите“ на медиумите. Вистинските уредници на содржините е убеденоста на новинарите и нивните шефови дека мора да ѝ и се даде на публиката она што таа го сака. Дека таа ги определува нашите идеи и постапки. Новинарите и уредниците длабоко во себе како да се откажале од поривот да ги добијат информациите, да ги анализираат, да ги синтетизираат и потоа да ѝ ги пренесат на јавноста. Новинарот и уредникот како да се откажаа дека треба да ја гледаат целата слика, туку цело време се обидуваме да насетиме што наводно сака публиката. Со ова, ние како да се вртиме во еден мал круг, како да живееме во бара наместо да се нурнеме во океанот со информации и да се потрудиме да ги пренесеме оние што навистина имаат некоја вредност, а не мора да се само од државава. Еве, ќе проанализирам две теми од економијата, кои за мене имаат огромна важност. Тоа се обидите за „дедоларизација“ на светската економија и рецесијата во Германија. Ако се погледне најголемиот агрегатор на вести и се истражи периодот од почетокот на годинава, ќе се види дека многу малку, дури и занемарливо се обработувала светски важната тема за валутната битка меѓу големите економски сили. Во моментов светската економија се преструктурира, а во нашата поширока јавност ова е сосема маргинална тема. Колку и да сме мали и минорни во поглед на големите земји, сепак, она што се случува кај нив многу добро или лошо се одразува и кај нас. Едноставно, оваа тема како да е резервирана за порталите, додека за главните медиуми е сосема неважна. Ова значи дека поголемиот дел од јавноста е отсечен од информации за тоа што се случува на глобално ниво. Поревносно се следи курсот на доларот кон другите валути, но многу често не се дава поширок контекст и не се поврзува со темата за „дедоларизација“. Втора, исклучително важна вест што беше актуелна безмалку само еден ден беше влегувањето на Германија во рецесија. Неа ја пренесоа и главните медиуми, но интересот за неа траеше кратко. Иако овие две теми се значајни за целиот свет и за Европа, ние не ги пласираме во јавноста. Едноставно, како да не нè допираат. Новинарите немаат порив да ги пласираат и да се ангажираат да ѝ ги доближат на публиката. Да сме лишени од анализи што ќе значи рецесијата на Германија за Македонија, да не им се објаснува на граѓаните дека половина од извозот ни е во оваа земја и дека ако таму има проблеми, ќе има и кај нас, да не се бараат одговори од институциите што сево ова ќе значи и за нашиот економски раст, за буџетот, за извозот, едноставно е надвор од секоја новинарска логика. ПОТЦЕНУВАЊЕ НА ПУБЛИКАТА Но, ете, живееме во една бара каде што мислиме дека главна економска тема ни се партиските препукувања за успесите или за неуспесите на владините економски политики. Секако, и бизнис-интересите на одредени моќни групи во државава. Сè друго, што треба да биде од животна важност, се заборава. Затоа, најлесно е новинарите да си се договорат меѓу себе за одредени теми и тие да се најдат пред публиката. Уредниците, пак, обземени со дневна политика, живеејќи во новинарски свет без конкуренција, не ни бараат повеќе од своите колеги. Затоа, ние новинарите и уредниците треба почесто да се потсетуваме на основни правила и стандарди што се чини сме ги подзаборавиле и зошто постоиме како фела. Автор: Горан Теменугов Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Circuit Board 1364650 640

Четџипити, новинарство и дезинформации, бескраен круг на проверка на факти

Самата вештачка интелигенција (ВИ) не шири дезинформации, вели автоматскиот генератор на текст Четџипити (ChatGPT). Според него, алгоритмите за вештачка интелигенција може да се развијат за да се автоматизира генерирањето и ширењето лажни информации, но луѓето се тие што ги дизајнираат и ги распоредуваат овие алгоритми за злонамерни цели. Овој напреден модел на јазик за вештачка интелигенција, креиран да реплицира човечки разговор, беше лансиран во ноември 2022 година, а според најновите достапни податоци, во моментов има повеќе од 100 милиони корисници, што ја прави најбрзо растечка апликација во историјата. Само за споредба, на TikTok му требаа 9 месеци за да достигне 100 милиони корисници, а на Инстаграм 2,5 години. Четботот развиен од компанијата OpenAI отвори многу полемики и предизвици. Независно дали станува збор за домашна работа, есеј, новинарски напис или за потемелно истражување, Четџипити е „обучен“ да одговори на многубројни прашања што може да му ги постави секој. Каде завршуваат одговорите е тешко да се лоцира, а уште потешко е да се провери нивната точност. За себе, Четџипити вели дека може да помогне во откривањето и ублажувањето на ширењето дезинформации преку брзо анализирање големи количини податоци и идентификување потенцијални извори на лажни информации, а одговорноста за борбата против дезинформациите им ја остава на поединците и на организациите што развиваат и применуваат технологии за вештачка интелигенција. Вештачката интелигенција го става новинарството во незавидна положба Стојанчо Туџарски, водач на тимот за наука за податоци во Иновејшн ДООЕЛ, вели дека автоматските генератори на текст Четџипити и понапредниот Џипити-4 се во состојба да создадат каков било текст, кој не може да се препознае дали е напишан од човек или од машина, меѓу другото и поради тоа што со сегашниот степен на развојот на вештачката интелигенција, машините се во состојба да имитираат човечки пишани текстови исклучително успешно. Ова ја става новинарската професија во не баш многу завидна положба. Кој било, со помош на соодветно срочен промпт, може да добие просечен текст на која било тема, вклучувајќи ги тука и новинарските написи. Значи, соочени сме со реалната можност од хиперпродукција од текстови со, во просек, ист квалитет како оние пишувани досега од новинари – вели Туџарски. Објаснувањето за ова, како што дополнува, лежи во начинот на кој Четџипити е трениран од тоа што тој има „видено“ и „научено“ што имаат досега напишано новинарите, и, како што вели, кога генерира текст, тој не прави ништо поразлично од наоѓање статистички „средни вредности“ од нив, водејќи сметка за контекстот што се појавува. Според Владимир Петрески, уредник на македонскиот сервис за проверка на факти „Вистиномер“, употребата на најновиот бран алатки што работат врз принцип на вештачката интелигенција може да има и позитивно, но и негативно влијание врз новинарството и медиумите.– Од позитивна гледна точка, кога говориме за медиумите и за новинарството, оваа технологија може да им помогне на новинарите во нивната работа преку автоматско или барем олеснето креирање заднина/бекграунд на нивните написи. Да се пополнат оние делови од новинарските содржини, каде што треба накусо да се објасни заднината на настанот за кој се пишува, а која е позната, но која на читателот треба да му се пренесе за да добие целата вест или сторија дополнителен контекст и да стане заокружена целина – вели тој.  Како друг вид помош ја издвојува проверката на некој факт, при која, според него, треба да се биде внимателен. Апликациите што користат вештачка интелигенција се полезни ако знаете да ги прашате на вистинскиот начин и ако ги знаете нивните ограничувања, односно што е она што можат или не можат да одговорат. Така, на пример, кога се појави првата верзија на Четџипити, која беше отворена за јавноста (ChatGPT 3.0), базите на податоци што ѝ стоеја на располагање на апликацијата, содржеа податоци заклучно со 2021 година, значи Четџипити ги немаше најновите информации – вели тој, дополнувајќи дека е многу важно да се имаат познавања од темата за која се прашува за да може да се препознае доколку апликацијата греши.  Петрески смета дека многу брзо ќе се појават и апликации што ќе можат да препознаат визуелни елементи во кои ВИ ги вмешал прстите и тие, според него, ќе бидат многу корисни во откривањето фотографии или видеа генерирани или видоизменети од апликации што користат вештачка интелигенција. Тој вели дека сето ова значи дека некои од новинарските активности ќе можат да се прават со помош на ВИ-алатки, но не сите. Една од најважните функции на новинарството е да открива нови и „вест-вредни“ настани и информации. Тешко дека тука вештачката интелигенција ќе може го надмине човекот во целост, односно новинарот во конкретниов случај. Иако може да се очекува дека некои сегменти од професијата, особено од областите какви што се финансиите и движењето на акциите на берзите, тешко ќе можат да се замислат без помош на вештачката интелигенција – вели Петрески, дополнувајќи дека ВИ-алатките ќе бидат корисни и при креирањето и експлоатацијата на нови бизнис-модели кај медиумите и други примени што допрва треба да бидат откриени.  Четџипити се согласува дека вештачката интелигенција, вклучително и неговите сродни јазични модели, имаат значително влијание врз новинарството и медиумите, меѓутоа нагласува дека иако вештачката интелигенција може да ги подобри новинарските процеси, таа не ги заменува новинарите. Човечкото расудување, критичкото размислување и контекстуалното разбирање остануваат клучни во прецизно и етичко толкување и прикажување на вестите. ВИ треба да се гледа како алатка за зголемување на новинарските способности, поддржувајќи ги новинарите во нивната работа, наместо да ги заменува – вели тој. Линијата помеѓу дезинформација и автоматски генериран текст е тесна Туџарски вели дека е тесна линијата помеѓу дезинформација и автоматски генериран текст и дека дезинформацијата не може да се доведе во корелација со ВИ. – Човекот е оној што ја генерира дезинформацијата, со или без ВИ/Четџипити. Според мене, вистинскиот предизвик пред новинарите, со цел да останат релевантни како професионалци, е како тие да бидат подобри од Четџипити. А, по дефиниција, можат само доколку внесат вистинска креативност во своите написи бидејќи текстовите произлезени од Четџипити, со математичка терминологија, не се ништо повеќе од текстови какви што би напишало просечно човечко суштество, земајќи ги предвид сите човечки текстови со кои Четџипити е трениран. Или, според зборовите на Ноам Чомски, „Четџипити не е ништо повеќе од високософистицирана машина за масовно генерирање плагијати, а ако некој денес знае за што зборува на оваа тема, тогаш тоа е тој“ – вели Туџарски. Петрески споделува дека во Вистиномер веќе се соочуваат со користење ВИ-алатки за ширење дезинформации. ВИ-алатките се искористени во овој случај, каде што е креирана лажна фотографија од наводно заедничка модна фотосесија на двете сопруги од британското кралско семејство, Кејт Мидлтон и Меган Маркл (сопруги на принцовите Вилијам и Хари), која никогаш не се случила, а фотографиите се креирани со помош на вештачка интелигенција. Исто така, оваа дезинформација вели дека на фотографиите е јапонската министерка за здравство со непристојно деколте, но фотографијата е креирана со ВИ-алатка, а жената на фотографијата воопшто не е министер за здравство на Јапонија. Ваквите фотографии понатаму се искористени да се продолжи со дезинформирањето и да се нападне Европската Унија со неточно и непристојно тврдење за министрите за здравство во земјите на ЕУ – вели тој. Четџипити признава дека вештачката интелигенција може да биде подложна на дезинформации и препорачува неколку фактори што треба да се земат предвид. Како што е фактот што моделите со вештачка интелигенција како Четџипити учат од огромни количини податоци, вклучително и текст од интернет, па така, тој вели дека доколку тие податоци содржат пристрасни или неточни информации, моделот може ненамерно да ја пропагира таа дезинформација во своите одговори. За да се ублажат овие предизвици, Четџипити препорачува да се вклучи човечки надзор и процеси за проверка на факти кога се користи содржина генерирана од вештачка интелигенција. Развијте системи за вештачка интелигенција што им даваат приоритет на точноста, правичноста и на транспарентноста. Охрабрете го критичкото размислување и медиумската писменост кај публиката за борба против дезинформациите. Соработувајте со експерти за вештачка интелигенција за да ги решите етичките импликации на вештачката интелигенција во новинарството. Со разбирање на ограничувањата и ризиците поврзани со вештачката интелигенција, новинарите можат да го искористат неговиот потенцијал додека го поддржуваат новинарскиот интегритет и потрагата по вистината – вели тој. Преку сеопфатна регулатива до регулација на дезинформациите во ВИ Владимир Петрески вели дека сѐ уште не е јасно каква и дали воопшто некаква регулатива ќе биде донесена во однос на користењето на најновата генерација вештачка интелигенција. Иако има иницијативи за носење вакви регулативи, па дури и петиции за мораториум во истражувањето и употребата на вештачката интелигенција во период од година или две, а со цел да се истражат можните негативни последици, сепак, засега не е донесена конкретна легислатива од националните парламенти низ светот. И социјалните мрежи се на самиот почеток во утврдувањето на стандардите за користење на ВИ-алатките на своите платформи, иако напорите за првичното воспоставување на ваквите стандарди се во тек кај поголемите платформи – вели тој. Петрески дополнува дека сето ова покажува дека законодавците се внимателни и сѐ уште ја разгледуваат новонастанатата состојба, обидувајќи се да осознаат кои сегменти од оваа технологија имаат капацитет да нанесат штети и да влијаат негативно врз загарантираните човекови права, а, од друга страна, да не се прекинат истражувањата во оваа област, кои можат да донесат големи придобивки за човештвото. Ваквиот пристап, па и доцнење зад новите технологии од страна на законодавците не е ништо ново. Тие отсекогаш доцнеле зад технологиите, токму од причина што кај многу откритија со години, па и со децении потоа не била јасна до крај ни употребата, ниту, пак, можните последици – дополнува тој. Туџарски вели дека имајќи ги предвид техничките можности што денес стојат на располагање, не може да биде оптимист дека ќе се справиме ефикасно со овој проблем. Мислам дека сѐ уште не сфаќаме колку е голем овој проблем и колкава е можноста за високософистицирана масовна манипулација врз огромна популација. Од друга страна, ВИ е само алатка, па не гледам зошто би се разгледувала можноста за справување со споделување лажни вести напишани од неа и споделени од луѓе, поразлично од можноста за ширење лажни вести напишани и споделени од луѓе. Мислам дека реалноста нè води кон поедноставено размислување – креирањето лажни вести треба да биде санкционирано, а со оглед на тоа што сепак луѓето се тие што ги објавуваат текстовите од ВИ, дали таквите вести се напишани од човек или од ВИ, според мене е ирелевантно – вели тој. Според Четџипити, спречувањето споделување и создавање лажни вести со вештачка интелигенција (ВИ) бара сеопфатен и повеќеслоен пристап, кој вклучува правни, технолошки и етички размислувања. Како дел од препораките ги издвојува задолжителна транспарентност на системите и на платформите за вештачка интелигенција, што вклучува откривање кога е вклучена содржина генерирана со вештачка интелигенција и обезбедување јасно наведување на изворите, алгоритамска одговорност, односно редовна ревизија, потоа мерки за справување со пристрасност, промовирање на различноста на перспективите и спречување на засилување на дезинформациите како и квалитет и интегритет на податоците. Автор: Ангела Рајчевска Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Dezinformacii Glavna

Интернетот тешко да се врати во ламбата од каде што излезе – државата мора да ги ограничи креаторите на лажни вести

Какви се психолошките и социолошките профили на „авторите“ и на „корисниците“ на лажни вести, објаснуваат д-р Калина Сотироска-Иваноска, вонреден професор на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет од Скопје, и д-р Петар Атанасов, професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ „Автори“ и „корисници“ на лажните вести. Две групи што ја сочинуваат недогледната маса од милиони луѓе, кои во секоја секунда кликаат на копчињата на дигиталните уреди, создаваат дезинформација или веруваат во неа. Состојби што излегоа од контрола особено со појавата на социјалните онлајн мрежи каде што секој корисник стана медиум што создава, шири или користи дезинформација. Какви се психолошките и социолошките профили на овие две групи, оние што ја креираат лажната вест и оние што ја користат? Според д-р Калина Сотироска-Иваноска, вонреден професор на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет од Скопје, денес е полесно од секогаш да ги доведете луѓето во заблуда. Социологот д-р Петар Атанасов, професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, вели: Прашањето е дали и како поединецот да се заштити од сето ова што изгледа дека е најдоброто од развојот на човештвото, но и со најголеми можности за манипулации и злоупотреби. Постојат ли практики за самозаштита на луѓето од овие процеси и влијанија? Дезинформациите не се случуваат случајно Според Сотироска-Иваноска, во сè подостапниот свет за сите преку технологијата, претставувањето како кредибилен производител на вести бара малку пари и посветеност – но не е тешко и многу достапно. Дезинформациите се дефинираат како информации што се неточни и намерно создадени за да ја измамат јавноста, за да им наштетат на некои поединци, организации, групи или на државата. Дезинформациите никогаш не се случуваат случајно, туку се формираат и се шират намерно за да ги наведат консументите да донесат погрешни заклучоци, да формираат определени ставови, да предизвикаат вознемиреност, чувство на несигурност, нетрпеливост или омраза кон определени лица или групи – објаснува таа. Калина Сотироска-ИваноскаРазвивањето, пласирањето и ширењето на дезинформациите се прави со определена цел – најчесто некоја добивка, финансиска, политичка, да се стигне до моќ, заради забава или предизвикување емоционални реакции. И можат да доведат до сериозни последици во областа на медицината, демократските процеси, општеството и угледот на поединецот. Тука се поставува прашањето: Зошто луѓето се подложни да ги примаат дезинформациите?- Кај луѓето постои тенденција да ги забележуваат и да се сеќаваат на оние информации што се во согласност со нивните претходни верувања што ги зајакнуваат. Денес социјалните мрежи како Фејсбук, Твитер и Јутјуб претставуваат најкористени платформи од кои консументите добиваат нови информации. Истражувањата покажуваат дека определени специфични карактеристики на личноста на потрошувачите и социо-демографските карактеристики можат да ги направат консументите поподложни да веруваат во дезинформации, како, на пример, понизок социјален статус, конзервативна идеологија, повозрасни и слично – објаснува Сотироска-Иваноска. Таа додава дека постои пристрасност за потврда кога се фаворизираат информации што ги потврдуваат нашите веќе постојни верувања. Веројатноста е поголема да „паднеме“ на дезинформациите ако се согласуваме со она што е кажано без многу размислување. Пристрасноста за потврда работи и обратно – може да го зголеми скептицизмот за дезинформациите. Но, функционирањето на пристрасноста за потврда, укажува на намалено критичко мислење. Никој не е имун на манипулации Од друга страна, бидејќи не сме сведоци на настаните и ги немаме информациите од „прва рака“, го прифаќаме изворот на информации како точен и вистинит. Важно е читателот да не се подведува слепо кон пласираните информации. Потребно е да се направи процена на кредибилноста на изворот, од кој медиум, портал, кој известувач, авторот, уредникот и кои извори се користени. Повторно, критичкото мислење е важно, дали некој ќе посвети време на тоа. Емоциите и чувствата имаат влијание врз критичкото размислување и мислењето го прават ирационално. Притоа дезинформациите најчесто предизвикуваат да растат гневот, стравот и несигурноста. Доколку критички не се размислува, читателот или слушателот е емотивен и го прави подложен на прифаќање на дезинформациите – вели Сотироска-Иваноска. Фото: Pixabay Социјалниот притисок исто така игра улога во прифаќањето на дезинформациите. Тоа е евидентно на социјалните мрежи, каде што постојат луѓе што уживаат во дебатирање, но постојат и такви што едноставно ги бришат или одлучуваат да не ги следат луѓето, групите или организациите што споделуваат спротивно мислење од нивното. Доколку имате определено мислење за нешто и тоа ве одредува во малцинството, експлицитно или имплицитно постојано ќе сте под притисок да се наклоните кон мислењето на мнозинството. Многу често луѓето се уверуваат кон тврдењето дека секој има своја вистина. Тоа не е точно, туку претставува субјективност, а објективноста е потребна за да се одвои фактот од дезинформацијата. Најдобриот начин за борба против дезинформациите е насочен на индивидуално ниво. Никој не е имун на манипулациите и на влијанието на дезинформациите, но ние самите се обидуваме да ги контролираме одлуките. Важно е секој да биде критички консумент на информациите, да бидеме внимателни во наоѓањето точни информации, без да бидеме контролирани и манипулирани од ботови или она што го пласираат луѓето на социјалните мрежи – децидна е Сотироска-Иваноска. Орвел наспроти Хаксли Според Петар Атанасов, оваа тема може да ја анализираме на две нивоа. Првото е класичниот пристап на оние што произведуваат информации и оние што ги примаат или ги користат. Ова стана прашање од големо значење токму со појавата на масовните медиуми бидејќи нивното влијание во општеството станувало доминантно. Второто ниво е поконкретно и може да се поврзе со нашата актуелна стварност – каков вид и колку информации им се потребни на граѓаните во градењето на политичката култура заради учество на граѓаните во политичкото и во општествено живеење. Во оваа мини-анализа, Атанасов се задржува на второто ниво. Да тргнеме од две идеалистички крајности, орвеловска – интенцијата да се забрани читањето книги (поради одредени причини) и хакслиевска – без забрани да се постигне состојба во која нема да има никој што би посакал да чита книги. Џорџ Орвел („1984“, 1949 год.) се плашел од оние што би нè лишиле од какви било информации, додека Алдоус Хаксли (The Brave New World, 1932 год.), пак, се плашел од оние што би ни овозможиле толку многу задоволства што луѓето би се претвориле во пасивна и егоистична маса. Орвел се плашел дека вистината ќе биде скриена од нас, додека Хаксли се плашел дека вистината ќе биде удавена во морето на ирелевантноста. Овде може да се постави дилемата дали луѓето треба да се доведуваат постојано во страв и чувство на закана, за да се држат постојано под контрола, или на луѓето треба да им се наметнат или да им се овозможат бескрајни задоволства, како детерминиран пат до „целта“ – објаснува Атанасов. Според него, ова објаснување значи дека „некој“ таму поставува некакви цели и дека „некои“ центри на моќ може да ги наметнуваат своите планови за државата и за човекот, како и за заедницата (општеството) во кое живееме. Тоа се секако центри што имаат моќ и средства и финансиски ресурси да „управуваат“ со информациите што би ја моделирале нашата стварност. Овие информации може да се вистинити, но и креирани, лажни, намерни, да изгледаат како вистинити и постојано да се вбризгуваат во јавноста преку легални и полулегални канали.- Најчестиот збор што ги објаснува ваквите канали е терминот политичка пропаганда. Кога би ги додале и зборовите популизам и политичка патронажа, тогаш имаме цел комплекс алатки што некои структури (главно провладини) ги користат за освојување на власта или други структури за да урнат некоја легитимна власт за тие да „управуваат“ со информациите или со институциите. За оваа технологија на управување со информации, порано биле потребни многу финансии и луѓе. Денес тоа може да го прават до одредено ниво неколкумина со добра информатичка поддршка. Со ова денес се занимаваат и мали интересни групи, но и цели државни структури што сакаат да имаат свое влијание многу пошироко во светот. Крајна цел е создавање јавност која е контролирана и која треба да овозможи наметнување идеологии што водат до создавање тоталитарно општество. Ова е спротивно од либералната западна идеологија, која беше доминантна во создавањето и во ширењето на демократското општество – објаснува Атанасов. Новата стварност во двонасочната комуникација Полека стигнавме до темата за дигитализацијата и за револуцијата во комуникациите овозможена со создавањето на новите медиуми и социјалните мрежи, додава тој. Дизајнирани од моќни корпорации, овие алатки му се „дадени“ на располагање на секој човек што има пристап до сигнал и има паметен телефон. Секој човек стана медиум, кој има можност и да консумира, но и да произведува информации. Во целата оваа нова стварност може да се анализира и да се објаснува и темата за дезинформации и лажни вести. Додека постоела еднонасочна комуникација медиуми-информации-консументи, било полесно да се создаде совршен капиталистички маркетинг. Денес, кога комуникацијата е двонасочна, примателите на информации почнуваат и самите да емитуваат или да реемитуваат одредени содржини, информациите стануваат стока што се разменува по сите канали, од наједноставните профили на социјалните мрежи на луѓето, до најсовршените алгоритми, кои секако дека некој ги создава за нечиј интерес. И тука можностите се неограничени за создавање нова стварност што човекот го прави помал од технологијата, а вештачката интелигенција се заканува да започне да ги контролира и процесите на информирање и обичното секојдневно живеење – вели Атанасов. Според Атанасов, се разменуваат главно информации, анализи, реклами, вести, ставови, спинови, креирани слики и многу други видови зборови и фотографии што им се достапни на консументите, како личен избор или како избор на некој алгоритам. Во овој хаос на информации на човекот во една секунда му се достапни илјадници податоци, но тој ниту може толку многу да апсорбира одеднаш, ниту може да знае кои од овие извори му нудат нешто добро или суштинско за сопствениот хабитат. На човекот од сферата на информациите (освен одреден процент на корисни податоци) му се нудат и: лажни информации намерно произведени за да влијаат врз јавното мислење во нечија корист, погрешни информации за дезинформирање, информации чија цел е да ги излажат, лажни вести што содржат измислени информации, лажни наративи, лажни вести дистрибуирани за да изгледаат како легитимни вести, измислени, без проверливи факти и извори. Атанасов вели дека сево ова може да го сместиме во три случаи: Борба помеѓу информации на полето на политиката, каде што дезинформациите и лажните вести се мешаат со емоции и се фингираат како политичка битка, пред сè во вид политичка пропаганда. Моќни и богати структури (политички партии, институции, недржавни структури) ангажираат армија луѓе (ботови) за да пласираат информации чија цел е да рекламираат едни, а да им наштетат на други структури. Ова секако не е дозволено, бидејќи на граѓаните им се создава лажна слика за состојбите во општеството. Кога ова го прават луѓе ангажирани од државни структури (вработени), тие обично се именуваат како ПР-служби, но главно ги злоупотребуваат државните ресурси во корист на една или на друга политичка гарнитура. Ова ќе го има сè повеќе во многу земји што практикуваат демократија, но кои може да се трансформираат во илиберални режими. Не се исклучок ниту демократските држави што се обидуваат да се борат против ова за да ги задржат во функција основните елементи на политичкиот процес. Консумеристички информации со рекламирање сè и сешто, со многу помпа и реклама. Во овој дел исто така се употребуваат огромни ресурси за реклама или маркетинг, било да е предмет, производ, услуга, консултантска помош итн. Овде се употребува сè што е носач на порака, но и се користат големи финансиски средства за да се освои консументот. Голем дел од овие информации се проверливи. Но, има и организации што може многу вешто да ве наведат на погрешни одлуки во врска со купување нешто, но и да ви наметнат идеологии што може да ви направат голема штета засновани токму врз злоупотреба на луѓе. Особено е важна социо-психолошката состојба на индивидуата, која е денес самостојна во однесувањето, одлучувањето и примањето на информациите. Човекот веќе живее во ризично општество и нестабилен свет што му нуди бескрајни задоволства, но и големи закани за неговата лична безбедност. Постојат и големи можности за избор во вмрежувањето на светско ниво и во градењето на сопствената кариера, живот, семејство, без гаранции за правилен избор. Но, што е правилен избор? Вистината не може сама да се бори Според Атанасов, прашањето е дали и како поединецот да се заштити од сево ова што изгледа дека е најдоброто од развојот на човештвото, но и со најголеми можности за манипулации и злоупотреби. Постојат ли практики за самозаштита на луѓето од овие процеси и влијанија? Повторно доаѓаме до моментот и до обврската кога и генерациски и образовно им ги пренесуваме цивилизациските вредности и културолошките контексти на новите генерации. Може да се обидеме да влијаеме врз нив во целиот нивен развој. Сето ова треба полека да станува дел од медиумската култура, кој треба да им помогне да се снаоѓаат со сите овие информации и да научат да ги препознаваат заканите и ризиците по нив. Во крајна инстанција, државата ако сака да е сериозна, треба да ги пропише и да ги казнува злоупотребите, да ја регулира политичката пропаганда и да ги ограничи „креаторите“ на лажни вести – дециден е тој. Атанасов објаснува дека креаторите се предатори платени со нечии финансии, кои мора да се контролираат. Консументите треба да се образоваат да препознаваат манипулации од секаква природа – политички, општествени, пазарни, медиумски. Интернетот тешко дека ќе може да се врати во ламбата од каде што излезе, но ќе мора да има некакви стандарди или услови, кои ќе може да се проверуваат. Не може вистината сама, со голи раце да се бори против тенковските лажни вести. Фото: Pixabay Демократијата е систем што работи врз база на натпревар на идеи и вредности, но „масата“ треба да биде обучена да ги препознава девијациите и системите што сакаат повторно да го вратат Орвел, односно целосната контрола, додека претпоставуваме дека луѓето секако би го избрале системот на Хаскли. Се разбира во повисоката класа на Алфи. Но, желбите се едно, а меритократијата сосема друга работа во свет во кој има сè повеќе лаги, а сè помалку вистини. За жал, во битката да се влезе во класата на Алфите по секоја цена, се користат и дезинформациите и лажните вести – завршува Атанасов. Весна Ивановска-Илиевска Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).