Отворен повик за поддршка на истражувачки стории за медиумите во ЈИЕ

Се чита за 0 мин.

Партнерството „Медиумска опсерваторија на Југоисточна Европа“ ги поканува сите заинтересирани новинари да аплицираат со предлози за истражувачки стории кои се однесуваат на коруптивните практики што го поткопуваат правилното функционирање на слободните, независни, плуралистички и одрживи медиуми во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.

На повикот може да се пријават и центри за истражувачко новинарство, како и тимови од новинари-истражувачи. Апликациите ќе ги оценува независна меѓународна комисија. Вкупниот расположив фонд за грантови за истражувачки приказни за сите држави изнесува 30.000 евра, а максималниот износ по грант е 5.000 евра.

Овој повик е дел од втората фаза на проектот "Медиумска опсерваторија на Југоисточна Европа - градење капацитетите и коалиции за мониторирање на медиумскиот интегритет и унапредување на медиумските реформи", чија цел е да го поддржи медиумскиот интегритет на јавниот сервис и на комерцијалните медиуми во Југоисточна Европа. Медиумската опсерваторија на ЈИЕ е регионално партнерство на граѓански организации, координирани од страна на Мировниот институт од Љубљана. Финансиската поддршка за грантовите е обезбедена од страна на Европската комисија, како дел од проектот „Медиумска опсерваторија на ЈИЕ“ којшто ќе се спроведува во 2015 и 2016 година.

Крајниот рок за пријавување е 31 мај, 2015 година (недела) до 24:00. Апликациите треба да бидат на англиски јазик и да се испратат на интернет-адресата seeapplications@cij.hu. Повикот за предлог-проекти ќе биде администриран од страна на Центарот за независно новинарство (CIJ), Будимпешта.

На следниот линк може да ги симнете Повикот за предлози и Формуларот за аплицирање.