Старт на обуките за медиумска писменост PDF Печати Е-пошта
Петок, 22 Јануари 2010 14:58

Што е медиумска писменост и како нејзините принципи да се имплементираат во наставната програма за основно и за средно образование, беше тема на обуката одржана на 14 и 15 јануари годинава, која е прва од предвидените 60 обуки за наставниците по мајчин јазик од сите училишта низ Македонија. На првата обука учествуваа дваесетина наставници од скопските гимназии „Јосип Броз Тито“, „Марија Склодовска Кири“ и „Панче Арсовски“. Во следните две години уште 1.400 наставници кои предаваат македонски, албански, српски и турски јазик ќе бидат обучени да предаваат медиумска писменост, од страна на обучувачите на Македонскиот институт за медиуми и Институтот за демократија.

Сите наставници, училишта, образовни и медиумски организации ќе добијат прирачник за медиумска писменост што ќе излезе од печат во февруари, за кога е планирано да се промовира и веб-страницата што ќе содржи различни ресурси од оваа област.

Сите овие активности се дел од проектот „Унапредување на медиумската писменост во образованието во Македонија“, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за демократија и холандската организација Европски центар за новинарство. Проектот се одвива во соработка на Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука, а финансиската поддршка е обезбедена преку програмата МАТРА на холандското Министерство за надворешни работи.