Сензационалистичкото известување при несреќи и трагедии, закана за психичкото здравје и за довербата во институциите

Се чита за 7 мин.

Доживувањето несреќа или трагедија само по себе е стресно, а сензационалистичкото известување за нив, дополнително ги изложува засегнатите на продолжен стрес и влијае врз нивното психичко здравје како и врз довербата во институциите. Кога ќе се случи загуба на блиска личност, емотивната болка на блиските е голема, а кога случајот ќе се прикаже низ неетичката призма на медиумите, добива уште почувствителна димензија.

Загубата на блиска личност, како што вели Натка Пачоска, специјалист по медицинска психологија, европски сертифициран гешталт и семејно-системски психотерапевт, предизвикува чувство на вина и одговорност. Освен ова, многу често, кај повеќето блиски на починатиот, присутна е и лутината, чувството на неправедност, особено кога тој што починал настрадал во несреќа или починал ненадејно. Притоа, вели таа, лутината е многу посилна кога има каде да се лоцира, односно кога има некој што се смета за одговорен за смртта на нивниот близок и лутината е во функција да се исканализира силното чувство на болка и тага поради загубата.

Натка Пачоска– Кога имаме сензационалистичко информирање од медиумите, овие чувства силно се потенцираат и влијаат директно врз менталното здравје на блиските луѓе. Кога ќе се појават при медиумското информирање, или по социјалните мрежи, и снимки каде што се гледа несреќата, трагедијата што се случува во моментот, и притоа се слушаат разни звуци, вресоци, гласови, како што беше во случајот со трагедијата на пожарот во модуларната болница во Тетово, тогаш кај блиските на починатите, меѓу кои има и деца, последиците по нивното ментално здравје може да бидат од многу изразен карактер – вели Пачоска.

Таа посочува дека мешавината од емоции како тага, чувство на вина, лутина, страв, чувство на неправда, може да го намали емотивниот капацитет за справување со тешки стресни ситуации и да го замати здраворазумскиот приод кон реалноста, или силно да се потенцира депресивна состојба, анксиозност, панични реакции, деструктивни или автодеструктивни реакции и состојби и слично.

Според Пачоска, сензационалистичкиот начин на известување, постојано ги изложува на продолжен стрес лицата што биле изложени на несреќата и завршиле со повреди. Повторно доживување на стресниот настан, како да се случува сега, со што се преоптоварува нивниот емотивен капацитет на адаптација и одбранбениот систем, има силно влијание врз влошување на нивната психолошка состојба и е еден од факторите за развој на пострауматско стресно растројство.

Информирањето во случаи на несреќи, мора да биде ослободено од сензационализми

Според Кодексот на новинарите, медиумите се должни, особено кога станува збор за информации што се однесуваат на загуби на човечки животи, да го почитуваат член 1 од Кодексот, кој вели: „Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно за шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“. При експлицитни фотографии и видеа треба да се внимава на член 8 и член 7 од Кодексот, кои велат дека „начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“, односно „новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост“.

Катерина СинадиновскаКатерина Синадиновска од Советот за етика во медиумите, како главен принцип при известувањето за загуби на човечки животи и информирање во случаи на несреќи и трагедии, го издвојува токму членот 1 од Кодексот на новинарите и посочува да се избегне искушението на сензационалистичкиот пристап во обработка и пласман на информациите.

– Нешто што гледаме дека е исклучително тешко во време на експанзија на интернет-портали, кога целта е клик повеќе. Она што исто така медиумите го забораваат е да направат дистинкција помеѓу катастрофа од ваков тип, кога починатите се граѓани што не се јавни личности, или смрт на јавна личност, природна, во некоја несреќа или, пак, самоубиство. За второто има различни ставови на различни новинарски школи околу тоа колку е дозволено, во смисла на објавување фотографии и слично, и каде е границата во почитувањето на приватноста – вели Синадиновска.

Таа дополнува дека ставовите на советите за етика од Европа, усогласени преку Алијансата на независни совети за печат во Европа – АИПЦЕ, каде што и СЕММ е полноправна членка, се на линија дека во несреќи и катастрофи, кога страдаат лица што претходно не биле изложени на јавноста преку својата работа, треба да се почитува приватноста и да се внимава на личната болка на роднините.

Во врска со известувањето околу трагедијата во Тетово, таа потсетува на нивната реакција со забелешка дека не се почитуваа три члена од Кодексот на новинари, односно членовите 1, 7 и 8, кои се однесуваат на пренесување точни и проверени информации.

– Се шпекулираше со бројот на жртви што е забрането при несреќи, а притоа во дадени случаи не се ни кажа дека се тоа шпекулации, се пуштаа сензационалистички фотографии и видеа без да се води сметка за личната болка на семејствата – вели таа.

Синадиновска дополнува дека често добиваат пријави за прекршување на новинарските стандарди при известување за загуба на човечки животи, несреќи и трагедии, при што посочува дека секогаш кога имало некаква несреќа, се соочувале со такви поплаки, а секогаш имале и реакција.

Бојан Кордалов, комуниколог, специјалист за односи со јавност и нови медиуми,

вели дека при овие известувања, треба да се запазат сите принципи на новинарството, особено во делот на заштита на идентитетот на жртвите и интегритетот на нивните семејства.

– Особено е важно да преовладува јавниот интерес во известувањето за секоја несреќа, додека, пак, секоја информација мора биде двојно проверена, точна и целосно кредибилна. Со други зборови, неопходно е медиумите да бидат целосно инволвирани и одблиску да го следат текот на истрагата за секоја несреќа, бидејќи токму јавноста што ја застапуваат медиумите е најдобар гарант дека ќе се одвива објективна, непристрасна истрага, целосно во насока на следење на законските и другите правни дејства – вели Кордалов.

Тој смета дека, главно, медиумите во континуитет покажуваат високо ниво на свест, стандарди и почитување на сите правила при известувањето за несреќи во Македонија и го посочува случајот во Тетово како пример. Но, сепак, како што вели, понекогаш се добива впечаток дека под влијание на политичките структури, дел од онлајн медиумите напред го ставаат сензационалистичкиот момент давајќи му свесно или несвесно политичка боја на известувањето во вакви кризни ситуации.

Сензационалистичкото известување при трагедии и несреќи ја подрива довербата на луѓето во институциите

На прашањето дали и институциите, информирајќи, ги запазуваат овие стандарди, Синадиновска цели дека нивните соопштенија честопати се надвор од овие високи стандарди, и тоа не ја загрижува толку, бидејќи, како што вели, тие соопштенија во професионална редакција секогаш ги обработува новинар.

– Институциите мора да внимаваат да бидат максимално транспарентни. Кога има катастрофи, мора да има постојан однос со јавноста, прес-конференции или, дури, и отворен прес-центар 24 часа за да се обезбеди институционално информирање и можност за новинарите да поставуваат прашања во име на граѓаните, меѓу другото, и за предизвикување на она што се пушта како официјален став на некоја институција. Тие официјални ставови мора да се остави простор да бидат предмет на новинарски интерес, било да се дообјаснат, поедностават или просто – да се оспорат, доколку се имаат такви новинарски индиции – вели Синадиновска.

Таа дополнува дека и да ги немаат надлежните сите одговори во првиот момент, важно е да се исправат пред јавноста и да покажат дека кон несреќата ќе се пристапи со максимална почит на јавноста и на граѓаните и на нивното елементарно право да бидат точно информирани.

Кордалов е согласен по ова прашање и вели дека институциите и во овој случај покажаа дека можат и мора да функционираат многу подобро во односот со медиумите.

bojan

– Во кризна ситуација потребно е реорганизирање во таканаречен кризен систем на информирање, кој подразбира постојано ажурирани информации за медиумите, но и непречен перманентен пристап до сите други информации. Особено важна поука за политичарите е дека не постои информација или вест во вакви околности, која треба да ја споделуваат со јавноста првенствено преку социјалните медиуми. Напротив, патот за информирање на јавноста во вакви кризни ситуации, води првенствено преку медиумите, преку ставање во нивен сервис за навремено, точно, кредибилно информирање на јавноста – посочува тој.

Кордалов двели дека сензационалистичките вести и непроверените информации за загуба на човечки животи, за несреќи и за трагедии, врз публиката, јавното мислење, како и врз семејствата на жртвите имаат несомнено негативно влијание.

– Првенствено за фамилиите и за другите блиски на жртвите, а дополнително и за емотивно обојување и поделба на јавното мислење. Секоја трагедија или несреќа е голема и непосакувана. Но, дали ќе успееме да извлечеме поуки со цел слична таква да не се повтори во иднина, во огромна мера зависи од начинот на известување, а особено од улогата на политичарите и на јавните институциите, односно од нивниот капацитет и способноста за градење партнерски однос со медиумите – вели тој.

Во однос на влијанието на сензационалистичките вести за овие случаи врз публиката, Синадиновска, пак, сподели искуство од последната трагедија, при што вели дека нејзиното сандаче било преполно со пораки од публика згрозена од начинот на информирање, со барање СЕММ да реагира за да се сопре, пред сè, ширењето на неколку крајно експлицитни фотографии на изгорени тела.

– Не само семејства или роднините, туку и граѓани беа трауматизирани. Еве, ќе цитирам порака од граѓанин: „Дали полудевме сите во државава? Има ли некој што може да ги симне овие видеа од Фејсбук и од ФБ-страниците на медиумите? Како смее да се објави нешто вакво? Со кој ум? Ова што го видов, ќе остане вечно во мене. Засекогаш. Се нема никаков респект кон починат човек. Знам дека сте новинар и веројатно ќе ги штитите колегите, но ова повредува и трауматизира“ – пренесува Синадиновска.

Таа порачува дека доколку медиумот сака да ја покаже големината на катастрофата преку фотографиите, тогаш секогаш има опција деталите да бидат покриени и, во најмала мера, да биде назначено дека станува збор за вознемирувачки видеа или слики.

naslov 2

Психологот Пачоска вели дека ваквиот начин на информирање, сериозно ја подрива довербата на луѓето во институциите.

– Особено со последните случувања на пожарот во модуларната болница, може да доведе до страв на населението да се лекува во болниците, доцна да доаѓаат на прегледи, а со тоа полесно да се доведе до состојба на проширување на заразата со ковид-19. Исто така, модуларни болници има во повеќе градови низ Македонија, и луѓето заразени со вирусот, кои се во тешка здравствена состојба, може да одбиваат да бидат хоспитализирани поради страв и чувство на загрозеност од условите на сместувањето во нив – вели таа.

Според Пачоска, најдобар начин на заштита на засегнатите лица и на населението од влијанието на овие информации, е ограничена изложеност на ваков тип информации, споделување за својата емоционална состојба со стручни лица, или кога се во поблага дестабилизација – со блиски лица, долги прошетки во природа, учење техники за намалување на анксиозноста и стресот.

Во однос на превенцијата од последиците од притисокот и изложеноста од јавноста, таа вели дека треба да се обезбеди психолошка помош и поддршка на засегнатите лица. На луѓето и на семејствата што загубиле близок од семејството да им се даде психотерапевтска помош, а на пошироката јавност, преку медиумите, да ѝ се понуди што повеќе позитивни содржини од актуелни случувања на ниво на локална заедница и на национално ниво за да почне да се враќа довербата во институциите.

Автор: Ангела Рајчевска

 

-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).