МИМ ќе започне со имплементација на проектот за медиумска писменост PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 01 Јуни 2009 14:02

„Унапредување на медиумската писменост во Македонија“ е називот на проектот кој МИМ, во соработка со Министерството за образование и наука на Република Македонија, Европскиот новинарски центар од Холандија и Институтот за демократија од Скопје наскоро ќе започне да го реализира во основните и во средните училишта низ Македонија. Целта на проектот е младите луѓе да ги унапредат познавањата за улогата и функцијата на медиумите во демократските општества, за да можат критички да им пристапат, да ги анализираат и проценуваат медиумските содржини и пораки кај различни видови медиуми - печат, електронски медиуми, Интернет - што би им овозможило  поангажирано учество во демократските процеси.

Се очекува проектот да резултира со вклучување на медиумската писменост во наставните програми на основните и на средните училишта, при што ќе биде спроведена обука за наставниците и за професорите, а ќе се подготват и различни наставни помагала. Како дел од првата фаза од реализацијата на проектот, обучувач од Холандија ќе одржи обука за медиумска писменост на 15 и 16 јуни 2009 во просториите на МИМ. Проектот ќе се спроведува со холандска поддршка, од програмата МАТРА.