| СЕЕМО го осудува вербалниот напад врз новинарите од страна на пратеникот Амди Бајрам |
|
|
|
| Петок, 19 Јуни 2009 08:36 |
Организацијата на медиумите од Југоисточна Европа (СЕЕМО), со седиште во Виена, силно ги осудува заканите и јавните напади на новинарите, како што беше случајот со македонскиот пратеник Амди Бајрам, кој наедно е и претставник на граѓаните и треба да се залага за слобода на изразувањето, истакнува Оливер Вујовиќ, генералниот секретар на СЕЕМО, како реакција на информацијата дека македонските новинари кои известуваат од Собранието биле вербално нападнати и клеветени од страна на пратеникот. Бајрам на 16 јуни 2009 вербално ги нападна новинарите во Собранието, навреден зошто не земале изјави од него, извикувајќи, меѓу другото, дека „им треба ќотек“ и нарекувајќи ги „мафијаши“ кои работат за странски служби. СЕЕМО ги повикува надлежните да ги демонстрираат нивните заложби за заштита на новинарите, преку преземање на сите можни мерки за превенција на слични загрижувачки настани. Заради тоа, Организацијата ја поздравува реакцијата на претседателот на Собранието Трајко Вељановски кој го осуди инцидентот, како и извинувањето на пратеникот Бајрам, со надеж дека вакви инциденти нема да се случуваат во иднина.
|





