Сторијата „Шпионот – земјопоседник“ најдобра на конкурсот за Наградата од ЕУ за истражувачкото новинарство за 2014 година

Се чита за 1 мин.

Новинарката Сашка Цветковска е првонаградена на конкурсот за „Наградата од ЕУ за истражувачкото новинарство за 2014 година“, за сторијата „Шпионот –земјопоседник“, објавена на интернет телевизијата „НоваТВ“. Победничката сторијата обелоденува дека поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање поседува милионски вреден имот во Прага, кој не бил пријавен во неговиот анкетен лист за имотната состојба.

Во конкуренција на 18 истражувачки приказни од вкупно 15 автори, сторијата на Цветковска e највисоко оценета од жири-комисијата во состав Марина Тунева, претседателка на жирито, Билјана Петковска, Ерол Ризаов, Зоран Бојаровски и Сефер Тахири.

EUnagrada2

Новинарот Љубиша Арсиќ го освои второто место за серијата текстови на тема „Дали двата исчезнати АФИС системи се користат за производство на нелегални биометриски документи за гласачи на избори?“, објавени во неделникот „Фокус“. Сторијата открива организирана мрежа во која се вклучени високи државни функционери, државни и образовни институции, кои на сомнителен начин реализираат набавка на опрема за научна лабораторија, за потоа, во повеќе комплексни релации несоодветно да ја распределат во еден владин ресор.

EUnagrada3

Новинарката Билјана Николовска ја доби третата наградата за серијалот ТВ прилози на тема „Случај Тамара Димовска: Како здравствениот систем убива дете“, објавени на ТВ Телма. Сторијата ги разоткрива аномалиите и нефункционалноста на здравствениот систем, преку обелоденување на приказната за трагичната судбина на малата Тамара, која предизвика огромно внимание и реакции во јавноста.

EUnagrada4

Жири-комисијата констатираше дека повеќето приказни се квалитетно изработени и адресираат исклучително важни теми од јавен интерес, и поради тоа одлучи да го додели максималниот број на награди и целосно да го распредели расположливиот награден фонд. Победничката сторија е наградена со паричен износ од 4000 евра, додека второ и трето наградените стории добиваат парични награди од по 3000 евра.

Жирито смета дека треба да се стимулираат младите новинари кои упорно и конзистентно работат на различни приказни и притоа демонстрираат храброст да се спротивстават на различни центри на моќ. Комисијата го истакнува фактот дека повеќе од пристигнатите приказни во себе го содржат токму елементот – храброст, адресирајќи моќници или институции кои изгледаат недостижни или заштитени.

{attachments} 

{module Галерија ЕУ награда}