Новости

Povik Za Novinari

Повик за учество на работилница за известување на теми поврзани со климатските промени и животната средина

Како да известувате на теми поврзани со климатските промени и животната средина? Како да ги претставите податоците на разбирлив и атрактивен начин за да можете да ја заинтересирате публиката? Што се дезинформации за климата и како да направите проверка на фактите во врска со климатските промени? Какви се глобалните климатски политики наспроти локалната перспектива за климатските промени? Ова се некои од темите за кои ќе зборуваме на работилницата што ќе се одржи во Скопје на 31 октомври и 1 ноември 2023 година. Повикот е отворен за новинари од целата држава. Работилницата ќе ја водат проф. д-р Наташа Марковска од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ и Александар Манасиев, долгогодишен новинар и уредник. Новинарите-учесници на работилницата ќе имаат можност да аплицираат за финансиска поддршка при изработка на новинарски стории на теми од животната средина и климатските промени. Сите заинтересирани за учество на работилницата можат да аплицираат најдоцна до 25 октомври 2023, со пополнување на формуларот за учество:
Povik Ucilista

ПОВИК за основање новинарски клубови во средни и основни училишта

Младинскиот образовен форум (МОФ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) објавуваат повик за основање новинарски клубови (секции) во основните и во средните училишта од државава. Новинарските клубови се реализираат во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.  Опис на активностите Новинарските клубови треба да вклучуваат  едукативни и практични активности кои ќе се одвиваат во рамки на воннаставните активности. Притоа, учениците ќе учат како да создаваат веродостојни, објективни и проверени медиумски содржини користејќи различни формати, вклучително и текст, видео, поткасти, блогови и фото-новинарство. Учениците, во координација со наставникот ќе имаат можност да предлагаат и да обработуваат теми коишто се поврзани со образовниот процес и училишните активности, но и со културни, забавни, спортски или други теми кои се од интерес на младите. Новинарските клубови треба да се состануваат еднаш во неделата во периодот од декември 2023 година до мај 2024 година. Со нив ќе раководи еден наставник од училишниот колектив, кој ќе ја организира работата на клубот. Наставниците ќе добијат однапред подготвена програма, со насоки и практични вежби што ќе можат да ги реализираат во рамки на новинарските клубови. Програмата ќе ги опфати следните теми:  Новинарството како професија – што значи да се биде новинар (улогата на новинарството, новинарски стандарди, уредувачка политика) Новинарски жанрови (вест, извештај, интервју) Медиумска писменост (концепт, елементи, вештини) Дезинформации, погрешни информации и штетни информации Проверка на информациите и фото-форензика Нови медиуми Креирање медиумски содржини за различни медиумски платформи. На крајот на училишната година ќе биде објавен конкурс за најдобар медиумски производ подготвен од страна на новинарските клубови од основните и од средните училишта. Услови за аплицирање На повикот може да аплицираат наставници од средните и од основните училишта, кои ќе ги водат новинарските клубови. Тие треба да поднесат формална апликација, со одобрување од училиштето од кое доаѓаат. Апликацијата треба да содржи: – Информации за училиштето и наставникот; – Писмо за мотивација во која се објаснува зошто сакате да основате новинарски клуб во вашето училиште; – Информации за релевантното искуство на наставникот поврзано со областите на медиумите, новинарството, медиумската писменост или други сродни области. Рокот за аплицирање е до 23.10.2023 (понеделник) до 23:59 часот. Сите заинтересирани училишта може да аплицираат на мејл-адресата mila_ristanovska@mof.org.mk со назнака: Апликација за основање новинарски клуб – Име на училиштето.  На повикот ќе бидат избрани десет средни и десет основни училишта кои ќе добијат поддршка за основање новинарски клубови. Училиштата коишто ќе бидат избрани на повикот ќе бидат известени најдоцна до 27 октомври 2023 година. Пред почеток на работата на новинарските клубови, МОФ и МИМ ќе организираат обука за наставниците кои ќе раководат со нив.  За сите дополнителни информации и прашања, може да се обратите на Мила Ристановска, на следната маил-адреса: mila_ristanovska@mof.org.mk.
Cov 1

Промовирана Рамката за вклучување на медиумска писменост во основното образование

ИРЕКС, Бирото за развој на образованието и Македонскиот институт за медиуми, во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, ја промовираа Рамката за медиумска писменост во основното образование. Документот ги содржи наставните програми за одделни предмети од 1 до 9 одделение во кои медиумската писменост е вклучена како посебна тема со дефинирани резултати од учењето, содржини и стандарди за оценување. Од 2020 година медиумската писменост е дел од наставните програми во наставниот предмет мајчин јазик, а преку разни стандарди и активности, е вклучена и во другите предмети во сите одделенија во основното образование. Целта на овие новини е да се поттикнува и развива критичкото мислење кај учениците преку нови наставни методи кои вклучуваат користење и создавање медиумски содржини. „Од денес имаме конкретна рамка за медиумска писменост во основното образование и посакувам успешна имплементација и постигнување на целите кои таа ги дефинира. Претходно имавме подготвено прирачник за медиумска писменост за родители и старатели, како и речник за медиумска писменост. Како што расте предизвикот да се препознаваат и селектираат точни информации, така ние сме се повеќе и подобро подготвени за да одговориме и да се справиме со лажните информации“, истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири. Тој нагласи дека во процесот на вклучување на медиумската писменост во основното образование клучна улога имаат наставниците на кои им се потребни насоки и материјали за успешно да можат да ги пренесат овие содржини на учениците. Директорката на канцеларијата за општ развој на УСАИД, Дон Кармин, рече дека американската влада инвестира во унапредување на медиумската писменост затоа што критичкото мислење е суштинско за создавање информирано и ангажирано општество и за зајакнување на демократијата.   „Живееме во време кога има премногу информации, а погрешните и штетните информации коишто циркулираат онлајн и на традиционалните медиуми можат штетно да влијаат врз нашите одлуки во реалноста. Можат да влијаат врз одлуките за тоа која храна ќе ја консумираме, кои лекарства ќе ги користиме или за кој политичар ќе гласаме“, истакна Кармин. Рамката за медиумска писменост во основното образование ја презентираше професорката Виолета Петроска-Бешка, која беше дел од работната група од БРО, ИРЕКС и МИМ за подготовка на овој документ. „Со вклучување на медиумската писменост во образованието, учениците се оспособуваат критички да размислуваат, паметно да ги користат информациите, да креираат содржини на одговорен начин, да ја препознаваат улогата на медиумите во сопствената култура“, посочи Петроска-Бешка. Притоа, и самите наставници треба да бидат медиумски писмени, за што им е потребна обука во текот на нивното образование, но и како дел од нивниот професионален развој, истакна таа. Во рамки на настанот беше организирана панел-дискусијата „Вклучување на медиумската писменост во основното образование - искуства и предизвици“ на која наставници вклучени во проектот како обучувачи, зборуваа за искуствата и предизвиците со кои се соочуваат кога предаваат теми поврзани со медиумската писменост. ИРЕКС и МИМ во соработка со Бирото за развој на образованието и со Министерството за образование и наука од септември 2023 година спроведуваат обуки за медиумска писменост наменети за сите одделенски наставници и за наставниците по мајчин јазик од 6 до 9 одделение од целата држава. Наскоро ќе бидат објавени и прирачници кои се однесуваат на наставната програма од 1 до 5 одделение. Настанот беше организиран во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ што го спроведуваат ИРЕКС и локалните партнери Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум, со соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Рамка за медиумска писменост во основното образование423.18 KBKornizë për edukim mediatik në arsimin fillor_ALB419.63 KB
Soopstenie190823

ЗНМ, ССНМ, СЕММ и МИМ: Обидот за внесување страв и самоцензура кај новинарите нема да успее

Новинарските и медиумски здруженија најостро ги осудуваат грубите навреди и дисквалификации кон новинарите на ИРЛ во денешното соопштение до медиумите на компанијата ,,Брако”, а во врска со најновата епизода на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) насловена како ,,Убиство во Тетово“. Авторот на ова соопштение, наместо да и образложи на јавноста, односно да демантира поединечни тези од емисијата, и да даде одговори за сериозните обвинувања, за кои има и тековни постапки на истражните органи, прави обид за цензура. Според тонот на соопштението, очигледно е дека целта е јавна дискредитација на критичките новинари и создавање култура на страв при спомнување на економски моќни компании: ,,…монструозни идеи на групата ИРЛ, која со последната лажна конструкција покажа дека е срам за луѓето кои професионално работат во новинарството и дека недвосмислено станува канцер за здравото економско ткиво на државата”, се вели во дел од соопштението. Ваквиот начин на комуникација недвосмислено претставува притисок кон истражувачкото новинарство и обид за обесхрабрување на сите новинари и медиуми да се интересираат и да истражуваат теми кои се поврзани со корупцијата, владеењето на правото и злоупотребата на позицијата на моќ.  Потсетуваме дека изминатава недела имаше неколку реакции (меѓу кои и од јавното обвинителство) кои се однесуваа на споменатата истражувачка сторија, и сите, наместо укажување или демантирање на објавените информации изобилуваа со дискредитации и навреди што е недозволива јавна комуникација. Ги повикуваме и медиумите да имаат општествена одговорност, да работат во интерес на јавноста и граѓаните, и да не подлегнуваат на притисоците кои економски моќници ги вршат врз сопствениците на медиумите.  За сево ова, за притисоците врз истражувачките новинари, за обидите за креирање на атмосфера на страв и недоверба кон медиумите, еснафските здруженија од Македонија ќе ги информираат и партнерските здруженија, Меѓународната и Европската федерација на новинари.  Потсетуваме дека доколку било кој граѓанин, вклучително и сопственици на компании или обвинители кои имаат некаков проблем со медиумска објава од било кој медиум, постојат законски механизми за заштита, како што е барање на исправка или демант. Освен ова на располагање се и медиумските саморегулативни механизми преку Советот на честа при ЗНМ и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ).
Channels Tv Closeup

Професионалните новинарски и медиумски организации се против владини кампањи во медиумите

Професионалните новинарски здруженија и граѓанските организации од медиумскиот сектор повторно упатуваат најостра реакција во врска со начинот на кој Министерството за информатичко општество и јавна администрација (МИОА) го води процесот на јавна дебата за дополнително предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) со кои се предлага повторно воведување на т.н. државно рекламирање во земјава. Ние сме против повторното воведување на праксата на трошење јавни пари во приватните медиуми, што во минатото се покажа како погубна за независната уредувачка политика на овие медиуми, за независното новинарство и за состојбата на медиумскиот пазар. Ние сме против законски решенија кои го фаворизираат само интересот на дел од приватниот медиумски сектор и ја занемаруваат критичката улога на новинарството во демократијата и јавниот интерес на сите граѓани. Нагласуваме дека овие решенија се во целост спротивни на стандардите на Европската комисија, а особено на новата предлог – Регулатива за слободата на медиумите во која е јасно наведено дека европскиот пазар се нарушува со нетранспарентната и неправична распределба на јавни средства за државно огласување, особено кога тие средства преференцијално се доделуваат на водечки национални медиуми или се користат за тајно фаворизирање или субвенционирање на медиуми кои пренесуваат ставови блиски на актуелната власт. Ние сме за законски решенија со кои ќе се поттикне разновидноста на квалитетни содржини и ќе се поддржи независното и професионално новинарство и во непрофитниот и во приватниот сектор – а тоа е можно преку воведување Фонд за плурализам на медиумски содржини. Ние располагаме со капацитети, знаење и меѓународни искуства да изработиме квалитетни предлози со кои ќе се подобри статусот на медиумските работници, ќе се опфатат сите чинители во индустријата без да се фаворизираат страни, а се со цел да се зајакне неоспорната независност на новинарската дејност. Особено загрижува тенденцијата со која Владата, од една страна, се договара и му ветува на приватниот медиумски сектор дека ќе ја воведе повторно оваа пракса, а од друга страна одговорноста за тоа што не е досега воведена ја префрла на здруженијата и организациите кои се конзистентни во принципиелниот став дека се против праксата со јавни пари да се плаќаат кампањи во приватните медиуми. Дополнително, овој предлог е изработен на нетранспарентен начин без експертска поддршка и затоа истиот треба да биде повлечен. Од овие причини, ја информираме јавноста и надлежните институции дека нема да учествуваме на денешната јавна расправа во организација на МИОА со која се сака да се прикаже лажна транспарентност за процес за кој во општеството не постои ниту минимален консензус. Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ) Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) Македонски институт за медиуми (МИМ) Институт за истражување на општествениот развој (РЕСИС) Здружение на регионални и локални медиуми „Медиум Објектив“ Институт за комуникациски студии (ИКС) 19.07.2023 година, Скопје
3 Maj V2

Соопштение од МИМ по повод Светскиот ден на слободата на медиумите

Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 мај, е можност повторно да ја нагласиме исклучително важната улога што медиумите и новинарството ја имаат во развојот на демократијата и просперитетот на нашето општество. Да не заборавиме: Новинарството е јавно добро и за него треба да се грижиме сите! Обврска на новинарите е да работат во согласност со највисоките професионални и етички стандарди, а на државата да обезбеди услови за нивно непречено функционирање. Преку своите медиумски политики, државата треба да поттикнува раст, развој, одржливост и плурализам во оваа исклучително важна сфера на општеството. Транспарентноста на институциите е предуслов за да можат новинарите навремено и точно да ги информираат граѓаните за сите прашања од јавен интерес. Без транспарентни институции, новинарите не можат да ја извршуваат својата работа, а тоа, меѓу другото, остава простор за ширење дезинформации, со кои се манипулираат граѓаните и се создаваат проблеми со далекусежни, негативни последици врз целото општество. Политичките притисоци врз медиумите и новинарите се проблем со којшто нашата држава речиси три децении не може да се справи. Владите се менуваат, но партиите не се откажуваат од вкоренетата (не)култура на користење на медиумите како алатка за освојување и одржување на власта, наместо како инструмент за еманципација на граѓаните. Од друга страна, технолошките иновации и развојот на вештачката интелигенција од темел го менуваат начинот на функционирање на медиумските системи ширум светот. Листата на задачи кои е неопходно да се спроведат, за да се решат системските проблеми и да се подобрат состојбите во оваа сфера е долга, а нејзината основа е во тнр. Извештај на Прибе, од 2016 година. Од тогаш до денес, за жал, многу малку е преземено од страна на актуелната власт, но и на сите пратеници во парламентот, кои веќе 4 години не успеваат да ги донесат одлуките со кои можат да се поттикнат реформи во клучните медиумски институции - регулаторот и јавниот сервис. Итно ни се потребни проактивни медиумски политики што ќе ги придвижат процесите и ќе придонесат нашата медиумска индустрија да се адаптира кон европските и светските текови. Тоа ќе претставува поттик, но и обврска за самите медиуми да вложуваат во својот професионален и технолошки развој и да станат влијателни општествени актери и вистински чувари на демократијата. Охрабрува посветеноста на образовните институции кон едукација на младите во сферата на медиумската писменост и реформа на наставните програми во тој правец, којашто успешно се спроведува изминатите две години, бидејќи тоа е влог во иднината и во развојот на државата. Македонскиот институт за медиуми се придружува кон глобалното одбележување на светскиот ден на слободата на медиумите инициран од УНЕСКО, под мотото „Слободата на изразување е двигател на сите останати човекови права“ и бара од властите, институциите, бизнис заедницата, политичките партии, граѓаните и медиумите поголема поддршка, ангажман и посветеност во решавање на проблемите и справување со предизвиците во медиумската сфера.   Честит 3 мај на сите новинари и медиумски работници!  
Cover Mac Web

Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање дијалог

Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации, на медиумските професионалци и активисти, како и на граѓаните со цел подобро да ги разберат трендовите и предизвиците поврзани со слободата и интегритетот на медиумите на Западен Балкан и Турција, се меѓу главните цели на регионалниот проект „Нашите медиуми“ што ќе се спроведува во следните три години (2023-2025). Проектот ќе се спроведува во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Турција, од страна на партнерските организации коишто се дел од Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ), Медиацентар (Сараево), Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), а со финансиска поддршка од  Европската Унија. На почеток ќе бидат спроведени серија истражувачки активности коишто треба да ги идентификуваат главните трендови, ризици и можности за медиумска одржливост во регионот, како и да мапираат добри практики на медиумски активизам за поддршка на слободата на медиумите и на медиумската и информациската писменост (МИП). Наодите од истражувањето ќе се користат за зајакнување на капацитетите на медиумските организации и на други засегнати страни посветени на справување со предизвиците во медиумскиот сектор. Професионалниот капацитет на новинарите, медиумите и на медиумските организации ќе се адресира преку серија активности за застапување и ангажирање во рамки на националните коалиции за МИП. Локалните и националните медиуми и другите општествени актери ќе бидат поттикнати да известуваат за родовата нееднаквости во медиумите преку активности поврзани со медиумски активизам. Младите лидери ќе стекнат вештини за справување со штетни политики и ќе се информираат за практики за спротивставување на дискриминацијата и родовите стереотипи, како и за промовирање на родовата еднаквост преку нивната работа. Преку финансиска поддршка на граѓански организации во урбаните и руралните средини, проектот ќе настојува да допре до локалните заедници со цел да се унапредат вештините за МИП на граѓаните, да се промовира слободата и интегритетот на медиумите, но и за справување со поларизацијата што произлегува од пропагандата, говорот на омраза и дезинформациите. Проектот во бројки 200 претставници на граѓански организации ќе бидат обучени да генерираат ефективни практики за МИП, а најмалку 18 граѓански организации во урбаните и руралните средини во шесте земји ќе бидат поддржани со цел да делуваат на локално ниво преку спроведување акции поврзани со МИП. 70 медиумски професионалци и претставници на саморегулаторните тела ќе ги унапредат знаењата за состојбата со саморегулацијата во нивните земји и во регионот на Западен Балкан и ќе се информираат за потребите и можностите за унапредување на етичките кодекси и стандардите/практиките за саморегулација. 15.000 млади луѓе ќе бидат вклучени и ќе учат за медиумска и информациска писменост преку интерактивни квизови, а најмалку 500 ќе бидат вклучени во активностите на националната коалиција за МИП. 21 учесник (млади активисти, младински работници, едукатори, новинари, млади политичари) ќе ја подобрат компетентноста за медиумска писменост и активизам, вклучувајќи теми како што се: слобода и интегритет на медиумите, политичка економија на медиумите, медиумска екологија, дигитално учество.   Финансирано од Европската Унија Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија. Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.  
Izlozabastr

Во Струмица отворена мултимедијалната изложба „Стаклена соба - Погрешни информации и манипулации на интернет“

„Европска куќа“ – Струмица во следните два месеца ќе биде домаќин на мултимедијалната изложба „Стаклена соба - Погрешни информации и манипулации на интернет“. Изложбата се состои од серија постери, интерактивни апликации и анимации коишто им овозможуваат на посетителите да го преиспитаат нивниот однос со дигиталните технологии и да се соочат со предизвиците и опасностите што постојат во онлајн светот. На отворањето на изложбата, претставникот на Делегацијата на Европската Унија, Александар Меламед посочи дека изложбата ни овозможува да видиме како се создаваат дезинформации и како одредени корисници се вклучуваат во ширење злонамерна или непроверена содржина на интернет. „Изложбата се осврнува и на приватноста и открива модели на тргување и манипулација со нашите сопствени податоци и различни видови дигитални отпечатоци што ги оставаме зад нас како корисници на интернет“, додаде Меламед. „Со својот уникатен пристап изложбата на крајот ќе ни помогне да разбереме дека нашата дигитална и онлајн средина оди многу подалеку од нејзините технолошки граници и дефиниции. Како што ќе видите, тоа е прилично сложено и политичко прашање што ги обликува нашите секојдневни рутини, начини на размислување и разбирање на нашите општества“, истакна Меламед. „Стаклена соба: Погрешни информации и манипулации на интернет“ во земјава ја организираат Македонскиот институт за медиуми и Делегацијата на Европската Унија, во соработка со организацијата Тактикал Тек (Tactical Tech) од Берлин, којашто го осмисли концептот и дизајнот на изложбата. Досега изложбата беше поставена во „Европска Куќа“ во Скопје и во Крива Паланка.
Nm Web Cover 22

Доделени новинарските награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2022“

Тимот новинарки Сашка Цветковска, Елена Митревска Цуцковска и Маја Јовановска од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја доби наградата за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2022“, за сторијата „Нечиста крв“, емитувана на МТВ1 и на веб-страницата на ИРЛ. Сторијата обелоденува загрижувачки податоци за начинот на којшто се третирале пациентите во една од приватните болници во државата за време на пандемијата со ковид-19. Новинарскиот производ содржи темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и со изјави од многу релевантни извори и соговорници. Проблемот е објаснет на разбирлив начин, со придржување до професионалните и етичките новинарски стандарди, и заложба да се иницира институционално разрешување на детектираните неправилности. Сторијата, којашто предизвика лавина реакции во јавноста, е пример за конзистентно и доследно следење на проблематика од висок јавен интерес, со силен новинарски и тимски ангажман. Новинарката Кристина Атовска ја доби наградата за Најиновативен новинарски производ за репортажата од војната во Украина на тема „Како изгледа животот во рововите на првата линија на огнот“, емитувана во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“. Низ видео репортажа, новинарката го прикажува животот на граѓаните во Украина, вклучително и на деца со попреченост, проблемите со кои тие се соочуваат и поддршката што ја добиваат од хуманитарните организации и индивидуи додека трае војната во оваа земја. Користејќи го само мобилниот телефон, без какви било дополнителни ресурси и можност да известува со поддршка од комплетна новинарска екипа, авторката ѝ овозможи на публиката на автентичен и креативен начин да го слушне гласот на оние што се најдоа на првите борбени линии и гласот на најранливите, обидувајќи се да испрати апел за солидарност и поддршка не само до домашната, туку и до јавноста на глобално ниво. Наградата за Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерката Арбнора Мемети за фотографијата „’Врнежи’ од канцерогени материи во Тетово“, објавена на веб-страницата на „Дојче Веле“ на македонски јазик. Демонстрирајќи исклучителна креативност и естетски израз, фотографијата јасно и прецизно го илустрира проблемот со екстремно загадениот воздух во Тетово за време на минатогодишниот пожар во Тутунскиот комбинат. Доловувајќи ја драматичноста на амбиентот, фотографијата допира до гледачот и упатува јасна порака околу тежината на проблемот и неговите последици. На годинешниот конкурс пристигнаа: 16 стории, обработени во 77 текстови/видео прилози, во категоријата Најдобра истражувачка сторија; 18 теми во категоријата Најиновативен новинарски производ. 27 фотографии во категоријата Најдобра репортерска фотографија. Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов. Во 2021 година беа воведени уште две посебни категории - најиновативен новинарски производ и најдобра репортерска фотографија. Извештајот на жири-комисијата е достапен во прилог. Извештај на жири-комисијата750.12 KB  Фото-галеријата од настанот е достапна тука.