Новости

Pol

Документарец: Политичкиот плурализам во медиумските содржини надвор од изборни периоди

Што подразбираполитичкиот плурализам во медиумите? Како да се спречи пропагандистичкото претставување на одредени политички партии и идеолошки мислења преку медиумите? Какви се искуствата во развиените демократии? Овие теми ги третира 5-от документарец од серијалот „Медиуми за граѓаните“:  
Pluralizam

Сите чинители и механизми да функционираат одговорно и посветено за унапредување на политичкиот плурализам

Политичкиот плурализам во медиумите е комплексно прашање и неговото поттикнување зависи од вклучување на повеќе релевантни чинители и различни механизми. Заради тоа треба да се овозможи доследно применување на законската регулатива, сите институции и тела кои имаат надлежности во областа треба да функционираат и доследно да ги спроведуваат своите обврски, саморегулаторното тело треба да продолжи со својата ангажираност, а медиумите треба да ја зголемат поддршката за неговата работа. Медиумските и граѓанските организации треба да вршат притисок и да се залагаат за промовирање на оваа цел, а ова прашање треба да се интегрира и во образовниот систем, како вредност за која ќе се залагаат новите генерации новинари и медиумски работници. Особено важно е да се зајакне свеста кај медиумите и медиумските сопственици, уредници и новинари, како и кај политичките елити кои треба да покажат демократски капацитет и да ги остават медиумите да функционираат независно. Ова се некои од клучните поенти на конференцијата „Политичкиот плурализам во медиумското известување во период надвор од изборна кампања“, што ја организираше Македонскиот институт за медиуми во соработка со Советот на Европа. Во македонското законодавство не се предвидени правила и норми во однос на обезбедување на политичкиот плурализам надвор од избори, додека во периодите на изборни кампањи ова прашање е регулирано со Изборниот законик. „Надвор од избори, најголемиот товар, односно најголемата одговорност паѓа на уредниците и на сопствениците на медиумите. По промената на власта (во 2016 година) имаше промени во начинот на известување кај медиумите. Но, останува да лебди прашањето дали во иднина, при некоја следна промена на власта, медиумите би фаворизирале повторно одредена политичка партија,“ вели Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Според претседателот на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија, Мирче Адамчевски, состојбата со политичкиот плурализам во медиумите во моментов малку е подобрена, но не и доволно: „Телевизиите со национални концесии се трудат да бидат внимателни кон почитувањето на политичкиот плурализам, но тоа докрај не им успева. Се' уште може да се зборува дека врз работата на медиумите влијаат нивните сопственици во спрега со главните уредници, а лукративно поврзани со некоја од политичките партии. Се' уште има изразена политичка поларизација на медиумите во зависност од тоа кои се нивни сопственици /.../ Посебна приказна во (не)почитувањето на политичкиот плурализам во медиумите е јавниот сервис. Тој отсекогаш бил диригиран од партиите на власт. Токму затоа, таму се потребни драстични промени.“ Експертот од Велика Британија, Џастин Шлозберг, предавач на Биркбек Универзитетот од Лондон, рече дека, во однос на состојбата во неговата држава, тој би можел да препорача да се основа независна комисија за плурализам, која би ги разгледала длабински сите прашања кои имаат влијание врз политичкиот плурализам во медиумите: „... Не само оние кои се однесуваат на непристрасност или недостиг од непристрасност, туку и на одржливоста, на различните типови медиуми, различните гласови во медиумите, треба да се осигура дека публиките во целост се изложени на различни мислења изразени во медиумите.“ Според него, таа комисија би дала препораки до владата и до собранието што треба да се промени во поглед на сите прашања специфични за еден национален контекст, како на пример – како се финансира и конституира регулаторот, кои му се надлежностите, во врска со неутралноста, субвенционирањето за непрофитните медиумите итн. Конференцијата се одржа во рамки на проектот „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“, кофинансиран од Европската Унија. Во прилог може да ја погледнете презентацијата на експертот од Велика Британија, Џастин Шлозберг. Фото-галеријата од настанот е достапна тука.  Justin_S_Regulating for political pluralism on television553.33 KB
Kon 14 12

Соработката со медиумите ќе ја подобри независноста на судството

Неопходно е да се изнајдат ефективни механизми за интензивирање на соработката меѓу медиумите и правосудните органи со цел да се подобри комуникацијата и да се воспостави взаемна доверба. Ова беше заедничкиот заклучок до кој дојдоа претставниците на новинарите, судиите и јавните обвинители на конференцијата „Известувањето на медиумите за судски постапки“ што ја организираше Македонскиот институт за медиуми во соработка со Советот на Европа. Целта на конференцијата беше да се овозможи размена на искуства и ставови меѓу претставници на правосудните институции и на новинарите во однос на медиумското известување за судските постапки и можностите за унапредување на комуникацијата и на соработката, за јавноста да биде информирана навремено и квалитетно околу прашањата во овој домен што се од јавен интерес. Меѓународниот експерт, Фредерик Грас, адвокат од Париз, во својата презентација се осврна на стандардите содржани во Препораката на Советот на Европа која се однесува на обезбедување информации преку медиумите за кривични постапки, како и на Декларацијата за медиумско известување во врска со кривични постапки. Тој го истакна правото на новинарите да го критикуваат судството, но нагласи и дека претставниците на државните институции треба да имаат повисок праг на толеранција кон критика. Во своето излагање Грас рече дека при известувањето од кривични постапки, новинарите треба да „употребуваат соодветни зборови“, да се придржуваат до етичките стандарди, односно да презентираат факти и да имаат извори, но притоа да го почитуваат правилото за пресумпција на невиност, правото на приватност и да го почитуваат достоинството и безбедноста на сите учесници во судските процеси. Според Александар Димитриевски, новинар кој ја следи судската проблематика во рамки на емисијата 360 степени на ТВ Алсат, се уште постои недоверба меѓу новинарите, судиите и обвинителите, на правосудните институции им недостига поголема транспарентност, често не се толерантни во однос на коментирањето на нивните одлуки и дејствија во медиумите, а истакна и дека има новинари кои не ги познаваат доволно постапките и законите. Тој предложи неколку препораки кои би им ја олесниле работата на новинарите, би ја подобриле комуникацијата меѓу судовите и новинарите, како и транспарентноста на судовите: “Професионализација на портпаролите и нивно унапредување во лица кои ќе бидат повеќе од посредници меѓу новинарите и судиите, воспоставување функционален механизам за санкција на судии кои одбиваат соработка со јавноста, одржување редовни прес-конференции и брифинзи на претседателите на судовите и шефовите на обвинителствата, јавно достапни обвиненија за случаите од јавен интерес, како и уредување на прашањето за снимање во судница.“ Судијата Ненад Савески од Основниот Суд Скопје 1, пак, се согласи дека е потребно да се унапреди комуникацијата со новинарите, при што би се воспоставила поголема взаемна доверба. Според него, преку соработката со медиумите, судовите ќе може да демонстрираат поголема независност. Критиката на новинарите за „молкот“, односно, наводната нетранспарентност на судовите, во однос на постапувањата со конкретни предмети за кои има интерес во јавноста, тој ја објасни со „внимателно однесување“, како и со низа законски ограничувања, како што се пресумпцијата на невиност, заштита на приватноста, зачувување на безбедноста и дигнитетот на учесниците во процесот, зачувување на угледот на судот итн. Савески објасни дека судовите својата комуникација со јавноста ја остваруваат преку соопштенија и портпароли и се согласи дека е потребно двете фели да остваруваат почести средби заради унапредување на соработката. Јавниот обвинител Јован Цветановски, од Вишото јавно обвинителство - Скопје, исто така, се согласи дека јавноста треба да биде известена преку медиумите, а сите новинари кои ќе побараат информација, треба да ја добијат. Тој предложи редовни брифинзи со новинарите, со цел да се подобри комуникацијата на јавното обвинителство со јавноста и да се зголеми довербата во институциите. Конференцијата се одржа во рамки на проектот „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“, кофинансиран од Европската Унија. Bо прилог може да ја погледнете презентацијата на меѓународниот експерт Фредерик Грас, како и препораката и декларацијата на Советот на Европа за известување за кривични постапки. Transparency of judicial authority media coverage of court proceedings641.22 KB Декларација и препорака на Совет на Европа146.28 KB
Cover.dok3 Compressor

Документарец: Деполитизацијата на програмскиот совет на Македонската радио-телевизија – предуслов за независност на јавниот сервис

Како да се реформира моделот на предлагање и именување членови на Програмскиот совет на МРТВ, со цел да се минимизираат политичките влијанија? На кој начин Програмскиот совет може да обезбеди поголема транспарентност во работењето и подобра комуникација со публиката? Каква треба да биде улогата на Програмскиот совет во заштитата на професионалните и етичките стандарди на јавниот сервис? На овие теми е посветена третата епизода од серијалот документарци „Медиуми за граѓаните“.  
Partnership Md 003

Завршува проектот “Партнерство на Југоисточна Европа за развој на медиумите”

Проектот “Партнерство на Југоисточна Европа за развој на медиумите” завршува по четири години напорна, но многу значајна работа од страна на нашите партнери во Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора, Србија, Бугарија и Романија. Проектот обедини многу новинари, претставници на медиумски центри и институции, синдикати, граѓански организации, академици и креатори на политики, чии заеднички напори беа насочени кон развој на независни и одговорни медиуми на Западен Балкан. "Тоа беше огромно патување. Ги анализиравме условите во кои работат новинарите и се соочувавме со предизвиците со кои и тие се соочуваат насекаде низ регионот. Влеговме со позитивна енергија, но ги адресиравме и препреките кои беа повеќе или помалку видливи. Би сакале да можеме да кажеме дека го наоѓаме регионот во подобра состојба отколку пред четири години. Но, тоа не е така. Заканите за слободата и независноста на медиумите се сé посериозни и потребата за добро, одговорно новинарство е поголема од кога и да е. Доброто новинарство не само што има потреба од добри професионалци и работодавци, туку и од добра јавност, образована и подготвена да ја консумира и поддржува вистината и транспарентноста", изјави Јоана Авадани, директорка на Центарот за независно новинарство во Букурешт и раководител на проектот. Во рамките на проектот, партнерите произведоа две сеопфатни регионални анализи: една за работните односи во медиумите во регионот, а втората со фокус на медиумската писменост и новинарското образование. Анализите беа дискутирани на национално и регионално ниво од страна на стотици новинари и претставници на академската јавност и резултираа со препораки за политики. Партнерите исто така, ја набљудуваа слободата на изразување во регионот и изработија серија студии за теми, како што се говорот на омраза на религиозни основи, дигитализацијата на медиумите или улогата на социјалните медиуми во поставувањето на јавната агенда. "Проектот може да заврши, но ќе продолжи да дава резултати. Ја подигнавме свеста за помалку адресирани прашања, ги зголемивме капацитетите за застапување на медиумските организации, инициравме теми на јавните агенди во земјите во кои работевме. Важно е нашата работа да биде продолжена, а сé повеќе засегнати страни да ги здружат напорите во заштитата на слободата на изразување, во сите негови форми ", заклучи Авадани. Партнерство на Југоисточна Европа за развој на медиумите беше имплементиран од конзорциум координиран од Центарот за независно новинарство (Романија), составен од: Албанскиот институт за медиуми, Медиацентар за медиумски развој и развој на граѓанското општество (БиХ), Медиумски иницијативи - Здружение за развој на медиумите и унапредување на професионално новинарство (БиХ), Македонскиот институт за медиуми (Македонија), Медиумски институт Црна Гора (Црна Гора), Фондацијата Медиа центар (Србија), Центарот за медиумски реформи Ниш (Србија) и Центарот за развој на медиуми (Бугарија). Исто така беа вклучени професионалци од медиумите од Косово и од Турција. Повеќе информации за проектот се достапни на: https://seemediapartnership.cji.ro/ Проектот беше кофинансиран од Европската комисија, Програмата за граѓанско општество, Програмата за слобода на медиумите и одговорност, Europe Aid / 134613 / C / ACT / MULTI.  
Pro.servisi.debata

Граѓаните можат да го заштитат јавниот сервис само доколку имаат доверба во него

Неопходно е да се отвори јавна дискусија за темелна реформа на сите аспекти на функционирањето на јавниот сервис Македонска радио-телевизија и за натамошниот развој на Куќата, со цел таа да стане современ европски јавен сервис. Изборот на членови на Програмскиот совет на јавниот сервис треба да се спроведува преку јавен конкурс со цел да се намалат директните политички влијанија, а сите засегнати страни треба да ги разгледаат можностите за евентуално зголемување на бројот на членови на ова тело со цел тоа посоодветно да ги претставува различните сегменти и интереси во македонското општество, потоа за директен влез на членови, за ревидирање на забраната за учество на вработени од јавниот сервис, како и за воведување на т.н. скалест мандат на членовите. МРТ треба да ја унапреди транспарентноста за својата работа и да ги развива каналите и механизмите за комуникација со публиката. Ова се главните препораките од компаративна анализа на програмските совети на јавните радиодифузни сервиси на Македонија, Хрватска и Словенија, што ја подготви м-р Љиљана Митевска, која беше претставена на јавната дебата „Деполитизација на програмскиот совет на МРТ – предуслов за независност на јавниот сервис”, што ја организираше Македонскиот институт за медиуми. На настанот како говорници учествуваа актуелни и поранешни членови на програмските совети на јавните сервиси во Македонија, Словенија и Хрватска. Снежана Клинчарова, претседателката на Програмскиот совет на МРТ, истакна дека со укинувањето на радиодифузната такса, што е спротивно на препораките на ЕБУ, ќе се стави во залог независноста на МРТ. Според неа Куќата, со новиот начин на финансирање од 0,5 проценти кои ќе се издвојат од државниот Буџет за 2017 година ќе има помалку средства од 2016 година, што ќе се одрази и на програмскиот квалитет. Дополнително, Клинчарова го истакна проблемот што произлезе од договорот меѓу политичките партии „Пржино 2“, со кој Вториот канал на МТВ треба да се трансформира целосно во програмски сервис на албански јазик, за чие стартување, според изработениот елаборат, се потребни 5 милиони Евра. За Бранкица Петковиќ, претставничка од Програмскиот совет на РТВ Словенија, „апсолутно неприфатлива е нетранспарентноста“ во работењето на ова тело. „Седниците на Програмскиот совет на РТВ Словенија се најавуваат, а седницата се пренесува јавно. Наша задача е да реагираме доколку нешто не е во ред и доколку биле прекршени етичките стандарди во работењето. Не може да им се испраќа на граѓаните сигнал дека може се' да се емитува, затоа што на тој начин се руши угледот на јавниот сервис, а со тоа и довербата во него,“ истакна Петковиќ. Според неа, многу е важно претседателот на ова тело да биде личност со интегритет, високи етички и морални вредности и висок интелектуален потенцијал. Според искуството и во Словенија и во Хрватска, укинувањето на радиодифузната такса и финансирањето на јавниот сервис од државниот Буџет не е добро решение. „Доколку е нужно, ова може да биде привремено, се додека не се најде стабилно и трајно решение. И Словенија и Хрватска сведочат дека 90% од граѓаните плаќаат такса. Плаќањето радиодифузна такса е исто како да плаќаш придонеси за образование или за здравство, така плаќаш и за заштита на новинарите во јавниот сервис. РТВ Словенија има своја служба за собирање на таксата. Но, јавниот сервис не смее да шири ‘отров’“, предупредува Петковиќ. Учесничката од Хрватска, Мирјана Ракиќ, која е поранешна претседателка на тамошното регулаторно тело, како и поранешна директорка и уредничка на ХРТ смета дека „треба да се воспостави врска меѓу граѓаните и јавниот сервис“, за тие да го чувствуваат како свој, да имаат доверба во него и на тој начин ќе можат да го заштитат. Таа информира дека Програмскиот совет на ХРТ нема влијание врз програмата, туку може само да дебатира, а омбудсманот има само советодавна улога. И Петковиќ и Ракиќ се согласија дека решението - генералниот директор да го избира Собранието, како што е случајот во Хрватска - не е добар модел што соодветствува со европските стандарди. Анализата и дебатата се дел од проектот „#РеФорМедиа – Унапредување на соработката меѓу граѓанските организации, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“, што го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми и Мировниот институт од Љубљана, а го финансира Европската Унија. Целосниот извештај од анализата е достапен во прилог. Фото-галеријата од настанот е достапна тука. Анализа на програмските совети на јавните радиодифузни сервиси на МК, ХРВ и СЛО2.31 MB
2epizoda

Документарец за сопственичките и финансиските модели на највлијателните ТВ-канали, во Македонија, во Хрватска и во Словенија

Зошто Македонија не е атрактивна за странски инвестиции во медиумите? Каков е профилот на медиумските сопственици во Македонија, споредено со Хрватска и со Словенија? Кои сопственички модели може да придонесат кон поголема независност и развој на медиумите? Одговорите на овие прашања погледнете ги во втората епизода од серијалот документарци „Медиуми за граѓаните“.
Pic EU Parliament 001

Лажните вести и медиумската писменост во фокус и на европските институции

Нефункционалноста на медиумските пазари, нетранспарентното финансирање на медиумите, особено од јавни извори, загрозувањето на медиумските слободи и права, растечкиот тренд на лажни вести и медиумската писменост како еден од начините за справување со нив, се во фокусот на интересирањето и на европските институции и на европските медиумски организации коишто го следат развојот на медиумската сцена во земјите од Западен Балкан. Ова беше констатирано на повеќе состаноци со европските парламентарци, високи претставници на европските институции и на повеќе меѓународни медиумски организации во Брисел со кои се сретнаа претставниците од медиумските организации од регионот на 10 и 11 октомври 2017 година, во рамки на проектот „Партнерство за развој на медиумите на Југоисточна Европа“. Медиумските организации од регионот, меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми, остварија средби со европратеничката Ренате Вебер, со главниот советник за медиуми и граѓански сектор во Директоратот за проширување на Европската Комисија (DG NEAR), Андрис Кестерис, со претставници од Секторот за комуникациски мрежи, содржини и технологија на ЕК (DG CNECT), како и со повеќе меѓународни новинарски и медиумски организации - Европската федерација на новинари, ЕАВИ и Глобалниот форум за медиумски развој. На состаноците беше презентирана состојбата со слободата на медиумите, а беа претставени и истражувањата за работничките права на новинарите, како и за образовните потреби на новинарите и медиумската писменост, што беа спроведени во сите држави каде што се спроведуваа активностите. Проектот е финансиран од Европската Комисија, а го раководи Центарот за независно новинарство од Романија во партнерство со Медиумскиот институт на Албанија, организациите Медијацентар и Медиумски иницијативи од Босна и Херцеговина, Медија центар - Белград и Медија и реформ центар - Ниш од Србија, Медиумски институт на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми и Центарот за развој на медиуми од Бугарија.
Dok.r.m

Објавен првиот документарец од серијалот „Медиуми за граѓаните“

Серијалот „Медиуми за граѓаните“ се занимава со прашањата каква е програмската понуда на најгледаните телевизии, квалитетот и разноликоста на програмата, колку медиумите ги промовираат демократските вредности во општеството, плурализмот и транспарентноста, дали работат во интерес на граѓаните и каква е иднината на аудиовизуелната индустрија во земјава? Првата епизода нуди споредбен приказ за програмската понуда на комерцијалните терестријални телевизии на национално ниво во Република Македонија, во Хрватска и во Словенија, како и предлог - решенија како да се подобри квалитетот и програмската разновидност на телевизиите кај нас.  Документарците се продуцираат како дел од проектот „#ReForMediaMKD – Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“, што го спроведува МИМ во соработка со Мировниот институт од Љубљана, Словенија, а со финансиска поддршка од Европската Унија.