МИМ нема да учествува на утрешната расправа за законот за медиуми

Се чита за 1 мин.

Македонскиот институт за медиуми му честита на Министерството за информатичка технологија и јавна администрација на четвртиот нацрт на непотребната нова медиумска легислатива-општ закон за медиуми, и на упорноста да стави ред онаму каде што не е потребен, наместо онаму каде што се вистинските проблеми во медиумскиот простор. На пример:

-Факт е дека Владата е најголем огласувач во електронските медиуми
( извештај на СРД за економското работење на радиодифузерите во 2012);

-Факт е дека владејачката партија бесплатно се рекламираше во најголемите национални и локални медиуми на последните избори (извештај од партијата доставен до Антикорупциската комисија).

-Факт е дека во Македонија веќе три месеци се држи новинар во притвор поради напишан текст, и тоа пред 5 години;

-Факт е дека се уште не е утврдена одговорност за прекршувачите на Уставот кои ги избркаа новинарите од Собранието на 24 декември минатата година.

Потсетуваме дека овие и многу други проблеми, кои резултираат со катастрофален имиџ на Македонија во светот по прашањето на медиумски слободи и демократските стандарди, не се плод на немањето медиумска легислатива, туку на други проблеми за кои и министерот и другите релевантни чинители од институциите се запознаени од поодамна. Шминкањето на нацрт- закони, гаѓањето со драфтови, амандмани и писмени забелешки (дали одбиени дали прифатени) и заморувањето на стручната јавност, медиумската заедница и граѓаните со демек, јавна дебата, нема да ги поправи состојбите.

МИМ досега најконструктивно и сериозно учествуваше во дебатата, со желба да придонесе во создавање медиумска легислатива со која ќе се подобрат медиумите и новинарството. И самите организиравме јавна расправа во соработка со претставниците на Советот на Европа, и поднесовме писмени забелешки на сите нацрт-верзии.Нашите суштински забелешки се игнорирани, а утре сме повторно поканети да дебатираме за нов, четврт текст на закон кој воопшто не е објавен.

Напоменуваме дека, доколку не се земат предвид аргументираните и сериозни забелешки на предложената легислатива од домашната медиумската заедница и релевантните меѓународни институции, организации и експерти, доколку вниманието на институциите не се насочи онаму каде што се реалните проблеми, доколку не се престане со јавно етикетирање и омаловажување на сите кои аргументирано и критички го опсервираат овој процес, ние нема да учествуваме во оваа нацрт– фарса, пардон, фаза, и да го легитимираме овој процес во кој вистинскиот и стручен дијалог е заменет со козметика и маалски шеретлук.

Скопје, 12 август, 2013                                      

Македонски институт за медиуми