Европскиот парламент со поддршка за Белата книга на МИМ

Се чита за 1 мин.

Иницијативата на Македонскиот институт за медиуми за продуцирање на Белата книга за подобрување на релациите меѓу граѓанското општество и медиумите беше истакната и поддржана во Резолуцијата за Извештајот за напредокот на Македонија за 2013 година, која Европскиот парламент ја усвои деновиве.

Белата книга е заеднички производ на претставници од граѓанското општество и новинарите, во кој се посочуваат некои од приоритетите и механизмите за унапредување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите. Целта на документот е да поттикне и поголема видливост на темите поврзани со човековите права во јавноста, како и поголемо влијание на граѓанското општество преку медиумите.

Инаку, во однос на прашањата од медиумската сфера, годинава во фокус на Резолуцијата на Европскиот парламент е влошувањето на репутацијата на државата во однос на медиумските слободи, при што се изразува и загриженост што заштитата на слободата на изразување од страна на различни и плуралистички медиуми слободни од политички влијанија, останува витален предизвик за државата. „...Недостигот од медиумски плурализам е делумно резултат на владиното рекламирање; (ЕП) ја истакнува потребата да се осигура независност и одрживост на јавниот сервис, охрабрувајќи ги авторитетите да усвојат заштитни механизми во медиумските закони во оваа насока; верува дека сегашните медиумски закони треба да бидат предмет на натамошни консултации и дијалог, со цел толку важни реформи да бидат прифатени само ако постои широка поддршка од новинарската заедница во државата; посочува дека се потребни се повеќе напори да се подобри и да се реобнови довербата меѓу Владата и медиумската заедница; ја поддржува иницијативата на Македонскиот интитут за медиуми за издавање на ’Белата книга’ за подобрување на релациите меѓу граѓанското општество и медиумите, со поддршка на ЕУ; ја потенцира потребата од поголеми напори за заштита на правата и независноста на медиумските работници; ја истакнува потребата за транспарентност во однос на медиумската сопственост.“

Европскиот парламент ja истакнува и својата поддршка за разговорите меѓу Владата и Здружението на новинарите на Македонија, како механизам за натамошен напредок во насока на  обезбедување на слободата на изразување и подобри работни услови за новинарите. Во Резолуцијата се нагласува дека целосна слобода на изразување може да се постигне во општествата каде непречено функционира слободниот пристап до јавните информации, и каде постои простор за суштинска јавна дебата. Посочувајќи го примерот со затворањето на новинарот Томислав Кежаровски, европските институции уште еднаш истакнуваат загриженост за можноста од примена на селективна правда.