Без ангажирани граѓани, истражувачкото новинарство е немоќно

Се чита за 1 мин.

При злоупотребата на буџетски средства од страна на институциите, граѓаните вообичаено немаат јасна претстава дека станува збор за енормни суми и дека тоа се, пред се, јавни пари. Затоа новинарите истражувачи треба да најдат алтернативни, понекогаш и визуелни начини како да им ги доближат тие информации на граѓаните. Дополнително, новинарите треба да вложат доволно енергија и да посветат повеќе внимание за да ги убедат граѓаните да учествуваат со нивни лични сведоштва во истражувачките приказни.

F4Ова беа некои од поентите што новинарите Мери Јордановска од Истражувачката мрежа БИРН и Влатко Стојановски од неделникот Фокус ги истакнаа на дебатата „Истражувачко новинарство – за да се дознае вистината“, во организација на Македонскиот институт за медиуми и Центарот за истражувачко новинарство СКУП. Настанот е дел од четиригодишниот регионален проект „Медиумска опсерваторија на Југоисточна Европа“, во кој МИМ учествува како национален партнер. Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија.

F5Новинарите истражувачи зборуваа за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат при пишување на истражувачките стории, но порачаа дека  треба да се биде упорен во трката со времето, истраен во деталното проверување на информациите и непоколеблив пред притисоците. Новинарот Горан Лефков од СКУП ги охрабри колегите новинари што почесто да го користат Законот за пристап до информации од јавен карактер, но и секогаш да се обидат да ги потврдуваат информациите од повеќе извори.

F2„Истражувачкото новинарство е немоќно доколку институциите, политиката и граѓаните се инертни, а медиумите не се меѓусебно солидарни,“ заклучи Зоран Иванов, долгогодишен новинар и уредник, според кого, јавноста се повеќе бара истражувачки стории, а во државава постојат само неколку „енклави“ како СКУП, БИРН и Фокус, кои го негуваат овој тип на новинарство. 

 

Во рамки на настанот беа промовирани публикација, како и три кратки видеа на тема истражувачко новинарство.