Новости

Povik Cover Lead Teacher

ЈАВЕН ПОВИК за поднесување пријави за наставници-обучувачи од областа на медиумската писменост

Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО) во соработка со Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ и Македонскиот институт за медиуми објавуваат:    ЈАВЕН ПОВИК за поднесување пријави за наставници-обучувачи од областа на медиумската писменост Ги покануваме сите заинтересирани наставници и наставници-ментори од општинските основни училишта кои ги исполнуваат условите за аплицирање, да се пријават на овој јавен повик во предвидениот рок. Јавниот повик е дел од заедничките активности што МОН и БРО ги спроведуваат заедно со тимот на Проектот на УСАИД за медиумска писменост “Младите размислуваат“, каде една од главните цели е воведување медиумска писменост во наставните програми за основно и за средно образование. Основна цел на проектот е да им овозможи на младите да се стекнат со вештини и свесност за медиумската писменост за да можат критички да им пристапуваат на информациите и да градaт отпорност кон дезинформации, мисинформации, говор на омраза, теории на заговор и други форми на манипулација. Наставниците-обучувачи ќе бидат вклучени во обуки за обучувачи преку кои ќе стекнат знаења и вештини поврзани со медиумската писменост, со критичкото размислување и со основните принципи и методолошки пристапи за поучување на содржините од оваа област. За наставниците-обучувачи ќе бидат обезбедени и различни материјали  што треба да им помогнат во планирање, подготовка и спроведување на часовите преку вклучување пристапи и методи во наставата поврзани со медиумската писменост и со поттикнување критичко размислување кај учениците. Почнувајќи од наставната 2022/2023 година и во текот на следните неколку учебни години, наставниците-обучувачи ќе бидат ангажирани да спроведуваат обуки за своите колеги-наставници со цел да ги запознаат со медиумската писменост, методите на поучување, како и планирање, организација и реализација на наставата со вклучување на концептите на медиумска писменост и критичко размислување. Се предвидува што поголем број наставници да се стекнат со знаења и вештини поврзани со медиумската писменост за да може таа соодветно да се интегрира во различни наставни предмети. Обуките ќе бидат организирани, следени и сертифицирани од страна на проектот на УСАИД за медиумска писменост и Бирото за развој на образованието. Услови за учество на јавниот повик за наставници-обучувачи од областа на медиумската писменост се следните: најмалку пет години работно искуство како наставник; вработен на неопределено работно време; исполнување на професионалните стандарди за наставник или наставник-ментор и претходно искуство со држење обуки на наставници. Пријавата за Повикот може да ја најдете на следниот линк. Пријавата во електронска форма треба да се испрати до Македонскиот институт за медиуми на следната електронска адреса: povici@mim.org.mk , со назнака „Пријава за Повикот за наставници-обучувачи-<име и презиме>“. Сите прашања околу повикот може да се испратат на следната адреса: ivonae@mim.org.mk, не подоцна од 29 март 2022 година. Одговорите на пристигнатите ПРАШАЊА може да ги погледнете ТУКА. Комисијата за избор ќе биде составена од претставници на МОН, БРО и од Проектот на УСАИД за медиумска писменост. Рокот за поднесување на пријавите за наставник-обучувач е до 6 април 2022 година. Секое барање поднесено по овој датум нема да се разгледува и рангира. Повикот на Албански јазик е достапен на следниот линк: THIRRJE PUBLIKE për paraqitjen e aplikacioneve për mësimdhënës-trajnues në fushën e edukimit ***************************************************************************************************** Проектот на УСАИД за медиумска писменост “Младите размислуваат“ е петгодишна програма финансирана од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) која ја спроведува ИРЕКС во соработка со локалните партнери Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ).  
Anketa

Мапирање на состојбата со „фриленс“ новинарството во Европа

Фриленс новинарството во Европа значително придонесува кон квалитетното новинарство коешто промовира здрави демократии и информирани општества. Меѓутоа, тоа се соочува со многу професионални и индивидуални предизвици.   Европскиот центар за новинарство спроведува анкета со цел да се мапира тековната состојба со фриленс новинарството во Европа, предизвиците со кои тоа се соочува, како и можностите за негово зајакнување. Анкетата може да ја пополните на следниот линк: https://journalismassembly.com/survey?utm_source=multiplier+outreach+campaign&utm_medium=email&utm_campaign=fjasurvey_outreach_multipliers+%28ENG%29  
Panel1502022 2

Едукација, проактивност и доследна примена на (само)регулаторните механизми за успешно справување со дезинформациите и говорот на омраза

Унапредувањето на судската пракса и зајакнувањето на медиумската саморегулација  претставуваат клучен фактор во справувањето со говорот на омраза и дезинформациите во јавната комуникација. Ова е само еден од заклучоците од панел-дискусија „Ефикасноста на законските и саморегулаторните механизми за справување со говорот на омраза и дезинформациите во Северна Македонија“, што ја организираше Македонскиот институт за медиуми. На панел-дискусијата говореа претставници на регулаторни и саморегулаторни тела, како и претставници на медиумската заедница. Тие се осврнаа на актуелната состојба со говорот на омраза и дезинформациите во јавниот дискурс, особено од аспект на трендовите кои ги наметнуваат новите медиуми и друштвените мрежи. Како вовед во дискусијата, МИМ ја презентираше анализата „Регулаторна и саморегулаторна рамка за справување со говорот на омраза и дезинформациите во РСМ“, која претставува преглед на основните правни и саморегулаторни механизми што се однесуваат на овие теми. Емилија Петреска-Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во своето излагање истакна дека регулаторот секогаш постапува во случаи на говор на омраза во медиумите согласно правилата дефинирани во Водичот за мониторинг на говор на омраза, во кој е преточена праксата на Европскиот суд за човекови права. „Кога треба да констатирате дека одреден медиум е одговорен за ширење или поддршка на говор на омраза вие всушност треба да донесете мерка да ја ограничите слободата на изразување и тоа мора да биде исклучително добро заснована и докажана одлука. Првиот чекор е да се утврди дали воопшто постои говор на омраза, затоа што не сѐ што не нѝ се допаѓа во јавниот дискурс е говор на омраза“, вели Петреска-Камењарова. Медиумите се одговорни за редовно прегледување и брзо отстранување на коментарите на корисниците што се објавуваат под новинарските содржини на веб-страниците или на социјалните мрежи, а коишто содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството, смета Марина Тунева, директорка на Советот за етика во Медиумите. „Во ниту еден случај медиумите не смеат да дозволат да бидат злоупотребени и да послужат како средство за ширење омраза, упатување повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството итн.“, истакна Тунева. Согласно членот 10 од Законот за заштита од дискриминација, Комисијата го третира говорот на омраза како вознемирување, чија цел е повреда на достоинството и интегритетот на личноста, посочи Весна Бендевска, членка и доскорешна претседателка на Комисијата. „Во досегашното работење Комисијата постапувала по над 30 предмети кои се однесуваат на вознемирувачки говор, што секогаш е базиран на некоја од дискриминаторските основи наведени во Законот“, вели Бендевска. Таа додава дека зголемен број на случаи на говор на омраза се забележува за време на одредени општествени случувања, како што е „Парадата на гордоста“, или пак за време на изборните кампањи, кога цел на говорот на омраза е политичкото уверување. Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинарите на Македонија истакна дека иако земјава доцни со судската пракса во однос на говорот омраза, сепак неодамнешната прва пресуда за говор на омраза на „Фејсбук“, изречена во полза на ЗНМ, дава надеж дека полека ќе се воспостави судска праска и за овие дела. „ЗНМ минатата година, во разговори со надлежните судски органи, како и со Министерството за правда, побара воспоставување посебно одделение во Основното јавно обвинителство, составено од обвинители кои ќе бидат обучени и стручни за дела поврзани со говорот на омраза, бидејќи станува збор за многу специфични дела, особено кога се во прашање вербалните онлајн деликти“, додаде Секуловски. Панел-дискусијата се организираше во рамки на регионалниот проект „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“. Проектот се спроведува со поддршка од Европската Унија.
Nagrada NIKOLA MLADENOV 2021 Cover Slika

Новинарски награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2021“

Македонскиот институт за медиуми го објавува конкурсот за новинарските награди „Никола Младенов 2021“. Ќе бидат доделени три годишни награди во следните категории: Најдобра истражувачка сторија Најиновативен новинарски производ Најдобра репортерска фотографија На конкурсот може да се пријават сите новинари и фоторепортери кои професионално работат во медиумите или соработуваат како фриленсери со нив. Пријавените материјали треба да бидат објавени во текот на 2021 година во весник, на радио, на телевизија, на информативни интернет-портали или од новински агенции што се регистрирани и работат во нашата земја. Еден автор или група автори може да аплицираат со најмногу 3 различни теми во првите две категории, а секоја тема може да вклучува повеќе поврзани текстови/прилози. Секој фоторепортер може да учествува со најмногу 3 фотографии, кои биле објавени во весник, на интернет-портал или новинска агенција. Како и досега, пријавените материјали ќе ги разгледува комисија од релевантни претставници на медиумската и на јавната сфера. Критериуми за избор А. Наградата за најдобра истражувачка сторија ги поддржува и ги промовира сториите кои: откриваат теми што се значајни за пошироката јавност, а се однесуваат на злоупотреба на моќта и на прекршување на основните човекови права од институциите, на корупција и на организиран криминал; демонстрираат темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и со изјави од повеќе релевантни извори и соговорници; ја презентираат темата на разбирлив начин, преку оригинален новинарски стил на изразување; настојуваат да иницираат институционално разрешување на незаконски дејства и на злоупотреби направени од поединци или институции; се придржуваат до етичките и до професионалните стандарди. Б. Наградата за најиновативен новинарски производ ги поттикнува и ги промовира новите форми на новинарско изразување, каде што на креативен и иновативен начин се употребени информациско-комуникациските технологии, со цел сториите да допрат до граѓаните, да ги едуцираат и да ги поттикнат да се ангажираат во решавање важни прашања од јавен интерес. Особено се охрабруваат новинарски производи што: успешно вклучуваат мултимедијални формати и креативни начини на раскажување/изразување (на пример, известување со користење мобилен телефон, вклучување аудио и видеоформати во текстот и сл.); користат нови начини на досег до публиката или до различни сегменти од публиката (до различни возрасни групи, маргинализирани групи итн.); користат нови начини/апликации за интеракција и за вклучување на публиката во изработката на сториите; се придржуваат до етичките и до професионалните стандарди. В. Наградата за најдобра репортерска фотографија ги наградува и ги промовира професионалните фоторепортери кои: пријавиле фотографии што се однесуваат на теми и на настани со новинарска тежина/значење што ја одбележале претходната (2021) година, објавени во медиуми што се регистрирани и работат во нашата земја; демонстрираат исклучителна креативност и естетски израз; не користеле техники на визуелна манипулација при фотографирањето, освен корекција на форматот (crop), корекција на светлина, боја и контраст (основни панел-алатки во Photoshop и LightRoom); доставените фотографии да се во дигитален .jpg формат, со 300 dpi резолуција; минималната резолуција на фотографијата да не е помала од 2.000 пиксели на подолгата страна; содржат информации за метадата; фотографијата мора да е авторско дело на пријавениот кандидат, а еден автор може да испрати најмногу до 3 фотографии. На добитниците на наградите ќе им биде врачен сертификат и парична награда од 40.000 денари, поединечно. Конкурсот е отворен до 7 март 2022. Пријавите треба да се поднесуваат на novinarskinagradi@mim.org.mk со назнака: Пријава за новинарските награди „Никола Младенов 2021“. Пријавата се состои од: Пополнет формулар за соодветната категорија (достапни во прилог) Фотографија (доколку се аплицира за Најдобра репортерска фотографија) За дополнителни информации и прашања, контактирајте нѐ на: 3090 144 или преку е-пошта: novinarskinagradi@mim.org.mk 1.Формулар за аплицирање за најдобра истражувачка сторија32.09 KB 2.Формулар за аплицирање за најиновативен новинарски производ32.07 KB 3.Формулар за аплицирање за најдобра репортерска фотографија31.72 KB
Photo 1 1 1

Започнува Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“

Креирање вештини кај младите за критичко размислување, спротивставување на дезинформациите и градење активно и одговорно граѓанство Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), во партнерство со ИРЕКС, Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието го започна новиот проект за медиумска писменост „Младите размислуваат“. Овој петгодишен проект ги обединува македонските и меѓународните партнери во работата со младите, со цел развивање на вештините за критичко размислување и критички пристап кон информациите кои им се потребни за да изградат отпорност на дезинформации, со што ќе придонесат за градење активно, одговорно граѓанство водено од емпатија. ИРЕКС ќе работи и со Институтот за комуникациски студии, Младинскиот образовен форум и ново-создаденото младинско советодавно тело „Учиме да распознаваме“ (УРА тим), кое е прво од ваков вид, а чијашто цел е да се погрижи младите во земјата да имаат важна и активна улога во осмислувањето на активностите, кроењето политики и донесувањето одлуки на државно и локално ниво. Амбасадорката Кејт Брнз истакна дека „без разлика на нивниот извор, информациите се моќни само ако луѓето знаат како да ги користат. Оние кои одговорно ги користат информациите ќе ја зајакнат општествената кохезија, ќе бараат добро владеење и управување и ќе преземат иницијатива за подобрување на животот и можностите на нивните семејства и заедници“. Министерката за образование и наука Мила Царовска во своето обраќање нагласи дека новите наставни програми што се реализираат од оваа учебна година треба да помогнат во создавање генерации коишто имаат повеќе знаења и алатки за справување со лажните вести. „Критички освестени граѓани, кои активно учествуваат во јавните дебати влијаат на промените. Тие ги предизвикуваат институциите на поголема транспарентност и отчетност, нешто навистина потребно за прогрес на општеството кое води грижа за секој и за економскиот раст и развој на државата.“ Михајло Лахтов, директор на проектот, истакна дека е од суштинско значење да се работи со младите уште од многу рана фаза, за да им се помогне да развијат вештини и навики што им се потребни за да изградат отпорност на дезинформации. „Проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“ ќе мобилизира стратешки партнерства низ целото општество и ќе се заложи за стекнување медиумска писменост и вештини за критичко пристапување кон информациите во редовните предмети во училиштата и на универзитетите во сите години на образовниот процес, но и преку неформални активности во младински клубови и организации кои ги водат младите и се наменети за нив“, рече Лахтов. Изразувајќи ја својата поддршка за иницијативите за подобрување на квалитетот на образованието, Зеќирија Хасипи, директорот на Бирото за развој на образованието, истакна дека медиумската писменост е застапена во новите наставни програми со цел „да создадеме ученици оспособени критички да размислуваат, анализираат различни форми на изразување и да стекнуваат вештини кои подразбираат медиумска писменост“. Директорката на МИМ Билјана Петковска истакна дека „од клучно значење е наставниците од основното и средното образование да стекнат знаења, вештини и да користат образовни ресурси коишто ќе овозможат системска интеграција на медиумската писменост во образовниот процес“. На младинската дебата во рамки на настанот, пет панелисти кои претставуваат различни групи млади во општеството разговараа за важноста на медиумската писменост во денешниот информативен пејзаж и за интегрирање на таквите вештини и ресурси во училниците за младите да станат уште поактивни чинители во нашето општество. Панелистите се осврнаа на различните начини на кои дезинформациите влијаат врз нивните животи и нивните заедници, како и на можните механизми за борба против овој феномен. Сите учесници истакнаа дека медиумската писменост и вештините за критичко размислување се неопходни за полесно снаоѓање низ информативната средина на 21 век на безбеден и одговорен начин. Покрај ова, ИРЕКС, МИМ, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието потпишаа Меморандум за разбирање што ја потврдува соработката и дава јасна насока за системско воведување на вештините и концептите на медиумската писменост и критичкиот пристап кон информациите во наставните програми за основните и средните училишта низ Северна Македонија. ИНФОРМАЦИЈА ЗА УРЕДНИЦИТЕ: Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано повеќе од 833 милиони долари во Северна Македонија од 1993 година досега. УСАИД е водечка меѓународна агенција за развој во светот и двигател кој води до развојни постигнувања. Работата на УСАИД ја унапредува националната безбедност и економскиот просперитет на САД, ја отсликува американската великодушност и на земјите со кои соработува им помага на патот до самостоен и стабилен развој. За повеќе информации за работата на УСАИД во Северна Македонија, посетете ја нашата веб-страница https://www.usaid.gov/north-macedonia и следете нѐ на YouTube, Твитер и Фејсбук. Фото-галеријата од настанот е достапна тука.  
St Poseta 11

Студиска посета на новинари и граѓански активисти во Брисел

Македонскиот институт за медиуми, со поддршка од Делегацијата на ЕУ организираше студиска посета во Брисел од осми до единаесетти ноември годинава, во која беа вклучени новинари и граѓански активисти од медиумската сфера. Посетата беше организирана за да помогне во зацврстување на релацииите и градењето синергија меѓу медиумите, граѓанските организации и институциите во справувањето со дезинформациите, како и во насока на промоција на медиумската писменост во земјава. Учесниците имаа можност да разговараат со релевантни претставници на европските институции, како што се Работната група за Западен Балкан во Секторот за стратешки комуникации при Европската служба за надворешнo дејствување (ЕЕАС) и медиумски организации и здруженија со седиште во Брисел. На средбите се дискутираше околу потребата од институционален одговор кон дезинформациите и важноста од градењето партнерства меѓу релевантните чинители, како и за активностите што ги преземаат европските институции во оваа сфера, вклучувајќи ги и односите на ЕУ со приватните компании и платформи како што се Фејсбук, Гугл, Јутјуб и други. Меѓу другото, беше истакната неопходноста од поголема транспарентност и објавување на критериумите што овие социјални мрежи ги користат при отстранување на содржини објавени од корисниците.    На средбите со претставниците на Европската федерација на новинари, УНЕСКО и Европската асоцијација за интересите на гледачите (EAVI) се разговараше околу најновите активности што овие организации ги преземаат со цел зајакнување на соработката меѓу медиумите и граѓанскиот сектор и неопходноста од подобрување на професионализмот во известувањето на медиумите и ефикасното справување со дезинформациите. Соговорниците ја нагласија потребата од создавање нови, креативни пристапи за унапредување на знаењето и вештините на граѓаните со цел тие да можат да ги препознаат и да се справат со  манипулативните содржини, бидеќи   методологиите и технолошките иновации за создавање и ширење на дезинформациите постојано се усовршуваат. Во рамките на престојот во Брисел, групата се сретна  и со амбасадорката Агнеза Руси Поповска и претставници на Мисијата на Република Северна Македонија во ЕУ, на која се разговараше за актуелни теми поврзани со евроинтегративниот процес на нашата земја и информирањето на граѓаните за овие теми.  
Study V 1

Група македонски новинари и граѓански активисти посетија истакнати медиуми и невладини организации во Словенија

Македонскиот институт за медиуми со поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, од 4 до 8 октомври, организираше студиска посета на Република Словенија, на која учествуваа новинари и претставници на граѓански организации што работат во медиумската сфера во земјава. Целта на посетата беше да се разменат искуства со словенечките колеги за теми и прашања поврзани со модерните предизвици со кои се соочуваат медиумите и јавната комуникациска сфера, со фокус на дезинформациите, проверката на фактите, лажните наративи и влијанието на социјалните мрежи во редефинирањето на новинарството, како и злоупотребата на јавниот комуникациски простор за ширење говор на омраза. Во рамки на посетата, македонските претставници се сретнаа со истакнати истражувачки новинари од порталите Подчрто и Оштро, граѓански активисти и медиумски експерти од невладините организации Уманотера и од Мировниот институт од Љубљана, претставници на Здружението на новинари на Словенија, како и со главните уредници на информативните изданија на јавниот сервис Радио Телевизија Словенија. Престојот беше искористен и за присуство на Самитот на ЕУ што се одржа на 6 октомври во Брдо, од кадешто новинарите известуваа за своите редакции. Словенечката медиумска сфера се соочува со бројни предизвици поврзани со актуелните политички случувања во земјата, што исто така се резултат и на влијанието на новите комуникациски технологии, особено на социјалните мрежи, во секојдневието на граѓаните.  На сите средби, без исклучок, беше истакната неопходноста од заштита, поддршка и афирмација на професионалното новинарство како јавно добро, коешто е од суштинско значење за унапредување на демократските процеси.  Беше заклучено дека медиумските слободи во голема мера зависат од демократскиот капацитет на носителите на власта, кои честопати користат различни механизми со коишто може да ги загрозат или  оспоруваат тие слободи. Финансиската зависност на медиумите од одлуките на властите може да прерасне во голема пречка за нормалното функционирање, пред се на јавните сервиси и новинските агенции во сопственост на државата. Затоа е неопходно јавните сервиси да се финансираат главно од средствата собрани од претплатата на граѓаните, а не од  државниот буџет, беше истакнато од учесниците на средбите. Во однос на лажните наративи, беше посочено дека тие можат да се победат само со квалитетно новинарство кое e во служба на граѓаните, доколку постои медиумски едуцирана јавност и се поттикнува севкупна општествена  поддршка за постоењето и развојот на  слободните медиуми.  
Conf 2709 1

Неопходно зајакнување на капацитетите за борба против дезинформациите на лично и на институционално ниво

Делегацијата на Европска Унија и Македонскиот институт за медиуми на 27 септември ја одржаа регионалната „Конференција за медиумска писменост ЕУ-Западен Балкан: Справување со дезинформациите“, на која се разговараше за актуелните предизвици во јавниот комуникациски простор, како што се справувањето со дезинформациите, влијанието на социјалните мрежи и дезинформациите во редефинирањето на новинарското известување и квалитетот на новинарството, како и за важноста на медиумската писменост за граѓаните во новото медиумско опкружување. На конференцијата говореа политичари, медиумски експерти, претставници на државните институции , на граѓанското општество и на академската заедница од Западен Балкан и ЕУ. Конференцијата  официјално ја отвори претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој истакна дека кампањите за дезинформирање ја поларизираат јавната дебата, негативно влијаат врз политичките процеси, ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и ја еродираат општествената кохезија. Според него, клучно е да се зајакнуваат отпорноста и капацитетите за борба против дезинформациите на лично и на институционално ниво. Препорача воведување медиумска писменост во образованието, доследно спроведување на регулативата, поддршка на медиумската саморегулација и на  сервисите за проверка на факти. Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на ЕК, Жозеп Борел, во своето видео обраќање оцени дека дезинформациите се закана за демократиите и ја нагласи потребата од заеднички пристап во справувањето со нив во насока на подигнување на свесноста, поддршка на сервисите за проверка на факти, како и на напорите за вклучување на медиумската писменост во образованието. Амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир посочи дека дезинформациите го поткопуваат капацитетот на општеството да се развива врз основа на факти, наука и докази преку дебати и проверка на вредностите. Тој ја истакна посветеноста на ЕУ за борба против дезинформациите заедно со партнерите од Западен Балкан. На првиот панел насловен  „Отпорност кон дезинформациите: Заеднички предизвик за институциите, медиумите и граѓаните“, Росана Алексоска од граѓанската асоцијација МОСТ претстави првични наоди од студијата „Дезинформации и информациска дисторзија во Северна Македонија“ при што укажа на техниките за манипулација и ширење дезинформации кои се користат преку социјалните мрежи, како и примери кои биле идентификувани со истражувањето. Националниот координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата на РСМ, Марјан Забрчанец посочи дека битката против дезинформациите е заедничка, бидејќи „ако застапуваме демократски чинители, без разлика дали станува збор за влади, меѓународни организации, невладини, па дури и приватни субјекти и медиуми и медиумски организации, тогаш имаме заеднички непријател.“ Според него, „тие коишто се кријат во подрумите и продуцираат лажни вести со намера да бидат масовно ширени и да дезинформираат, да паничат, да влијаат штетно на населението, се на другата страна“. За Клодијана Капо, директорка на „Фактоје“, Албанија, граѓаните се склони да веруваат повеќе на дезинформации поради што е важно навремено и доследно проверување на фактите. Таа ја истакна важноста од независни и самоодржливи редакции. Според Евина Пурина од сервисот за проверка на факти „Ре-Балтика“ од Латвија, 35% од населението во оваа држава зборува руски јазик, а граѓаните се склони кон пропагандата што доаѓа од Русија и се однесува на различни теми. Последните промени во Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски сервиси, кои се однесуваат на медиумската писменост и кои се релевантни и за земјите-кандидати  беа тема на презентацијата на Диедре Кевин, експерт на ЕУ и на Советот на Европа за слобода на изразување и слобода на медиуми, ангажирана во Северна Македонија. Во рамки на вториот панел „Известување 2.0: Дали социјалните мрежи и дезинформациите го редефинираа новинарското известување“ претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски нагласи дека борбата со дезинформациите и лажните наративи може да се добие доколку се поддржува саморегулацијата, се имплементира медиумската писменост, се обезбеди поддршка за професионалното новинарство, и доколку политичките центри ја прекинат поддршката за непрофесионалните медиуми. Социјалните мрежи отворија многу можности за комуникација меѓу граѓаните, како и за истражувачкото новинарство. Во Србија медиумите се заробени и можеби интернетот е единствениот слободен простор којшто постои и би рекла, бесплатен простор за промоција на содржините коишто се предизвикувачки и во таа смисла тоа за нас е многу корисно, истакна Драгана Жарковиќ Обрадовиќ од БИРН Србија. За Агрон Бајрами, главен уредник на „Коха диторе“ од Косово, и покрај притисокот од страна на социјалните мрежи и онлајн медиумите, професионалните медиуми и понатаму треба да продолжат да ги проверуваат фактите, бидејќи тоа е основата на новинарството. Новинарството беше редефинирано од социјалните медиуми, нагласи Тијана Цвјетичанин, уредник во „Раскринкавање“ од БиХ, која смета дека поради работата на сервисите за проверка на факти, медиумите некогаш ги коригираат информациите, но тоа нема долгорочен ефект. Затоа таа препорача холистички пристап во борбата против дезинформациите што ќе ја вклучува медиумската, дигиталната и информациската писменост, како и писменоста за користење научни податоци. Бранкица Петковиќ од Мировниот институт од Словенија презентираше модели на медиуми кои продуцираат и шират говор на омраза, дезинформации и пропаганда во земјите од Западен Балкан и нагласи дека повеќето се поддржани од политичките центри. Од друга страна, пак, професионалните медиуми не се доволно подготвени да се спротивстават, бидејќи работат на сиромашен медиумски пазар и во услови кои го ограничуваат развојот на професионалното новинарство, рече таа. „Дигитални граѓани: Справување со дезинформациите во онлајн прсторот“, беше темата на третиот панел кој го отвори Андријана Папиќ Манчева од граѓанската организација „ХЕРА“. Таа  зборуваше за злоупотребата на социјалните мрежи  и сподели примери околу ширењето лажните вести поврзани со воведување на сексуалното образование.  Невена Мартиновиќ од фондацијата „SHARE“ од Србија препорача дека граѓанските организации треба да ги зајакнат своите активности во дигиталната сфера, а Анида Сокол од Медиацентар-Сараево посочи дека е е потребно повеќе да се вложува во промовирање на професионалните норми и стандарди во новинарството, особено меѓу младите. Различни проблематични содржини се споделуваат на координиран начин за време на избори или други настани преку социјалните мрежи во земјите од регионов, смета Милан Јовановиќ од Дигиталниот форензички центар од Црна Гора. Тој презентираше примери од истражувањата на социјалните мрежи, според кои политичките партии ги користат социјалните медиуми за промовирање, но и за манипулирање на граѓаните, како на пример преку мрежи составени од ботови или преку лажни профили поврзани со политичките партии. Борис Вукојевиќ од канцеларијата на УНЕСКО истакна дека е неопходно да се едуцираат децата за тоа како да се информираат онлајн, но  и нивните наставници и родителите. Препораките од конференцијата ќе бидат објавени наскоро и доставени до институциите на ЕУ и земјите од Западниот Балкан. Повеќе фотографии од конференцијата може да погледнете тука.  
Доделени новинарските награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2020“

Доделени новинарските награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2020“

Сторијата „Пандемско профитерство: Другата страна на приказната за КОВИД-19“ на редакцијата на ИРЛ ја доби наградата за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2020“. Истражувањето на тимот од Истражувачката репортерска лабораторија обелоденува скандал со лажно декларирани тестови за ковид-19 и несигурни заштитни маски, од кои профитираа приватните болници и веледрогериите, а за жал беа изгубени и човечки животи.  Сознанијата на авторите откриваат дека државата, на почетокот на пандемијата минатата година, немаше воспоставено доволно ефикасен систем за контрола на квалитетот на лековите и медицинските средства што се увезуваа од странство. Истражувањето е темелно, сеопфатно, при што се употребени мноштво релевантни факти, докази и изјави од релевантни соговорници, а дополнително се презентирани и валидни документи кои ги поддржуваат сознанијата на авторите.  Наградата за Најиновативен новинарски производ ја доби новинарот Алексанар Манасиев за мултимедијалната сторија „Тивките балкански убијци“, објавена на интернет-платформата „Види Вака“. Станува збор за извонреден спој на традиционална истражувачка приказна раскажана со мултимедијална поддршка, што обработува важно прашање од интерес на граѓаните во земјава, но и пошироко во регионот. Авторот направил темелна обработка на темата, поткрепена со факти, докази и изјави од релевантни извори. Успешно се употребени креативни алатки за мултимедијална, креативна презентација на содржината, користејќи комбинација на текст, видео, фотографии и анимации, при што големо внимание е посветено на тоа секој од елементите да биде приказна за себе, односно секој елемент дополнително да ја раскажува приказната и да може да функционира самостојно. Наградата на Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерката Арбнора Мемети, за фотографијата на тема „Две патки поминуваат на пешачки премин за време на полициски час“, објавена во дневниот весник „Слободен печат“. Фотографијата демонстрира исклучителен фотографски сензибилитет и естетски израз кој ни ја пренесува длабоката симболика на оваа извонредна глетка - постојаното превирање помеѓу природата и човекот, цивилизацијата и нејзината средина, во обид да се најде кревкиот баланс на соживот со природата во овој турбулентен и непредвидлив 21 век. На годинешниот конкурс пристигнаа: 19 апликации во категоријата Најдобра истражувачка сторијата (29 стории, обработени во 66 текстови/видео прилози); 11 апликации во категоријата Најиновативен новинарски производ (18 теми, обработени во 31 текстови/видео прилози); 9 апликации во категоријата Најдобра репортерска фотографија (со 26 фотографии). Комисијата изразува задоволство од квалитетот на пристигнатите трудови и истакнува дека и покрај проблемите предизвикани од тековната пандемија, изминатата година новинарите посветено и квалитетно истражуваа и известуваа за многу значајни прашања од интерес на граѓаните. Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов. Извештајот на жири-комисијата е достапен во прилог. Извештај на жири-комисијата445.09 KB