Поддршка за истражувачки приказни „Известување во кризни ситуации“

Се чита за 2 мин.

Во период од јуни до септември 2017 година, Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) ќе поддржат новинари од регионот преку организирање тренинг за известување во кризни ситуации и продукција на истражувачки приказни. Во рамки на програмата ќе биде доделена поединечна финансиска поддршка за продукција на приказни на теми поврзани со кризни ситуации.

Во контекст на проектот, кризна ситуација подразбира контроверзии и/или жестоки несогласувања помеѓу важни општествени актери, каде првенствено се мисли на владејачките политички структури, како еден од главните субјекти во новинарските приказни. Во таа насока, целта е да се потенцира важноста и одговорноста на медиумите како еден од клучните фактори за демократска јавна дебата кои може да влијаат на исходот на кризите.

Примери за кризни ситуации се протести на граѓани, политичка криза, големи корупциски скандали и сл. Како кризни ситуации може да се набљудуваат оние кои ги генерираат владејачките структури или пак опозицијата. Исто така, предмет на анализа може да бидат меѓународни прашања ставени во национален контекст, како што се бегалската криза, тероризмот или природните катастрофи, а кои се проследени со одредени контроверзии во кои властите играат важна улога.

СЕЕНПМ и МИМ ги покануваат сите заинтересирани новинари да се пријават за програмата „Известување во кризни ситуации“

Кој може да аплицира?
За учество во програмата „Известување за кризни ситуации“ може да се пријават новинари од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Македонија.

Програма за поддршка: Поединечна поддршка се доделува за продукција на приказна чија цел е да ги разобличи дезинформациите во одредена кризна ситуација и да ги прекине таквите трендови, поттикнувајќи ја потребата за веродостојно и ангажирано новинарство во едно демократско опкружување. Во фокусот на програмата се неистражените или недоволно истражените теми. Преку програмата е планирано да се поддржи продукција на вкупно 18 приказни (18 новинари од шест земји).

Формат на истражувачките трудови: Основeн текст на истражувачката приказна придружен со фото и/или видео содржина, или пак визуелизирани податоци, со што приказните би биле прилагодливи за објавување на различни платформи.

Рокови за реализација на истражувачките приказни:

  • Прв нацрт - 13 август 2017 година;
  • Втор нацрт - 31 август 2017 година;
  • Краен рок за објавување - 15 септември 2017 година;

Приказните ќе бидат објавени во медиумите каде што работат новинарите учесници во програмата, како и во други медиуми во шесте земји.

Обврски на учесниците на програмата:

  • Обука: 6 - 8 јуни 2017 година, Албански институт за медиуми, Тирана. Избраните апликанти се обврзани да присуствуваат на обуката која ќе се одржи од 6 до 8 јуни 2017 во Тирана. За време на обуката ќе биде договорена детална методологија и динамика на работа за секој поединачен истражувачки проект и ќе биде поставена процедурата за работа. Обуката ќе се одвива на англиски јазик.
  • Соработка со уредничкиот тим (12 јуни – 12 септември). Авторите се обврзани да соработуваат со уредничкиот тим на програмата. Минимум соработка подразбира три консултации во различни фази на истражувачкиот процес. Приказната ќе се објави откако уредничкиот тим и авторот ќе постигнат согласност за крајната верзија. Уредничкиот тим ќе им биде на располагање на авторите за време на програмата. Текстовите ќе бидат напишани на мајчиниот јазик на новинарот.

Рок и начин на пријавување. Заинтересираните новинари најдоцна до 8 мај 2017 година треба да испратат:

  1. Кратка биографија/CV(задолжително да се наведат курсевите и обуките на кои кандидатите учествувале, а се однесуваат на истражувачко новинарство)
  2. Апликација во која треба да се наведе:
  • Предлог тема (макс. 200 зборови) која ќе биде предмет на истражување – проблем, прашање на кое истражувањето треба да даде одговор и зошто е темата релевантна (Фокус на проектот се неистражените или недоволно истражените теми);
  • Краток опис на методологијата - податоците што ќе се истражуваат, лица кои ќе бидат интервјуирани, извори кои ќе бидат консултирани итн.(макс. 200 зборови);
  • Опис на форматот во кој ќе се продуцира приказната (текст, фото, видео, визуелизација на податоците);
  • Доколку постои можност за дополнително објавување/емитување на приказната, да се наведат медиумите;

Апликациите треба да се испратат преку е-пошта на: mim@mim.org.mk , со назнака:

„Аликација за програмата - Известување за кризни ситуации“.

Пријавените кандидати ќе бидат известени за нивиот статус најдоцна до 12 мај 2017 година.

Повикот на Албански јазик е достапен тука (Shqip).