Јавен повик до истражувачи на теми од медиумската сфера

Се чита за 1 мин.

Македонскиот институт за медиуми и Мировниот институт од Љубљана ги покануваат сите заинтересирани кандидати кои имаат истражувачко искуство и познавања на медиумската, научната и граѓанската сфера да се пријават на јавниот повик за учество во работилница за истражување и спроведување на акциски истражувања во областа на медиумите во земјава. Оваа активност се спроведува во рамки на проектот #РеФорМедиа, кој е финансиран од Европската Унија, а кофинасирањето е обезбедено од Британската амбасада во Скопје.

Кандидатите треба да имаат искуство со спроведување академски и применети истражувања, како и со пишување анализи, извештаи и/или публикации за различни аспекти од комуникациските, културните, медиумските, социолошките, политичките и/или правните науки.

На повикот ќе бидат избрани десетмина кандидати кои ќе бидат поканети да учествуваат на работилница за спроведување истражувања, која ќе ја води истакнат обучувач и истражувач од Мировниот институт од Љубљана. Обуката ќе се фокусира на применети и акциски истражувања во медиумската сфера, а особено на анализи кои ќе ги адресираат прашањата поврзани со медиумските реформи.

Учесниците на обуката ќе имаат можност да ги унапредат своите знаења за подготовка на план на истражување, со цел да ги адресираат конкретните потреби/проблеми што се дел од истражувачката агенда, притоа употребувајќи различни методи и аналитички рамки во истражувањето на медиумската сфера. Целта е кандидатите да ги подобрат нивните способности за подготовка на акциско истражување во медиумската сфера и за пишување истражувачки извештаи од различни формати, како на пример, концизни и аргументирани анализи и препораки, со кои ќе се влијае врз оние кои донесуваат одлуки во рамки на реформските процеси поврзани со медиумите. Во рамки на работилницата, учесниците ќе подготват планови за конкретни истражувања на некои од клучните прашања од областа на медиумите. Најдобрите ќе имаат можност да спроведат истражувања на некоја релевантна тема од медиумската сфера, во консултации со ментор/истражувач од Мировниот институт од Љубљана.

Обуката ќе се одржи од 23 до 25 јуни 2016 г.

Сите заинтересирани треба да испратат мотивациско писмо (максимум 1 страница), биографија, како и линкови до објавени текстови и трудови.

Документите треба да се испратат на е-адреса: mim@mim.org.mk.  

Повикот е отворен до 7 јуни 2016. Избраните кандидати ќе бидат известени во рок од 7 дена по завршување на повикот.

Оваа активност се спроведува во рамки на проектот „#РеФорМедиа – Унапредување на соработката меѓу граѓанските организации, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“. Проектот е финансиран од Европската Унија, а кофинансирањето за оваа активност е обезбедено од Британската амбасада во Скопје.