Социјалните мрежи поволна почва за ширење дезинформации и лажни вести

Се чита за 5 мин.

s n web

Илјадници информации со само едно пребарување, дел од нив дезинформации, дел лажни вести, сите на штета на консументите. Дигитална ера, виртуелен свет, безброј можности на интернет-мрежата, која го олеснува секојдневниот живот правејќи со еден клик да се заврши многу работа. Истовремено, хаос од информации, кои преку, исто така, еден клик на примамливиот, најчесто сензационалистички наслов, водат до море од дезинформации и лажни вести, кои покрај недостаток од медиумска писменост, влијаат погубно врз консументите, јавното мислење и довербата во институциите.

Социјалните мрежи се новиот начин на комуникација, интеракција, дејствување. Дел од секојдневието на повеќе од три милијарди луѓе, кои, според последните истражувања од 2020 година, активно користат социјални мрежи.

На интернет денес постојат стотици социјални мрежи што поддржуваат широк опсег интереси и практики. На социјалните мрежи луѓето можат да зборуваат за своите чувства, идеи и креации. Преку нив тие ги добиваат основните информации за живот, ги реализираат обврските преку сè повеќе достапните онлајн услуги и ги исполнуваат своите животни потреби. Низ сето тоа, тие се сретнуваат со безброј информации, кои многу често знаат да бидат невистинити. Како такви, тие најчесто имаат цел да нарушат углед или да остварат профит.

Емилија Петреска Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни уметности вели дека постојат повеќе тези за тоа зошто на социјалните мрежи најмногу се шират неточни информации, дезинформации или злонамерни информации.

Емилија П Камењарова– Кога станува збор за поединци, нивните мотиви можат да бидат најразлични. Може тоа да бидат т.н. тролови, кои намерно објавуваат пораки со кои предизвикуваат недоразбирања, вознемиреност или лутина кај другите луѓе. Или, пак, може да се луѓе што невистинитите информации ги шират ненамерно – вели таа.

Ако, пак, станува збор за ширење вакви информации од центри на моќ, на пример политички или комерцијални субјекти, како што вели, целта им е да остварат влијание, при што вака поевтино и побргу стигнуваат до поголема таргетирана публика, односно луѓе што алгоритмите, врз основа на некои нивни карактеристики или ставови, за кои програмата „научува“ од нивното претходно однесување на интернет, ги сместуваат во групи.

Бојан Кордалов, комуниколог специјалист за односи со јавност и нови медиуми, вели дека главната причина поради која социјалните медиуми најдиректно се поврзуваат со лажните вести е брзината со која денес може да патува информацијата преку различните интернет-платформи.

– Важно е да се потенцира дека лажните вести ги шират луѓе, односно субјекти што имаат свое име и презиме или идентитет, а не самите социјални медиуми. Бидејќи социјалните медиуми „per se“ се само обичен канал или простор што овозможува онлајн комуникација. Како ќе се исполни тој простор, како ќе се искористи овој канал и кои пораки ќе се пласираат, зависи од секој од нас – вели Кордалов.

Тој посочува дека е важно да констатираме дека одредени луѓе шират или учествуваат во распространување лажни вести, а не дека тоа го прават социјалните медиуми, бидејќи, според него, ако ја констатираме фактичката состојба, тогаш ќе можеме и да ги менуваме работите на подобро и да бидеме чекор понапред во борбата со лажните вести кои ги поткопуваат јавните институции (платени од секој од нас), како и демократските процеси, кои се од интерес на секој од нас.

Превенцијата возможна, медиумската писменост неопходна

Покрај влијанието и распространетоста на социјалните мрежи, се менува и регулативата и нивното уредување. Постојано се ревидираат политиките на користење на социјалните мрежи и се поставуваат нови рестрикции кон креаторите на дезинформациите и на лажните вести. Регулативата зема сè поголем замав, особено во делот на заштитата на личните податоци на интернет.

Камењарова и Кордалов се согласни дека превенцијата на дезинформациите и на лажните вести е можна, меѓутоа, медиумската писменост, според нив, е неопходен дел од неа.

На долг рок, Кордалов ги издвојува образовниот систем и медиумската слобода.

Бојан Кордалов– Тоа значи дека треба да создадеме образование приспособено на потребите и навиките на учениците и студентите, кое ќе се базира на технолошкиот напредок, но и на правото на избор за начинот на кој секој ученик најдобро учи и ги развива своите критички и креативни вештини во размислувањето и расудувањето – вели тој.

Според него, слободата на медиумите, но и генерално корпусот на човекови права и слободи мора секојдневно да се унапредува, бидејќи само слободни граѓани можат да градат слободна мисла, личен став и интегритет, а развивањето на овие карактеристики е исто така клучно за долгорочна и целосна победа против лажните вести и теориите на заговор.

Камењарова вели дека превенцијата има повеќе сегменти, а во Агенцијата сметаат дека исклучително важно е да се работи на градење и континуирано подигнување на нивото на медиумска писменост кај граѓаните од сите генерации. Тоа, според нив, ќе се постигне со различни активности насочени кон развивање четири компетенции, кои ги имаат дефинирано во Политиката за медиумска писменост на АВМУ. Тука ги вбројуваат критичката свесност за комерцијалниот или за политичкиот интерес што стои зад содржините на кои сме изложени, која се јакне така што ги развиваме својот интегритет, етика, емпатија и праведност, кои потоа ги користиме кога ги проценуваме медиумските содржини. Свесноста за улогата на емоциите во комуницирањето, особено во онлајн комуникацијата. Дигитална добросостојба – односно оспособеноста на луѓето да ги користат и да владеат со новите технологии безбедно и сигурно, и полноправно граѓанство – односно граѓани што активно учествуваат во демократското општество, што во услови кога интернетот го направи светот подостижен од кога било, се однесува не само на активност во сопствената држава, туку и меѓународно.

Расте свесноста за злоупотребата на слободата на изразување на интернет, растат и мерките

 Како што расте свесноста за злоупотребата на слободата на изразување на интернет преку ширење неточни информации, дезинформации или злонамерни информации, така, на европско ниво, се предвидуваат сѐ повеќе мерки. Веќе неколку години постои Кодексот против дезинформации (Code of Practice on Disinformation), кој е потпишан меѓу Европската комисија и Фејсбук, Гугл, Твитер, Мозила, Мајкрософт, ТикТок, претставници на рекламната индустрија. Преку Кодексот, тие преземаат низа обврски, меѓу кои и да обезбедат транспарентност на политичкото рекламирање, затворање на лажните профили, демонетизација на ширачите на „лажни вести“, а за мерките што ги преземаат, поднесуваат извештаи до Европската комисија.

Дезинформации 3

На меѓународно ниво постои и Мрежа за проверка на факти, која се заснова на утврдена методологија од Фејсбук и во која професионални организации од повеќе од 75 земји од целиот свет вршат идентификување на потенцијалните лажни вести, преглед на фактите содржани во идентификуваните лажни вести, а за тоа го известуваат Фејсбук, кој понатаму одлучува како ќе дејствува во врска со видливоста на тие содржини на мрежата.

Камењарова споделува и дека социјалните мрежи веќе се влезени во европската Директива за аудиовизуелни медиумски услуги, во оние случаи кога преку нив се споделуваат видеа. Република Северна Македонија има обврска да го усогласи своето законодавство со она на ЕУ – и тоа е процес што нѐ очекува.

– Во ЕУ, во тек е колегислативниот процес за усвојување на регулативата за онлајн содржините и дигиталната економија, односно Актот за дигитални услуги (Digital Services Act) и Актот за дигитални пазари (Digital Markets Act), чија цел е да ги унапредат правилата за дигиталните услуги во ЕУ – споделува таа.

Во делот на саморегулацијата, во поглед на онлајн медиумите, таа истакнува дека е важно да се поддржи Регистарот на Советот за етика на медиумите на Македонија и на Здружението на новинари на Македонија, и тоа особено од компаниите и од огласувачите.

Кордалов, исто така, смeта дека преземањето на меѓународните акти и целосна меѓународна соработка на нашите институции со европските и со светските, се најдобрата практика што можеме да ја преземеме и да ја примениме во овој домен и, според него, дури и со постојната регулатива можеме да имаме ефикасна борба во овој домен, само доколку правилно ја комуницираме темата и доколку овозможиме јавни услуги од кои секој граѓанин ќе биде задоволен.

– Залудно е и најдоброто законодавство доколку продолжат процесите на партизација на институциите и недавање шанса на професионалците и на луѓето со интегритет во нив. А, верувајте, многу ги има. Но, во систем на брутална бирократизација, тие луѓе никогаш нема да испливаат на површина. Ако се воведе систем на јавност преку дигитална транспарентност и отчетност, состојбата веднаш ќе се промени. Односно, самиот систем на површина ќе ги стави вредните и способните, а ќе ги отфрли оние што ги кочат граѓаните во остварување на своите права, но и оневозможуваат со децении цели генерации луѓе да живеат достоинствен живот – вели Кордалов.

Воочливо е дека „новинарската патка“, која значи лажна вест, забранета и осудувана појава, е сè поредовна во секојдневието на луѓето. Дополнително, интернетот и социјалните мрежи ѝ овозможуваат сè повеќе простор за нејзино пливање. Колку такви „новинарски патки“ ќе оставиме безгрижно да пливаат во морето информации, зависи од усогласувањето на законодавството, неговата примена и, најмногу од сè, од медиумската писменост на секој од нас.

Автор: Ангела Рајчевска

 

-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).