Граѓанското општество, институциите и граѓаните - заедно за реформи во медиумската сфера

Се чита за 1 мин.

МИМ во партнерство со Мировниот институт од Љубљана,Словенија, во следните три години (2016-2018), ќе го спроведува проектот „#ReForMedia– Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера”. Целта на проектот е да придонесе кон зголемување на влијанието на граѓанското општество во развојот и спроведувањето на медиумските реформи во земјата. Финансиската поддршка за проектот е обезбедена од Европската Унија.

Во активностите ќе бидат вклучени претставници на сите клучни актери во медиумската сфера, како новинари, уредници, сопственици на медиуми и други медиумски професионалци, Парламентот, Владата, регулаторните институции, саморегулаторните тела и претставници на граѓанското општество, кои заедно ќе работат на унапредување на јавните политики за подобрување на законската и институционална средина која ќе овозможи слободни и професионални медиуми. Во таа насока ќе бидат спроведени повеќе истражувања и ќе се организираат дебати на различни релевантни теми од медиумската сфера. Дополнително, ќе бидат обезбедени и мали грантови за граѓански организации кои ќе спроведуваат активности за зајакнување на медиумскиот интегритет.

Проектот предвидува и тесна соработка со националната телевизија ТВ 24 Вести и радио мрежата Канал 77, кои ќе емитуваат медиумска кампања преку која граѓаните ќе се едуцираат како да разликуваат факти од коментари и пропаганда од новинарство. Намерата на оваа активност е да се подобри медиумската писменост во земјата, а граѓаните да се охрабрат да бараат поквалитетно новинарство и да добиваат веродостојни информации преку медиумите.

Сите овие активности треба да придонесат кон воспоставување дијалог меѓу клучните актери во медиумската сфера, зајакнување на влијанието на граѓанските организации во дефинирањето на јавните политики, како и подобрување на капацитетите на граѓанските и на медиумските организации при застапувањето за одделни горливи теми кои се од исклучително значење за медиумскиот интегритет во земјава.
Сите информации за проектот ќе бидат достапни на веб-страницата на МИМ (www.mim.org.mk), како и на социјалните мрежи – Твитер (#ReForMediaMKD),  Фејсбук (ReForMediaMKD) и Јутјуб (ReForMediaMKD).

euПроектот „#ReForMedia– Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера” е поддржан од Европската Унија.