Публикувана Граѓанската стратегија за спречување судир на интереси во јавната администрација

Се чита за 0 мин.

Транспарентност, јавни набавки, вработување, унапредување, мобилност и систем на заслуги, се главните теми на Граѓанската стратегија за спречување судир на интереси во јавната администрација. Стратегијата, која заеднички ја подготвија 17 граѓански организации од земјава, претставува документ на патокази преку кој организациите можат да ја темелат својата идна работа и активности во спречувањето судир на интереси и подобрување на антикорупциските политики.

Документот опфаќа широко поле на делување, а може да биде користен од секој субјект кој се обидува да ја пронајде својата улога во низата акции кои граѓанското општество засилено ги спроведува во борбата со корупцијата. Се надеваме дека документот ќе послужи како инспирација за граѓанските организации кои работат во оваа област.

Разработените насоки за активности во Стратегијата се темелат на искуствата, мислењата и очекувањата на граѓанските организации кои учествуваа во изработката. Стратегијата беше подготвена преку две работилници (Охрид, 3-4 декември 2014 и Берово, 3-4 март 2015) и процес на консултации меѓу организациите спроведен преку онлајн алатки.

Документот може да се преземе на следното мрежно место.

Граѓанската стратегија за спречување судир на интереси во јавната администрација е изработена во рамки на проектот „Граѓанска мрежа за спречување на конфликт на интереси во јавната администрација“. Проектот е спроведуван од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), Институтот за економски стратегии и меѓународни односи „Охрид“ (ОИ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), а е овозможен со финансиска поддршка на Европската Комисија преку програмата IPA Civil Society Facility.