МИМ и ЗНМ ја објавија последната верзија на Акцискиот план, со вклучени забелешки и предлози на учесниците во иницијативата

Се чита за 2 мин.

По вклучувањето на забелешките на учесниците од последната конференција посветена на состојбите во медиумската сфера која се одржа на крајот на минатата година, МИМ и ЗНМ денеска ја објавија последната верзија на Акцискиот план на ЗНМ и МИМ за подобрување на состојбите со медиумите во Република Македонија. Во придружното писмо, испратено заедно со Акцискиот план и пропратните документи до сите редакции, надлежни институции и други учесници во иницијативата и нејзините настани,  истакнати се следните клучни поенти и информации, кои го објаснуваат текот и суштината на целиот процес:

- Акцискиот план е создаден во инклузивен и консултативен  процес, во кој можност за учество во создавањето на документот добија сите засегнати страни

Акцискиот план е плод на заедничка работа на истакнати медиумски работници од земјава, во рамки на иницијативата што во изминатите неколку месеци ја спроведоа МИМ и ЗНМ, со поддршка на амбасадата на Кралството Холандија во Македонија и холандските новинари Роб Хеукелс и Роб Фрејсен, кои го фацилитираа процесот. Првичната верзија на планот се создаде за време и по работната средба во Маврово (27-29 октомври 2011), на која учествуваа четириесетина истакнати новинари и уредници, медиумски сопственици, медиумски научници и експерти, како и претставници на регулаторот и на медиумските граѓански организации. Потоа, нацртот на Акцискиот план помина низ процес на консултации и писмени забелешки од страна на учесниците, за на крајот на месец ноември 2011 да се организира работна средба во ЗНМ со учесниците на мавровската работилница за финализирање на првата верзија на Акцискиот план. Овој нацрт беше претставен на конференцијата која ЗНМ и МИМ ја организираа на 14 декември 2011, а на која учествуваа 70тина сопственици, уредници, новинари, медиумски експерти, претставници на раководството на јавниот сервис,  надлежните регулаторни тела и државните институции,  и на медиумските граѓански организации. Забелешките од учесниците на конференцијата се вклучени во финалната верзија на Акцискиот план. Во прилог на овој допис доставен е и документ со забелешките, во кој се нотира кои од нив се вклучени во планот, со соодветно образложение. 

- Изготвен е и работен документ со предлог - решенија на учесниците дадени за време на процесот на создавање на Акцискиот план
На досегашните средби, дел од учесниците, освен предлози кои беа во функција на форматот на планот, во дискусиите и во писмена форма изнесоа и предлози за конкретни решенија на проблемите. Затоа, МИМ и ЗНМ изготвија еден нов работен документ, кој ги нотира предлозите на учесниците во средбите на иницијативата, кој исто така го доставуваат на увид. Освен за поголема транспарентност, овој документ е подготвен и поради тоа што ЗНМ и МИМ добиле впечаток дека некои од учесниците на средбите сметаат дека процесот е неинклузивен, бидејќи во планот не се вклучени некои од нивните мислења и предлози, за кои двете медиумски организации сметаат дека не соодветствуваат на целите и форматот на планот, но се мошне корисни за понатамошниот тек на процесот, кога ќе се пристапи кон изнаоѓање на конкретни решенија.

- Акцискиот план не предлага решенија, туку предлага пристап за решавање на најприоритетните проблеми.
Пристапот предвидува суштинско вклучување на медиумската заедница во повеќенасочен процес, во кој низ заеднички конкретни активности, заедно со надлежните тела и другите заинтересирани страни, ќе се изнајдат подолгорочни решенија на проблемите - низ аргументирана анализа, следејќи транспарентен, научен и стручен пристап. Овој процес треба да се одвива имајќи ги предвид пред се и над се заштитата на правата и слободите на граѓаните и демократските начела на општеството, слободата на медиумите и заштитата на јавниот интерес.

- Акцискиот план не е завршен документ, туку работна платформа која ќе се менува и дополнува
Во понатамошните активности, ќе се адресираат и другите проблеми кои го оптоваруваат медиумскиот простор, а кои во моментов, поради природата на сегашните проблеми, не се забележани во Планот. Сите овие проблеми, кои понатаму ќе се нотираат и дефинираат аргументирано, ќе станат дел од оваа платформа за подобрување на состојбите во медиумскиот простор.

Двете организации се надеваат дека медиумската заедница и сите други засегнати страни  ќе ја поддржуваат и понатаму оваа иницијатива за подобрување на состојбите во медиумската сфера во нашава земја.