Влезот на специјализирани странски компании во телевизискиот бизнис ќе обезбеди поквалитетна програма и поголема независност

Се чита за 4 мин.

За разлика од Македонија, каде комерцијалните терестријални телевизии на државно ниво се исклучиво во „домашна“ сопственост, највлијателните комерцијални медиуми во Хрватска и во Словенија се во рацете на меѓународните медиумски групи - Централноевропски медиумски претпријатија (ЦМЕ) и РТЛ, што им овозможува поголема независност од политичките и бизнис центрите на моќ. Ниту една од компаниите кои се јавуваат како сопственици на највлијателните телевизии во Македонија не е регистрирана дека се занимава со медиумскиот бизнис како со основна дејност. Наспроти тоа, ТВ-каналите кои се во сопственост на ЦМЕ и РТЛ групите во Хрватска и во Словенија посветуваат особено внимание на развивањето на медиумскиот бизнис на различни платформи, што го наметнуваат новите технолошки трендови и барањата на публиката. 

Ова се некои од заклучоците кои произлегоа од анализата на Македонскиот институт за медиуми, „Сопственички и финансиски модели на највлијателните ТВ-канали во Македонија, во Хрватска и во Словенија“, што беше претставена на конференцијата „Иднината на комерцијални терестријални ТВ-канали на национално ниво:  Која е формулата за успех?“.

На настанот беше презентирана и анализата „Програмска разновидност на највлијателните ТВ-канали во Македонија, во Хрватска и во Словенија“, од која произлезе дека на повеќето комерцијални терестријални ТВ-канали на државно ниво во Македонија доминира еднолична и неатрактивна програмска понуда, која ја пополнуваат многу турски серии и забавна програма од српско производство, а од друга страна во програмската шема многу малку е застапена домашната продукција, која што е од послаб квалитет и не е конкурентна со останатите медиумски содржини. Наспроти тоа, и на хрватските и на словенечките ТВ-канали доминираат забавните, реалити емисиите, како и информативните изданија, кои, пак, се и меѓу 10-те најгледани програмски содржини генерално. И во двете држави, кои беа земени за споредба во истражувањата, на највлијателните ТВ-канали многу се вложува во домашната продукција, а овие програми високо котираат на листите на гледаност.

Настанот го отвори Шефот на Делегацијата на ЕУ, Амбасадорот Жбогар кој рече дека на релативно мали медиумски пазари, медиумскиот бизнис и регулаторите имаат специфични предизвици, кои што „често отвораат можности за влијанија“. „Затоа е важно, медиумската сопственост и медиумското финансирање да бидат транспарентни. Исто така, е важно, регулаторот да има авторитет, капацитет и механизми да ги заштити својата независност и професионалност,“ нагласи амбасадорот. Тој ја истакна улогата на граѓанските организации, кои „треба да зборуваат слободно и да се вклучат во отворен, инклузивен и ефективен јавен дискурс“, како и на Советот за етика во медиумите на Македонија, кој треба да им помогне и да ги насочува сите засегнати страни во медиумската сфера како да ги почитуваат професионалните стандарди. „Соработката на медиумскиот бизнис со цел да се осигура транспарентност на одлуките и самоволна само-корекција е важна цел“, додаде Шефот на Делегацијата на ЕУ.

На конференцијата говореше и новиот министер за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, за кого е клучно никој да нема никакво влијание врз медиумите и медиумската индустрија. „Ниту владата има потреба да влијае, ниту смее, ниту пак опозицијата. Сите треба подеднакво да бидат застапени, а медиумите подеднакво да се отворени за политичките субјекти, за граѓанското општество...“, истакна министерот Поповски.

Во првата сесија во која се дискутираше за сопственичките и финансиските модели на највлијателните комерцијални национални ТВ-канали, говореше директорот на ТВ Канал 5, Иван Мирчевски, претседател на Македонската медиумска асоцијација. Тој, вината за нарушениот телевизиски пазар и нестабилната финансиска состојба на ТВ каналите ја наоѓа во државата и институции кои овозможиле спуштање на критериумите за добивање дозволи за национални и локални ТВ-канали.

Иван Ловречек, заменик-претседател на Управата на РТЛ, Хрватска, се осврна на работата на РТЛ ТВ наведувајќи дека инвестициите од меѓународните медиумски групации овозможуваат пренесување на современите трендови, стандарди и знаење од медиумската пракса во развиените земји. Од друга страна, финансиската независност и стабилност, што ги овозможуваат меѓународните медиумски групации го прават медиумот поотпорен на какви било влијанија врз уредувачката политика.

Комерцијалните ТВ-канали ќе покажат интегритет, став и се она што е потребно за т.н. политичка независност, во оној момент кога ќе имаат доволно средства да опстојат на пазарот, смета Милан Ф. Живковиќ, поранешен советник за медиумска политика во Министерството за култура на Хрватска. Според него се поприсутен е трендот на пораст на огласувањето на интернет за сметка на огласувањето на телевизиите. Во богатите земји како што е Обединетото кралство, таа миграција на интернет веќе е фактичка, додека во земјите од централна и источна Европа тој процес се одвива побавно, додаде Живковиќ.

Во однос на програмската разновидност на највлијателните ТВ-канали во трите држави, Атанас Кировски, директор и главен уредник на ТВ Телма, истакна дека телевизијата освен тоа што има комерцијална дејност има и општествена одговорност кога станува збор за програмата што им се нуди на граѓаните. „Ние чувствуваме општествена одговорност да им покажеме на луѓето, кои беа оскаровците во 2016, кои се победниците на филмските фестивали во Кан и во Венеција “, вели Кировски. Според него, владиното рекламирање и несразмерната распределба на буџетските средства за огласување бил најголем проблем со  кој се соочила ТВ Телма на медиумскиот пазар во изминатиот период.

Домашната продукција е нешто без што ниту една телевизија не може да помине кај публиката во Словенија, посочи Томаж Перовиќ, поранешен директор на вести и спорт во ПОП ТВ и Планет ТВ. „Минатата година имавме ситуација кога практично немаше вечер, кога на секоја комерцијална телевизија немаше барем една емисија која е од локална продукција“, додава Перовиќ.

Лазо Петрушевски, претседател на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, посочи дека заштитата и развојот на плурализмот во медиумите се едни од основите надлежности на Агенцијата. Кога станува збор за плурализмот во медиумите Петрушевски смета дека има простор за дополнителни подобрувања на медиумската регулатива, особено од аспект на работата на надлежностите на Советот на Агенцијата.

Ова е прва конференција во рамки на проектот „#ReForMediaMKD – Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество,институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“, што го спроведува МИМ во соработка со Мировниот институт од Љубљана, Словенија, а со финансиска поддршка од Европската Унија.

Во прилог може да ги погледнете извештаите од двете анализи, како и презентациите на гостите од Хрватска и од Словенија.

Фото-галеријата од настанот е достапна тука.

pdfСопственички и финансиски модели на највлијателните ТВ12.71 MB

pdfПрограмска разновидност на највлијателните ТВ10.76 MB

pdfIvan_Lovrecek_RTL_CRO.pdf547.01 KB

pdfMilan_Zivkovic_CRO.pdf344.29 KB

pdfTomaz_Perovic_SLO.pdf74.45 KB