Новости

Ph3 003

Повик за доделување грантови на граѓански организации за промовирање на медиумската писменост

МИМ објавува повик за доделување грантови на граѓански организации (ГО) со цел да ја промовираат медиумската писменост. Грантовите треба да ги поддржат ГО во нивните напори да ги оспособат граѓаните критички да ги користат и одговорно да реагираат во однос на медиумските содржини што се поврзани со нивната област на делување. Цел на финансиската поддршка Да се зајакнат капацитетите на ГО за ефективно анализирање, оценување, употреба и креирање на медиумски содржини релевантни за нивната работа; Да се оспособат ГО самите да промовираат писменост за вести и дигитална писменост меѓу граѓаните. Типовите активности за коишто ГО може да аплицираат се однесуваат на имплементација на практични задачи поврзани со писменоста за вести и дигиталната писменост, како што се: мониторинг на медиумски содржини поврзани со прашања од нивната област на делување; креирање комуникациски планови и создавање медиумски содржини за информирање на публиката за нивните проблеми, како и за активностите што ги преземаат за справување со нив; начините на кои граѓаните може критички да ги употребат информациите и да се вклучат во јавната дебата на одговорен начин; креирање различни медиумски продукти (пример: текстови, фотографии, интернет-видеа итн.) со кои може да се подигне ефективноста и видливоста на нивните активности. Очекувани резултати од спроведените проекти ГО имаат воспоставени ефективни и редовни внатрешни процеси на анализа и евалуација на вести од медиумите што се релевантни за нивната работа; ГО создаваат квалитетни медиумски содржини; Државните институции, медиумите и медиумските саморегулаторни тела преземаат иницијативи врз основа на реакциите на ГО; Корисниците ја поддржуваат работата на ГО и бараат веродостојни информации од нив. Кои ГО може да аплицираат? На повикот може да аплицираат сите ГО кои во својот фокус ги имаат социјалните, еколошките, здравствените, потрошувачките прашања, како и оние кои ги застапуваат маргинализираните и социјалните категории граѓани. За финансиска поддршка преку овој повик може да се пријават граѓански и други непрофитни организации кои се регистрирани во државава. На повикот не може да се пријавуваат политички партии и религиски организации. ГО треба да имаат минимум двегодишно искуство во областа и во финансиското менаџирање.  Критериуми за доделување на грантовите и максимален буџет Сите апликанти ќе бидат евалуирани според претходно утврдени критериуми што ќе се однесуваат на предложениот проект и капацитетот на апликантот. Критериумите ќе вклучуваат: Јасна визија и мисија на апликантот; Релевантност на мисијата на апликантот за поширокото членство; Колку е демонстрирана заложба да се стигне до корисниците и да се учи низ процесот на спроведување на грантот; Капацитетот на апликантот да спроведува грантови. При изборот на апликантите ќе се обрне внимание на географската и тематската застапеност на граѓанските организации, како и на принципите на еднакви можности и инклузивност. Вкупниот буџет изнесува 48,000 евра. Ќе бидат доделени 6 гранта од по максимум 8,000 евра.  Времетраењето за спроведување на активностите треба да биде 18 месеци. Грантовите ќе ги покриваат трошоците директно поврзани со мониторинг на медиумите и креирање медиумски планови и продукти (вклучително плати и хонорари, патни трошоци, набавки за проектни активности и активности поврзани со обезбедување видливост на проектите и други директни трошоци за специфични програмски активности). Износот на административните трошоци во однос на вкупните директни трошоци на проектот може да биде максимално до 7%. За сите ГО коишто ќе бидат избрани на повикот, ќе бидат организирани обуки. Притоа, ќе биде обезбедена и менторска поддршка со цел полесно да ги имплементираат стекнатите знаења од обуките, што ќе им помогне при спроведувањето мониторинг и анализа на вестите и информациите, подготвувањето и доставувањето жалби до државните институции, саморегулаторните тела и до медиумските регулатори, како и при креирањето медиумски содржини за да ги информираат своите корисници и пошироката публика за проблемите и активностите. Заинтересираните организации треба да ги пополнат формуларите прикачени во прилог. Крајниот рок за пријавување е 20 јули, петок, до 17 часот. Пријавите може да се достават по е-маил, на адреса: mim@mim.org.mk или директно во просториите на МИМ, на адреса: Јуриј Гагарин, 17-1/1, Скопје. Овој повик се објавува во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, што го спроведува МИМ во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за различности и медиуми од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија.     1.Формулар за пријавување202.64 KB 2.Изјава од организацијата-апликант17.08 KB 3.Буџет17.36 KB  
DSC 5386 001

Мониторинг на централните вести: Само 7% од прилозите биле оригинални теми на самите редакции

За разлика од периодот од пред една година, разноликост во известувањето во вестите на најгледаните комерцијални телевизии и кај јавниот сервис постои, но таа денес, во услови на сменети политичко-општествени и медиумски услови, зависи од уредувачката политика на самите медиуми, нивната иницијативност и ангажираност во изборот и обработката на темите, како и од почитувањето на професионалните стандарди во чие средиште треба да биде јавниот интерес. Разноликоста во вестите на ТВ-каналите сè уште не претставува прашање на конкурентски натпревар во функција на јавниот интерес. Ова е заклучокот од мониторингот на осум ТВ-канали - шест најгледани комерцијални телевизии и на двата канала на Јавниот сервис, што беше спроведен од 19 до 25 февруари 2018 година, од страна на Македонскиот институт за медиуми и Мировниот институт од Љубљана. Мониторингот утврдува дека разликите биле најголеми во пристапот кон известувањето, што кај некои телевизии претставувал едноставно пренесување на информациите, а кај други коментаторско и субјективно толкување. Само на три телевизии бројот на прилози без позначителен новинарски ангажман бил под 50 отсто, а на МТВ 1 тој изнесувал над 90 отсто. Наодите упатуваат на тоа дека без оглед на жанровските специфики, карактеристичниот пристап во известувањето за актуелните теми или бројот на прилози за сопствени теми, телевизиите покажале преголеми сличности во темите на кои им даваат приоритет. Сепак, бројот на прилози за теми што излегуваат од рамката на дневното известување е премногу мал. Така на пример, oд вкупно 796 анализирани прилози, само 56 (7%) се однесувале на теми што ги отвориле и разработиле самите редакции. Според географската концентрација, телевизиите во три четвртини од прилозите се фокусираат на настаните што се случуваат во Скопје, за сметка на другите делови од државата. Истражувањето покажа дека недостасува поголем граѓански фокус во известувањето, односно наместо само да се пренесуваат информациите што доаѓаат од функционерите, треба да се прикаже каков ефект имаат случувањата врз граѓаните. Овие активности се дел од проектот „#РеФорМедиа - Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“ го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми и Мировниот институт од Љубљана, со финансиска поддршка од Европската Унија. Целосниот извештај од мониторингот е достапен во прилог. Анализа: Разноликост во известувањето на централните информативни2.48 MB
26.04.18.cover

Ефикасна саморегулација и медиумски писмени граѓани за одговорно комуницирање онлајн

Поттикнување на критичкото размислување и медиумската писменост кај корисниците на социјалните мрежи, подигнување на политичката култура на комуницирање, ефективна и независна саморегулација онлајн и доследна примена на законите се некои од предлозите во однос на решавањето на проблемите во комуникацијата во интернет-просторот, што беа истакнати на конференцијата „Права и обврски при комуницирање на Интернет“. Настанот го организираше МИМ во рамки на заедничкиот проект на Европската Унија и на Советот на Европа, со наслов „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“.   Социјалните мрежи стануваат нов вид јавност со свои позитивни и негативни страни, но човечкиот фактор е пресуден во оваа комуникација, истакна Сеад Џигал, експерт за медиумска писменост и социјални медиуми. „Проблемот е тоа што корисниците на социјалните мрежи имаат неограничени права, но не и обврски, особено во локалниот контекст каде што законската легислатива или не се применува или се применува селективно и недоволно“, вели тој. Според него, треба да се подобрува комуникациската, медиумската и политичката култура во општеството, а решенијата на проблемите треба да се бараат во едукацијата, односно вклучување на овие теми во формалното и во неформалното образование, но и во етичкото лидерство,  што подразбира истакнување влијателни поединци и јавни личности како примери за одговорно однесување за помладите генерации. Надиа Беларди, независна експертка ги претстави стандардите на Советот на Европа и Европската конвенција за човекови права и слободи, што се однесуваат на слободата на изразување, како и почитување на приватниот и семејниот живот и приватноста на информациите, истакнувајќи ја важноста од одржување рамнотежа меѓу нив. Таа се осврна на повеќе релевантни препораки на Комитетот на министри во однос на претставување на насилството во електронските медиуми, новото значење на медиумите, заштитата на човековите права во поглед на социјалните мрежи, слободата на интернет, како и на медиумскиот плурализам и транспаренстноста на медиумската сопственост, со акцент на влијанието на онлајн-платформите. Според Беларди, дезинформациите и говорот на омраза генерираат корисници колку и вестите или висококвалитетните содржини, пропагандата побрзо  се шири и прави повеќе штета, законите што го регулираат говорот на омраза може лесно да се злоупотребат и да ја  ограничат слободата на говорот, додека медиумските организации не можат да направат доволно да ги заштитат новинарите од говорот на омраза. Некои од „лековите“ за овие проблеми, Беларди ги гледа во поттикнување на критичкото мислење и информациската писменост, препознавање на веродостојните извори, разликување на промотивните содржини од фактите, имплементирање високи етички стандарди во новинарството и ефективна и независна саморегулација на социјалните медиуми. Новинарот и граѓански активист, Огнен Јанески, кој истакна дека и самиот често бил цел на говор на омраза и навреди на интернет, смета дека законите не ги заштитуваат корисниците на социјалните мрежи во реалноста. Според него, постоењето обврски и права не значи дека сите ги применуваат. Идејата за саморегулација е добра, вели тој, но треба да се најдат креативни начини како да се работи на подобрување на писменоста на корисниците на социјалните мрежи, а особено на младите и на оние кои шират говор на омраза. „Факти, проверени информации, статистики, линкови, контраргументи што ги рушат нивните аргументи и секогаш културен пристап и ниво на однесување“ е начинот што тој го препорачува за справување со оние кои се однесуваат недолично онлајн или, пак, во етерот.   Заеднички заклучок од конференцијата беше дека за говорот на омраза треба отворено да се зборува, со цел да се разобличи овој феномен и последиците од него. Корисниците на социјалните мрежи треба почесто да реагираат до саморегулаторното тело и до надлежните институции, со цел проблемот да стане повидлив и тие да се поттикнат да ги процесираат случаите. Од друга страна, проблемот може ефикасно да се адресира само преку спрега на институциите, односно граѓанскиот сектор, регулаторот, судството и институциите што имаат надлежност да се справуваат со проблемите на интернет. Фото-галеријата од настанот е достапна тука Презентацијата на Надиа Беларди е прикачена во прилог. Freedom of Expression Online5.9 MB
Povik 001

Отворен повик за аплицирање на граѓански организации што работат со лица со попреченост за учество на работилници

Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија организираат две тридневни работилници за граѓански организации што ги застапуваат правата на лицата со попреченост во земјава, а кои сакаат да ги подобрат своите комуникациски вештини користејќи ги онлајн и традиционалните медиуми. Двете работилниците што ќе се спроведуваат под мотото „Нека се чуе вашата порака!“ ќе имаат иста цел и дневен ред, а на секоја ќе може да учествуваат по 15 претставници од граѓанските организации што ќе се пријават на повикот. Ги покануваме сите заинтересирани да ги пополнат формуларите за аплицирање (во прилог) и да изберат на која работилница би сакале/би можеле да учествуваат (доколку ви одговараат двата термина, означете ги двата). Првата работилница ќе се одржи во Скопје од 3-5 мај 2018 година, додека втората во Охрид од 4-6 јуни 2018 година.  Некои од темите што ќе бидат опфатени на работилниците се: како да се привлече вниманието и како да се градат успешни релации со медиумите, развивање медиумски кампањи за застапување на темите поврзани со правата на лицата со попреченост, како да се заинтересираат медиумите за приказните на граѓанските организации итн. Учесниците ќе бидат запознаени и со медиумски алатки и техники за подигање на видливоста на нивните организации и за промовирање на нивните активности меѓу пошироката засегната јавност. Работилниците ќе имаат повеќе практичен пристап, при што една од целите е да им овозможат на сите учесници да развијат најмалку една идеја за медиумска кампања што би вклучувало дефинирање специфична тема, целна група и порака. Активностите ќе вклучуваат и менторска поддршка за вкупно 16 граѓански организации при натамошно развивање и имплементирање на нивните идеи за медиумските кампањи. Работилниците се организираат како дел од проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“, чија цел е да се зголеми видливоста преку медиумите и да се подобри јавната перцепција на лицата со попреченост, како неопходен предуслов за нивно активно учество во јавниот живот и за еднаков третман при практикување на правата и слободите. Сите трошоци за патувањето и сместувањето на избраните учесници на работилниците ќе бидат покриени од организаторите. Контакт за сите дополнителни прашања и информации: vlado@poraka.org.mk и vesnanik@mim.org.mk. Ве молиме испратете ги Вашите пополнети апликации најдоцна до 26 април 2018 година на следниот контакт: ivana.jelaca@media-diversity.org. Успешните апликанти ќе бидат известени најдоцна до 27 април 2018 година.    Формулар за аплицирање1.02 MB
D.literacy

Како да се справиме со лажните вести

“Писменост за вести и дигитална писменост- Справување со лажните вести“ е насловот на проектот што Македонскиот институт за медиуми во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за различности во медиумите од Лондон ќе го спроведуваат во следните три години, со финансиска поддршка од Европската Унија. Целта на проектот е преку унапредување на писменоста за вести и на дигиталната писменост, да се подобри ефективноста, одговорноста и етиката меѓу припадниците на граѓанското општество и на новинарите при користењето на правото на слобода на мислење и изразување. Проектот ќе придонесе кон зголемување на знаењето на граѓанските организации со цел да можат ефективно да се справуваат со лажните вести и неетичкото известување во медиумите, ќе им помогне на корисниците на социјалните медиуми да станат информирани консументи на онлајн вести и информации и активни граѓани кои одговорно се однесуваат онлајн. Исто така, проектот ќе поттикнува дебата за писменоста за вести и дигиталната писменост меѓу новинарите, со акцент на економските и социјалните услови за унапредување на слободата на изразување. Активностите се дизајнирани во насока на зајакнување на знаењата и капацитетите на целните групи, за тие да можат понатаму да ја промовираат писменоста за вести и дигиталната писменост, како во медиумската индустрија, така и меѓу пошироката публика. Дел од нив предвидуваат обуки, менторирање и регрантирање на граѓански организации, подготовка на стратегија за социјалните медиуми, како и истражување за мотивациите на корисниците на социјалните медиуми и разновидни едукативни ресурси (видеа, туторијали, блог-постови, онлајн квизови). Дополнително, ќе се спроведуваат кампањи и медиумски настани наменети за корисниците на социјалните медиуми, новинарите и граѓанските организации, ќе се организира годишна награда за медиуми кои го промовираат новинарството во јавен интерес и ќе се објавуваат месечни публикации за медиумските професионалци. Сите информации за активностите ќе бидат достапни на веб-страниците на МИМ, ИКС, ССНМ и МДИ, на Фејсбук, Твитер, Инстаграм, како и на посебната веб-страница која ќе биде креирана во рамки на проектот.       
Nis17 001

Сторијата за паралелниот увоз на лекови на Менче Атанасова Точи првонаградена на конкурсот „Никола Младенов“ 2017

Менче Атаносова Точи го освои првото место на годинешниот конкурс на МИМ за новинарската награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија со серијалот текстови за сомнителниот паралелен увоз на лекови, објавени на интернет-порталот Нова ТВ. Истражувањето покажува сериозни злоупотреби од страна на институциите, манипулирање на граѓаните, богатење на одредени фармацевтски моќници, носење закони по терк на претходната власт, со образложение дека паралелниот увоз овозможува намалување на цената на лековите. Втората награда ја доби тимот новинари на БИРН Македонија за истражувањето „Странските инвестиции под лупа“, објавено на интернет-порталот Призма. Новинарите на БИРН и овозможија на јавноста сеопфатен увид во реалната вредност на инвестициите наспроти ветувањата и информациите од претходната влада, како и во неоправданото трошење на огромни суми од државниот буџет за поддршка на влезот на странски инвестиции. Годинава третата награда ја делат Петар Клинчарски, за сторијата „Изгубени во 1000 преводи“ објавена во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М и Лиридона Вејсели за сторијата „Каде е штабот на џихадистите во Македонија?“ објавена на интернет-порталот  Журнал. Истражувањето на Клинчарски открива сериозни контроверзи и сомнежи за корупција во постапките за превод на стручни книги од странство, при што открива дека државни средства наменети за преводи на стручна литература се концентрирале во исти фирми блиски до претходната власт. Сторијата на Вејсели, пак, на јавноста и открива ексклузивни информации поврзани со начинот на врбување и регрутација на борци од земјава и она со што тие се соочиле на боиштата на блискиот исток и по враќањето дома. Комисијата одлучи да и додели пофалница на Славица Филиповска за демонстрираниот исклучителен новинарски израз и квалитетна обработка на сторијата „Колку време ни треба да го уништиме најстарото езеро во Европа?“ објавена во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М. Оваа година, МИМ по 17-ти пат ја додели наградата за најдобра истражувачка сторија на годината, како дел од заложбите за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава. Деталниот извештај на комисијата која ги разгледуваше пријавените стории е достапен во прилог. Линковите од наградените стории се прикачени тука. Фото-галеријата од настанот е достапна тука. Извештај на жири-комисијата76.8 KB
Pol

Документарец: Политичкиот плурализам во медиумските содржини надвор од изборни периоди

Што подразбираполитичкиот плурализам во медиумите? Како да се спречи пропагандистичкото претставување на одредени политички партии и идеолошки мислења преку медиумите? Какви се искуствата во развиените демократии? Овие теми ги третира 5-от документарец од серијалот „Медиуми за граѓаните“:  
Pluralizam

Сите чинители и механизми да функционираат одговорно и посветено за унапредување на политичкиот плурализам

Политичкиот плурализам во медиумите е комплексно прашање и неговото поттикнување зависи од вклучување на повеќе релевантни чинители и различни механизми. Заради тоа треба да се овозможи доследно применување на законската регулатива, сите институции и тела кои имаат надлежности во областа треба да функционираат и доследно да ги спроведуваат своите обврски, саморегулаторното тело треба да продолжи со својата ангажираност, а медиумите треба да ја зголемат поддршката за неговата работа. Медиумските и граѓанските организации треба да вршат притисок и да се залагаат за промовирање на оваа цел, а ова прашање треба да се интегрира и во образовниот систем, како вредност за која ќе се залагаат новите генерации новинари и медиумски работници. Особено важно е да се зајакне свеста кај медиумите и медиумските сопственици, уредници и новинари, како и кај политичките елити кои треба да покажат демократски капацитет и да ги остават медиумите да функционираат независно. Ова се некои од клучните поенти на конференцијата „Политичкиот плурализам во медиумското известување во период надвор од изборна кампања“, што ја организираше Македонскиот институт за медиуми во соработка со Советот на Европа. Во македонското законодавство не се предвидени правила и норми во однос на обезбедување на политичкиот плурализам надвор од избори, додека во периодите на изборни кампањи ова прашање е регулирано со Изборниот законик. „Надвор од избори, најголемиот товар, односно најголемата одговорност паѓа на уредниците и на сопствениците на медиумите. По промената на власта (во 2016 година) имаше промени во начинот на известување кај медиумите. Но, останува да лебди прашањето дали во иднина, при некоја следна промена на власта, медиумите би фаворизирале повторно одредена политичка партија,“ вели Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Според претседателот на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија, Мирче Адамчевски, состојбата со политичкиот плурализам во медиумите во моментов малку е подобрена, но не и доволно: „Телевизиите со национални концесии се трудат да бидат внимателни кон почитувањето на политичкиот плурализам, но тоа докрај не им успева. Се' уште може да се зборува дека врз работата на медиумите влијаат нивните сопственици во спрега со главните уредници, а лукративно поврзани со некоја од политичките партии. Се' уште има изразена политичка поларизација на медиумите во зависност од тоа кои се нивни сопственици /.../ Посебна приказна во (не)почитувањето на политичкиот плурализам во медиумите е јавниот сервис. Тој отсекогаш бил диригиран од партиите на власт. Токму затоа, таму се потребни драстични промени.“ Експертот од Велика Британија, Џастин Шлозберг, предавач на Биркбек Универзитетот од Лондон, рече дека, во однос на состојбата во неговата држава, тој би можел да препорача да се основа независна комисија за плурализам, која би ги разгледала длабински сите прашања кои имаат влијание врз политичкиот плурализам во медиумите: „... Не само оние кои се однесуваат на непристрасност или недостиг од непристрасност, туку и на одржливоста, на различните типови медиуми, различните гласови во медиумите, треба да се осигура дека публиките во целост се изложени на различни мислења изразени во медиумите.“ Според него, таа комисија би дала препораки до владата и до собранието што треба да се промени во поглед на сите прашања специфични за еден национален контекст, како на пример – како се финансира и конституира регулаторот, кои му се надлежностите, во врска со неутралноста, субвенционирањето за непрофитните медиумите итн. Конференцијата се одржа во рамки на проектот „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“, кофинансиран од Европската Унија. Во прилог може да ја погледнете презентацијата на експертот од Велика Британија, Џастин Шлозберг. Фото-галеријата од настанот е достапна тука.  Justin_S_Regulating for political pluralism on television553.33 KB
Kon 14 12

Соработката со медиумите ќе ја подобри независноста на судството

Неопходно е да се изнајдат ефективни механизми за интензивирање на соработката меѓу медиумите и правосудните органи со цел да се подобри комуникацијата и да се воспостави взаемна доверба. Ова беше заедничкиот заклучок до кој дојдоа претставниците на новинарите, судиите и јавните обвинители на конференцијата „Известувањето на медиумите за судски постапки“ што ја организираше Македонскиот институт за медиуми во соработка со Советот на Европа. Целта на конференцијата беше да се овозможи размена на искуства и ставови меѓу претставници на правосудните институции и на новинарите во однос на медиумското известување за судските постапки и можностите за унапредување на комуникацијата и на соработката, за јавноста да биде информирана навремено и квалитетно околу прашањата во овој домен што се од јавен интерес. Меѓународниот експерт, Фредерик Грас, адвокат од Париз, во својата презентација се осврна на стандардите содржани во Препораката на Советот на Европа која се однесува на обезбедување информации преку медиумите за кривични постапки, како и на Декларацијата за медиумско известување во врска со кривични постапки. Тој го истакна правото на новинарите да го критикуваат судството, но нагласи и дека претставниците на државните институции треба да имаат повисок праг на толеранција кон критика. Во своето излагање Грас рече дека при известувањето од кривични постапки, новинарите треба да „употребуваат соодветни зборови“, да се придржуваат до етичките стандарди, односно да презентираат факти и да имаат извори, но притоа да го почитуваат правилото за пресумпција на невиност, правото на приватност и да го почитуваат достоинството и безбедноста на сите учесници во судските процеси. Според Александар Димитриевски, новинар кој ја следи судската проблематика во рамки на емисијата 360 степени на ТВ Алсат, се уште постои недоверба меѓу новинарите, судиите и обвинителите, на правосудните институции им недостига поголема транспарентност, често не се толерантни во однос на коментирањето на нивните одлуки и дејствија во медиумите, а истакна и дека има новинари кои не ги познаваат доволно постапките и законите. Тој предложи неколку препораки кои би им ја олесниле работата на новинарите, би ја подобриле комуникацијата меѓу судовите и новинарите, како и транспарентноста на судовите: “Професионализација на портпаролите и нивно унапредување во лица кои ќе бидат повеќе од посредници меѓу новинарите и судиите, воспоставување функционален механизам за санкција на судии кои одбиваат соработка со јавноста, одржување редовни прес-конференции и брифинзи на претседателите на судовите и шефовите на обвинителствата, јавно достапни обвиненија за случаите од јавен интерес, како и уредување на прашањето за снимање во судница.“ Судијата Ненад Савески од Основниот Суд Скопје 1, пак, се согласи дека е потребно да се унапреди комуникацијата со новинарите, при што би се воспоставила поголема взаемна доверба. Според него, преку соработката со медиумите, судовите ќе може да демонстрираат поголема независност. Критиката на новинарите за „молкот“, односно, наводната нетранспарентност на судовите, во однос на постапувањата со конкретни предмети за кои има интерес во јавноста, тој ја објасни со „внимателно однесување“, како и со низа законски ограничувања, како што се пресумпцијата на невиност, заштита на приватноста, зачувување на безбедноста и дигнитетот на учесниците во процесот, зачувување на угледот на судот итн. Савески објасни дека судовите својата комуникација со јавноста ја остваруваат преку соопштенија и портпароли и се согласи дека е потребно двете фели да остваруваат почести средби заради унапредување на соработката. Јавниот обвинител Јован Цветановски, од Вишото јавно обвинителство - Скопје, исто така, се согласи дека јавноста треба да биде известена преку медиумите, а сите новинари кои ќе побараат информација, треба да ја добијат. Тој предложи редовни брифинзи со новинарите, со цел да се подобри комуникацијата на јавното обвинителство со јавноста и да се зголеми довербата во институциите. Конференцијата се одржа во рамки на проектот „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“, кофинансиран од Европската Унија. Bо прилог може да ја погледнете презентацијата на меѓународниот експерт Фредерик Грас, како и препораката и декларацијата на Советот на Европа за известување за кривични постапки. Transparency of judicial authority media coverage of court proceedings641.22 KB Декларација и препорака на Совет на Европа146.28 KB