„Досие Телеком“ – најдобра истражувачка сторија на конкурсот за „Наградата од ЕУ за истражувачкото новинарство“ за 2015

Се чита за 1 мин.

Новинарот Борис Георгиевски ја освои првата награда на годинешниот конкурс за „Наградата од ЕУ за истражувачкото новинарство“, за серијалот текстови на тема „Досие ’Телеком‘“, објавени на интернет-страницата „Призма“. Сторијата ги обелоденува случувањата поврзани со корупциската афера „Телеком“ и бројните контроверзии кои ги следат работењето на компанијата и односите со македонскиот политички врв од 2001 година наваму.

d.n.3Второнаградено е истражувањето на тимот новинари од БИРН Македонија, на тема „Скопје 2014 под лупа“, објавено на интернет-страницната „Призма“. Серијалот текстови и онлајн базата на податоци, откриваат колку народни пари од буџетот досега се потрошени за изградба на објектите од проектот „Скопје 2014“, како и низа коруптивни трендови и врски меѓу субјектите кои стојат зад проектот.

Наградата за најдобра истражувачка сторија од млад новинар, која од оваа година е воведена на конкурсот, ја освои новинарката Билјана Николовска, за серијалот ТВ-прилози на тема „Од невработени до затвореници: како системот осуди, па амнестираше 15 илјади здравствени осигуреници“, објавени на ТВ Телма. Сторијата d.n.2обелоденува дека по барање на Фондот за здравствено осигурување, обвинителствата низ целата земја покренале постапки против невработени лица за кривично дело „фалсификување на исправа“.

Во конкуренција на 32 автори со 29 стории, објавени во печатените, електронските и Интернет медиумите, победничките стории беа највисоко оценети од жири-комисијата во состав Љупчо Поповски, претседавач на жирито, Снежана Лупевска Созен, Лулзим Хазири, Горан Трпеноски и Мирче Адамчевски.

Со оглед дека во потесна конкуренција влегоа неколку приказни кои беа квалитетно изработени, адресираа исклучително важни теми од јавен интерес и предизвикаа бранувања во јавноста или промена на постојната ситуација, комисијата одлучи да го додели максималниот број, односно три награди. Победничката сторија е наградена со паричен износ од 4.000 евра, додека наградите за второ место и за најдобрата истражувачка сторија од млад новинар изнесуваат по 3000 евра.

Жири-комисијата ја истакна потребата од нови проекти и иницијативи за поддршка на истражувачкото новинарство во редакциите, за поттикнување на младите новинари да се занимаваат многу повеќе со истражувања на теми, како и за поголема соработка меѓу мејнстрим медиумите и истражувачките центри и организации.