Повик за доделување грантови за зајакнување на интегритетот на медиумите

Се чита за 2 мин.

МИМ објавува повик за доделување грантови за граѓански организации, професионални здруженија и еснафски организации на новинари и медиумски работници, со цел да се зголеми влијанието на граѓанското општество во насока на зајакнување на интегритетот на медиумите во земјава.

Грантовите се наменети за спроведување конкретни активности во следните области:

  •           работнички права во медиумите;
  •           медиумска саморегулација;
  •           судско постапување во предмети против новинари и медиуми; и
  •           истражувачко новинарство.

Се очекува проектите кои ќе бидат поддржани да придонесат кон остварување на некои од следните резултати:

  •           ефикасна заштита на медиумските работници во работни спорови и судски процеси;
  •           намалување на бројот на случаи во кои се повредени правата на медиумските работници;
  •           пораст на членството во организацијата/ите на медиумски професионалци кои ќе бидат поддржани со овој повик;
  •           пораст на активизмот кај медиумските професионалци;
  •           почитување на процедурите и стандардите за фер судење во случаи поврзани со медиумите/новинарите;
  •           поголемо почитување и примена на професионалните стандарди и етиката од страна на медиумите и новинарите;
  •           откривање на практики кои ја поткопуваат слободата на медиумите и професионалното новинарство;
  •           подобрување на квалитетот и застапеноста на истражувачките стории во медиумите.

Повикот предвидува финансиска поддршка за некои од следните типови активности:

  • обезбедување помош и поддршка за медиумските работници во случаи на работни спорови или други прашања во доменот на работничките права;
  •           лобирање и застапување за поголема заштита и примена на правото на слободно изразување и заштита на работничките права во медиумите;
  •           промоција на правото на колективно организирање, со цел заштита од притисокот на медиумските сопственици;
  •           мониторинг на судски процеси во кои се инволвирани медиуми или медиумски работници;
  •           лобирање и застапување за поголема заштита и примена на правото на фер судење на медиумите и медиумските работници;
  •           промоција и застапување за подобра примена на професионалните стандарди и етиката во новинарството;
  •           изработка на истражувачки стории.

На повикот може да аплицираат граѓански организации или професионалните здруженија и еснафски организации на новинари и медиумски работници, кои се регистрирани и работат во земјава. Во апликацијата не е дозволено да бидат вклучени и ко-апликанти.

Селекцијата на најдобрите апликации ќе се врши според следните критериуми:

  •           релевантноста на проектот согласно целите на овој повик;
  •           видовите активности кои се предложени и нивната поврзаност со целите и очекуваните резултати;
  •           колку добро се дефинирани и реално остварливи очекуваните резултати, како и влијанието од спроведувањето на активностите;
  •           капацитетот на апликантот да ги реализира предложените активности;
  •           рационалноста на предложениот буџет согласно предложените активности.

Ќе бидат доделени најмногу 5 гранта, во поединечни износи од 8.000 до 10.000 евра. Времетраењето на активностите треба да биде од 6 до 12 месеци.

Предложениот буџет треба да ги покрие сите трошоци кои се директно поврзани со имплементацијата на планираните активности, вклучувајќи и плати, хонорари, патни трошоци, трошоци за канцелариско работење, за промоција и јавно застапување и сл. Износот на административните трошоци во однос на вкупните директни трошоци на проектот може да биде максимално до 7%.

Заинтересираните организации треба да ги пополнат следните формулари:{attachments}

 

Крајниот рок за пријавување е 22 август, понеделник, до 13 часот. Пријавите може да се достават по е-маил, на адреса: mim@mim.org.mk или директно во просториите на МИМ, на адреса: Јуриј Гагарин, 17-1/1, Скопје.

euОвој повик се објавува во рамки на проектот „#ReForMedia - Унапредување на соработката меѓу граѓанското општество, институциите и граѓаните за спроведување реформи во медиумската сфера“, што го спроведува МИМ во соработка со Мировниот институт од Љубљана, а со финансиска поддршка од Европската Унија.