Ракот најмногу убива во Свети Николе

Ракот на дојката се зголемил за 50% во Свети Николе за само 2 години. Во 2016 година се регистрирани 20 случаи на рак на дојка во Овчеполијата. Светиниколчани се сомневаат во исправноста на водата за пиење од поранешниот систем „Мавровица“. Никој не ги истражува причините за оваа болест.

Автор: Горан Лефков

Свети Николе е еден од рекордерите според бројот на регистрирани случаи на рак на дојка. Во изминатата година дури 40% од сите случаи на рак на дојка во Вардарскиот Регион се регистрирани во Овчеполијата. Според податоците што ги добивме од Центарот за јавно здравје во Велес, користејќи го Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, малото овчеполско гратче минатата година имало 20 случаи на рак на дојка. Ист број заболени жени има и во Кавадарци, иако е двојно поголем од Свети Николе. Во другите центри од овој регион, Велес, Неготино и Гевгелија, вкупно има регистрирано само 10 нови случаи.

Никој не знае кои се причините за така високите стапки на рак на дојка во Свети Николе. Се нагаѓаат различни појави, но ниту една не е истражена. Разговаравме со повеќе лекари што ја следат оваа состојба.

Онкологот Милан Ристески, поранешен директор на Клиниката за онкологија, вели дека годишно од оваа болест на територијата на Македонија заболуваат околу 1.200 жени.

Ракот на дојката е застапен со околу 50% од сите новорегистрирани пациентки болни од канцер“, вели Ристески.

Просекот на ниво на Македонија е дека на секој 10.000 жители, во земјава од рак на дојка заболуваат по 5,7 жени. Во Свети Николе на 10.000 жители заболуваат по 11 жени, што е двојно повеќе од државниот просек.

Ваквите алармантни состојби ги мобилизираат жените од овој град и започнуваат да дејствуваат преку Организацијата на жени од Свети Николе, невладина организација што е финансиски поддржана од Швајцарската агенција за развој преку програмата „Сивика мобилитас“, која уште пред 20-ина години ги започнува првите чекори за помош на овие жени.

Водата за некого живот, за некого смрт

Причинителите на високата стапка на рак на дојка не ги знае никој.

Д-р Панче Јосев имал некои провизорни можности да ги испитува причините за високата стапка на рак во Овчеполијата.

Кога почнував со работа како млад лекар во Здравствениот дом во Свети Николе, ме испратија на меѓународен конгрес во Охрид. Таму беа прикажани податоци дека Свети Николе води со канцероматозни заболувања во Македонија. Бев вознемирен и побарав дискусија за да утврдиме која е причината за оваа состојба. Кога се вратив, од тогашниот директор бев ослободен од работни обврски, а со задача да ги испитам причините што можат да бидат фактор што ги предизвикува овие болести“, се присеќава д-р Јосев.

Тој го започнува истражувањето со рудникот за азбест во Богословец, но не наоѓа ниту еден факт што ќе го насочи да го истражува рудникот како можен причинител за ракот во општината.

Тогашниот директор ми даде список на сите вработени и на лица што претходно работеле во рудникот, и сите беа живи и здрави, освен еден поранешен рудар, но кој починал во длабока старост. Таму вработените кога ќе завршеа со работа и кога требаше да се пресоблечат, не можев да ги препознаам. Сите беа прекриени со ситни честички од азбест, како иње во зима. Кога ќе се истресеа, од нив паѓаа 5-10 килограми азбест, но никој од нив не заболе од рак. Тоа ме наведе да не размислувам толку дека азбестот е причина за малигните заболувања, пред сè за рак на дојка“, вели д-р Јосев.

Следна дестинација му била антената на Ѓуриште (планина на 15 километри од Свети Николе, која се користи за временска прогноза и која покрива територија од половина Балкан).

Ниту еден вработен во таа станица немаше заболен. Ако зрачењето е толку штетно, и некој од нивните вработени ќе бил заболен. Тие зраци се пуштаат на 200 до 300 метри над Свети Николе, така што причината за радарот во Свети Николе ја елиминирав тогаш“, се сеќава Јосев.

На крај му останува да ја анализира водата.

Потрошувачката на калиум перманганат беше за 8 пати зголемена. Тоа беше индикатор што покажува дека во водата има големо присуство на органски материи. Имаше високи вредности на манган исто така. Во еден момент се однесе примерок од водата во лабораторија во Брисел. Таму беше детектирано присуство на висок процент на органски материи. Во процесот на производство на секундарна вода, на крајот во процесот на хлорирањето се случува страотна работа. Хлорот и органските материи прават некое соединение трихалометан. Ова е висококанцерогено соединение. Веќе имавме некои првични индиции што би можеле да предизвикаат рак. Се претпоставува дека Свети Николе го плаќа цехот на тој трихалометан“, вели Јосев.

Тој смета дека одговорност има кај повеќе фактори во Свети Николе.

Не знам зошто тогашниот директор на Комуналното претпријатие во Свети Николе елаборираше дека ние имаме поубава вода од Рашче, а кога таа беше лоша. Под секоја анализа од Центарот за јавно здравје од Велес пишуваше дека водата не е за употреба, раководителот под итно да преземе мерки - ги цитирам зборовите од извештајот. Зборовите ми се врежани во глава. Под секој извештај ова беше напишано со црвено“, смета д-р Јосев.

Го консултиравме Трајче Стафилов од Институтот по хемија, но не можеше да ни даде подетални информации колку трихалометанот е канцероген за здравјето на луѓето.

И според д-р Ристески, соединението може да биде канцерогено, но треба да се извршат детални испитувања на повеќе фактори што би можеле да бидат причина за ваквите стапки на рак на дојка. Според неговото мислење, ваквите сознанија не се доволни да се утврдат причините.

Организацијата на жени на Свети Николе ја започнува битката со ракот на дојката

Не можејќи повеќе да седат со скрстени раце и да гледаат како ракот ги коси светиниколчани, жените на чело со поранешната претседателка Вера Златева, која исто така починала од рак на дојка, започнуваат со првите форми на помош на жените.

Од самиот почеток во работата на Организацијата на жени се вклучува прим. д-р Гордана Митева, од групата за самопомош при Организација на жени на Свети Николе.

Добивме податок дека Свети Николе е прво по смртност од рак на дојка во Македонија. Во тој момент започнавме активности во две насоки: да ги информираме жените како да ја превенираат болеста и започнавме да правиме работилници за ракот на дојката. Започнавме и со групи за самопомош на жените што веќе се зафатени со болеста“, вели д-р Митева.

Овие групи функционираат од 2001 година. Во неа има едукатори, какви што се психолог и лекар.

Но борбата продолжува и понатаму. Според сегашната претседателка на организацијата на жени Даниела Панева, тие започнуваат да се организираат и со други активности.

Нашата организација ги брани женските права и колку можеме им помагаме на жените. Ако имаме услови, финансиски им помагаме. Успеавме да излобираме промена на Законот за здравствена заштита каде што се донесоа бесплатните гинеколошки прегледи. Успеавме да воведеме и бесплатни мамографски прегледи за жените, со цел да дејствуваме за рано откривање на ракот на дојката и да дејствуваме превентивно. Во 2004 година успеавме да излобираме воведување пап-тестови. Ние ја започнавме иницијативата со 15 други невладини женски организации за промена на Законот за здравствена заштита, со која ќе се воведат бесплатни пап-тестови и мамографски прегледи“, вели Панева.

Таа додава дека имаат големо разбирање и од Општина Свети Николе, доколку им затреба нешто.

Плодната активност на Организацијата на жени во делот на борбата против ракот ја истакнува и Јасмина Трајчева, проект-координатор на институционалниот грант на „Сивика мобилитас“ при Организацијата на жени на Свети Николе.

Жените со малигни заболувања ни се целна група во здравствената програма на Организацијата на жени. Фокусот е на малигните заболувања, со тоа што имаме група жени заболени и лекувани од малигни заболувања“, смета Трајчева.

Таа додава дека Организацијата на жени на Свети Николе, заедно со 16 други невладини женски организации на национално ниво, излобира воведување амандман за бесплатни гинеколошки прегледи и скрининг-програма за секоја жена еднаш годишно.

Подоцна на иницијатива на оваа организација, во Македонија се носи и првиот мамограф, се сеќава и д-р Имер Селмани, поранешен министер за здравство.

 

Организацијата на жени на Свети Николе е многу активна, се бореше и се бори за подигање на свеста пред сè кај жените, за опасноста од карцином на дојка Тоа е една од првите организации со која јас како министер сум имал контакт, сум ги примил, потоа и ги посетив во Свети Николе. Општината Свети Николе предничи по заболени жени од карцином на дојка. По таа средба со Организацијата на жени на Свети Николе, по предлог на Министерството за здравство, додека бев министер беше донесена одлука на Владата за набавка на мамограф“, вели Селмани.

Тој додава дека по Свети Николе, се донесе одлука за набавка на други мамографи и за други медицински центри низ Македонија. Организацијата на жени е заслужна за набавката на овие мамографи не само во Свети Николе туку и пошироко.

Блиска соработка со Организацијата на жени од Свети Николе имаат од невладината организација „Борка“ – Скопје.

„Имаме константна соработка со Организацијата на жени од Свети Николе во последните 10 години. Тие нè поддржуваат во организирањето на кампањата за подигнување на свеста за борба против ракот на дојка „Напред розово“, велат од „Борка“.

Дали е ова доволно? Сепак, не. Македонија нема регистар на болни од рак, со што се усложнува борбата против оваа подмолна болест.

Историјат на водата во Свети Николе

Историјатот на системска употреба на вода во Свети Николе започнува во 1965 година, кога е изграден градскиот водовод. Во тој период градот користи вода од бунари.

  • По изградбата на браната „Мавровица“, во близина на Свети Николе во 1984 година, градот започнува да пие вода од оваа акумулација.
  • На 21 април 2003 година официјално водата од оваа акумулација се прогласува за техничка и се забранува за пиење.
  • Започнуваат ископини во месноста Дивљак, но таа вода многу кратко или никогаш не се користела.
  • Во 2009 година започнува да се користи водата од хидросистемот „Злетовица“ како пробна.
  • Во 2012 година се започнува со нејзино фактурирање.

 

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Известување за граѓанското општество и неговото влијание врз промените во општеството“, што го спроведува Македонскиот институт за медиуми во партнерство со Центарот за истражувачко новинарство – СКУП Македонија, со финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас

2Civica Logo originalСодржината на сторијата е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.


Сторијата на албански јазик е достапна тука.