Лажните вести и медиумската писменост во фокус и на европските институции

Нефункционалноста на медиумските пазари, нетранспарентното финансирање на медиумите, особено од јавни извори, загрозувањето на медиумските слободи и права, растечкиот тренд на лажни вести и медиумската писменост како еден од начините за справување со нив, се во фокусот на интересирањето и на европските институции и на европските медиумски организации коишто го следат развојот на медиумската сцена во земјите од Западен Балкан.

Ова беше констатирано на повеќе состаноци со европските парламентарци, високи претставници на европските институции и на повеќе меѓународни медиумски организации во Брисел со кои се сретнаа претставниците од медиумските организации од регионот на 10 и 11 октомври 2017 година, во рамки на проектот „Партнерство за развој на медиумите на Југоисточна Европа“.

Медиумските организации од регионот, меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми, остварија средби со европратеничката Ренате Вебер, со главниот советник за медиуми и граѓански сектор во Директоратот за проширување на Европската Комисија (DG NEAR), Андрис Кестерис, со претставници од Секторот за комуникациски мрежи, содржини и технологија на ЕК (DG CNECT), како и со повеќе меѓународни новинарски и медиумски организации - Европската федерација на новинари, ЕАВИ и Глобалниот форум за медиумски развој.

На состаноците беше презентирана состојбата со слободата на медиумите, а беа претставени и истражувањата за работничките права на новинарите, како и за образовните потреби на новинарите и медиумската писменост, што беа спроведени во сите држави каде што се спроведуваа активностите.

Проектот е финансиран од Европската Комисија, а го раководи Центарот за независно новинарство од Романија во партнерство со Медиумскиот институт на Албанија, организациите Медијацентар и Медиумски иницијативи од Босна и Херцеговина, Медија центар - Белград и Медија и реформ центар - Ниш од Србија, Медиумски институт на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми и Центарот за развој на медиуми од Бугарија.