Сторијата за мистериозната смрт на Коста Крпач најдобра истражувачка сторија за 2016

Миомир Серафиновиќ и Снежана Лупевска-Созен го освоија првото место на годинешниот конкурс на МИМ за новинарската награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија. Победничката сторија, објавена во емисијата „КОД“ на ТВ Телма, ги истражува околностите за мистериозната смрт на Коста Крпач, сведок на Специјалното обвинителство и едно од аболицираните лица од страна на претседателот. Сторијата обелодени детали и моменти поврзани со трагичниот настан кои подоцна се потврдија во истрагата која сè уште трае, иако Јавното обвинителство процени дека станува збор за самоубиство.

Втората награда ја доби Зоран Јованоски за видео-сторијата „Пеплиште на смртта“, објавена во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М. Сторијата ги открива застрашувачките последици по здравјето на луѓето и на животната средина предизвикани од работењето на термоцентралата Осломеј, во време кога државата најавува дека ќе го продолжи нејзиниот животен век.

Ирена Мулачка, новинарка во неделникот „Фокус“ е третонаградена на конкурсот за серијалот текстови кои обелоденуваат застрашувачки податоци за смртта на 80 новороденчиња на скопската Клиника за гинекологија за само шест месеци.

Годинава жири-комисија одлучи да им додели пофалници за истакнат новинарски ангажман на новинарите Владо Апостолов за сториите „Дамки врз тендерот за чистење на Владата“, „Како жолтата зграда прерасна во неокласичен дворец“, „Гласачи живеат во Свети Николе, ама на скопски адреси“ и  серијалот истражувања за „Имотот на Владимир Здравев“, објавени на интернет-порталот „Призма“, како и на Стојанка Митреска за сторијата „Печуркарата во Свети Николе мувлоса предвреме“, исто така, објавена на интернет-порталот „Призма“.

Оваа година, МИМ по 16-ти пат ја додели наградата за најдобра истражувачка сторија на годината, како дел од заложбите за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава.

Деталниот извештај на комисијата која ги разгледуваше пријавените стории е достапен во прилог.

Линковите од наградените стории се прикачени во продолжение:

  1. Сторија за мистериозната смрт на Коста Крпач
  2. Пеплиште на смртта
  3. Серијал текстови за скандалот на скопската Клиника за гинекологија каде само за шест месеци починаа повеќе од 80 новороденчиња

 Фото-галеријата од доделувањето може да ја погледнете тука.