Новости

Study V 1

Група македонски новинари и граѓански активисти посетија истакнати медиуми и невладини организации во Словенија

Македонскиот институт за медиуми со поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, од 4 до 8 октомври, организираше студиска посета на Република Словенија, на која учествуваа новинари и претставници на граѓански организации што работат во медиумската сфера во земјава. Целта на посетата беше да се разменат искуства со словенечките колеги за теми и прашања поврзани со модерните предизвици со кои се соочуваат медиумите и јавната комуникациска сфера, со фокус на дезинформациите, проверката на фактите, лажните наративи и влијанието на социјалните мрежи во редефинирањето на новинарството, како и злоупотребата на јавниот комуникациски простор за ширење говор на омраза. Во рамки на посетата, македонските претставници се сретнаа со истакнати истражувачки новинари од порталите Подчрто и Оштро, граѓански активисти и медиумски експерти од невладините организации Уманотера и од Мировниот институт од Љубљана, претставници на Здружението на новинари на Словенија, како и со главните уредници на информативните изданија на јавниот сервис Радио Телевизија Словенија. Престојот беше искористен и за присуство на Самитот на ЕУ што се одржа на 6 октомври во Брдо, од кадешто новинарите известуваа за своите редакции. Словенечката медиумска сфера се соочува со бројни предизвици поврзани со актуелните политички случувања во земјата, што исто така се резултат и на влијанието на новите комуникациски технологии, особено на социјалните мрежи, во секојдневието на граѓаните.  На сите средби, без исклучок, беше истакната неопходноста од заштита, поддршка и афирмација на професионалното новинарство како јавно добро, коешто е од суштинско значење за унапредување на демократските процеси.  Беше заклучено дека медиумските слободи во голема мера зависат од демократскиот капацитет на носителите на власта, кои честопати користат различни механизми со коишто може да ги загрозат или  оспоруваат тие слободи. Финансиската зависност на медиумите од одлуките на властите може да прерасне во голема пречка за нормалното функционирање, пред се на јавните сервиси и новинските агенции во сопственост на државата. Затоа е неопходно јавните сервиси да се финансираат главно од средствата собрани од претплатата на граѓаните, а не од  државниот буџет, беше истакнато од учесниците на средбите. Во однос на лажните наративи, беше посочено дека тие можат да се победат само со квалитетно новинарство кое e во служба на граѓаните, доколку постои медиумски едуцирана јавност и се поттикнува севкупна општествена  поддршка за постоењето и развојот на  слободните медиуми.  
Conf 2709 1

Неопходно зајакнување на капацитетите за борба против дезинформациите на лично и на институционално ниво

Делегацијата на Европска Унија и Македонскиот институт за медиуми на 27 септември ја одржаа регионалната „Конференција за медиумска писменост ЕУ-Западен Балкан: Справување со дезинформациите“, на која се разговараше за актуелните предизвици во јавниот комуникациски простор, како што се справувањето со дезинформациите, влијанието на социјалните мрежи и дезинформациите во редефинирањето на новинарското известување и квалитетот на новинарството, како и за важноста на медиумската писменост за граѓаните во новото медиумско опкружување. На конференцијата говореа политичари, медиумски експерти, претставници на државните институции , на граѓанското општество и на академската заедница од Западен Балкан и ЕУ. Конференцијата  официјално ја отвори претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој истакна дека кампањите за дезинформирање ја поларизираат јавната дебата, негативно влијаат врз политичките процеси, ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и ја еродираат општествената кохезија. Според него, клучно е да се зајакнуваат отпорноста и капацитетите за борба против дезинформациите на лично и на институционално ниво. Препорача воведување медиумска писменост во образованието, доследно спроведување на регулативата, поддршка на медиумската саморегулација и на  сервисите за проверка на факти. Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на ЕК, Жозеп Борел, во своето видео обраќање оцени дека дезинформациите се закана за демократиите и ја нагласи потребата од заеднички пристап во справувањето со нив во насока на подигнување на свесноста, поддршка на сервисите за проверка на факти, како и на напорите за вклучување на медиумската писменост во образованието. Амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир посочи дека дезинформациите го поткопуваат капацитетот на општеството да се развива врз основа на факти, наука и докази преку дебати и проверка на вредностите. Тој ја истакна посветеноста на ЕУ за борба против дезинформациите заедно со партнерите од Западен Балкан. На првиот панел насловен  „Отпорност кон дезинформациите: Заеднички предизвик за институциите, медиумите и граѓаните“, Росана Алексоска од граѓанската асоцијација МОСТ претстави првични наоди од студијата „Дезинформации и информациска дисторзија во Северна Македонија“ при што укажа на техниките за манипулација и ширење дезинформации кои се користат преку социјалните мрежи, како и примери кои биле идентификувани со истражувањето. Националниот координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата на РСМ, Марјан Забрчанец посочи дека битката против дезинформациите е заедничка, бидејќи „ако застапуваме демократски чинители, без разлика дали станува збор за влади, меѓународни организации, невладини, па дури и приватни субјекти и медиуми и медиумски организации, тогаш имаме заеднички непријател.“ Според него, „тие коишто се кријат во подрумите и продуцираат лажни вести со намера да бидат масовно ширени и да дезинформираат, да паничат, да влијаат штетно на населението, се на другата страна“. За Клодијана Капо, директорка на „Фактоје“, Албанија, граѓаните се склони да веруваат повеќе на дезинформации поради што е важно навремено и доследно проверување на фактите. Таа ја истакна важноста од независни и самоодржливи редакции. Според Евина Пурина од сервисот за проверка на факти „Ре-Балтика“ од Латвија, 35% од населението во оваа држава зборува руски јазик, а граѓаните се склони кон пропагандата што доаѓа од Русија и се однесува на различни теми. Последните промени во Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски сервиси, кои се однесуваат на медиумската писменост и кои се релевантни и за земјите-кандидати  беа тема на презентацијата на Диедре Кевин, експерт на ЕУ и на Советот на Европа за слобода на изразување и слобода на медиуми, ангажирана во Северна Македонија. Во рамки на вториот панел „Известување 2.0: Дали социјалните мрежи и дезинформациите го редефинираа новинарското известување“ претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски нагласи дека борбата со дезинформациите и лажните наративи може да се добие доколку се поддржува саморегулацијата, се имплементира медиумската писменост, се обезбеди поддршка за професионалното новинарство, и доколку политичките центри ја прекинат поддршката за непрофесионалните медиуми. Социјалните мрежи отворија многу можности за комуникација меѓу граѓаните, како и за истражувачкото новинарство. Во Србија медиумите се заробени и можеби интернетот е единствениот слободен простор којшто постои и би рекла, бесплатен простор за промоција на содржините коишто се предизвикувачки и во таа смисла тоа за нас е многу корисно, истакна Драгана Жарковиќ Обрадовиќ од БИРН Србија. За Агрон Бајрами, главен уредник на „Коха диторе“ од Косово, и покрај притисокот од страна на социјалните мрежи и онлајн медиумите, професионалните медиуми и понатаму треба да продолжат да ги проверуваат фактите, бидејќи тоа е основата на новинарството. Новинарството беше редефинирано од социјалните медиуми, нагласи Тијана Цвјетичанин, уредник во „Раскринкавање“ од БиХ, која смета дека поради работата на сервисите за проверка на факти, медиумите некогаш ги коригираат информациите, но тоа нема долгорочен ефект. Затоа таа препорача холистички пристап во борбата против дезинформациите што ќе ја вклучува медиумската, дигиталната и информациската писменост, како и писменоста за користење научни податоци. Бранкица Петковиќ од Мировниот институт од Словенија презентираше модели на медиуми кои продуцираат и шират говор на омраза, дезинформации и пропаганда во земјите од Западен Балкан и нагласи дека повеќето се поддржани од политичките центри. Од друга страна, пак, професионалните медиуми не се доволно подготвени да се спротивстават, бидејќи работат на сиромашен медиумски пазар и во услови кои го ограничуваат развојот на професионалното новинарство, рече таа. „Дигитални граѓани: Справување со дезинформациите во онлајн прсторот“, беше темата на третиот панел кој го отвори Андријана Папиќ Манчева од граѓанската организација „ХЕРА“. Таа  зборуваше за злоупотребата на социјалните мрежи  и сподели примери околу ширењето лажните вести поврзани со воведување на сексуалното образование.  Невена Мартиновиќ од фондацијата „SHARE“ од Србија препорача дека граѓанските организации треба да ги зајакнат своите активности во дигиталната сфера, а Анида Сокол од Медиацентар-Сараево посочи дека е е потребно повеќе да се вложува во промовирање на професионалните норми и стандарди во новинарството, особено меѓу младите. Различни проблематични содржини се споделуваат на координиран начин за време на избори или други настани преку социјалните мрежи во земјите од регионов, смета Милан Јовановиќ од Дигиталниот форензички центар од Црна Гора. Тој презентираше примери од истражувањата на социјалните мрежи, според кои политичките партии ги користат социјалните медиуми за промовирање, но и за манипулирање на граѓаните, како на пример преку мрежи составени од ботови или преку лажни профили поврзани со политичките партии. Борис Вукојевиќ од канцеларијата на УНЕСКО истакна дека е неопходно да се едуцираат децата за тоа како да се информираат онлајн, но  и нивните наставници и родителите. Препораките од конференцијата ќе бидат објавени наскоро и доставени до институциите на ЕУ и земјите од Западниот Балкан. Повеќе фотографии од конференцијата може да погледнете тука.  
Доделени новинарските награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2020“

Доделени новинарските награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2020“

Сторијата „Пандемско профитерство: Другата страна на приказната за КОВИД-19“ на редакцијата на ИРЛ ја доби наградата за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2020“. Истражувањето на тимот од Истражувачката репортерска лабораторија обелоденува скандал со лажно декларирани тестови за ковид-19 и несигурни заштитни маски, од кои профитираа приватните болници и веледрогериите, а за жал беа изгубени и човечки животи.  Сознанијата на авторите откриваат дека државата, на почетокот на пандемијата минатата година, немаше воспоставено доволно ефикасен систем за контрола на квалитетот на лековите и медицинските средства што се увезуваа од странство. Истражувањето е темелно, сеопфатно, при што се употребени мноштво релевантни факти, докази и изјави од релевантни соговорници, а дополнително се презентирани и валидни документи кои ги поддржуваат сознанијата на авторите.  Наградата за Најиновативен новинарски производ ја доби новинарот Алексанар Манасиев за мултимедијалната сторија „Тивките балкански убијци“, објавена на интернет-платформата „Види Вака“. Станува збор за извонреден спој на традиционална истражувачка приказна раскажана со мултимедијална поддршка, што обработува важно прашање од интерес на граѓаните во земјава, но и пошироко во регионот. Авторот направил темелна обработка на темата, поткрепена со факти, докази и изјави од релевантни извори. Успешно се употребени креативни алатки за мултимедијална, креативна презентација на содржината, користејќи комбинација на текст, видео, фотографии и анимации, при што големо внимание е посветено на тоа секој од елементите да биде приказна за себе, односно секој елемент дополнително да ја раскажува приказната и да може да функционира самостојно. Наградата на Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерката Арбнора Мемети, за фотографијата на тема „Две патки поминуваат на пешачки премин за време на полициски час“, објавена во дневниот весник „Слободен печат“. Фотографијата демонстрира исклучителен фотографски сензибилитет и естетски израз кој ни ја пренесува длабоката симболика на оваа извонредна глетка - постојаното превирање помеѓу природата и човекот, цивилизацијата и нејзината средина, во обид да се најде кревкиот баланс на соживот со природата во овој турбулентен и непредвидлив 21 век. На годинешниот конкурс пристигнаа: 19 апликации во категоријата Најдобра истражувачка сторијата (29 стории, обработени во 66 текстови/видео прилози); 11 апликации во категоријата Најиновативен новинарски производ (18 теми, обработени во 31 текстови/видео прилози); 9 апликации во категоријата Најдобра репортерска фотографија (со 26 фотографии). Комисијата изразува задоволство од квалитетот на пристигнатите трудови и истакнува дека и покрај проблемите предизвикани од тековната пандемија, изминатата година новинарите посветено и квалитетно истражуваа и известуваа за многу значајни прашања од интерес на граѓаните. Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов. Извештајот на жири-комисијата е достапен во прилог. Извештај на жири-комисијата445.09 KB
Cover Web 1

Повик за учество во програмата „Balkans Voices“

Дали се сметаш себеси за блогер, поткастер, инфлуенсер? Дали произведуваш сопствена оригинална содржина на теми кои што се важни за општеството? Дали би сакал да ја развиеш својата платформа и да ги зајакнеш техничките, дигиталните и бизнис вештините, преку соработка со врсници од регионот? Доколку се пронаоѓаш во одговорите на овие прашања, тогаш оваа можност е за тебе! Canal France International (CFI), во соработка со Медиацентар Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство и Фондацијата за информации, медиуми, дијалог и едукација Косовалајф, Ве покануваат да аплицирате на  “Balkans Voices” Digital Media Program. Кој може да аплицира? Доколку сакате да учествувате на “Balkans Voices” Digital Media Program, треба да ги исполнувате следните услови: Да имате 18-35 години; Да сте жител на една од шесте вклучени земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија; Да имате базично познавање на англиски јазик (разбирање и говорење (минимум ниво B1)) за да можете да комуницирате со останатите учесници и да учествувате во активностите без потешкотии; Да бидете достапни за учество во активностите на програмата; Да демонстирате минимум три месеци активна продукција на медиумска содржина и досег до публиката преку вашата платформа; Да бидете подготвени да покривате социјални, еколошки или културни теми како што се (но не ограничувајќи се на): Вработување на млади и иновации; Вредносни можности за младите луѓе од Западен Балкан; Миграција и враќање; Идентитети и малцинства (ЛГБТК+, Роми, Ашкали итн.); Род и родова еднаквост; Животна средина; Човекови права; Теми генерално поврзани со цели на одржлив развој (SDGs) За програмата „Balkan Voices” Digital Media Program The “Balkans Voices” Digital Media Program  е дел од проектот “Balkan voices”, финансиран од француското Mинистерство за Европа и надворешни работи и имплементиран од CFI во согласност со службите за соработка и културни активности на француските амбасади во државите каде што се спроведува проектот: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија. Програмата има за цел да ги зајакне вештините на новите соработници на медиумите кај младите луѓе на возраст од 18-35 години во горенаведените земји. Активности на програмата The “Balkans Voices” Digital Media Program  По процесот на селекција, ќе се приклучите на група од приближно 60 млади креатори на медиумски содржини од шесте држави кои се дел од проектот и ќе учествувате во активностите на програмата Регионална онлајн конференција, која ќе се одржи на 3 и 4 јуни 2021 година, на која ќе учествуваат 60-те избрани млади луѓе. Ова ќе ви овозможи да присуствувате на настани како што се тркалезна маса, дебати, говори, паралелни сесии заедно со соработници од секторот за онлајн медиуми во регионот. Исто така, ќе имате можност да дознаете за проекти на други млади луѓе и да комуницирате онлајн. Конференцијата ќе опфати теми како што се: Предизвици да се биде млад медиумски „играч“ во земјите од Западен Балкан Градење на онлајн публика Промоција на медиумска содржина Монетизација на медиумскиот производ Управување со говор на омраза и мразечки коментари Користење на влијанието за промовирање на социјални/еколошки/културни прашања и за зајакнување на ранливи групи Регионалните работилници ќе се одржат во септември и октомври 2021 година: Ќе имате можност да учествувате на тридневна работилница во еден од главните градови на шесте земји (доколку патувањето е дозволено во тој период) и да учествувате на тренинг-сесии со група од 15 други млади луѓе од државите кои се дел од проектот. Работилниците ќе опфатат теми како што се: Економски модели за нови медиуми Користење податоци за публиката за насочување кон вашата содржина Алатки за развој на кариерата Фотографија, видео, производство на звук Како да се остане безбеден во дигиталната средина Од 60-те учесници - креатори на содржина, одреден број на апликанти ќе бидат избрани да учествуваат во понатамошните активности: Еднонеделна програма за развој во Париз во ноември 2021 (приближно 18 млади луѓе ќе бидат избрани од конференцијата и работилниците) и шест месеци менторство (12 учесници од сесијата за развој ќе бидат поддржани преку менторство)[1]. [1] Огранизирано од страна на француска компанија која ќе биде подоцна избрана од страна на CFI. Комитет за избор и критериуми за избор Комитетот за избор составен од претставници на CFI и на нашите локални партнери ќе ги оценуваат аликациите и ќе одлучат за изборот на младите актери во новиот медиумски сектор. Резултатите ќе бидат соопштени кон крајот на мај 2021 година. Критериумите за избор што треба да се земат предвид при изборот се следниве: Мотивација и способност на апликантот да учествува во програмските активности (конференција и работилница; програма за развој и менторство, доколку е избран) (50/100) Разбирање на целите и поимите на “Balkans Voices” Digital Media Program Подготвеност за натамошен развој на платформата (блог/поткаст/профил на социјална мрежа итн.) на национално и/или регионално ниво Мотивација и достапност за учество во сите активности (вклучувајќи ја и работилницата за развој) Подготвеност за комуникација за секој напредок постигнат во врска со платформата, за време на програмата и по учеството во програмата Посебен интерес или претходно знаење за областите споменати во повикот (видете го делот „Кој може да аплицира“), и мотивација/простор за учење, како и подготвеност за промовирање на социјално релевантни прашања на нивните заедници Квалитет и релевантност на содржината произведена од апликантот (35/100) Релевантност на темата во однос на критериумите за избор Технички квалитет на веќе произведената содржина Досег на платформата (#прегледи, #следбеници итн.) Потенцијал за унапредување Креативност и иновативност на содржината произведена од апликантот (15/100) Адаптација на платформата кон дигиталната сфера и оригинален начин да се стигне до публиката Автентичност на форматот и/или на наративот Додадена вредност во споредба со постојните дигитални медиуми Посебно внимание ќе се посвети на апликациите испратени од жени и апликации што се занимаваат со прашања за родова еднаквост. Поважни датуми поврзани со Повикот: Објавување на Повикот за проекти: петок, 16 април 2021 година. Краен рок за аплицирање на интернет-платформата: понеделник, 17 мај 18:00 ч. Објавување на избраните млади креатори на содржини: 25 мај, 2021. Финализирање на процесот на потпишување на договор за учество: мај-јуни 2021 Во последниот процес на избор ќе бидат избрани приближно 18 учесници за програмата за развој во Париз во ноември 2021 (доколку е возможно патување во овој период) Што треба да содржи апликативното ДОСИЕ Формуларот за апликација мора да биде пополнет на англиски јазик. Имајте предвид дека за пристап до формуларот потребно е прво да се РЕГИСТРИРАТЕ. Само целосно пополнет формулар ќе биде земен предвид за разгледување. Зачувајте копија од поднесената апликација. Апликацијата мора да го содржи следново: Онлајн формулар (сите полиња треба да бидат пополнети) Прашалник за проценка на потребите (според следниот образец) За проектот “Balkans Voices” Digital Media Program Финансиран од француското Министерство за Европа и надворешни работи, главната цел на проектот “Balkans Voices” Digital Media Program е да им овозможи на новата генерација млади таленти да го обноват јазикот што се користи во медиумите и отворено да се изразат на теми што ги инспирираат во секоја земја од која доаѓаат. Проектот спроведува активности со млади луѓе во полето на медиумската и информациската писменост, дигиталните медиуми и аудиовизуелната продукција. За да дознаете повеќе за проектните активности, посетете ја страницата: /cfi.fr/en/project/balkans-voices Прашања? Доколку имате прашања, Ве молиме испратете ги на следните адреси, пред 3 мај, 2021 год. до 18:00ч: lea.bertrand@cfi.fr и maida@media.ba Одговорите на прашањата ќе бидат објавени на платформата за Повикот за апликации. Потсетување: Онлајн конференцијата ќе се одржи на 3 и 4 јуни, работилниците ќе се одржат во тек на 3 дена во септември и октомври во земја од Западен Балкан (дополнително ќе се утврди), неделата на развој ќе се одржи во ноември, во Париз, Франција (доколку дозволуваат околностите со пандемијата).  
Povik Cover2 10 9 2020

4 граѓански организации ќе спроведуваат проекти за промовирање медиумска и информациска писменост во малите градови и руралните подрачја

Македонскиот институт за медиуми, во изминатиот период како дел од регионалниот проект „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“, објави повик за доделување на грантови за граѓански организации и спроведе процедура за избор на најдобри предлог-проекти. На повикот, целосни предлог-проекти доставија вкупно 25 организации. По комплетирање на административната проверка на апликациите, стрчна жири-комисија спроведе постапка за квалитативно оценување на предлог-проектите кои успешно ја минаа административната проверка. Врз основа на оценките од жири-комисијата, Управниот одбор на проектот донесе одлука да поддржи 4 предлог-проекти кои беа најдобро оценети. Грѓанските организации и предлог-проектите кои ќе бидат поддржани преку оваа грант-програма може да ги погледнете во прилог. Грантисти652.65 KB
Rekacija

Не ни треба реприза со платените јавни кампањи во медиумите

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) реагираат на јавната најава на Владата за измена на регулативата со која ќе престане да важи забраната за рекламирање во медиумите од страна на јавните институции (член 102 од ЗААМУ). Во објавата на МИА од 4-ти мај 2021 година, во еден новинарски спорен текст, се вели дека Владата ќе донесе пакет медиумски реформи кои подразбираат платени јавни кампањи во приватни медиуми и формирање Фонд за истражувачко новинарство и за продукција на медиумски содржини од јавен интерес. Невообичаено и тенденциозно е тајни брифери од Владата да пласираат информации на јавен сервис, притоа тие  да не се поткрепени со факти. Во текстот се имплицира и провејува впечатокот дека СЕММ и ЗНМ некогаш побарале измена на член 102, заедно во пакет со формирање  Фонд за помош на медиумите. Почитувани претставници на Владата, ова е лага! ЗНМ и СЕММ, заедно со ССНМ и МИМ никогаш ниту прифатиле, а ниту побарале законски измени со коишто би се овозможил начин на директно истурање на јавни пари за владини кампањи во приватни медиуми. Тоа е наш принципиелен и конзистентен став од којшто во ниту еден момент не сме отстапиле, на ниту една средба или разговор. Обидот нашиот став за овој член на Законот да се заобиколи или маскира во купот на други најави и ветувања за медиумски реформи создава лажна слика за позициите на фелата. Ваквиот однос ја поткопува довербата помеѓу новинарските и медиумски организации и Владата и истите можат погрешно да бидат толкувани и од страна на јавноста и на меѓународната заедница. Затоа, сакаме јасно да потенцираме дека ние бевме  и сме против овие законски измени и апсолутно не сметаме дека тие треба да се стават во кошница со други медиумски реформи, од проста причина што на нив никако не гледаме како на реформи. Што се однесува на Фондот за помош на медиумите, тоа секако е идеја за која треба да разговараме и ние меѓу себе како организации, и со Владата и со претставници на меѓународната заедница. Иако во текстот на МИА повторно се сугерира спротивното, дозволете да појасниме дека не постои формално барање до Владата за формирање на Фонд за медиуми, туку наша подготвеност да бидеме конструктивен партнер за осмислување на овој модел доколку се направи проценка за потребата на таков фонд. Создавањето на овој модел може да биде единствен исправен начин за поддршка на развојот и на медиумите, ама и на слободното и професионално новинарство. Во насока на погоре кажаното, сметаме дека се потребни две работи со цел да се избегнат недоразбирања во јавноста и тоа: Владата на РСМ да ја повлече иницијативата за укинување на забрана за државно рекламирање (да не се менува член 102 од ЗААМУ) и Владата да отвори јавна дебата во медиумскиот сектор за формирање Фонд за поддршка на професионалното новинарство. Доколку ги прифатите овие барања, веруваме дека ќе оставите простор да се изнајдат квалитетни решенија за помош во медиумскиот сектор, такви коишто ќе му помогнат и на медиумскиот пазар да биде слободен и конкурентен, и на самите новинари, како поддршка на нивната професионална работа. Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ) Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Совет за етика во медиумите (СЕММ) Македонски институт за медиуми (МИМ)  
Hakaton Promo Web 3

Повик за учество на едукативен хакатон

Што можат младите да направат за да ги унапредат своите знаења за активно користење на информациите од медиумите во секојдневните активности. Како да придонесат во сузбивање на „пандемијата“ од дезинформации преку користење на алатките за медиумска и информациска писменост?  Тридневниот хакатон[1] на кој ќе учествуваат 15 млади поделени во 3 групи, ќе стимулира атмосфера на соработка, поврзување и барање одговори на ова, но и на многу други поврзани прашања. Придружете нѝ се, пријавете се на овој линк и бидете дел од тимовите за креирање практични решенија на проблемите кои самите ги препознавате. Повикот е отворен до 19 април 2021, за сите млади луѓе (16 до 25 години) од С. Македонија Едукативен хакатон – што, кој и со која цел? Македонскиот институт за медиуми објавува повик за учество на млади луѓе (16 до 25 години) од земјава, на тридневен онлајн хакатон посветен на пронаоѓање идеи и решенија за прашања и проблеми поврзани со медиумската и информациската писменост. Хакатонот ќе се организира од 26 до 28 април 2021. Сеприсутниот тренд на ширење дезинформации во медиумите и во онлајн светот, а особено ширењето непроверени вести во врска со пандемијата и некои други теми, ги доведуваат младите луѓе во заблуда и ги оставаат без адекватни можности за делување. Медиумското и информациското описменување на населението има клучна улога во решавањето на овој предизвик, особено кога станува збор за младите кои се најактивни во процесот на создавање и користење онлајн содржини. Хакатонот „#Youth For MIL Solutions“ е замислен како тридневно дружење за млади од целата земја и натпревар во користење на знаења од областа на медиумската и информациската писменост. Целта е да се осмислат иницијативи и иновативни решенија за ефективно препознавање и наменско користење на информации од јавно достапните медиумски извори, како и решенија за сузбивање дезинформации и други типови податоци што се користат за различни цели. Кого бараме, што нудиме, како може да се пријавите? Критериуми за учество Пријавувањето е отворено за сите млади луѓе од С. Македонија на возраст од 16 до 25 години, кои: се активни во областа на медиумите и образованието, имаат афинитети кон медиумите, образованието, граѓанскиот активизам и решавање на општествените проблеми; имаат искуство во неформалните образовни процеси; имаат основни познавање на англискиот јазик.   Заинтересираните млади може да се пријават поединечно или во тимови до 5 члена. Комисијата, врз основа на квалитетот и искажаната мотивираност ќе избере 15 најуспешни пријави и ќе ги повика учесниците да се придружат на проектните тимови во рамки на овој онлајн настан. Врз основа на номинираните предлог-идеи опишани во апликациите, комисијата ќе ги избере работните теми и ќе ги формира работните тимови (3 тима од по пет учесници). Во консултација со експерти од различни области, комисијата ќе настојува да мапира области и теми каде што може да се понудат реални и конкретни решенија во рамките на зададените цели на хакатонот. Теми што нè интересираат  Посебно сме заинтересирани за решенија на следите теми:   Како да се овозможи поголемо присуство на научно засновани информации и научници како соговорници во медиумското известување. Во услови на пандемија, климатски промени, глобално затоплување, гласот на науката и научниците кои може да понудат издржани и кредибилни информации се чини заглушен од изобилството на информации, медиуми и социјални мрежи. Што можеме да направиме за да ја унапредиме соработката меѓу научниците, новинарите, корисниците на социјалните мрежи и да ја зајакнеме присутноста и значењето на науката во секојдневното производство на информации? Како младите луѓе ги гледаат социјалните мрежи во иднината? Како би изгледале платформите за вмрежување кои подразбираат посигурно онлајн опкружување, без говор на омраза, поттикнување насилство, „лажни вести“? Кои би биле клучните постулати на една таква мрежа? Како да се подготвиме за медиумите на иднината? Кои се клучните предизвици и како младите да ги совладаат? Дезинформации, „deep-fakes“, теории на заговор, променети модели на производство на медиумска содржини, се само некои од трендовите што ги гледаме изминатите години. Многу енергија се вложува во оспособување на младите да ги препознаваат и сузбиваат овие содржини, преку тренинзи и ИТ решенија. Во потрага сме по иновативни идеи со кои ќе им помогнеме на младите да ги препознаат и совладаат предизвиците во медиумското опкружување, Како да се допре до поединците и организациите кои шират теории на заговор? Како да се разговара со оние што веруваат во теории на заговор и ги споделуваат на своите профили и на тој начин го подриваат развивањето свест за важни општествени проблеми. Во потрага сме по идеи за начини на кои може да се покрене конструктивен дијалог, убедување без осудување засновано на знаење, факти и уважување на ставовите и начините на размислување. Како низ наставниот процес да се заинтересираат младите да учат за медиумите? Потребни се препораки и креативни решенија за наставници и професори, од агол на учениците и ученичките клупи. Што ги интересира младите за медиумите и како наставниците можат да им помогнат да ги развијат своите интереси и да научат нешто повеќе за улогата на медиумите и медиумското опкружување. Медиумска и информациска писменост како алатка за поддршка во пронаоѓање и користење референтни информации за научен труд и унапредување на сопствената компетентност при делувањето во јавната сфера.   Ова не е конечна листа на теми. Ги охрабруваме учесниците да номинираат теми, проблеми и идеи за решенија кои ги сметаат за важни, а се однесуваат на медиумите, на разбирањето на нивната улога, на безбедно и совесно уживање на слободата на изразување. Заинтересираните учесници во формуларот за пријавување треба да го престават проблемот кој што ќе се обидат да го решат и да иницираат идеја за решение. Постојат голем број можности за конципирање идеи и различни проектни предлози, а на учесниците е да одлучат како ќе ја насочат својата тимска работа. Конечното решение кое ќе го развиваат тимовите во текот на хакатонот може да има разни форми: Јасно конципирани, изводливи и реалистични препораки за клучните актери во целната област; Едукативни материјали развиени со цел да се дистрибуираат до целната публика; Развиени реалистични планови за застапување, со јасни цели и идентификувани целни групи и канали за комуникација; Нацрт ИТ решенија кои може да помогнат во решавање на проблеми; Креативна интервенција заснована на делување во заедницата.   Пријава за учество За учество на хакатонот треба да се пополни онлајн пријава (линк), која содржи прашања поврзани со идентитетот и мотивацијата на апликантите, како и прашања поврзани со проблеми и предлог-решенија. Која ќе биде улогата на избраните учесници и што може да се очекува од нив? Нашата намера е да идентификуваме млади луѓе кои: делуваат како иноватори и имаат лидерски вештини; се вклучени во дебати на теми поврзани со општествените проблеми; поединци кои вложуваат напор за унапредување на општеството во поширока смисла; и млади луѓе кои се спремни за акција. Учесниците на хакатонот заеднички ќе работат на развивање идеи врз основа на методологија која ќе биде прилагодена на идентификуваните тематски области. Целта на хакатонот не е само да се идентификуваат проблеми и да се пронајдат адекватни идејни решенија, туку и понатамошно развивање на тематските компетенции на учесниците, унапредување на вештините за користење на достапните алатки, разбирање и решавање на зададените проблеми. Преку заедничка работа и интеракција, учесниците првенствено ќе креираат мрежа на млади луѓе кои стекнатото знаење и искуство ќе го пренесуваат на своите врсници во локалната заедници, поттикнувајќи што повеќе млади да преземат активна улога во слични активности. Учеството на хакатонот не подразбира никакво предзнаење за темите поврзани со медиумска и информациска писменост, ниту пак, предзнаења од областа на информатичките технологии. Сите решенија не мора да се темелат на ИТ областа, туку може да бидат резултата на креативно размислување и темелно решавање на проблемите врз основа на стекнатите знаења и достапни ресурси. Секој тим што ќе учествува на хакатонот ќе добие стручна помош од најмалку еден експерт од тематската област која се обработува. Хакатонот ќе трае 2 и пол дена и ќе се очекува непрекинато учество на избраните учесници од 6-8 часа дневно, од 09:00 до 16:00 часот. Хакатонот ќе се одржи преку „Zoom“ платформата и ќе вклучува групни активности, размена на искуства, дебата меѓу учесниците, и заеднички сесии со менторите и експертите. Програмата на хакатонот ќе се фокусира на создавање доверлива, отворена, безбедна и рефлектирачка атмосфера, со цел да се стимулира креативно, иновативно и критичко размислување кај учесниците, во однос на зададените теми на кои ќе работат. Програмата на хакатонот ќе се темели на искуството на учесниците, надополнета со стручни совети од експертите. Учесниците ќе добијат упатство за стандардниот начин на претставување на своите идеи/решенија пред комисијата за избор на најдоброто решение. Вкупниот фонд на награди за тимовите ќе изнесува 1000 евра.   За дополнителни прашања во врската со пријавувањето на хакатонот контактирај те нè на: mim@mim.org.mk Хакатонот се организира во рамки на проектот „Медиуми за граѓаните, граѓаните за медиумите“, што го спроведуваат медиумски организации од земјите од регионот, со финансиска поддршка од Европската Унија. Целта на проектот е да придонесе во развојот на капацитетите на граѓанскиот сектор за унапредување на медиумската и информациската писменост во регионот. Одредби за авторски прави и одговорности: Идејните решенија на хакатонот мора да бидат оригинални, не смее да се копираат и адаптираат решенија од други автори. Предлозите не смеат да бидат претходно објавени, ниту да се предмет на други конкурси, или пак предмет и побарување на трети страни. Во случај на кршење на авторските права на други лица или групи, одговорност е единствено на учесниците. Учесниците на конкурсот сносат полна правна одговорност за секое противправно или нечесно однесување. Добитниците на наградите не ги пренесуваат правата за своите дела на организаторот, но се обврзани во своите промотивни материјали да ја назначат поддршката што ја добиле. Организаторите и донаторите го задржуваат правото да ги претставуваат резултатите од хакатонот, со цел да се промовира дадената поддршка, проектот, без ограничување во територијална или временска смисла. Организаторите не се одговорни за евентуална штета предизвикана од давање неточни или застарени податоци од кандидатите што учествуваат. -------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------- [1] Зборот хакатон е комбинација од зборовите „hack“ (упад, пристап) и „marathon“ (маратон). Практично станува збор за групен натпреварувачки настан (онлајн или во живо), на кој мали или поголеми групи поединци заеднички програмираат со цел да ја идентификуваат сржта на одреден проблем и да пронајдат адекватно решените во рамки на темата/поводот за кој се собрале. Некои решенија на пример може да бидат веб-страници, десктоп или мобилни апликации. Хакатоните во просек траат 24 часа и во тој период секоја група што се натпреварува се обидува на најдобар начин да ги реши идентификуваните проблеми.  
Nagrada NIKOLA MLADENOV Cover Slika FINAL 2

Новинарски награди „НИКОЛА МЛАДЕНОВ 2020“

Во пресрет на одбележувањето на 20-годишнината од основањето на МИМ и воведувањето на новинарските награди за најдобра истражувачка сторија, Македонскиот институт за медиуми го редизајнираше концептот на наградите. Целта на МИМ е и потаму да ги поддржува и да ги наградува најдобрите истражувачки стории, истовремено отворајќи можност за поддршка и за афирмација и на други форми на новинарско изразување. Од 2021 година, конкурсот ќе биде насловен „Новинарски награди НИКОЛА МЛАДЕНОВ“. Ќе се доделуваат три годишни награди, во следните категории: Нajдобра истражувачка сторија Најиновативен новинарски производ Најдобра репортерска фотографија На конкурсот може да се пријават сите новинари и фоторепортери, кои професионално работат во медиумите или соработуваат како фриленсери со нив. Пријавените материјали треба да бидат објавени во текот на 2020 година во весник, на радио, на телевизија, на информативни интернет-портали или од новински агенции што се регистрирани и работат во нашата земја. Еден автор или група автори може да аплицираат со најмногу 3 различни теми во првите две категории, а секоја тема може да вклучува повеќе поврзани текстови/прилози. Секој фоторепортер може да учествува со најмногу 3 фотографии, кои биле објавени во весник, на интернет-портал или новинска агенција. Како и досега, пријавените материјали ќе ги разгледува комисија од релевантни претставници на медиумската и на јавната сфера. Критериуми за избор А. Наградата за најдобра истражувачка сторија ги поддржува и ги промовира сториите кои: откриваат теми што се значајни за пошироката јавност, а се однесуваат на злоупотреба на моќта и прекршување на основните човекови права од институциите, на корупција и на организиран криминал; демонстрираат темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и со изјави од повеќе релевантни извори и соговорници; ја презентираат темата на разбирлив начин, преку оригинален новинарски стил на изразување; настојуваат да иницираат институционално разрешување на незаконски дејства и на злоупотреби направени од поединци или институции; се придржуваат до етичките и до професионалните стандарди. Б. Наградата за најиновативен новинарски производ ги поттикнува и ги промовира новите форми на новинарско изразување, каде што на креативен и иновативен начин се употребени информациско-комуникациските технологии, со цел сториите да допрат до граѓаните, да ги едуцираат и да ги поттикнат да се ангажираат во решавање важни прашања од јавен интерес. Особено се охрабруваат новинарски производи што: успешно вклучуваат мултимедијални формати и креативни начини на раскажување/изразување (на пример, известување со користење мобилен телефон, вклучување аудио и видеоформати во текстот и сл.); користат нови начини на досег до публиката или до различни сегменти од публиката (до различни возрасни групи, маргинализирани групи итн.); користат нови начини/апликации за интеракција и за вклучување на публиката во изработката на сториите; се придржуваат до етичките и до професионалните стандарди.  В. Наградата за најдобра репортерска фотографија ги наградува и ги промовира професионалните фоторепортери, кои: пријавиле фотографии што се однесуваат на теми и на настани со новинарска тежина/значење што ја одбележале претходната (2020) година; демонстрираат исклучителна креативност и естетски израз; не користеле техники на визуелна манипулација при фотографирањето, освен корекција на форматот (crop), корекција на светлина, боја и контраст (основни панел алатки во Photoshop и LightRoom); доставените фотографии да се во дигитален .jpg формат, со 300 dpi резолуција; минималната резолуција на фотографијата да не е помала од 2.000 пиксели на подолгата страна; содржат информации за метадата; фотографијата мора да е авторско дело на пријавениот кандидат, а еден автор може да испрати најмногу до 3 фотографии.  На добитниците на наградите ќе им биде врачен сертификат и парична награда од 40.000 денари, поединечно. Конкурсот е отворен до 31 март 2021. Пријавите треба да се поднесуваат на novinarskinagradi@mim.org.mk со назнака: Пријава за новинарските награди „Никола Младенов 2020“. Пријавата се состои од: Пополнет формулар за соодветната категорија (достапни во прилог) Фотографија (доколку се аплицира за Најдобра репортерска фотографија) За дополнителни информации и прашања, контактирајте нѐ на: 3090 144 или преку е-пошта: novinarskinagradi@mim.org.mk Нajдобра истражувачка сторија98.32 KB Најдобра репортерска фотографија72.96 KB Најиновативен новинарски производ 72.59 KB
Disinformation Toolkit

Креирана апликација за идентификување дезинформации

Албани асошиејтс, заедно со медиумски организации од регионот, меѓу кои и Македонскиот институт за медиуми, креираше апликација која овозможува во неколку чекори да се идентификуваат дезинформациите, мисинформациите и штетните информации во земјите од Западен Балкан, со користење он-лајн алатки. Апликацијата е особено корисна за новинарите кои се соочуваат со сомнителни содржини во секојдневната работа. Апликацијата е резултат на блиска соработка со регионалната мрежа на независни медиумски организации, со поддршка од Британската Влада. Регионалната мрежа ја предводи Медиацентар Сараево, а во неа учествуваа: Албанскиот медиумски институт, Косовалајф, Македонскиот институт за медиуми, Црногорскиот медиумски институт и Новосадската школа за новинарство. За да ја преземете апликацијата на мобилен телефон или на компјутер потребна ви е интернет врска, а потоа можете да ја користите апликацијата дури и кога немате интернет врска. Апликацијата е достапна на албански, босански, црногорски, македонски и српски јазик, и може да ја преземете на следниот начин: Симнете ја апликацијата „Прирачник за дезинформации“ од „App Store“, од„ Google Play“, или пак од веб-страницата: disinfo.nimbl.uk Кликнете на „Регистрирај се“ и внесете ги Вашите податоци: e-mail адреса и лозинка по Ваш избор Преземете го прирачникот на Вашиот јазик