Истражувањето за субвенциите за растително и сточарско производство првонаградено на конкурсот за „Наградата од ЕУ за истражувачкото новинарство“ за 2016

Се чита за 2 мин.

Новинарот Александар Димитриевски ја освои првата награда на годинешниот конкурс за „Наградата од ЕУ за истражувачкото новинарство“, за онлајн базата на податоци и серијалот текстови за субвенциите за растително и сточарско производство, објавени на интернет-страницата „Призма“. Истражувањето обелоденува сеопфатни и систематизирани податоци за распределбата на околу 3% од државниот буџет врз основа на субвенции за растително и сточарско производство и ја анализира можната поврзаност на дел од корисниците на субвенции со извршната власт и сомнителната сопственичка структура на одредени фирми кои добивале субвенции.

Второнаграден е Зоран Јованоски за сторијата „Пеплиште на смртта“, објавена во емисијата „360 степени“ на телевизија „Алсат - М“. Истражувањето обработува еколошка катастрофа, која притоа се поврзува со феноменот на драматично зголемена смртност на граѓаните во кичевскиот регион, како последица на работењето на термоцентралата Осломеј и несоодветното третирање на пепелта од согорениот јаглен.

Наградата за најдобра истражувачка сторија од млад новинар ја освои новинарката Славица Филиповска за сторијата „Бугарски пасош за ‘чиста’ Македонија“, објавена во емисијата „360 степени“ на телевизија „Алсат - М“. На автентичен и оригинален начин, приказната открива како граѓаните во обид забрзано да влезат во земјите – членки на Европската Унија, патот за тоа го гледаат преку процедурата за добивање бугарски пасош и државјанство.

 

Наградите ги врачи Шефот на Делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар кој истакна дека насекаде во светот е стресно, тешко и многу често опасно да се биде новинар. „Новинарите се соочуваат со психолошки и физички закани, со тужби за клевета, тие се навредувани, но исто така добиваат и мали плати. И покрај тоа, тие се храбри, истрајни и посветени во извршувањето на својата работа. Најмалку што можеме да направиме е да го искажеме нашето воодушевување за нивната работа“,  истакна амбасадорот Жбогар. Тој додаде дека откривањето на корупцијата и организираниот криминал е можеби најтешкиот дел, затоа што криминалот има свои перфидни начини да се сокрие и да го наруши системот што всушност треба да го заштити општеството.

Во конкуренција на 32 стории од 26 автори, објавени во печатените, на електронските и на Интернет медиумите, победничките стории беа највисоко оценети од жирито во состав Марина Тунева, Арта Тахири, Лирим Дулови, Борис Георгиевски и Фатмир Алиу.

Марина Тунева, која беше претседавач на жирито, истакна дека без оглед на тоа што непосредното влијание на сториите нема да биде забележано веднаш, истрајноста во изложувањето на вистината сама по себе ќе претставува успех за новинарите и редакциите. „Во исто време, ги охрабруваме уредниците да го поддржат процесот на изработка на истражувачки стории, а особено кога новинарите утврдиле теми и прашања поврзани со корупција кои заслужуваат длабински и сеопфатен третман“, вели Тунева.

Со оглед на фактот дека во потесна конкуренција влегоа повеќе приказни кои беа квалитетно обработени и кои адресираат исклучително значајни теми од јавен интерес, комисијата го додели максималниот број награди. Победничката сторија е наградена со паричен износ од 4000 евра, додека наградите за второ место и за најдобрата истражувачка сторија од млад новинар изнесуваат по 3000 евра.

Извештајот од жирито е достапен во прилог.

Фото-галеријата од доделувањето е достапна тука.

pdfИзвештај на стручното жири174.52 KB