Медиумите и изборите 2009 PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 04 Мај 2009 15:22

Финален извештај од мониторингот на медиумското известување за изборната кампања за претседателските и локалните избори 2009 година. 

Извештајот опфаќа анализа на резултатите од мониторирањето на редовните информативни емисии (или емисиите вести) и специјализираните изборни емисии (или контактните емисии, односно дискусионите емисии во кои спаѓаат интервјуата и дебатите) во ударно време од 18:00 до 24:00 часот на телевизиските станици, како и сите изданија на весниците за време на двете последни недели од кампањата пред првиот изборен циклус (од 8 до 20 март). 

За тие цели направен е посебен инструментариум на мониторирање, кој вклучува четири сегменти: (1) општи податоци за медиумот, (2) простор посветен на изборите, (3) анализа на содржина на прилозите и (4) анализа на политичките актери во изборите. Со анализата се опфатени и квантитативни и квалитативни показатели (автор на прилогот, визуелизација, жанровска структура на прилогот, статус на прилогот, карактер на прилогот, субјекти во прилогот, доминантна тема и став на медиумот).  

Истражувачката матрица ја сочинуваат три групи медиуми: (1) национални (јавни и комерцијални) телевизиски станици - Првиот програмски сервис на Македонската телевизија, Вториот програмски сервис на Македонската телевизија, А1, Канал 5, Сител, Алсат М, (2) локални телевизиски станици - ТВ Коха, ТВ Кисс, ТВ ТВМ, ТВ Калтрина, ТВ ВИС и ТВ Тера и (3) дневни весници - Дневник, Вечер, Коха и Време. Односно, направен е одбирок на медиуми кои имаат или можат да имаат влијание на целокупната јавност во РМ.