Сторијата „Вработувања по партиски список“ на ТВ Алфа е најдобрата истражувачка сторија во 2012 година

Се чита за 0 мин.

Новинарите на ТВ Алфа, Љубиша Арсиќ, Пандорче Антеска и Бојан Стојановски ја добија првата награда од конкурсот за Најдобра истражувачка сторија “Никола Младенов“, за серијалот прилози кои ја обелоденуваат практиката на вработувања во јавните претпријатија според однапред подготвени партиски списоци.

Дејан Азески, новинар на “Капирал“, е добитник на втората награда за серијата текстови посветени на проблемот со масовното иселување од Македонија во изминатите децении. Третата награда ја делат Кристина Озимец за текстовите на тема „Каде испарија 635000 евра од тендерот за ИЗИC?” објавени во неделникот и дневниот весник “Фокус“, и Теофил Блажевски за сторијата „Решавањето на сметот бара знаење и пари“ објавена во неделникот “Граѓански“.  

Две пофалници за исклучителен новинарски ангажман, жири комисијата им додели на новинарите Томислав Кежаровски за сторијата поврзана со злоупотребите при набавката на метадонска терапија, објавена во дневниот весник “Нова Македонија“, и на Саше Димовски за серијата написи во врска со продажбата на ТВ Алфа, објавени во неделникот и дневниот весник “Фокус“.  

На годинешниот конкурс се пријавија 18 автори, со вкупно 28 стории обработени во 65 текстови и ТВ прилози кои беа објавени во печатените и во електронските медиуми во текот на минатата година. Целосниот извештај на независната жири комисија која го направи изборот на најдобрите истражувачки стории за 2012г. е прикачен во прилог.