Новости

NS2

Одржана конференција за медиумска писменост на Западен Балкан

Седумдесетина експерти од областа на медиумската и информациската писменост, новинари, активисти на граѓанското општество и претставници на образовниот сектор и државните институции се собраа на конференцијата „Медиуми за граѓаните – граѓани за медиумите“ што се одржа во Нови Сад на 23 ноември. Настанот, што го организираше Новосадската школа за новинарство е дел од истоимениот тригодишен проект што го спроведуваат членките на Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ) од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија. Целта на конференцијата беше да се утврди актуелната состојба со медиумската и информациската писменост во земјите на Западниот Балкан, преку презентација на тековни иницијативи, активности и стратегии во оваа област, како и да се овозможи размена на искуства меѓу актерите од различни сектори во регионот. На отворањето беа презентирани прелиминарните резултати од истражувањето што беше спроведено во рамки на проектот, а преку кое беа анализирани политиките и практиката во областа на медиумската и информациската писменост во секоја од земјите кои се опфатени со проектот. Координаторката на истражувањето, Бранкица Петковиќ од Мировниот институт, Љубљана, истакна дека граѓанските организации беа пионери во промоцијата на медиумската писменост. Проблемот според неа, е што нивната работа зависи од краткото траење на проектите и од донаторската поддршка. Медиумската индустрија и новинарите ретко се ангажираат во промоцијата на медиумската писменост, иако нивното искуство е клучно за зајакнување на позицијата на граѓаните. Еден од заклучоците на регионалниот преглед е дека, јавните сервиси работат многу малку или воопшто не работат во оваа област, заради што тие, како и регулаторите би требало законски да се бидат обврзани да ја промовираат медиумската писменост и да соработуваат со граѓаните. Дополнително, во прегледот се истакнува и дека е неопходна соработка меѓу институциите кои што се одговорни за медиумите и за образованието, затоа што нивните инцијативи досега биле спорадични и со неизвесен исход. Од исклучително значење е итно да се интегрира медиумската писменост во формалното образование, затоа што само така може да се очекува масовно ширење на овој концепт, беше кажано во воведниот дел на настанот. Политика и пракса Втората сесија беше посветена на односот на политиката и праксата во областа на медиумската и информациската писменост, особено на прашањето дали официјалните владини политики во регионот доволно брзо и адекватно ги следат активностите на граѓанското општество, кое често има водечка улога кога се работи за оваа област и за промоција на вештините и знаењето што им се потребни на граѓаните. Божена Јелушиќ, професорка по книжевност од Црна Гора, ги претстави исклучително позитивните ефекти на методите кои ја комбинираат книжевноста и медиумската писменост како нов систем на учење што, на нејзина иницијатива е воведен во гимназиите во 2008 година како изборен предмет. Меѓутоа, според неа, интересот на учениците за предметот е се помал, бидејќи училиштата не го претставуваат на соодветен начин. За растечката улога на библиотеките како центри за едукација во областа на медиумската писменост говореше Гордана Љубановиќ од Јавната библиотека во Будва. Во Црна Гора постои предлог-стратегија за ширење на медиумската писменост низ мрежа на библиотеки, но тој ја нема поминато институционалната процедура, што значително ги обесхрабрува спроведувачите на оваа инцијатива за следни активности. Во Република Српска е иницирана меѓуресорска кампања за јакнење на медиумската писменост кај децата, во која е вклучен и јавниот сервис. Во план е спроведување практична настава со учениците и наставниците, како и пракса во партнерство со медиумите. Целта е усвојување на политики за медиумска писменост и на соодветна законска рамка. Во Македонија постои програма за промоција на медиумската писменост на државно ниво, како и Мрежа за медиумска писменост на РМ која ги обединува институциите, невладините организации, академијата и други засегнати страни. Емилија Петреска-Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го претстави функционирањето на Мрежата, како и веб-страницата www.medijumskapismenost.mk, преку која се дистрибуираат информации за активностите поврзани со медиумската писменост во Македонија, а служи и како ресурсно-образовен центар. Корисни примери и лекции Во текот на три паралелни сесии претставници на медиумите, образованието и граѓанското општество презентираа иницијативи од областа на медиумската и информациската писменост во нивните земји. Фондацијата “Share“ во Србија произвела документарен серијал "Во мрежата", кој низ 10 епизоди обработува 10 теми поврзани со користењето на интернетот и социјалните мрежи (на пример, слободата на изразување, приватноста, виртуелната реалност итн.), а во емисиите говорат експерти од цела Европа (www.namrezi.rs). На веб-страницата се наоѓаат и подолги интервјуа со сите соговорници од серијалот како дополнителен едукативен материјал. Серијалот требало да се емитува на јавниот радиодифузен сервис кој се откажал од оваа намера, но серијата се прикажува преку други канали. Новосадската школа за новинарство веќе 10 години се занимава со медиумска писменост, со фокус на образованието на наставници од основните и средните училишта, што е единствена акредитирани програма од таков вид во Србија. Исто така, Школата од минатата година го спроведува и проектот "Дигитален погон", чии активности се спроведуваат во 10 основни и 10 средни училишта во Србија, при што наставниците и учениците заедно произведуваат медиумски содржини за промовирање критички став и иновации. Ервин Гочи од Универзитетот во Тирана ја претстави ТВ-програмата "Алгоритам" која обработува различни прашања поврзани со медиумската писменост, а се емитува еднаш неделно на националната телевизија. Истражувањето за дигиталните навики на децата, спроведено во соработка со агенцијата ИПСОС зборуваше Елвира Цековиќ од Агенцијата за електронски комуникации на Црна Гора. Според наодите, децата поминуваат многу време пред екраните, при што многу родители не гледаат ништо лошо во тоа. Веб-страница www.analiziraj.ba е посветена на анализа на медиумски содржини, со фокус на недостатоците, поделени во 11 категории вклучувајќи пристрасност, сензационализам, ширење на национализам, како и пристап до маргинализираните групи. Таа служи како практична алатка за медиумска писменост во Босна и Херцеговина. Мерџан Даци од Албанија го претстави faktoje.al, медиум кој проверува изјави и ветувања на политичарите, го следи нивното исполнување, и и’ помага на публиката да направи разлика меѓу лажните од вистинските вести. Во Македонија постојат голем број граѓански иницијативи во однос на медиумската писменост, но тие немаат институционална поддршка, рече Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии. Таа се осврна на истражувањето што во моментов се спроведува во основните училишта, чија цел е да утврди на кој начин медиумите се опфатени и се изучуваат во образовниот систем во Македонија. Според Теменугова, системот не ги подготвува децата да бидат медиумски писмени и користи застарени наставни програми што не кореспондираат со актуелната медиумска реалност. Медиумска и информативна писменост - клуч за подобри и слободни медиуми? Настанот заврши со дискусија на група водечки новинари на тема односите меѓу медиумите и иницијативите за подобрување на медиумската и информациската писменост. Дали медиумски писмените граѓани ќе го наградат квалитетното, етичкото и одговорно новинарство? Дали ангажираната публика може да помогне да се намалат политичките и економските притисоци врз медиумите? Панелистите се согласија дека новинарите најдобро придонесуваат за медиумска писменост преку почитување на етичките кодекси и на највисоките професионални стандарди. Љубица Гојгиќ, новинарка во РТВ Војводина, рече дека медиумите спроведуваат истражувања на публиката и се занимаваат со публиката не за да го подигнат нивото на медиумската писменост, туку за да ги прилагодат содржините кон желбите на публиката, а не кон врдностите кои треба да ги промовираат, бидејќи медиумската реалност бара содржините да се продаваат. ____________________________________________________________________________________________________________ Проектот "Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите" ќе се спроведува до јануари 2021 година, преку спроведување серија национални и регионални активности во земјите на Западен Балкан, вклучително и активности за застапување, производство и издаваштво, обуки и размена на знаења и искуства, како и програма за доделување мали грантови за иницијативи во областа на медиумската и информациската писменост. Проектот го спроведуваат шест медиумски организации, членки на Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), предводени од Медиацентар Сараево. Повеќе детали за проектот и за активностите може да дознаете на следните линкови: www.cimusee.orghttps://www.facebook.com/CIMUSEE/ @CIMU_SEEwww.seenpm.org https://www.facebook.com/seenpm.org/ @SEENPM_org Воведните поглавја од истражувањата се достапни на следните линкови: На англиски јазик: Албанија, БиХ, Македонија, Црна Гора, Србија.На локални јазици: БиХ, Македонија, Црна Гора, Србија. Регионалната програма „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите: Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за развој на МИП во земјите од Западен Балкан", се спроведува со поддршка на Европската Унија од страна на партнерските организации: Медиацентар Сараево, Албанскиот институт за медиуми, Македонскиот институт за медиуми.  
Dublin3 4

Студиска посета за градење капацитетите на Мрежата за медиумска писменост на Македонија

На 13 и 14 ноември, МИМ организираше студиска посета за претставници од Мрежата за медиумска писменост од Македонија на Ирската мрежа за медиумска писменост во Даблин, Република Ирска. Целта на посетата беше размена на знаење, искуство и практики меѓу релевантни претставници на двете мрежи и беше организирана во рамки на проектот „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“.   Групата ја сочинуваа претставници од Министерството за образование, Бирото за развој на образованието, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Првиот програмски сервис на Македонската радио-телевизија, МИМ, Институтот за комуникациски студии, Фондацијата Метаморфозис и граѓанската организација Конеду Глобал. Тие се сретнаа со претставници на Регулаторното тело за радиодифузна дејност на Ирска (БАИ), кое беше домаќин на посетата. Тимот на БАИ го претстави функционирањето и управувањето на Ирската мрежа за медиумска писменост и нивните напори  да ја зголемат свесноста за овој концепт во различни сфери на ирското општество, како што се образованието, медиумите и граѓанскиот сектор. Македонскиот тим учествуваше и на есенската конференција на Ирската мрежа за медиумска писменост, што беше организирана  во студиото на Вирџин Медиа ТВ, која е членка на Мрежата. На средбата учествуваа повеќето од 114-те организации што членуваат во Мрежата, при што презентираа некои од нивните последни наоди од истражувања и анализи и  учествуваа на панел-дискусиите посветени на организационите аспекти во функционирањето на Мрежата,  медиумската писменост  и социјалните промени, а споделија  и искуства за различни иницијативи и проекти кои ги спроведуваат. Во рамки на панелот посветен на размена на искуства помеѓу ирските и други европски институции, Емилија Петреска-Камењарова од АААВМУ одржа презентација посветена на функционирањето на македонската мрежа за медиумска писменост и соработката помеѓу релевантните чинители во нашата држава. Студиската посета вклучуваше и билатерални состаноци со претставници од Ирската мрежа за медиумска писменост, како што се Ирскиот филмски институт, Иницијативата за транспарентен референдум, медиумот на заедницата радио Near и Центарот за критичка медиумска писменост. Дискусиите резултираа со размена на идеи за различни иницијативи со цел интензивирање на соработката помеѓу претставниците на ирската и на македонската мрежа за медиумска писменост.   Посетата беше организирана со финансиска поддршка од Европската унија и Советот на Европа.    
Nedela Protiv Lazni Vesti

Недела против лажните вести од 12ти до 18ти ноември

Институтот за комуникациски студии (ИКС) подготвува серија обуки, дебати, онлајн квизови и видеа, како дел од Неделата против лажните вести од 12ти до 18ти ноември. Активностите имаат цел да поттикнат критичко размислување и да ја подигнат свеста за штетата која лажните вести, манипулациите и дезинформациите, ја нанесуваат на целото општество. „Новите медиуми нудат простор за неограничена слобода на изразување, која за жал често се злоупотребува од поединци, кои не размислуваат или воопшто не им е грижа за етичките стандарди на информирање и одговорно искажување на ставовите. Сведоци сме на зголемен тренд на лажни вести и манипулации, кои некогаш ниту експертите не можат да ги препознаат“ вели директорката на Институтот за комуникациски студии, Жанета Трајкоска. „Преку Неделата против лажните вести сакаме да ги отвориме овие прашања, да им понудиме на граѓаните алатки да ги препознаваат ваквите медиумски манипулации и да реагираат.“ Во рамките на Неделата против лажните вести ИКС ќе организира три обуки на кои учесниците ќе научат како полесно да ги идентификуваат лажните вести и два вебинара со истакнати предавачи од областа на медиумската писменост. На веб страницата http://stopdezinformacii.mk ќе бидат објавени четирите едукативни видеа кои ИКС ги подготви како дел од оваа кампања, како и неколку квизови на кои сите заинтересирани ќе можат да си ги проверат сопствените медиумски познавања. На веб страницата ќе има место и за прашања од граѓаните на кои ќе одговараат експерти од Советот на етика во медиумите, Дирекцијата за заштита на личните податоци, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми и сите институции и организации кои се активни на ова поле. На крајот, ИКС ќе организира и дискусија со новинари и медиумски експерти кои ќе говорат за феноменот на лажните вести. За сите активности кои ќе бидат дел од Неделата против лажните вести информирајте се на веб страницата http://stopdezinformacii.mk или на фејсбук страницата https://www.facebook.com/StopDezinformacii/. Неделата против лажните вести е дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“ што го реализираат Македонскиот институт за медиуми, ИКС, Синдикатот на новинари и медиумски работници и Институтот за различности во медиумите од Лондон. Проектот е финансиран од Европската Унија.  
Ph.povik.vest2

Доделени мали грантови за промовирање на медиумската писменост

Во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, 6 граѓански организации добија грантови за реализација на активности за промовирање на медиумската писменост. Добитници на грантовите се: Здружение Доверба – Куманово, Здружение за рурален развој локална акциона група АГРО ЛИДЕР (Кривогаштани), Здружение за заштита и едукација на деца и млади Роми – Прогрес, Здружение за дислексија Ајнштајн, Организација на потрошувачите на Македонија и Женска граѓанска иницијатива АНТИКО. На повикот за доделување на грантови аплицираа 38 граѓански организации, а 6-те избрани беа највисоко рангирани во процесот на оценување од страна на стручна жири-комисија. Избраните организации во следните 18 месеци ќе спроведат активности во насока на зајакнување на нивните капацитети за ефективно анализирање, оценување, употреба и креирање на медиумски содржини релевантни за нивната работа, како и активности за промовирање на писменост за вести и дигитална писменост меѓу граѓаните. Во подготвителната фаза, МИМ организираше обука за административно и финансиско водење на европски проекти за претставници на 6-те организации. Во следниот период грантистите ќе бидат вклучени во тренинг програма која што ќе опфати обуки за разбирање на новинарското работење, стратегиско комуницирање, заштита на правото на доверливи информации и создавање на медиумски содржини. Исто така, на грантистите ќе им биде обезбедена и менторска поддршка со цел полесно да ги имплементираат стекнатите знаења од обуките, што ќе им помогне при спроведувањето мониторинг и анализа на вестите и информациите, подготвувањето и доставувањето жалби до државните институции, саморегулаторните тела и до медиумските регулатори, како и при креирањето медиумски содржини за да ги информираат своите корисници и пошироката публика за проблемите и активностите. „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, го спроведува МИМ во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за различности и медиуми од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија.  
Webob1

Обука за обучувачи од областа на медиумската и информациската писменост

Запознавање со основните концепти на модерната комуникација, вовед во медиумската писменост, препознавање и справување со лажните вести, користење на медиумската писменост за продукција на мултимедијални содржини, како да се подготват ефективни програми за обуки од областа медиумската и информациската писменост. Ова беа само дел од темите на дводневната обука за обучувачи што ја организираше МИМ кон крајот на септември, во рамки на регионалниот проект „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите“. На обуката учествуваа 16 претставници на граѓански организации, медиуми, ИТ индустријата, како и на образовни институции. Освен теоретски предавања, под водство на обучувачите Наоми Томпсон од Европската асоцијација за интересите на гледачите (ЕАВИ, Велика Британија) и Стефан Јањиќ од Новосадската школа за новинарство (Србија), учесниците работеа практични вежби и креативни игри за верификација на информации на интернет. „Медиумски писмените граѓани се способни да создаваат медиумски содржини и да реагираат на нив на одговорен начин. Различните перспективи што тие ги изнесуваат може да придонесат во справување со погрешните наративи и лажните вести што ги гледаме во медиумите“ – истакна Наоми Томпсон од ЕАВИ. Таа смета дека медиумското образование на некој начин треба да биде доживотно учење, почнувајќи од најрана возраст во градинките, па се до крајот на животот.  „Денес луѓето сè повеќе зборуваат за медиумска писменост, за критичко размислување, за лажни вести и мислам дека сега е вистински момент да направиме некакви промени, да ги мотивираме луѓето да се едуцираат и да бидат што повеќе медиумски писмени“ – вели Стефан Јањиќ од Новосадската школа за новинарство. Според него програмите за медиумска писменост се исклучително важни затоа што медиумите се присутни насекаде околу нас, било да станува збор за социјални или мејнстрим медиуми, тие допираат до секој сегмент од нашите животи, нашите односи, политички, економски итн. Учесниците на обуката во претстојниот период ќе бидат ангажирани како обучувачи на МИМ на обуки и работилници што ќе се организираат за локални невладини организации коишто се заинтересирани и сакаат да се занимаваат со медиумска и информациска писменост.   Регионалната програма „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите: Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за развој на МИП во земјите од Западен Балкан", се спроведува со поддршка на Европската Унија.  
Webmilr

Унапредување на медиумската и информациската писменост во земјите од Западен Балкан

Седум медиумски организации од Западен Балкан ги здружија силите во рамки на проектот „Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите", со цел да ги зајакнат капацитети на граѓанските организации во насока на унапредување на медиумската и информативната писменост (МИП) во регионот. Проектот (2018-2021), кој е поддржан од Европската Унија, се стреми да придонесе за зајакнато и енергично граѓанско општество посветено на унапредување на политиките и практиките за медиумска и информациска писменост во Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија. Проектните активности вклучуваат: Истражувања кои треба да ја мапираат состојбата со политиките и практиките за медиумска писменост во земјите од регионот. Формирање на Коалиции за медиумска и информациска писменост во секоја земја, во форма на меѓусекторски работни групи кои ќе подготвуваат и спроведуваат планови и кампањи за застапување на политики за МИП. Организирање на еднодневна конференција во Нови Сад (MIL Regional Screenshot), која ќе овозможи размена на искуства и идеи за унапредување на МИП помеѓу експерти, активисти, практичари и други релевантни чинители од регионот. Летен фестивал за МИП во Охрид, на кој околу 150 учесници ќе имаат можност да учествуваат на едукативни работилници, експертски панели и сесии за вмрежување, под водство на реномирани експерти за креативни дигитални решенија и изучување на МИП од регионот и ЕУ. Обука на 50 идни тренери од регионот кои ќе спроведуваат тренинзи за претставници на граѓански организации за унапредување на МИП. Поддршка на 40 иницијативи за МИП кои ќе ги спроведуваат граѓански организации од регионот со цел да се подигне свеста за значењето на медиумската писменост. Онлајн кампањи со цел да се истакнат ставовите и перцепциите на новинарите, наставните, учениците, родители и генералната јавност во однос на МИП. „Новинарство за граѓаните“ ќе овозможи реномирани новинари да гостуваат во средните училишта со цел да го приближат концептот на МИП поблиску до учениците, со посебен фокус на слободата на медиумите и критичкото разбирање на медиумските содржини. Активностите од проектот „Медиуми за граѓаните, граѓаните за медиумите“ може да ги следите на следните интернет канали: www.cimusee.org https://www.facebook.com/CIMUSEE/ @CIMU_SEE www.seenpm.org https://www.facebook.com/seenpm.org/ @SEENPM_org Регионалната програма „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите: Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за развој на МИП во земјите од Западен Балкан", се спроведува со поддршка на Европската Унија од страна на партнерските организации: Медиацентар Сараево, Албанскиот институт за медиуми, Македонскиот институт за медиуми, Црногорскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Мрежата за професионализација на медиумите во ЈИЕ.  
Povik Za Novinari3

Повик за учество на обука за новинари за инклузивно новинарство

Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија објавуваат повик за новинари кои сакаат да учествуваат на тридневна обука за известување за теми од интерес на лицата со попреченост. Обуката ќе се одржи од 24 до 26 октомври 2018 година во Охрид. Називот на обуката е „Во чевлите на другиот“ и таа има за цел да ги подготви новинарите за нови пристапи во известувањето за лицата со попреченост, притоа придржувајќи се кон основните принципи на инклузивно новинарство. Учесниците на обуката ќе се стекнат со вештини и со поголемо разбирање за важноста од вклучување на темите за лицата со попреченост и ќе имаат можност да откријат нови перспективи за известувањето од оваа област. Обуката ќе се состои од теоретски и од практичен дел, во рамки на кои ќе биде претставен концептот на инклузивното новинарство. Теоретските сесии ќе бидат организирани како интерактивни вежби на кои ќе се разгледуваат примери на несоодветно известување за лицата со попреченост, дебати за етичките прашања поврзани со употребата на стереотипи и предрасуди и основните техники на инклузивното новинарство. Во рамки на практичниот дел ќе се симулира „редакција за инклузивно новинарство“ на која учесниците ќе произведуваат содржини за ТВ, радио печатени или онлајн медиуми, фокусирајќи се на предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост. На обуката ќе бидат поканети и гости-говорници - медиумски аналитичари, истакнати медиумски професионалци, како и лица со попреченост кои ќе им ги пренесат на учесниците своите искуства, укажувања и сугестии. Новинарите, во рамки на една од сесиите, ќе имаат можност за производството и на медиумски производи. Со новинарите ќе работат двајца истакнати обучувачи, еден меѓународен и еден домашен експерт со искуство во областите на медиумите и попреченоста. На обуката ќе може да учествуваат најмногу 16 новинари кои работат во различни медиуми низ државата. По завршувањето на обуката, за десет најмотивирани новинари ќе биде обезбедено и менторство од страна на обучувачите, со намера да се овозможи креирање на најмалку две медиумски содржини во кој било формат. Двајцата ментори ќе им пружат поддршка на новинарите во поглед на изборот на темите, пристапот, изборот на извори, визуелизацијата, структурата и нејзино подобро „пакување“. Целта е темите за лицата со попреченост да стигнат до што поширока публика, која на овој начин поблиску би се запознала со своите сограѓани кои имаат некаков вид на попреченост. Крајниот рок за пријавување е 10 октомври 2018 година, до 17 часот. Заинтересираните кандидати може да испратат писмо на интерес и кратка биографија (CV) на следниот е-маил: mim@mim.org.mk  
Workshop Photo1

Вмрежувањето на релевантните чинители неопходно за подобро разбирање на медиумската писменост

Медиумската и информациската писменост е динамички концепт на доживотно учење, и како што се менува технологијата, така се менува и самата дефиниција. Сепак, моќта на соработката меѓу различните засегнати страни, и институционални и вонинституционални, е клучна за развојот на оваа сфера, односно за разбирањето на самиот концепт и негова примена од страна на граѓаните. Ова меѓу другото го истакна Мартина Чепман, експертка за медиумска писменост од Ирска на работилницата „Зајакнување на Мрежата за медиумска писменост на Р. Македонија преку размена на искуства“ што ја организираше Македонскиот институт за медиуми во соработка со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Целта на настанот беше да се пренесат искуства за стратегиите и активностите потребни при планирање проекти за медиумска писменост, како и добри практики произлезени од соработката меѓу релевантните чинители, со осврт на примерот на Република Ирска, кадешто функционира мрежа за медиумска писменост и овој концепт има голема поддршка од институциите и од општеството. На работилницата учествуваа повеќе претставници од членките на Мрежата за медиумска писменост на Р. Македонија, пред кои Чепман претстави повеќе значајни иницијативи за медиумска и информациска писменост на меѓународно ниво, а зборуваше и за важноста на соработката меѓу различните институции во развојот на оваа област. Таа истакна дека во Ирска, на пример, медиумите мошне позитивно одговориле на понудата на мрежата да станат нејзини членки, свесни за важноста на медиумската и информациската писменост. Чепман објасни дека мрежата Медиумска писменост – Ирска е независно здружение основано од Ирското регулаторно тело. Таа брои 100 членови кои се посветени на промовирање и унапредување на медиумската писменост насекаде низ земјата, преку споделување на искуства и ресурси, со цел да се стекнат придобивки за сите, а не само за поединечни делови на општеството. Мрежата има своја стратегија, во нејзини рамки функционираат работни групи, а спроведува и различни активности, издава свој информатор, развива дата-база на ресурси, како и платформа за вмрежување на засегнатите страни. Според Чепман, мрежата се стреми во следните неколку години да биде самоодржлива. Работилницата се организираше во рамки на заедничкиот проект на Европската Унија и на Советот на Европа, со наслов „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“. Партнер на проектот од Македонија е и Македонскиот институт за медиуми. Фото-галеријата од работилницата може да ја погледнете тука.
Panel Tetovo Min

Недоволно ги проверуваме вестите што ги читаме на социјалните медиуми

Четвртина од корисниците на социјалните мрежи (26.3%) кога ќе прочитаат некоја онлајн вест ретко бараат дополнителни информации, 17,2% никогаш не бараат дополнителни информации, а речиси ист број испитаници секогаш бараат дополнителни информации. Нешто повеќе од една третина од испитаниците (38.1%) понекогаш бараат дополнителни информации во други медиумски извори. Ова се дел од наодите од Истражувањето за навиките на корисниците на социјалните мрежи, што го спроведе Институтот за комуникациски студии во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост - Справување со лажните вести“. Заклучоците од истражувањето потврдуваат дека во земјава постои недоволно развиена критичка свест за проверка на она што ќе се прочита онлајн. Податоците од истражувањето беа презентираните панел-дебатата „Како да информираш и да бидеш информиран“ што се одржа во Тетово. На настанот беа претставени трите нови проекти за унапредување на медиумската писменост во земјава што ги финансира од Европската Унија. Понатаму истражувањето покажа дека скоро една третина од испитаниците (29.6%) кога ќе прочитаат некоја вест на социјалните медиуми само понекогаш проверуваат кој е изворот на веста, додека повеќе од четвртина испитаници (26.1%) секогаш го проверуваат изворот. Сличен е и процентот на испитаници кои ретко го проверуваат изворот на веста на социјалните медиуми (24.3%). Истражувањето потврди дека се уште примарен извор за информирање е телевизијата, за 59,3% од испитаниците, додека преку социјалните медиуми се информираат околу една четвртина од испитаниците (27,4%). Важно да се напомене дека младата публика е склона кон информирање онлајн, и како што е поголема возраста, така расте и процентот на испитаници кои се информираат преку телевизија. На пример, скоро две третини од публиката од 15-34 години се информира преку социјалните мрежи (59,7%), високи 82% од испитаниците на возраст од 55 до 64 години се информираат од ТВ, а оние над 65 години (пензионерите) уште повеќе – 84,5%. Прашани кои видови новости најчесто ги следат, испитаниците имаа прилика да даваат повеќе одговори. Политика следат скоро половина од испитаниците (48.7%), забавните новости ги следат 39.1% од испитаниците, додека новостите од полето на економија ги следат речиси третина од испитаниците (34.1%). Машките испитаници најчесто следат вести за политика (25.2%) и спорт (22.9%), додека женските испитаници најчесто следат новости од областа на забавата (23.8%) и политиката (21.1%). Младите (15-34 години) најчесто ги интересираат вестите за забава, а политика најчесто следат испитаниците постари од 35 години. Значителен е и процентот на испитаници од 15 до 24 години кои следат вести од спортот (23.6%) и културата (17.2%). Економски вести читаат најчесто испитаници од 45 до 54 години – 20.2%. Без разлика на етничката припадност, и етничките Македонци и етничките Албанци најчесто следат новости од политиката. Најголем дел од испитаниците (73,6%) користат интернет дома или на работно место/образовна институција, додека 27,4% не користат интернет. Во однос на возраста, користењето на интернет опаѓа како што расте возраста на испитаниците. Мнозинството испитаници постари од 65 години (84.5%) не користат интернет. Мнозинството од испитаниците (83%) пристапуваат на интернет преку мобилен или таблет, 41.4% преку лаптоп, додека повеќе од четвртина испитаници (28.1%) на интернет пристапуваат преку десктоп компјутер.  Според повеќе од третина од испитаниците кои пристапуваат онлајн (34.4%) главната цел за која најмногу користат интернет е забава (музика, игри, филмови), за една четвртина од испитаниците (25.2%) главната цел е неформалното комуницирање, а најмалку за информирање (23.3%).  Најмладите (15-24 години) најмногу го користат интернетот за забава (50.9%), исто како и оние на возраст од 35-44 години. За испитаниците постари од 45 години главната цел за која го користат интернетот е информирањето.  Забавата е главна цел кај македонските испитаници (37.5%), додека информирањето кај албанските испитаници (32.6%). Половина од испитаниците имаат активен профил на Фејсбук (51%), а скоро една четвртина (26.5%) на Инстаграм. Скоро половина од испитаниците (45.5%) одговориле дека немаат профил на ниедна социјална мрежа. Повеќе од третина испитаници (36.9%) на Фејсбук поминуваат помеѓу еден и три часа во денот, повеќе од четвртина испитаници (27.8%) поминуваат повеќе од три часа во денот.  И македонските и албанските испитаници најчесто поминуваат на Фејсбук помеѓу 1 и 3 часа дневно. Активните твитерџии (26.6%) поминуваат помалку од еден час дневно на овој профил. Етнички гледано, Македонците поминуваат повеќе време на Твитер од Албанците. Една третина од испитаниците кои имаат профил на Инстаграм (36,1%) поминуваат повеќе од 3 часа во денот. На својот профил на Снепчет повеќе од четвртина испитаници (26.4%) поминуваат помеѓу еден и три часа во денот. Гледано низ етничка призма македонските испитаници поминуваат помеѓу еден и три часа дневно (34%), додека албанските испитаници помалку од еден час дневно (25.7%). Најмалку популарен е Линкдин, само 1% од испитаниците ја користат оваа мрежа. Понатаму испитаниците кои имаат активен профил на некоја од социјалните мрежи беа прашувани за нивните навики при користење на своите профили. Главната цел за која имаат профил е за контакт со пријатели/семејство за скоро половина од испитаниците (48.8%), додека ист е процентот на испитаници според кои главната цел е забава (20.7%) или информирање (20.7%). Машките испитаници (23.6%) информирањето почесто го одбирале како главна цел, за разлика од женските испитаници (17.5%). Контактот со пријателите и семејството за разлика од сите возрасни групи, како главна цел го спомнуваат најмногу испитаниците од 35 до 44 години (55.3%). Информирањето како главна цел споредено со останатите возрасни групи најмногу го истакнуваат испитаниците од 45 до 54 години (37.7%), додека забавата како главна цел споредено со другите возрасти ја избираат најмногу младите од 15 до 24 години (34.3%). Скоро половина од испитаниците следат пејачи/актери (40.5%), па следат спортистите, уметниците, а најмалку се следени политичарите (17%). Повеќе од третина од испитаниците кои имаат активен профил на некоја социјална мрежа (38.5%) воопшто не следат јавни личности. Машките испитаници најмногу ги следат спортистите (24.4%), а женските испитаници најмногу следат пејачи/актери и други личности од забавната сфера (29.7%). Во однос на возраста политичарите најмногу ги следат испитаниците постари од 65 години (25%). Спортистите ги следат младите на возраст од 15 до 34 години, а оваа возрасна група исто така најмногу ги следи и пејачите/актерите и другите личности од забавната сфера. Со изјавата “Важно ми е мислењето кое го споделуваат јавните личности кои ги следам на социјалните мрежи” скоро половина од испитаниците (46%) донекаде се согласуваат. Она што е интересно е дека 71% од младите од 15 до 24 години се согласуваат со оваа изјава. Најбројни се младите во Скопскиот регион (три четвртини - 75%), најмногу се согласуваат со оваа изјава. Податоците  за ова истражување се добиени преку телефонска анкета спроведена на 1.015 испитаници постари од 15 години. Со истражувањето беа опфатени сите осум статистички региони, притоа земајќи ја предвид распределеноста на урбани и рурални населби.