Отворен конкурсот за Награда од Европската Унија за истражувачкото новинарство

Се чита за 1 мин.

Сите новинари кои во 2014 година продуцирале и објавиле истражувачки стории поврзани со злоупотреба на моќта и прекршување на основните права, корупција и организиран криминал во земјава, може да се пријават на конкурсот за Наградата од Европската Унија за истражувачкото новинарство, што ќе биде отворен до 23 април 2015 година.

Наградата е воспоставена од Европската Комисија, поконкретно од Директоратот за проширување, во согласност со Стратегијата за проширување на ЕУ, која ја идентификува потребата од обезбедување слобода на изразување во медиумите и потребата за поддршка на истражувачкото новинарство при следење на процесот на реформите.

Наградата беше промовирана денеска во Инфо-центарот од страна на Билјана Петковска од МИМ и Роберт Лидл од Делегацијата на ЕУ.
Целта на Наградата е да ги истакне и промовира извонредните достигнувања на новинарите истражувачи и да ја подобри видливоста на квалитетното истражувачко новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција.

Наградата ќе се доделува еднаш годишно во земјите од Западен Балкан и Турција во следните три години, односно за истражувачките приказни објавени во 2014, 2015 и 2016 година. Годишниот награден фонд за секоја земја изнесува 10.000 евра. Во секоја држава ќе бидат наградени од една до три истражувачки приказни, а поединечните награди ќе изнесуваат од 3.000 до 5.000 евра.

Процесот на избор на наградата го администрира партнерство на граѓански организации координирани од Мировниот институт во Љубљана. Македонскиот институт за медиуми, како член на партнерството, ќе ги координира активностите поврзани со конкурсот во Македонија.

Краен рок за пријавување е 23 април 2015 година.
За повеќе информации поврзани со Наградата: eunagrada@mim.org.mk.

Најчесто поставувани прашања