| КОДЕКС НА НОВИНАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА |
|
|
|
| Вторник, 16 Декември 2008 12:08 | ||
|
ПРИНЦИПИ НА ОДНЕСУВАЊЕ: Слободата на медиумите е неприкосновено право. Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со членот 16 од Уставот на Република Македонија. Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и имаат право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни. Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и да го спречат искривувањето на вестите. Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, ќе придонесуваат во јакнењето на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот. ВРЗ ОСНОВА НА ОВИЕ ПРИНЦИПИ И ЕТИЧКИ ВРЕДНОСТИ: 1. Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. 2. Ако новинарот е спречен да дојде до бараната информација, има право за тоа да ја информира јавноста; 3. Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор, во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата; 4. Новинарот ќе го назначи изворот на информациите, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го заштити; 5. Новинарот ќе ги почитува законите на државата, но нема да објави или да сокрие што и да е во спротивност со јавниот интерес; 6. Новинарот не смее да го користи медиумот за објавување или за прикривање информации за стекнување лична корист. 7. Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. 8. Начинот на информирање, во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. 9. Новинарот не смее да интервјуира или да фотографира деца под 16 години без согласност од родителите или старателите, освен ако тоа не е во согласност со правата на детето. 10. Новинарот нема свесно да создава, ниту да преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и на дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…); 11. Новинарот ќе се придржува и на општоприфатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните разлики во Македонија; 12. Плагијаторството е неприфатливо. 13. Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот; 14. Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано. 15. Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. 16. Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различноста на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги; 17. Новинарот има право да одбие работна задача, доколку е во спротивност со принципите на Кодексот. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ: Новинарите кои работат во согласност со Кодексот ја уживаат поддршката на својата медиумска куќа и на својата професионална организација. Во согласност со законите на Република Македонија, новинарите, во однос на професијата, ќе го прифатат судот само од своите колеги и ќе бидат надвор од политичко и друго влијание. За почитувањето на принципите од Кодексот се грижи Советот на честа на Здружението на новинарите на Македонија.
|





