Активизам

Gtm 3

„Бехтел – Енка“ не го изгради новинарството

Спорниот договор со конзорциумот „Бехтел – Енка“ за изградба на делниците од коридорите 8 и 10Д ги стави на испит и главните медиуми во државава. Известувањето за тоа како се дојде до тоа да се сменат дузина закони на штета на граѓаните и на јавниот интерес, а во корист на конзорциумот, ја потенцираше старата болка на македонското новинарство – стихијното известување и секоја вест трае три дена. Оваа моја констатација важи, пред сè, за 2021 и 2022 година кога во суштина Владата го направи најголемиот зулум околу штетниот договор со конзорциумот, при што во оваа 2023 година веќе се гледа континуиран притисок од медиумите околу целиот процес. Но, штетата е веќе направена и веројатно е неповратна. Како известувавме за случајот? Повеќето медиуми, пред сè водечките што имаат моќ да влијаат врз јавното мислење и да ја мобилизираат јавноста, речиси секогаш реагираа пост фестум откако некоја институција (како Антикорупциска – ДКСК) или граѓанскиот сектор ќе реагираа во јавноста. Главните медиуми многу малку ја препознаа опасноста од тоа што се подготвува. Пребарувајќи на интернет што сè е објавено во македонските медиуми во периодот од 2021 до 2023 година за „Бехтел – Енка“, се гледа маргиналното и тивко нотирање на клучниот проблем, а тоа е ставањето на „Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија“ над многу други закони што се важечки во државава. Преседанот со страшната одредба во членот 3 алинеја 4 дека овој закон ќе се применува како посебен закон со кој се исклучува примената на други закони во целост или делумно, не се препозна доволно силно од медиумите. Во најкритичниот момент, по поднесувањето на Законот во Собранието, медиумите пред сè ја следеа негативната реакција на Антикорупциската комисија. Главен наратив беше што нема да има тендер за коридорите, а мал дел од медиумите ја проширија темата меѓу кои и со интервјуа со вицепремиерот Артан Груби, кој се истакна како главен промотор на овој проект. Ретки исклучоци, само неколку влијателни онлајн портали посветуваа поголемо внимание на овој случај. Сите други, ги носеше дневниот ритам и повремено некритички известуваа за Законот. Интересно е да се анализира периодот пред локалните избори во 2021 година. Веќе беше донесен Законот за стратешки партнер, имаше медиумски реакции, но тие токму во период кога можеше да се изврши притисок врз партиите, бидејќи се ултра осетливи на критики во време кога директно им се обраќаат на гласачите, едноставно потполно замреа. Ако се провери периодот од 1.9.2021 до 31.10.2021 година, само во два дена се споменува случајот. На 29.9.2021 веста е дека тогашниот премиер Зоран Заев се сретнал со претставници на компанијата. Во еден-два текста имаше критички тонови, но во другите неутрално пренесена вест. Само два месеца претходно се известуваше за опасностите од донесениот закон, но медиумите како да ја заборавија темата. Едноставно се премолчи сè. Но, молчеше и опозицијата, која не се истакна во тој период околу заштита на јавниот интерес. Во текот на 2022 година од време на време темава се јавуваше во медиумите, по што ескалираше во последниве месеци од 2023-та. Главни промотори на туркање на темава беа мал дел од медиумите, кои сериозно почнаа да истражуваат што сè се случува околу овој закон, но вистинскиот медиумски бум се случи откако се виде што сака власта да смени во законите. Но, веќе беше предоцна. А, интересно е што деновиве гледаме како претседателот Стево Пендаровски најавуваше дека ќе ги разгледа донесените закони во корист на конзорциумот и и даде надеж на јавноста дека можеби нема да ги потпише, со што ќе се вратеа во собраниска процедура. Но, во трите дена лажна надеж, никој не потсети како Пендаровскиво 2021 година експресно го потпиша Законот со кој се овозможи смената на дузината закони. (Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер е изгласан на 15 јули 2021, потпишан од Пендаровски и објавен во Службен весник на 16 јули 2021) Каде потфрливме како медиуми? Каде е проблемот зошто јавноста, ние новинарите и медиумите затаивме. Проблемот е повеќеслоен и ги опфаќа сите аспекти на медиумскиот живот. Тука влегуваат сопственичката структура и интереси, поставеноста на уредувачките политики, функционирањето на самите редакции како и проблемот со нас, новинарите. Ќе посветам внимание, пред сè, на уредувачките политики и на нашиот, новинарски однос кон обработка на темите. 1. Сопственици и конкуренција Што се однесува до интересите на сопствениците, од моето искуство можам да кажам дека ако немаат директна врска со некоја партија, со што целта им е да задржат или да сменат некого од власт, примарна цел им е профитот. И да, тоа не е спорно. Секој приватник инвестира за да има профит. Но, медиумите имаат и општествена одговорност и затоа се законски регулирани. Мора да информираат за теми од јавен интерес, особено кога станува збор за најскапата инвестиција од 1,3 милијарди евра. Затоа, клучен проблем во моментов во Македонија е што нема здрава конкуренција меѓу медиумите. Тие веќе не се борат за пазарен удел и немаат желба да бидат најгледани. Поважно е да се добијат пари од државни реклами и ако не ги добијат, негативно да се постават кон владата. Но, не се натпреваруваат меѓу себе. Статус кво. Провладините ќе си бидат провладини, опозициските опозициски, а оние што тежнеат кон некаква неутралност на крајот од денот немаат порив да се натпреваруваат бидејќи парите од рекламниот колач ќе дојдат без разлика на гледаноста и неповрзано со довербата што медиумот ја има кај граѓаните, па ќе се покријат трошоците, сопствениците ќе бидат среќни дека заработиле и толку. Значи, вистинската, пазарна конкуренција е убиена бидејќи секој си добива дел од колачот по веќе воспоставена рутина. Едноставно, како секој да си се помирил со позицијата и е задоволен од таму каде што е. Фото: freepik.cim 2. (Не)зависна уредувачка политика Ова немање натпревар меѓу сопствениците, се одразува и на уредувачките политики. Тие се устроени така да ги задоволат ситните бизнис потреби на сопствениците, но ако тие немаат политички агенди, тогаш има голем простор добар дел од вестите да се самостоен уреднички/новинарски продукт. Но, зошто би имале автохтон, уникатен и посебен уредувачки концепт кога никој тоа не го бара. Нема натпревар за гледаност. За влијание. За доверба. Нема натпревар да се биде подобар од другиот и да се заземе неговото место. Да се освои вниманието на презаситената публика која избегнува вести. И ова го гледаат новинарите, а им одговара на уредниците. Новинарите по линија на помал отпор сработуваат дневни теми, ја земаат својата доза на слава и си одат дома. Уредниците, пак, лесно поминуваат со теми што се во јавноста и не се напрегаат со сериозно осмислување на уредувачката политика и земање активно учество во обликување на големата слика. 3. Отсуство на сектори во редакциите Со ова доаѓаме до сржта на проблемот. Тоа е нефункционирањето на редакциите и немањето специјализација на новинарите. Веројатно мојата констатација за (не)функционирањето на редакциите веднаш ќе се обидат да ја побијат дел од колегите, но ќе потсетам дека одамна во информативните редакции немаме посебни секторски редакции за внатрешна политика, за надворешна, за култура, за класична црна хроника и секако нема за економија. Постоењето на ваквите редакции на чие чело се уредници што ќе ги координираат новинарите од одредените ресори во соработка со уредникот на целата информативна програма ќе помогне да се гради уредувачката политика и содржината на вестите. Спротивно на сите стереотипи дека сопствениците се тие што седат во некој ќош на телевизијата и диригираат со сè, реалноста сепак остава огромен простор за професионално и од јавен интерес формирање на изгледот на новинарскиот продукт. Фото: freepik.cim Немањето секторски редакции нè носи и до вториот проблем, а тоа е немање специјализација на новинарите и сè полошата работа на уредниците со помладите колеги што се во информативните редакции. Помладите колеги што треба да го заземат местото на поискусните и во иднина да бидат тие што ќе обучуваат колеги што го учат новинарскиот занает, се во базенот наречен информативна редакција и многу често немаат специјализација за одредени области. Со нив работат дневните уредници или директно главниот уредник, кои поради спецификата на работењето се „сештари“ и се помалку специјализирани за одредени области. Најлошо од сè, многу ретко се наоѓа помлад новинар, значи под 35 години, кој е специјализиран за известување за економија. Во нормална поставеност на редакциите, освен уредниците како креатори на содржината и на формата на вестите, преку колегиумите што би требало да функционираат и новинарите би можеле да издигнуваат одредени теми и да укажуваат кој е општиот, јавен интерес. Со меѓусебната размена на идеи би се дошло и до поголем квалитет, но и ќе се одбегне и лесното ставање под тепих на ваквите теми, посебно во период кога навистина може да се изврши притисок врз власта за да не презема штетни мерки. Заборавивме дека не е сè во рејтингот, нешто е и во довербата Во оваа длабоко закотвена „купи ден-продај“ рутина во којашто медиумите почесто ги следат агендите на политичарите, на бизнисот, уште повеќе ги засилуваме симптомите на новата дијагноза за однесувањето на публиката – избегнување да се следат вести. Тоа, впрочем, го потврди и Ројтерсовиот институт во својот последен годишен извештај во кој традиционално се испитуваат навиките на публиката и трендовите кај медиумите. Заситена од негативни вести, поларизирано информирање, популизам, драстично е намален прагот на трпение да се слушаат дебатни емисии што личат на дијалог на глуви, пренос од прес-конференции и партиски соопштенија стилизирани со „тој рече-овој рече“. Граѓаните не ни веруваат. Последната анкета на американскиот Меѓународен републикански институт (ИРИ), објавена во декември 2022, покажа дека 7 проценти од испитаниците во голема мера им веруваат на медиумите, додека 20 отсто во голема мера не им веруваат. На граѓаните им требаат корисни информации што ќе им помогнат да направат информирани одлуки: да земат евтин кредит, да имаат пониски трошоци за живот, да бидат кусо и прецизно информирани за глобалните и за домашните случувања и да отвораат прашања и теми кога е загрозен јавниот интерес. Затоа оваа незавидна положба во која се затекнати медиумите (не само кај нас, туку и глобално) е шансата за поправен испит. А тоа е да ја вратиме довербата. Но, како да дојдеме до неа? Се чини дека е дојдено времето да се вратиме на почетокот – основите на новинарството. Во овој налет на нови технологии, занес по моќни и евтини можности за продукција, се чини го изгубивме фокусот и причината за нашата улога. Затоа да си ја повториме првата лекција во новинарството: ние постоиме заради граѓаните, им се обраќаме ним, ние сме нивниот глас и професионални бранители на јавниот интерес. Автор: Горан Теменугов Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).  
Phone 23

Тикток – брзорастечки канал за ширење дезинформации

Манипулативни содржини од политички карактер, конспиративни содржини или видеа за војната во Украина се најчестите дезинформации што се објавуваат на социјалната мрежа Тикток, која на месечно ниво има околу една милијарда активни корисници и повеќе од 700 милиони објавени видеа.  Според Истражувањето на NewsGuard, речиси 20 проценти од видеата претставени како резултати од пребарувања за одредени теми на Тикток содржеле дезинформации. Комуникологот Сеад Џигал вели дека ова се должи на порастот и на популарноста на самата социјална мрежа. Поради порастот на популарноста на Тикток, сѐ поголем е напливот на дезинформации на оваа социјална мрежа од различни злонамерни чинители заинтересирани нивните дезинформации до стигнат до што поголем број корисници. Тикток е важен извор за информирање кај помладите корисници и кај нив има најизразено негативно влијание. Најчесто се поставуваат манипулативни содржини од политички карактер, конспиративни содржини или, на пример, видеа за војната во Украина, каде што преку различни техники многу често се дезинформира што навистина се случува во овој конфликт, вели тој. Платформата на која се пласираат куси видеа е застапена во 141 држава и е веќе преведена на 39 светски јазици. Од неговото лансирање во 2016 година, Тикток бил преземен околу три милијарди пати и со тоа успеа за нешто повеќе од четири години да го постигне она што на Фејсбук и на Инстаграм им требаше да го направат за 10 години. Правилата и стандардите за содржината на Тикток забрануваат дезинформации што претставуваат ризик за јавната безбедност, медицински дезинформации, дезинформации за климатските промени, опасни теории на заговор како и материјал што е уреден, споен или комбиниран (како видео и аудио) на начин што може да доведе до заблуда за настани од реалниот свет. Според Џигал, интерниот систем за заштита на дезинформации на Тикток е корисен, но далеку од совршен. Тикток, како и поголемиот дел од социјалните мрежи, има интерен систем за пријавување проблеми и злоупотреби. По проверка на пријавите, содржините можат да се отстранат или, пак, да се блокираат одредени корисници. Исто така, мрежата користи и софтверски алатки, какви што се различни алгоритми за пребарување и детектирање одредени содржини, вклучително и дезинформации. Овој систем е корисен, но е далеку од совршен затоа што може само да го намали штетниот ефект од дезинформациите, но не и целосно да ги отстрани, вели Џигал. Неговите препораки за заштита од дезинформациите, покрај наведените методи и алатки за нивно пријавување и отстранување, се едукацијата и обучувањето на корисниците да препознаваат дезинформации, да ги пријавуваат и да ги маркираат како штетни и манипулативни, бидејќи, според него, доколку се намали ефектот на дезинформациите врз корисниците, тогаш ќе се намали и мотивацијата на оние што ги објавуваат да го прават тоа и понатаму.  Џигал смета дека младите корисници се најранлива категорија поради нивните сѐ уште недооформени вештини за критичко преиспитување на информациите и на содржините на Тикток.  Убедливоста на визуелните содржини е особено моќна и за нив е многу потешко да ги препознаат манипулациите и дезинформациите затоа што за нив е реално тоа што го гледаат со своите очи, иако е сѐ полесно визуелните содржини да се уредат и да се манипулира со нив. Конечно, влијанието на нивните контакти и пријатели го олеснува ширењето на дезинформациите, затоа што ако дезинформациите им се пратени или споделени од корисници на кои им веруваат, тие некритички ги прифаќаат како вистинити, вели тој. На него се надоврзува и професор д-р Ана Фрицханд од Институт за психологија на Филозофскиот факултет при УКИМ, која вели дека причините за тоа лежат во достигнатиот степен на развој во целост, како и степенот на емоционална зрелост, потоа капацитетот за критичко мислење и филтрирање на важните од неважните (и штетни) информации, способноста да се разликуваат добри од лоши, односно правилни од погрешни постапки и однесувања, степенот на консолидираност на личниот вредносен систем, возрасниот период во кој се наоѓаат, степенот на развој на мозокот, степенот на оформеност на идентитетот и изложеноста на врснички притисок. Секој поединец се разликува од другите, а тоа е случај и со децата и адолесцентите. Во овие периоди од животот многу е важно со какви модели се идентификуваат, бидејќи се склони да го имитираат и да го повторуваат однесувањето на тие модели, кое доколку е несоодветно или насилно, може да претставува сериозен проблем. Воедно, во периодот на адолесценција интензивно се формира идентитетот и се одвива клучниот процес на индивидуализација, што само по себе претставува сериозна развојна задача што носи многу предизвици, вели таа. Фрицханд појаснува дека периодот на рана адолесценција (12, 13 и 14-годишна возраст) е познат по високиот степен на конформирање со групните барања и норми, па адолесцентите честопати не покажуваат конзистентно морално однесување.  Тоа во практика значи дека кога се во група и под влијание на врсниците, склони се да го прават тоа што сите го прават, дури и кога е во прашање однесување што авторитетите не би го одобриле и кое самите не би го манифестирале кога не би биле под будното око на врсниците. Исто така, периодот помеѓу 10-тата и 12-тата година, познат како предадолесценција, се карактеризира со значајни транзиции во развојот на мозокот и во продукцијата на хормоните на среќа (окситоцин и допамин), поради што почнуваат поинтензивно да бараат социјални награди, кои честопати се мерат преку бројот на лајкови добиени на поставените содржини на социјалните мрежи, вели д-р Фрицханд. Оттука, дополнува таа, не е исклучено да повторуваат ризични постапки (познати како „предизвици“) и да ги поставуваат онлајн за да го проценат степенот на сопствената популарност преку бројот на добиени лајкови. Притоа, според нив, колку е поголем бројот на лајкови, толку е поголема популарноста и социјалната награда. Имајќи го сето ова (и уште многу други фактори) предвид, јасно е зошто децата и адолесцентите се ранливи и полесно подложни на манипулација во интернет-просторот. Токму затоа, клучен е квалитетниот однос со родителите/старателите, исполнет со доверба, меѓусебна почит, искреност и квалитетна комуникација во насока на превенција и заштита од ризиците по психичката благосостојба, кои извираат од неселективното и несоодветно користење на социјалните мрежи и интернетот воопшто, посочува таа. Фрицханд вели дека доколку некритички и неселективно се пристапи кон прифаќање на сè што се презентира на која било социјална мрежа, тоа може да влијае штетно и негативно врз секој што ја користи. Тоа може да ги насочи размислувањата, верувањата, чувствата и ставовите кај дел од луѓето и да влијае врз одлуките што ги носат и однесувањето што го манифестираат. Притоа, колку се корисниците помлади, поради што се соочуваат со низа когнитивни ограничувања што ги носи достигнатиот степен на развој со возраста, последиците се дотолку поштетни. Кај возрасните поединци се очекува дека степенот на критичко мислење и корпусот на знаења и информации што се поседуваат е поголем, па оттука можат поподготвено да ги селектираат содржините што ги прегледуваат на социјалните мрежи и тоа што избираат да го читаат, гледаат и слушаат, вели таа. Во однос на препораките, Фрицханд вели дека треба да се да се следат проверени и релевантни извори на информации, а потоа и да се проверуваат консултирајќи повеќе и различни релевантни извори, бидејќи на тој начин ќе се изгради пообјективна информираност за темите од интерес за поединецот. Кога станува збор за помладата популација, посебно децата што се во интензивен процес на развој, со сѐ уште неоформена структура на личност и идентитет, родителите/старателите треба да обрнат внимание на тоа за која цел тие ги користат електронските уреди, колку време поминуваат пред екраните и дали и кон какви содржини пристапуваат кога се онлајн, вели таа. Фрицханд потенцира дека е особено важно децата да бидат добро информирани за негативните последици од изложеноста на содржини несоодветни за нивната возраст и за начините како да ја заштитат сопствената безбедност во интернет-просторот. Покрај ова, треба да имаат достигнато одреден степен на сознаен развој и на емоционална зрелост пред воопшто да пристапат на која било социјална мрежа.  Сето ова бара посветеност од родителите/старателите, како и нивна активна и континуирана вклученост во процесот на квалитетна комуникација со децата, преку која ќе им објасни кои се ограничувањата поставени пред нив и зошто се поставени соодветните ограничувања – смета таа. Имајќи ги предвид штетните влијанија какви што се зависност, дезинформации, безбедност, ментално здравје и заштита на податоци, апликацијата е забранета за употреба од страна на вработените во државната администрација во 34 (од 50) земји во САД како и во повеќе држави во Европа. Во мај 2023 година, Монтана стана првата држава што го забрани Тикток на сите лични уреди во државата.  Автор: Ангела Рајчевска   Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Cover Regional Doc

Регионални документарни филмови за медиуми и за новинарство што мора да ги гледате: Што е добар документарец?

Филмскиот теоретичар Бил Николс пишува за шест вида документарни филмови – поетски, толкувачки, рефлексивни, набљудувачки, перформативни и партиципативни – секој со свои разнолики карактеристики. Станува збор за начинот на кој ја раскажуваш приказната. Пишува: Мирза Ајнаџиќ Поетскиот документарец говори првенствено преку визуализации, со малку или без интервјуа и без нарација. Со други зборови, товарот паѓа на директорот на фотографија, кој треба да создаде впечатливи слики способни самите да ја раскажат приказната. Рефлексивниот документарец креира директна врска меѓу режисерот и публиката, во кој режисерот зазема улога во самиот филм. Веројатно еден од првите и сè уште најдобрите рефлексивни документарци е филмот на Џига Ветров „Човек со филмска камера“ од 1929 година. Набљудувачките документарни филмови се донекаде слични на поетските во тоа што и двата вида се, пред сè, фокусирани на детално набљудување, во кои камерата доминира со долги сцени. Кај перформативните документарци режисерот го претвора филмот во забавна претстава. Авторот често има близок, личен интерес во темата и затоа во ваквите филмови се искажани многу силни мислења. Партиципативниот вид е кога режисерот учествува во приказната наместо да ја набљудува. Режисерите се пред камерата и поставуваат прашања. Не влијаат врз темата, но ја кажуваат својата верзија на вистината или како гледаат на неа. Најдобрите примери се филмовите на Луис Теро, британско-американски документарист и новинар. Најчестиот вид документарен филм е толкувачкиот. Ваквите филмови едуцираат или објаснуваат одредени проблеми, трендови или настани. Во нив се прикажуваат интервјуа, нарација, различни видови архивски материјали, визуализирани податоци... сè со цел темата да ѝ биде појасна на публиката. Повеќето документарни филмови што ќе ги споменам овде спаѓаат во овој вид. Да разјаснам, барав документарни филмови за новинари, а не нужно направени од новинари. Значи, темите што ги опфаќаат филмовите што ги издвоив овде се: работата на новинарите, тешкотиите со кои се соочуваат, приказните што ги проследуваат. „ОДГОВОРНОСТ“ – улогата на медиумите и на новинарството во ширењето пропаганда „Архител продукција“ од Србија е основана во 1993 година, оставајќи печат најпрво со серијата „Слики и зборови на омраза“. Нивната главна цел е да се борат против цензура и злоупотребата на медиумите при справувањето со минатото. Едночасовниот филм „Одговорност“ од 2022 година, напишан од Ивана Лалиќ и режиран од Горан Ковачиќ, покажува како медиумите беа употребувани како алатки за пропаганда во деведесеттите години на минатиот век во Србија. Се состои од интервјуа со новинари и од архивски снимки за медиуми, монтажери и новинари што тогаш биле дел од машинеријата за ширење пропаганда. „Одговорност“ е класичен наративен толкувачки ТВ документарен филм, кој ги објаснува проблемите и ја едуцира јавноста, во случајов како и зошто медиумските професионалци завршуваат како алатки за пропаганда. Филмот употребува едноставен, но веројатно најуспешниот метод за раскажување на ваквите приказни: наративот го носат серија интервјуа на луѓе што говорат директно во камерата. „СИЛА ВРЗ СЕДМАТА – СЛУЧАЈОТ ВО ЦРНА ГОРА“ – „Во основа – мрачна слика за атмосферата во која на медиумите не им е дозволено да работат слободно и да ја имаат можноста да ја коригираат власта и да бидат еден од столбовите на демократијата“ – цитат на нараторот во документарецот. Продуциран во 2018 година, „Сила врз седмата – случајот во Црна Гора“ е едночасовен документарен филм за напади врз новинарите. Ја доловува мрачната слика на општество во кое истражувачкото новинарство има цена. Во филмот има новинари од цела Црна Гора, кои известувале за случаи со корупција и биле нападнати, а во некои случаи и убиени поради тоа. Она што ја прави атмосферата во филмот уште помрачна е тоа што ниеден од случаите не е разрешен од полицијата, обвинителите и од судиите. Тоа што криминалните случаи врз новинари поминуваат неказнето, велат авторите, води кон повеќе напади врз нивните колеги и оттука се поставува и прашањето: дали надлежните органи се соучесници во овие напади? Овој наративен документарец користи интервјуа, архивски снимки и одглумени сцени како инсерти. „ОПАСНА МРЕЖА“ – „65 % од онлајн нападите кон новинарите се против новинарки“ – цитат од документарецот Овој 12-минутен документарен филм „Опасна мрежа“ од РС Македонија е за онлајн нападите кон новинарките. Се темели на истражување направено од ПИНА (Платформа за истражувачко новинарство и анализи). Документарецот балансира помеѓу видеорепортажа, филм и промотивно видео. Авторите користеа компјутерско-генерирани слики (CGI), интервјуа и инсерти од секојдневниот живот на учесничките, што придонесува за филмското искуство. „JUNK FOLDER“/ТОВАРОТ НА ИСКУСТВОТО/ЦЕНАТА НА ВИСТИНАТА – серија документарни филмови во продукција на СЕЕНПМ и Медиацентар Сараево Овие три документарни филмови се во продукција на СЕЕНПМ и Медиацентар како дел од проектот „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“. „Junk Folder“, режиран од Ален Симиќ, беше емитуван за првпат во септември 2021. Филмот ја раскажува приказната за лажните вести што влијаеја врз Западен Балкан во последниве години. Овој 30-минутен филм нуди свеж стил на раскажување. Авторите употребија многу добро осмислени компјутерско-генерирани слики како инсерти за да создадат огромно стовариште за отпад, според мене, сугерирајќи дека е тоа вистинското место за лажните вести. Особено впечатлива беше сцената со гулаби што се хранат на стовариште за отпад – повторно паметно раскажување што опишува општество што „јаде тоа што му се сервира“ иако е отпад. Одличните интервјуа исто така му помогнаа на Симиќ да направи забавен документарец за оваа важна, но не и вродено филмска, тема. „Товарот на искуството“, режиран од Сабрина Чориќ, беше објавен во Ноември 2022. Судејќи по раскажувањето, визуализациите и режијата, овој филм, според мене, е најдобриот од сите споменати. Ја раскажува приказната за три новинарки од Босна, Косово и од Србија на многу едноставен начин. Заснован е на разговор во поткаст студио помеѓу трите протагонистки. Тие разговараат за заканите со кои се соочуваат секојдневно поради работата и како тоа им влијае врз секојдневниот живот, важна тема раскажана на едноставен, но ефикасен начин. „Цената на вистината“ е последниот документарен филм во серијалот, објавен онлајн овој февруари. Се фокусира на напади врз новинари во Србија. „Во центарот на вниманието се новинарот Милан Јовановиќ, кој ја изгуби куќата при подметнат пожар, Владимир Митриќ, кој живее под полициска заштита веќе 18 години, и истражувачката новинарка Јелена Зориќ“ – се вели во синопсисот на филмот. Филмот започнува со наративно сведоштво на Милан Јовановиќ додека гледачите ги сведочат визуелните последици од нападот врз него и сопругата при подметнатиот пожар. Потоа следува приказната на новинарот Владимир Митриќ, кој живее под полициска заштита, и истражувачката новинарка Јелена Зориќ. Секоја од приказните може да биде документарен филм сама по себе, што донекаде и го посакував. Како и да е, добро се дополнуваат една со друга и создаваат еден документарец со добро визуелно раскажување од авторката Валентина Делиќ и затоа мора да се погледне. Она што ги прави овие три документарци интересни е синергијата помеѓу граѓанските организации фокусирани на медиумите, кои очигледно се заземаат за важни општествени проблеми, и филмските продуценти и режисери, чиј интерес е секако филмската страна на нештата. Види кратка видеокомпилација од сите документарни филмови од списокот овде. (Предупредување: Следново видео содржи сцени што може да бидат вознемирувачки!) НАМЕСТО ЗАКЛУЧОК Новинарството и документарните филмови имаат многу заеднички нешта. Двете бараат приказни вредни за раскажување, особено оние што мора да се кажат. Трендот кај новинарите и кај медиумите да продуцираат документарни филмови за да раскажат приказна, расте. Новинарите вообичаено тешко се снаоѓаат со концептот „покажи, не објаснувај“, техника на филмското раскажување што се заснова првенствено на визуелни содржини. Она што можеби недостасува кај документарните филмови направени од новинари и од медиуми во регионот е свежиот пристап во визуелното раскажување. Тоа сепак не значи дека нема место за едноставен, наративен толкувачки документарец – некогаш е тоа најдобриот начин да се раскаже одредена приказна. Начинот на кој одбираме да ја раскажеме приказната некогаш е еднакво важен колку и самата приказна. Само погледнете го филмот од 2018 година „Валцер со Башир“ од Ари Форман. Станува збор за анимиран документарен филм во кој режисерот ги интервјуира своите пријатели воени ветерани за да ги пополни дупките во сеќавањето од настаните во Либан во 1982 година. Приказната би била интересна како и да е, но начинот на кој е раскажана го направи филмот одличен. Ако сте во искушение да помислите дека на филмовите за новинарство или на новинарските филмови им недостасува драма, тогаш гледајте го романскиот документарец од 2019 година „Колектив“ од Александар Нанау. Исто така, често се развиваат нови пристапи во снимањето филмови. Ја земаш камерата или мобилниот телефон и снимаш нешто што мислиш дека може да е добра приказна раскажана од твоја перспектива и потфатот може да прерасне во одличен филм, како што е „Камерман“ од Кирстен Џонсон од 2016-та, или дури и одличен колку и „За Сама“ од Ваад ал-Катаеб од 2019 година.   Финансирано од Европската Унија Регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, се имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет. Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржина на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.  
Cover Fighting A Flood Eb

Справување со напливот на дезинформации во Западен Балкан

Со цел да го намалат влијанието на дезинформациите, граѓанските организации од регионот работат на зајакнување на медиумската писменост помеѓу старите и младите. Без разлика каде во Западен Балкан живееш, изложен си на голем број дезинформации, кои може да влијаат врз твоето мислење во однос на здравјето, политиката и јавната безбедност. Исто како и секаде низ светот, за време на пандемијата со ковид-19 граѓаните секојдневно мораа да се соочуваат со дезинформации. Во еден таков случај, информација заснована на фотографија со мртви тела што беше погрешно претставена дека е направена во италијанска болница, придонесе Дијана Тигањ, 27-годишна професорка во средно училиште во Црна Гора, да се чувствува анксиозно. Подоцна се обелодени дека фотографијата не била направена во болница, ниту, пак, за време на пандемијата со ковид-19. Но, како и да е, на почетокот Дијана веруваше дека информацијата е вистинска. „Во мојот случај, информацијата предизвика паника што беше ограничена на ковид-19. Веднаш ги редуцирав социјалните контакти, опсесивно прскав со алкохолен спреј и особено бев загрижена за постарите состанари. Не излегував од дома освен кога беше апсолутно неопходно“, вели Дијана. Пред неколку години во соседна Србија, 27-годишната младинска работничка Гордана Адамов се посомнева во изворот на фотографија што ги поврзуваше смртните случаи кај птици со 5G мрежата во Србија. Тогаш за првпат Гордана ја искористи техниката за обратно пребарување фотографии (reverse image search) за да го најде оригиналниот извор на фотографијата. „Мислам дека тоа беше првиот пат кога почувствував потреба да го најдам оригиналниот извор и да ги предупредам луѓето што ги споделуваа лажните информации во групи дека станува збор за дезинформација.“ Лажните и неточните известувања се особено опасни ако дополнително ги побудуваат омразата и раздорот, особено во етнички поделени општества. Во Косово, граѓаните неодамна беа изложени на интензивни кампањи на дезинформации во врска со растечките тензии на северот на земјата. Минатиот ноември, кога беше запален автомобил со српски регистарски таблички, некои косовски медиуми објавија дека уапсениот осомничен е поранешен граѓанин на Косово. Овие информации се покажаа како неточни откако косовската полиција потврди дека сопственикот на возилото и осомничениот биле соседи. Двајцата биле косовски државјани со албанско етничко потекло и најверојатно мотивот е личен конфликт. Леонита Морина (24) од Приштина, проектен асистент во консултантско друштво, преку обезбедување информации од различни извори, откри дека мотивот воопшто не бил на етничка основа. „Сфатив дека станува збор за дезинформации бидејќи некои други медиуми и професионалци нè предупредија дека дезинформации и лажни вести поврзани со ситуацијата на северот на Косово брзо се шират.“ Одговорот на граѓанските организации – справување со дезинформации преку едукација, истражување, уметност и игри Експертите од „Hibrid.info“, платформа за проверка на факти од Косово, веруваат дека без промоција на медиумска и дигитална писменост, справувањето со дезинформациите е неопфатно. За да се подигне степенот на критичко и аналитичко размислување на граѓаните, тие ја креираа „Checkos“ – онлајн алатка за учење врз основа на неколку типови дигитални квизови. Потфатот е едноставен – корисниците на „Checkos“ читаат статии со проблематична содржина, а потоа решаваат квиз составен од прашања за релевантноста на фактите, веродостојноста на изворите и структурата на статијата. По комплетирањето на прашалникот, системот автоматски ги генерира резултатите од квизот и го покажува степенот на медиумската писменост на корисниците. Алатката е моментално недостапна поради недостиг на финансиски ресурси, но од „Hibrid.info“ се надеваат да ја пуштат во употреба во поусовршена верзија. Додека да се случи тоа, продолжуваат да објавуваат статии за проверка на факти и медиумска писменост, како и истражувачки извештаи за дезинформации. „Ако публиката е едуцирана да ги процени информациите на кои наидува во дигиталната сфера, ефектот на содржината на мисинформациите ќе биде многу помал“, истакнуваат експертите од „Hibrid.info“. Фотографија: Илустрација креирана во рамките на проектот „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“, соработка меѓу „Kosovo 2.0“ и Ариф МухаремДруга организација од Косово, на интересен начин, преку илустрации како форма на уметничко изразување, се справува со проблемот на дезинформации и со други предизвици со кои се соочува модерното новинарство, како што е недостатокот на независност. Како дел од регионалниот проект „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“, што се спроведуваше во шест земји од Западен Балкан и во Турција, „Kosovo 2.0“ креираше серија иронични илустрации земајќи го предвид отпорот на граѓаните кон многу загрижувачки аспекти на денешните медиуми. Фотографија: Еден од победнички постери на кој пишува: Посвети време да ги провериш фактите и побарај ги изворите на информации. НЕ ЗЕМАЈ СÈ ШТО ТИ СЕ НУДИ ЗДРАВО ЗА ГОТОВО. Самиот си одговорен за информациите што ги консумираш.Во Албанија, една од највлијателните граѓански организации чиј фокус на интерес е развојот на медиумите, Албанскиот медиумски институт (АМИ) ги здружи силите со младите за да го зајакне отпорот на општеството кон проблематичните медиумски содржини. На почетокот на минатата година АМИ покани поединци на возраст од 18 до 30 години да учествуваат во натпревар за најдобар дизајн на постер за медиумска и информациска писменост. Беа поднесени 22 апликации, кои конкурираа за една од трите парични награди. Победничките постери беа промовирани онлајн и наскоро ќе бидат доставени до универзитетите низ Албанија.АМИ исто така отвори Блог за студенти и медиумска писменост каде што се објавуваат текстови на различни теми напишани од албански студенти. Некои од текстовите го анализираа проблематичното медиумско известување како и важноста на медиумската писменост за младите, додека други се осврнаа на лични гледишта за студентските искуства поврзани со различни медиумски трендови. Блогот опфаќа теми какви што се медиумски стории поврзани со ковид-19, недовербата во науката, практични совети за идентификување дезинформации и друго. Во Србија, Новосадската новинарска школа (ННШ) одлучи да се справи со дезинформациите преку креирање игра на отворено за граѓаните на Нови Сад. Инсталацијата со големина 10 на 10 метри во форма на лавиринт беше поставена на позната локација во градот, со цел да ги привлече граѓаните да влезат внатре и да го тестираат своето знаење за дезинформациите. Фотографија: Медиумски лавиринтНадворешните ѕидови на инсталацијата, илустрирани со делата на уметникот Оли Попинс, на хумористичен начин ги отсликуваа комуникациските замки какви што се апофенија, псевдонаука или „deepfake“, додека посетителите го тестираа своето знаење во лавиринтот. Играта беше заснована на шест различни задачи, при што точниот одговор води до следната задача, а неточниот до ќорсокак. Во периодот додека беше поставена инсталацијата, секојдневно во просек влегуваа по 50 луѓе во лавиринтот, вклучувајќи и деца што ја сметаа инсталацијата како извор на забава. „Повеќето посетители имаа позитивни коментари за иновативниот пристап и за дизајнот што таргетираше различни техники на медиумска манипулација преку хумористични стрипови. Сепак, некои луѓе ѝ нанесуваа штети на инсталацијата, па често моравме да поправаме некои делови“, вели Марина Грња од ННШ. Идејата зад инсталацијата беше да се употреби иновативен и интерактивен пристап за да се доближат различни теми на медиумска манипулација и дезинформации на разноликата јавност и да се прати порака дека „само вистинските и точните информации водат до излез од лавиринтот“, нагласува Грња. Откако посветија голем дел од работата на полето на медиумската писменост кај деца и млади, од Институтот за медиуми на Црна Гора (ИМЦГ) сфатија дека треба повеќе да се фокусираат на возрасните, кои ниту учеле за ова на училиште ниту, пак, развиле навики преку неформално учење низ животот. Во изминатите две години, користејќи наставна програма од ИРЕКС, ИМЦГ ги учи граѓаните да станат обучувачи за медиумска писменост и да организираат работилници за пошироката јавност. Обучувачите имаат четиридневна обука, а потоа одржуваат еднодневна работилница со интеракција и со практични вежби. Фотографија: Учесници за време на работилницата организирана од ИМЦГ„Граѓаните беа толку заинтересирани за програмата, што ги надмина сите наши очекувања“, рече Дина Бајрамспахиќ од ИМЦГ. На работилниците се опфатени многу важни, но често запоставени теми во јавниот дискурс на Црна Гора: медиумски стандарди, лажни вести и дезинформации, апликации и алгоритми, социјални медиуми и нивните предизвици.„40 обучувачи одржаа работилници на кои беа присутни повеќе од 600 граѓани, што е голем број за ваков тип настани во Црна Гора“, објаснува Бајрамспахиќ. Таа верува дека бројката ќе биде уште поголема затоа што проектот има потенцијал за самоодржливост. „Во овој момент веќе имаме група луѓе што можат да ја имплементираат програмата надвор од рамките на проектот. Тоа е нешто што го охрабруваме, а тие го прават.“ Фотографија: ШТО СЕ ШТЕТНИ НАРАТИВИ ЗА КАНДИДАТКИТЕ? Содржини што ги дискредитираат кандидатките врз основа на родот и општествено конструираните родови улоги се пласираат во медиумите, со цел да го дискредитираат знаењето, искуството, вештините, веродостојноста и правото на жените да учествуваат во политикатаВо Босна и Херцеговина, Медиацентар Сараево правеше мониторинг на различни типови штетни наративи, вклучително и дезинформации, кои се ширеа за политичарките низ медиумите и социјалните мрежи за време на изборната кампања во 2022 година. Мониторингот се фокусираше на прашањето како родот и родовите улоги се користат во изборната кампања и како штетните наративи што се однесуваат на кандидатките може да влијаат врз изборниот процес.Опасноста од таквите наративи не е само во дезинформациите и во манипулацијата на гласачите и одвраќањето внимание од сериозните политички проблеми, туку и во нормализацијата на вербалното насилство врз жените во јавниот свет, објаснуваат експертите во Медиацентар. „Ова има неизмерни, долгорочни последици врз позицијата на жените во општеството и е чекор наназад во борбата против родово базираното насилство“ вели Маида Муминовиќ од Медиацентар Сараево. Опсежен аналитички извештај за штетните наративи направен врз основа на неколкумесечно истражување ќе биде објавен наскоро. Во меѓувреме, Медиацентар Сараево ги прикажува главните резултати од истражувањето во форма на инфографици на своите социјални мрежи. Фотографија: Изложба Стаклена соба во Скопје, МИМВо РС Македонија, Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Делегацијата на Европската Унија, во соработка со организацијата „Тактикал тек“ (Tactical Tech) од Берлин, ја организираа изложбата „Стаклена соба – погрешни информации и манипулации на интернет“. Изложбата оригинално беше развиена и поставена од „Тактикал тек“, а потоа беше организирана во многу други земји низ светот. За време на изложбата, на посетителите им беше дистрибуирано Упатство за детоксикација од податоци, кое нуди практични совети за користење на технологијата на паметен и одговорен начин. „Покрај изложбата, организираме и неколку интерактивни работилници за возрасни и за млади, кои опфаќаат теми поврзани со Упатството за детоксикација од податоци“, вели Ивона Василова од МИМ. Стаклена соба испитува различни видови мисинформации и ги учи посетителите да препознаат проблематични содржини. Дизајнирана е како инсталација за самоучење, што се состои од серија постери, интерактивни апликации и анимации, и може да биде поставена на јавни или на приватни места, или да биде посетена онлајн. Изложбата „Погрешни информации и манипулации на интернет“ е преведена на 27 различни јазици, а содржините се достапни на официјалниот веб-сајт на Стаклена соба. Од поставувањето во 2020 година, „Стаклена соба – погрешни информации и манипулации на интернет“ ја посетија повеќе од 30.000 посетители низ цела Европа и стигна до стотици илјади луѓе онлајн. Во РС Македонија, стотици луѓе ја посетија изложбата во Европската куќа во Скопје (Europe House Skopje). Следните дестинации за изложбата во РС Македонија се градовите Крива Паланка и Струмица. Автор: Хилма Ункиќ Финансирано од Европската Унија Регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, се имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет. Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржина на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.
Journ 1

2023 - (Без)надежна година за новинарството

Институтот Ројтерс за новинарски студии неодамна ги објави резултатите од своето глобално истражување на тема Новинарството, медиумите и технолошките трендови и предвидувања за 2023 година. Во истражувањето учествувале 303 лица на раководни позиции во медиуми, од 53 држави во светот. Кои се главните трендови што (ќе) ја карактеризираат новинската индустрија и каков е хоризонтот на можности?  Ова е, всушност, клучното прашање во центарот на годишниот извештај, чијшто автор е истражувачот Ник Њуман.  Изненадувачки, а можеби и не, е сознанието дека меѓу раководството на голем број медиуми на глобално ниво не постои голема надеж или оптимизам околу состојбите во индустријата. Резултатите упатуваат на тоа дека следува година на сè поголема загриженост околу одржливоста на медиумите во услови на неконтролирана инфлација и голем притисок врз потрошувачката во домаќинствата. Руската инвазија на Украина, сè подеструктивното влијание на глобалното затоплување и последиците од пандемијата на ковид, предизвикаа страв и неизвесност кај многу луѓе. Сè  почестото присуство на „мрачни“ и депресивни вести на медиумската агенда продолжи да ја оддалечува публиката. Дали ова ќе биде година кога издавачите ќе треба да ја преиспитаат својата понуда, со надеж дека ќе се справат со губењето на публиката? Технологија, социјални мрежи, виртуелни реалности – има ли простор за новинарството? Медиумите кои што сè уште не ја прифатиле дигитализацијата во целост ќе се најдат во сериозно неповолна положба. Очекувањата на публиката постојано се менуваат. Токму тоа е една од причините редакциите да размислуваат околу начинот на трансформација на дигиталните содржини за да одговорат соодветно на побарувачката. Фото: freepik.com Но, тоа нема да биде предизвик само за медиумите. Со притисок ќе се соочат и големите технолошки компании, и тоа не само поради економскиот пад. Фејсбук и Твитер веќе се борат за да ја задржат публиката, особено имајќи предвид дека помладите генерации веќе се селат кон нови мрежи, како што е ТикТок. Медиумскиот аналитичар Томас Баекдал смета дека медиумите сега многу повеќе треба да се фокусираат на своето функционирање во околности кога социјалните мрежи не се она што беа и сè повеќе се дистанцираат од новинарите. Но, има и еден позитивен аспект во тоа. Според Баекдал социјалните мрежи никогаш не ни донеле некоја вистинска корист за медиумите, со исклучок на поголемиот „сообраќај“, но по цена на ерозијата на лојалноста и намалување на квалитетот на содржините. Во меѓувреме, следниот бран на технички иновации веќе пристигна. Извонредниот напредок на вештачката интелигенција во 2022 година создаде непосредни можности и предизвици за новинарството. Како резултат на тоа издавачите имаат можност да „испорачуваат“ поголем обем на лични информации и да нудат повеќе формати, за да (си) помогнат во адресирањето на фрагментацијата на различните канали. Виртуелната реалност со себе, пак, донесе една нова форма на новинарство што го менува начинот на кој ги консумираме вестите. Таквото новинарството се покажа како особено корисно за покривање теми кои се премногу опасни за лично снимање или, пак, за да се обезбеди нова перспектива за некој настан. Но, и ваквите технологии со себе носат етички прашања. Освен тоа, новинарите неретко се загрижени дека публиката недоволно верува на она што го гледа. Во ера на големи ограничувања за информативната индустрија, според професорот по медиуми и комуникации на Лондонската школа за економија Чарли Бекет, тешко е да се најде време, вештини и ресурси за истражување и имплементација на решенија за вештачка интелигенција. Но, тие сè повеќе земаат замав и барем не мора да се почнува од нула. Сè повеќе редакции користат вештачка интелигенција за борба против лажните вести и говорот на омраза, но и за персонализирање на уредувачките услуги. И покрај релативната сложеност на пишувањето текстови или уредувањето видео и аудио-прилози, напредокот во управувањето со метаподатоците, како и во генерирањето текст и слики упатува на тоа дека алгоритмите стануваат покреативни, поточни и посигурни. Бекет смета дека 2023 година со себе носи огромни промени во обемот на „синтетичка“ медиумска продукција. Според неговите прогнози, поголемите медиуми значително ќе креираат содржини создадени од машини. Доцент доктор Роб Лејтон од Универзитетот Бонд во Австралија смета дека во 2023 камерите на ‘смарт’ телефоните ќе продолжат да ги надминуваат традиционалните камери преку различни иновации, а сè повеќе новинари ќе се потпираат на нив за видео - раскажување. Како да се „врати“ публиката? Според професорот Ортен Сковсгард од Универзитетот во Јужна Данска избегнувањето на вести е проблем за медиумите, но и за демократијата во целост. За него некои од можните решенија се конструктивните, аргументираните и транспарентните вести. Конструктивното новинарство се здоби со актуелност во последниве години. На пример, во Данска неколку медиуми воведоа т.н. конструктивни вести во одредени програми. Идејата зад таквите вести е да се адресираат не само проблемите и недостатоците, туку и решенијата и позитивните примери, кои можат да дадат поттик околу справувањето со проблемите во секојдневието. Некои медиуми, пак, почнуваат да го „компензираат“ растечкото незадоволство од вестите со кратки, објаснувачки содржини (на пример, видеа), формати од типот „прашање, одговор“ и инспиративни стории. За голем број издавачи иновативноста е во продукцијата на што повеќе подкасти и дигитално аудио, електронски билтени, итн. Фото: freepik.com Глобалните трендови покажуваат дека успешните медиуми нудат силна поврзаност и вклученост на публиката. Меѓу моделите за коишто се размислува се и оние според коишто новинарството треба да е во „служба“ на граѓаните, наместо редакциите да се тие што ќе одлучуваат во нивно име. Второ, вистинско да се запоознае публиката онаму каде што се наоѓа во моментот, односно на платформите каде што избира да ги добива своите вести. Трето, и можеби од критично значење, е медиумите да се фокусираат на широкиот спектар на различни публики, признавајќи ги историските недоследности во однос на недоволното ‘служење’ во интерес на сите заедници. Впрочем, медиумите, а не граѓаните, се тие коишто се одговорни да ги создадат таквите врски и да се појават пред публиката, претставувајќи ги нивните  приказни и искуства. На тој начин новинарските продукти „се освежуваат“ со размислувања на публиката, а така и се придобива нејзината лојалност. Ова е особено важно во контекст на локалното новинарство. Факт е дека локалните медиуми се најнарушениот медиумски сектор, на кој најитно му е потребна помош, но е и сектор со најголем потенцијал да ја формира основата за нов, посилен, медиумски екосистем. Дигиталната транзиција сè повеќе обезбедува солидни можности за градење одржливи медиуми кои подобро ќе им служат на локалните заедници. Со или без акцент врз технологијата, несомнена е потребата да се размислува за излез од кризата, која што не само што ги подели медиумите, туку и нивната публика. И, што е најважно, клучот за управување со трансформацијата е максимално зголемување на бројот на млади луѓе коишто ќе бидат „опремени“ со веродостојни извори на вести и информации. Голем број проекти и програми на глобално ниво покажаа што сè е потребно за да им се  помогне на луѓето, а особено на помладите генерации, за да се справат со „мочуриштето од дезинформации и манипулативни информации“. Целта е таквите напори да се зголемат, со што ќе се подготват генерации кои ќе размислуваат низ призма на факти, наука, основни истражувачки вештини и, пред сè, со фундаментален отпор кон тоа да бидат измамени. Автор: д-р Марина Тунева Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.
Woman Writing

Еден новинар еден сектор: Порано беше практика, денес луксуз

Практиката еден новинар да биде задолжен за една област или институција постоеше со години. Не беше тешко да се забележи дека новинарските текстови што ги пишуваа секторските новинари беа поиздржани и посуштински. Зошто секторското новинарство денес воопшто или ретко се практикува? Прва работна недела во весникот „Дневник“, еден од сега веќе непостоечките дневни весници во земјава. Зад влезната врата што води до новинарскиот „океан“, залепен е голем лист хартија што не може, a да не го забележи секој што влегува во големата просторија. На него се напишани рубрики и институции, а до нив и низа имиња на новинари. Натали, Жана, Љубица, Игор… Пред секое име е напишано името на институцијата и броеви на телефони. Подоцна дознавме дека ова се имињата на новинарите што покриваат соодветни области какви што се правосудство, надворешна политика, здравство, одбрана и слично. Речиси сите поискусни новинари имаа свој сектор и своја институција за која беа задолжени. Не можеше кој било во редакцијата да напише што било за соодветните области без знаење, консултација и без „амин“ од овие новинари. Тие бие „институцијата“ во областа што ја покриваа. Ги следеа сите законски измени, беа во тек со кадровските промени во овие институции, имаа изградено мрежа на извори во овие институции од кои редовно се брифираа. Беа детално информирани за измените во буџетите, за стратегиските планови, планови за јавни набавки во соодветните институции и слично. Речиси секој ден имаше приказни и анализи од секој од овие сектори. Само за илустрација, кога станува збор, пак, за покривање на градската рубрика, имаше и новинари што следеа одредена општина – еден новинар беше задолжен за Центар, друг за Аеродром и така натаму. Дотаму се одеше со поделбата на секторите и на институциите, со цел потемелно да се известува за нив. Слично беше во редакциите што покриваат економија или политика, па дури и култура и спорт. Секој новинар имаше во рамките на секторот, свој потсектор. Новинарство без сектори Практиката еден новинар да биде задолжен за една област или институција постоеше со години. Не беше тешко да се забележи дека новинарските текстови што ги пишуваа секторските новинари беа поиздржани и посуштински. Тие полесно се справуваа и со секој евентуален конфликт/реакција со одредена институција или личност од таа институција, која имаше нешто да искоментира за некој објавен текст. Практиката на секторско новинарство не беше случај само во печатените медиуми. Тоа се применуваше и во телевизиите и во радијата. Новинарите од ист сектор редовно комуницираа меѓу себе и редовно се гледаа на настани во истите институции притоа разменувајќи информации и искуства, а сѐ во функција на поголема информираност на јавноста преку подобри новинарски производи. Ваквата новинарска специјализација речиси исчезна низ годините. Кризата во медиумите создаде и криза во самата структура на работните организации. Голем дел од медиумите останаа со помалку вработени, имаат повеќе работа, а помалку време. За жал, во многу медиуми стана луксуз да се ангажираат новинари што се специјализирани за покривање одредена област. Она што, за жал, прво се случи беше кратење на секторите. Помалку новинари во редакциите, помалку сектори за покривање. Па, така, во многу редакции први беа елиминирани секторите како образование, култура, екологија, градска рубрика и слично. Не дека не се пишуваше/известуваше за нив, но тоа секако беше помалку застапено и со послаб квалитет. Некои поискусни новинари останаа доследни на своите сектори, но во најголем дел од медиумите полека, но сигурно исчезнуваа новинарите што ги покриваа овие и други специфични теми/области. Помладите генерации новинари, и да сакаат, тешко дека денес имаат можност и шанса за некаква специјализација во одредена област/сектор. Тоа подразбира и посета на тренинзи, обуки, семинари, работилници, во земјава и во странство. Повторно би рекол, луксуз за многу медиуми во денешно време. Во најголем број случаи, новинарите во денешно време пишуваат и известуваат за повеќе различни области во текот на еден ден. Скокањето од една тема на друга е најизразено во онлајн медиумите каде што и речиси не постои никаква поделба по сектори. Зошто специјализацијата и фокусот на еден сектор се важни? Новинарите што се специјализирани во одредена област вообичаено пофокусирано и поангажирано се посветуваат на покривање на секторот. Нивните новинарски производи вообичаено се далеку поиздржани и поаналитични отколку на новинарот што инцидентно ја покрива таа област. Тие новинари стануваат препознатливи и во рамките на самите институции како новинари што се задолжени за тој сектор. На тој начин многу полесно и побрзо доаѓаат до информации и до извори, а со тоа и до идеи за приказни. Истовремено, проверката на информациите за овие новинари е побрза за разлика од некој што не го покрива тој сектор. Логично е тие да се снајдат побрзо и поефикасно со тема што добро ја владеат отколку некој кому областа му е потполно непозната. Со цел да бидат во тек со настаните, секторските новинари редовно се брифираат и одржуваат контакти со изворите што ги имаат во соодветните институции. Тие релации не се градат преку ноќ, но може да се изгубат преку ноќ, ако не се внимава. Во време на пандемијата од ковид-19, новинарите чиј сектор е здравството многу побрзо и поефикасно доаѓаа до информации, до извори за одредени теми, до соговорници и слично. Истовремено, можноста ненамерно, од незнаење, да објават дезинформација поврзана со коронавирусот и вакцинацијата е далеку помала отколку кај новинарите што никогаш не известувале на тема здравство. Секторските новинари подобро ја разбираат и специфичната терминологија во областа што ја покриваат. Сите сме сведоци на изјавите на лекарите кога станува збор за објаснување на некоја повреда или нешто слично. За дел од тие изјави буквално ви треба преведувач за да ги разберете, но новинарите што покриваат здравство, добро се снаоѓаат дури и со оваа специфична терминологија. Слично е и со друга област – правосудство и полиција. Добро знаеме дека судиите, обвинителите, адвокатите, па и припадниците на полицијата имаат специфична терминологија, па ако некој не ја разбира, лесно може да направи грешка не правејќи разлика помеѓу кривична пријава, обвинителен акт или обвинителен предлог. Постојано учење За новинарите велат дека се универзални незнајковци, кои знаат за многу работи по нешто, а на крајот на шега се вели дека не знаат ништо. Многу често оние што се надвор од новинарската професија, им замеруваат на новинарите дека поставуваат глупави прашања не знаејќи дека во природата на новинарската работа е новинарите понекогаш да глумат дека не знаат нешто, со цел да ги постават и наједноставните прашања за да дојдат до конкретен одговор од институциите. Но, за да можат новинарите дури и на наједноставен начин да поставуваат суштински прашања, тие сепак мора добро да ја знаат проблематиката/темата/областа. Ова подразбира дека новинарите никогаш не треба да престанат да учат и постојано мора да посетуваат обуки и тренинзи, без разлика на искуството. За жал, поразително е што многумина сопственици, па и уредници, немаат разбирање за важноста на новинарската едукација и посетата на тренинзите/обуките. Сметаат дека тоа е „екскурзија“ за новинарите и бегање од работните обврски. Напротив, тоа е вложување не само во конкретниот новинар туку и во медиумот. Секторското новинарство и специјализацијата на новинарите се важни за секој медиум. Преку нив се обезбедуваат навремени, точни и аналитични текстови, се зголемува можноста за објавување ексклузивни и истражувачки приказни, а се намалува можноста од ненамерно дезинформирање на јавноста. Иако од денешна перспектива тоа изгледа како луксуз, сепак доколку секторското новинарство се практикува, тоа на крајот може да испадне како вредна инвестиција за секој медиум. Автор: Александар Манасиев Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.
Scenes Video

За медиумите!

Новинарите не треба да живеат ниту со стравот од влијанието на властите ниту со стравот од сиромаштија. И нема ништо корумпирачко ако го кажеш тоа. Често ми се дава можност да одржувам обуки за улогата на медиумите и на новинарството пред различна публика, било да се тоа студенти, претставници на граѓанското општество, млади политичари или дури и самите активни политичари. Она што го забележав, а веројатно поврзано со образованието и со писменоста, е дека грижата за слободата на изразување не е целосно разбрана, па дури и улогата на медиумите често се толкува во контекст на актуелната политика, додека прашањето е од витално значење и оди подалеку од секојдневните ситуации. Она што отворено го кажувам пред оваа публика е дека ако не живеат луѓето на власт со вредностите што ги пренесува демократијата, но не само тие, каде што слободата на изразување е нејзината суштина, тогаш секаков вид проблем се појавува токму од недоразбирањето, недостаток на ценење, но особено неприменување на правилата на едно општеството за кое тврдиме дека живееме. Правото на слободно изразување, но во исто време и на правично информирање, е суштината и основата на едно демократско општество. Но, колку ова го разбираат различни претставници на општеството, а особено колку ова го разбираат политичарите? Ова прашање е еднакво суштинско бидејќи кога моќта е во нивни раце, разбирањето или неразбирањето на неколку едноставни реченици за слободата на изразување е она што ја прави разликата дали тие општества се слободни или не. Оваа парантеза ја направив затоа што во Северна Македонија се создава антагонизам меѓу новинарите, медиумските работници и медиумскиот менаџмент во однос на законот, кој на некој начин ќе мора да го врати јавното рекламирање во медиумите. Сакам да ја анализирам дискусијата за ова прашање од некои, можеби, други аспекти, бидејќи од она што се појавува во јавнoста , се чини дека станува збор за пари, за купување, за продажба и за страв. Но, оваа дебата на овој начин, мене како новинар ме навредува. Прво, не можеме да избегаме од „несреќата“ што медиумите, освен нивната улога, како што опишав погоре, и во чии вредности навистина верувам, се и бизниси. И овој елемент го комплицира целото прашање на слободата на изразување, јавниот интерес, доброто информирање. Но, ова е, била и ќе биде реалноста. Во овој конкретен однос ме навредува целата дебата, кога прашањето за финансиските средства веднаш се гледа како нешто валкано, проблематично и корумпирано. За тоа несомнено помага актуелната општа атмосфера каде што корупцијата е главниот збор, но повторно мислам дека дебатата не треба да се развива со овие постулати или од оваа гледна точка затоа што ни штети на сите. Суштината ја имаме со оние концепти за слободата и слободата на говор, каде што разбирањето на демократијата и живеењето со нејзините правила, не станаа дел од нас. Мојот страв е дека со или без пари во медиумите од јавните фондови, ако имаш власти, кои во својот разум не ја сфатил суштината на демократските вредности, влијанијата, купувањата, затворањата на медиумите, сепак ќе се случат. О, да, па нели бевме сведоци на таков мрачен период на нашата кревка демократија? Но, прашањето што не се поставува денес е зошто се случи ова? За мене одговорот е јасен, кога власта сака да влијае, купува, да ја згасне слободата на говорот, механизмите се само форма. Нашето искуство покажува дека тоа секако е направено со внесување средства во медиумите, но тоа е направено и со затварање на медиуми на арбитрарен начин. Но, дали завршуваше влијанието тука? Не. Исто така, тоа се правеше со повлекување на средства од некои медиуми, а особено со вклучување сопственици на медиуми во бизниси надвор од медиумите. Што сакам да кажам? Суштината на едно авторитарно, произволно, арогантно владеење, е во размислувањето што го имаат политиката и политичарите кон слободата, слободата на говорот и самата демократија. Фото: freepik.com Затоа сметам дека дебатата е неправедно претставена со антагонизам особено кај медиумските фактори, а треба да се гледа пошироко и од перспектива на можности. За крај на овој дел, доколку власта сака да влијае или да ги попречи медиумите во својата мисија, ќе го искористи својот арсенал што би ги надминал средствата од јавните кампањи. И оваа опасност постоела, постои и ќе постои секогаш. Но, дали ќе делуваме како новинари, со овој постојан страв? Да. Ова отсекогаш било предизвик. Работиме во време кога особено поради социјалните мрежи професионалното новинарството е на стаклени нозе. Паралелно со оваа атмосфера, кога самите новинари зборуваат за корупција меѓу себе, отвораат сомнеж и уште повеќе го уништуваат тој разнишан кредибилитет. Она на што сакам да привлечам внимание е токму овој момент, дека не може да се запре будноста на новинарите против желбата и апетитот за влијание од страна на властите. Во последните дебати, надвор од позициите за и против воведување јавни средства во медиумите, третирањето на прашањето со непријателство меѓу новинарите, меѓу новинарите и раководството, само му штети на имиџот на професијата. Затоа, мојот апел е дека дискусиите требаше и треба да бидат посеопфатни. Овде, без дискусија, самите ние сме тие што треба да се погрижиме за такво нешто, но исто така тоа требаше и треба да го прави самата политика. Измена на законот што ги „плаши“ новинарите не може да се случи без поширока расправа. Се согласувам со колегите што изразуваат претпазливост. Сè уште на сцената имаме политички протагонисти што во голема мера го злоупотребија своето влијание врз медиумите. Мислам дека лекциите не се научени. Но, стравот од сиромаштија е исто толку легитимен. Дали не е полесно да се влијае врз сиромашен медиум, сиромашни новинари? Помеѓу менаџментите што сакаат повеќе средства, и моќниците што сакаат поголемо влијание, сме ние новинарите. И тука, во отворени дискусии, треба да се додадат и притисоците за искоренување на политичките влијанија, кои главно имаат врска со менталитетот на политичката класа. Новинарите не треба да живеат ниту со стравот од влијанието на властите ниту со стравот од сиромаштија. И нема ништо корумпирачко ако го кажеш тоа. Ако доминантниот наратив е дека медиумите како бизнис сами по себе се нешто лошо, тогаш ние сме исто толку корумпирани од приватни лица. Или, пак, злонамерна влада, која преку истурање пари, преку приватни субјекти, исто така може да ги купи медиумите. Од друга страна, не треба ли тогаш да има баланс за јавниот интерес? Ако одиме со логиката дека тој што ги дава парите го диктира и мислењето, каде е јавниот интерес, да се истражат приватниците што даваат средства за медиумите? Зарем јавните фондови не би донеле таква можност? Некоја сигурност можеби е фактот дека ако ги повлечат тие средства, приватните ентитети, има други, јавни средства, што можат да обезбедат континуитет на медиумите. Според моето искуство како новинар, но и вашето искуство, сме виделе сè. Дури и повлекување и неисплаќање средства од приватни компании и нераспределба на средства и напади од властите. Мора да го уништиме овој менталитет. Нема да се осмелам да давам рецепти за тоа што треба да се направи, бидејќи мојот предлог е дека само преку сеопфатна дискусија со сите фактори ќе треба да излезат идеи за во сите случаи, сите да се уверат дека крајните корисници треба да бидат новинарите и нивната слобода. Молкот и одбивањето, додека сме во процес на законски измени, може да бидат поштетни. Доколку јавните средства влезат во медиумите, што изгледа веројатно дека ќе се случи, тие првенствено треба да бидат во корист на новинарството, иновативните медиумски производи и благосостојбата на бранителите на слободата на говорот. Ова мора да се постигне. Да не заборавиме дека битката со властите ќе продолжи и не гледам ништо лошо во изразот „лош печат е подобро од немањето печат“ да го претвориме во менталитет дека „добриот печат е подобар од лошиот печат“. Ова треба да биде мотивот, во сите дискусии, каде што можностите за развој треба да се примарни. Предлозите меѓу новинарите и медиумските работници дека сè што доаѓа и се појавува може да биде корупција е штетна, и на ова најмногу се осврнувам. Не, пријатели, и во најтемните денови заедно реагиравме за тој период кога беше нарушена слободата на медиумите. Мора да си ветиме дека доколку вакво нешто се повтори, ќе бидеме уште погласни за да не дозволиме такво влијание во сите случаи. Внимателноста мора да биде постојана за да се објасни дека немањето слобода на медиумите е на штета на сите, особено на луѓето, кои мора да ги научиме да бидат промедиумски настроени. Само овој менталитет нè спасува, без разлика од каде доаѓаат финансиските средства! Автор: Назим Рашиди Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.  
Journalists

Како и зошто исчезнуваат локалните приказни во медиумите

„Локалното новинарство не е секси тема. Но, тоа е важна тема, која често се занемарува и заслужува повеќе внимание. Локалното известување обезбедува важни информации за локалните јавни работи, ги држи локалните елити донекаде одговорни, обезбедува форум за дискусија и ги поврзува заедниците“, вели Расмус Клајс Нилсен, професор по политичка комуникација на Универзитетот во Оксфорд Македонскиот медиумски простор има хроничен недостиг од локални приказни. Повеќе од 90 отсто од новинарските приказни во безмалку сите поголеми национални медиуми, со ретки исклучоци, се фокусирани на главниот град и голем дел од нив се однесуваат само на теми како политика и економија. Пред две или три децении, да не зборуваме претходно, во весниците како „Вечер“ или „Нова Македонија“ секојдневно имаше локални приказни од сите делови на земјата. Имаше проблемски текстови, но и човечки приказни, со фокус на судбината на некоја конкретна личност, било да е негов/нејзин успех или нечија трагедија. Таа практика ја продолжија приватните печатени медиуми како „Дневник“, „Вест“ и „Утрински весник“, но и приватните национални телевизии. Секојдневно можеше да се чуе гласот на луѓето од различни делови од земјата, нивните маки, проблеми, успеси и предизвици.  Но, низ годините, полека, но сигурно, локалните и регионалните приказни станаа вид во изумирање во најголем дел од националните медиуми. Пред повеќе од десет години, кризата во печатените медиуми на свој грб први ја осетија дописниците во поголемите дневни весници. Од околу десетина дописници колку што имаа поголемите весници, поголем дел од печатените медиуми уште тогаш останаа со еден до двајца локални новинари, најчесто од поголемите градови. Оние, пак, што останаа да работат како дописници, се соочија со сериозни кратења на нивните хонорари. Тоа значеше уште еден тежок удар за локалното и за регионално новинарство. Без дописници, нормално дека е потешко да се дојде до добра локална приказна. Тоа е факт. Кој подобро ги знае состојбите во регионот отколку тој што живее во тој регион, секојдневно пие кафе со локалното население, одблиску  ја слуша заедницата добивајќи суштински информации за нивните потреби и проблеми.  Она што се случи во печатените медиуми, речиси на идентичен начин се „преслика“ и меѓу телевизиските куќи. Голем дел од дописниците што известуваа за некоја од националните телевизии останаа со помали хонорари или без работа. Со ова полека исчезнаа и локалните приказни од националните телевизиски куќи. Добар дел од онлајн медиумите што функционираат на национално ниво односно покриваат теми за генералната публика речиси од почеток немаа ниту еден дописник, а ангажирањето на некој дописник да напише локална приказна во денешно време, за голем дел од овие медиуми, е повеќе инцидент отколку практика. Заклучокот е дека локалните и регионалните приказни значајно се намалија во понудата на содржина на националните медиуми. Овие приказни, за жал, останаа на понудата само во медиуми од локален карактер. Тоа значително ја ограничува нивната публика иако дел од овие приказни заслужуваат внимание на национално ниво. Без дописници, тешко до локални приказни Новинарите ги пишуваат приказните. Без локални новинари во поголемите медиуми, нормално е дека ќе недостасуваат и локални и регионални приказни. Кога се намалуваат трошоците, неретко надворешните соработници први страдаат. Но, размислувањето дека нема потреба од дописник бидејќи сме мала држава во која секаде може да се стигне за час или два и да се покрие некоја приказна од поголема важност, на долг рок може да биде погубно за медиумите. Со постепеното исчезнување на локалните приказни од поголемите национални медиуми, полека исчезнаа или исчезнуваат приказните во чиј фокус е обичниот човек и неговите секојдневни проблеми. Со ова, исчезнува и разновидноста во содржината и исчезнуваат различните гласови во медиумите. Нужно е да се нагласи дека локалните приказни се важни не само за оној што живее во тој регион, туку и за целата публика. Замислете само да сте локален жител во некој регион во кој вообичаено се гледа некоја од националните телевизии во земјава и секој ден следите вести. Во овој период од годината вие секојдневно ќе гледате/слушате за проблемот со парното греење на скопјани. Не велам дека тоа не е важен проблем и дека нема јавен интерес за ова. Постои јавен интерес со самото тоа што постои и конфликт меѓу институциите и секако е вредна новинарска приказна за следење и голем број луѓе се засегнати. Сепак, ако се погледне пошироката слика и ако гледате низ призмата на локален гледач, во недостиг на локални приказни што третираат ист или сличен проблем, тогаш секојдневното слушање „дали скопјани ќе се разбудат со ладни радијатори“ може да ве направи да се почувствувате како граѓанин од втор ред. И ова најчесто се случува секојдневно бидејќи во реалноста е така бидејќи инцидентно е покривањето локални приказни. Факт е дека проблемите на жителите на Скопје полесно стигаат на агендата на медиумите, а многу, можеби поважни локални приказни, ја немаат оваа можност од многу објективни и субјективни причини. Неретко можеме да видиме дека дел од приказните што ги прават дописниците за некој од националните медиуми се чуваат за викендите кога има помалку репортери во поголемите редакции, па да се пополни просторот со нив. Што би се рекло, се пушта некоја локална приказна „ради реда“, а не затоа што некој смета дека е вредна да се објави.  Тоа размислување дополнително ја намалува вредноста на локалните и на регионалните приказни и импактот што овие приказни може да го имаат. А, има безброј примери што го потврдуваат ова. Не мора да е пример во кој има криминал и корупција туку може да е пример на локален херој што станал национален херој. Таква е приказната на Марко Пејчиноски, детето што го преплива Охридско Езеро. Оваа приказна ја следи Ohrid News од самиот почеток. Ваквите приказни во многу западни медиуми би биле на почетокот, а не на маргините на телевизиските вести. Зошто е важно локалното новинарство? Локалните и регионалните приказни се важни од повеќе аспекти. Прво, не е точно дека публиката за локалните приказни се само луѓето што живеат во тој регион. Добрата локална приказна со фокус на проблемите на луѓето, лесно ќе ја најде својата публика и во некој од националните медиуми. Локалните новинарски приказни може да откријат злоупотреби на моќ на локално ниво, но чии корени се на централно ниво. Кога започна пандемијата со ковид-19, го имавме истиот проблем. Во недостиг на локални приказни во поголемите национални медиуми, приказните што ги слушавме во најголем дел од медиумите беа поврзани со јавното здравство во метрополата иако сликата за тоа како се развива и негува јавното здравство во земјава е уште пострашна на локално ниво. Во текот на зимата еден од главните проблеми е загадувањето на воздухот. Речиси секојдневно е топ тема на националните медиуми. Како и во претходните случаи, фокусот е ставен на Скопје, неславно именуван како еден од најзагадените градови во светот. Проблем секако постои и тоа е релевантна тема, но што е со загадувањето во Тетово, Куманово, Велес, Прилеп, Битола, Кочани, Струмица? Колкупати националните медиуми направиле приказна за проблемот со загадувањето во овие или во други градови во земјава? Инцидентно или редовно? Многу населени места во земјава речиси и да не се присутни во поголемите медиуми, освен ако се случи некоја трагедија. На локално ниво секогаш има проблеми од аспект на екологија, урбанизам, работнички права, егзистенција… Еден типичен пример е проблемот со загадувањето во Куманово за коj Kumanovo News известуваше детално на локално и на регионално ниво, но овој проблем не успеа да се најде на агендата на поголемите национални медиуми. Забораваме дека оние места што не се во фокусот на јавноста и каде што не се присутни медиумските камери, микрофони и светла, потенцијално се места каде што полесно цвета криминалот, места каде што може непречено да се прават многу прекршувања на закони, да се прават еколошки злосторства, да се прекршуваат човековите права без поголем страв од некаква санкција... Тука е важна работата на локалните репортери, но без поддршката од поголемите медиуми што носат поголема гледаност, таа борба е тешка и неретко залудна. Локалното новинарство се зема здраво за готово „Повеќе од еден век, го земавме локалното новинарство здраво за готово. Повеќе не можеме. Индустријата на печатени медиуми која обезбедуваше најмногу локално известување е во опаѓање и сè уште не е јасно дали дигиталните медиуми ќе одржат нови форми на локално новинарство“, напиша Расмус Клајс Нилсен, директор на Институтот Ројтерс за проучување на новинарството и професор по политичка комуникација на Универзитетот во Оксфорд, во својата книга од 2015 година „Локално новинарство – пад на весниците и подемот на дигиталните медиуми“. Клајс Нилсен вели: „Локалното новинарство не е секси тема. Но, тоа е важна тема, која е интелектуално интересна, често се занемарува и заслужува повеќе внимание“. Тој вели дека локалното известување обезбедува важни информации за локалните јавни работи, ги држи локалните елити барем донекаде одговорни, обезбедува форум за дискусија и ги поврзува заедниците. Клајс Нилсен прави важен пресек на локалното новинарство со една перфектна дефиниција:  „Локалното новинарство може да биде често страшно, а сепак и ужасно важно. Локалното новинарство не секогаш добро ги игра своите улоги, но улогите што ги игра се важни“. Она што можат и треба да го направат националните медиуми е да остварат соработка со локални и со регионални медиуми за размена на содржина, да ангажираат повеќе локални новинари, сниматели и фотографи да креираат содржина од локален карактер, но која потенцијално има поширок импакт и поширока публика. Автор: Александар Манасиев Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.  
Newspapers Table1

Кризите го сменија новинарството – расте недовербата во медиумите

Консолидацијата на информативната индустрија воопшто станува ургентна. Повеќе актуелни меѓународни анализи упатуваат на потребата токму сега новинарството да се соземе, да земе здив и да се сосредоточи на основите на професијата, а и да се врати кон својата вистинска траекторија. Кризите од секој вид, од пандемиската преку украинската до енергетската, инфлаторната и социјалната, веќе станаа секојдневие. Нема кој не е погоден. Граѓанинот, семејствата, бизнисот, економијата, здравството и образованието, па сè до културата, спортот и забавата. Нема ниту област ниту сектор што не се зафатени со нарушено функционирање. Од пандемијата со КОВИД-19, која сè уште е актуелна, пa наваму, до руската инвазија во Украина, светот, континентов и секоја од државите поединечно, се во состојба на нерамнотежа, на постојани стресни ескалации на вонредни состојби. Кризата ги допре и новинарите, уредниците и сопствениците Како и секого и сè, под кризни удари катадневно се и медиумите, редакциите, новинарите, уредниците, сопствениците. Едноставно, како и сè, така и веста станува сè „поскапа“. Но, очигледно и редакциите и новинарите стануваат сè поинертни, понеангажирани, а со тоа и „поскапи“. Каква е глобалната македонска медиумска слика денес? Токму во актуелниве кризни услови, новинарскиот производ наместо да се одликува со информативно-истражувачка енергија, сè повеќе како да наликува на дневнополитички билтен. Камерите и микрофоните, главно, информациите ги „снабдуваат“ од соопштенија, прес-конференции, наменски изјави на државните и на општинските функционери. Македонското новинарство како да губи здив, како да останува без прашања. Дневноинформативните содржини во медиумите како да се пресликани со старо индиго или со современи скен-техники. „Копи пејст“ новинарството зазема загрижувачки размери. Но, ако е за некаква утеха, ваквата актуелна медиумска состојба не е автентична само кај нас. Повеќе меѓународни истражувања упатуваат на тоа дека севкупната криза силно негативно се одразува и врз работењето на медиумите и врз ентузијазмот на новинарите. Па, колку полошо може да стане? Колку ќе имаме пристап до квалитетни и неспорни информации во оваа огромна пустелија на лаги, пропаганда и дезинформации? Колку кризите ќе го истуркаат новинарството кон амбисот? Две години по пандемијата со коронавирусот, а и како последица на глобалната криза по воената инвазија на Русија врз Украина во февруари годинава, се чини дека публиката ширум светот се презасити од вестите. Констатацијата ја потврдува и истражувањето на престижниот Ројтерс. Резултатите од анкетата покажуваат дека голем дел од луѓето ги избегнуваат вестите затоа што ги доживуваат како фрустрирачки и депресивни. Наспроти таканаречените реални вести, сè поголем дел од медиумската публика се свртува кон таканаречените забавни медиумски содржини, што го наметнува прашањето дали новинарството забрзано навлегува во фаза во која се претвора во платформа за неточности и тривијалности. Паушално новинарство Ваквиот информативен тренд води кон запоставување, игнорирање прашања од елементарно и суштинско егзистенцијално значење. Упатува на состојба што отсликува дека актуелното новинарство, кое токму во услови на криза треба, може и мора да биде онаа двигателна општествена сфера што ќе обединува, поттикнува, иницира и која ќе создава јавно мислење за санирање на последиците, како да го напушта сопствениот терен и својата општествена обединувачка и мобилизаторска улога. Актуелното новинарство токму во услови на кризи треба да одговори на неколку клучни прашања важни за професијата: Колку е будно новинарството, колку тоа замижува пред многу појави, па така и кон предрасудите, дискриминација и поларизацијата, и колку сега е практично рамнодушно во однос на кризните напливи во сите сфери од животот? И досега имавме доволно кризи за да си го поставиме прашањето дали медиумите научија нешто околу справувањето со нив. Се разбира, во новинарска смисла на зборот и во однос на практиката на информирање. Но, и дали сите ние како граѓани и медиумски консументи придонесуваме да се заштити слободата на изразување, плурализмот, но да се помогнат и редакциите и да се заштитат и новинарите во нивните катадневни професионални ангажирања. На светско ниво вестите повеќе не се восприемаат како витално јавно добро Не само кај нас, туку воопшто и на светско ниво, сè поинтензивниот процес на недоверба во медиумите е отсликан во уште едно истражување. Агенцијата Ројтерс, овој пат во соработка со Универзитетот во Оксфорд, неодамна го објави Извештајот за дигиталните вести од 2022 година. Во него се документирани последните трендови во глобалната новинска индустрија. Генералната слика е дека растечката недоверба во традиционалните медиуми значително го менува пазарот, а вестите повеќе не се восприемаат како витално јавно добро. Истражувањето покажува дека голем дел редакции стигнаа дотаму што стануваат речиси непрепознатливи. И самите новинари се обидуваат да се справат со исцрпеноста од немилосрдниот наплив на вести, напади од политичарите, вознемирување на социјалните мрежи и што ли уште не. Многу нешта се променија, констатира евалуацијата на истражувањето. Се чини дека нужноста од внимателна консолидација на информативната индустрија воопшто станува ургентна. Повеќе актуелни меѓународни анализи на темава упатуваат на потребата токму сега новинарството да се соземе, да земе здив и да се сосредоточи на основите на професијата, а и да се врати кон својата вистинска траекторија. Притоа, останува клучниот предизвик да се најдат начини и за повторно активно и креативно вклучување на публиката, за нејзино оттргнување од летаргијата, од пасивноста, предизвикани токму и од општата глобална криза. Публиката сè повеќе сака новинарство што нуди решенија Потребни се медиуми што ќе го олеснат учеството на граѓаните во дискусиите за долгорочни промени, а со цел да се зголеми отпорноста на општеството кон сегашните и идните кризи. Од нив се очекува да одиграат клучна улога како мост меѓу носителите на одлуки и јавноста, а и да ја преземат својата едукативна улога, анализирајќи и објаснувајќи ги обврските околу справувањето со кризите и однесувањето на граѓаните. Ваквата улога на медиумите е клучна во секое време, но е уште поважна за време на криза, кога е потребна дискусија за вистинските мерки и за надминување на причините и негативните ефекти од кризата. Во услови на кризи невообичаено е голема потребата од ориентација и токму тука лежи клучната улога на квалитетното новинарство. Новинарство што во многу поголема мера ќе се потпира на научната експертиза, особено имајќи предвид дека заканите од информациско нарушување се огромни, а потребата да се спречат сè поитна. Во таа насока е и ланската резолуција на Комитетот за култура, наука, образование и медиуми при Парламентарното собрание на Советот на Европа, која нагласува дека медиумите би можеле да играат клучна улога во олеснувањето на дијалогот и на мултикултурното разбирање, како и во спречувањето или минимизирањето на угнетеноста и на конфликтите. Кризите и поларизацијата ќе продолжат да се случуваат и во иднина, а нивното влијание врз јавните дебати ќе бара сеопфатен медиумски пристап за ефикасно информирање и ангажирање на јавноста. Тука не смее да се заборави и улогата на јавниот сервис како значаен фактор за социјална кохезија и интеграција на сите поединци и како широка платформа за плуралистичка јавна дебата. Според овој европски документ, мерките за подобрување на улогата на медиумите за време на кризи треба да ги вклучат институциите, експертите и граѓанското општество, со цел да се подобри транспарентноста и достапноста до информации, а и да се зајакне довербата кај граѓаните. Одржувањето еластичен и приспособлив медиумски систем е најдобриот начин за соочување со кризите, а сè повеќе напори треба да се вложуваат кон креирање долгорочни политики што започнуваат уште пред да започне кризата. Публиката не е само консумент на информации, таа е битен чинител во креирањето на доминантните јавни нарации Секако, од клучно значење е и поддршката на критичкото истражувачко новинарство, кое ќе продолжи да ги открива неправедните и погрешни постапки на власта и на бизнисот, корупцијата и злоупотребата на моќта. Комитетот на Парламентарното собрание на Советот на Европа укажува и на потребата од поддршка на проекти за медиуми во заедницата, со цел тие посуштински да ги вклучат граѓаните во јавните дебати пред и за време на криза. https://reutersinstitute.politics.ox.ac.uk/changing-newsrooms Во таквиот медиумски систем публиката би се третирала не само како консумент на информации, туку и како битен чинител во креирањето на главните наративи, а и решенија за излез од кризата. И во минатогодишниот Извештај на Ројтерс за променливите редакции се упатува на потребата редакциите да продолжат со плановите за редизајнирање на својот простор и политики на работа, со цел забрзано да се приспособат на промените. Оттука, следејќи ги овие сознанија и глобални трендовски насоки, кризите се и можност и нашите редакции да ја покажат својата важна улога во заедницата. Секако, останува и главното прашање – дали новинарството ќе успее да ја врати довербата на јавноста и повторно да ги придобие оние што денес, посебно во услови на сеопшта, домашна, но и на глобална криза, ги избегнуваат вестите како начин на информирање.   Автор: д-р Марина Тунева Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.