Социјалните мрежи како „главен извор“ на информации во медиумите

s net 1

Светот отсекогаш се соочувал со епидемии, пандемии и со многу предизвици по здравјето на луѓето. Во 2003 година, во време на епидемијата предизвикана од САРС, новинарот Дејвид Роткопф го употреби зборот „инфодемија“ за да опише неколку факти, измешани со страв, шпекулации и гласини, пренесени брзо низ светот преку модерните технологии што влијаат врз економијата, политиката и безбедноста. Пред 18 години, Роткопф во својата колумна „When the Buzz Bites Back“ посочуваше дека освен епидемијата од вирусот САРС, има и друга епидемија, онаа поврзана со информациите.

Полнолетни 18 години, инфодемијата полека но сигурно се шири како болест, а пациентите што најлесно се инфицираат се медиумите и медиумските работници. Како што коронавирусот се ширеше и се шири брзо низ целиот свет, така лажните вести и дезинформации се шират уште побрзо. Освен во здравството, лажните вести и дезинформации се шират и во сите други области: политика, култура, економија... Дигиталниот свет стана удобно место во кое лажните вести и дезинформации заземаат најголем простор и многу тешко се контролираат неговите соеви, социјалните мрежи.

Ципрас: Честитки, Зоран Заев! vs Твитер: Честитки, лажна вест!

Минатата година на 18 август беше објавено дека е постигнат коалициски договор за создавање парламентарно мнозинство помеѓу СДСМ и ДУИ. Ваквата информација како главна вест одекна во медиумскиот свет во нашата држава. Истиот ден, веднаш на оваа вест се надополнуваше и информацијата дека за ваквиот коалициски договор, честитки на својот профил на Твитер упатил и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.

Fotografija 1 Tvitot na Cipras

Твит „Честитки, Зоран Заев“ (18.8.2020)

Медиумите лесно ја проголтаа и ја објавија оваа честитка, без да забележат (да проверат!) една клучна работа, дали е тоа официјалниот Твитер-профил на Алексис Ципрас?

Корисниците на социјалните мрежи лесно стануваат алатка за ширење лажни вести. Доказ за ова е и честитката, која покажа дека креатор на твитот не е поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, туку македонскиот твитерџија Џагдиша. Тој истиот ден кога се објави информацијата за постигнатиот коалициски договор, го промени името и презимето на својот личен профил во Алексис Ципрас и го напиша статусот:

„Честитки, Зоран Заев. Благодарение на вашите напори, пораката за храбри прогресивни сили што се борат против национализмот, за социјална правда и мир во регионот, денеска стана посилна. Ова е порака не само за Балканот, туку и за цела Европа.“

Твитот веднаш беше споделен од еден македонски портал, потоа го преземаа и други медиуми. За твитот и честитката дури имаше и прилог на телевизија. За ширење на оваа лажна вест, само еден портал се извини околу пропустот и ненамерната грешка.  

Fotografija 2 Objava vo mediumi

Објава во медиуми за „честитката“ на Ципрас

Твитерџијата Џагдиша, чиј вистински идентитет не сака да биде откриен, лажниот твит го создал без никакви планови или посебни цели. 

„Одлуката беше донесена во моментот, без никакви планови. Немав намера да доведам некого во заблуда, чекорот го направив чисто за забава. Не очекував дека ќе добие толку големо медиумско внимание“, истакна Џагдиша, креаторот на твитот поврзан со честитката на Ципрас кон Заев.

За ваквото брзо ширење на лажната вест, тој вели дека сакал да провери каква е кај нас медиумската писменост.

„Сакав преку сатира и шега да проверам до каде е медиумската писменост во нашата држава и колку од вестите поминуваат непроверени. Иако твитот не предизвика никаква штета, не би го направил истиот чекор, бидејќи сега знам за краток период колку медиумско внимание може да предизвика тоа. Со сопствен пример се уверив со каква брзина се шират лажните вести“, посочи Џагдиша.

Вината за ширењето на лажните вести и дезинформации, Џагдиша ја вперува во медиумите.

„Најголемата вина, според мене, е во медиумите. Ако на социјалните медиуми брзо се шират лажните вести, преку онлајн и традиционалните медиуми тоа е уште побрзо. Тие најмногу треба да внимаваат што ќе споделат, затоа што имаат илјадници следбеници, читатели или гледачи што се потпираат на веродостојноста на нивните информации. Секако и ние како читатели треба да сме внимателни, да избираме на кои медиуми ќе им веруваме, а на кои ќе гледаме со резерва“, посочи твитерџијата.

Fotografija 3 1

Фото: Pexels

До септември годинава, во Агенцијата за заштита на лични податоци се пристигнати 430 претставки од граѓаните. Претставките главно се однесуваат за нарушување на приватноста и заштитата на личните податоци на социјалните мрежи. Но во 2021 година, Агенцијата нема изречено никакви казни за злоупотреба на личните податоци на социјалните мрежи: Facebook, Instagram, YouTube, Twitter, Pornhub, Snapchat, Tinder и Xhamster.

Разликата помеѓу лажните вести и оние што служат за забава или сатира е во тоа што лажните имаат за цел да ги заведат читателите од политички, финансиски или од други цели. Лажната вест со честитката на Ципрас можеби не направи голема штета во нашето општество, но повторно ја продлабочува темата за тоа колку медиумите лесно преземаат и не ги проверуваат информациите од социјалните мрежи. 

За разоткривањето на веста, некогаш се потребни само неколку кликови. Во случајов, се проверува веродостојноста на профилот, иако Твитер дозволува промена на името и презимето, сепак останува тоа што го пишува по знакот „@“. Официјалниот профил на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас е регистриран под @tsipras_eu и е означен со син круг, тоа значи дека профилот е верификуван.

Лажна црна хроника

Некогаш лажните вести знаат да отидат и во поинаква крајност, далеку од сатирата и забавата. На 27 март годинава, голем број од медиумите објавија вест дека починал македонскиот оперски пејач Борис Трајанов. Неколку часови се ширеше оваа информација, а главниот извор од каде што започна сè, повторно беше социјалната мрежа Твитер.

Gotografija 5 Tvit RIP Boris Trajanov

Објава во медиумите за смртта на Борис Трајанов  (27.3.2021)

Лажните вести толку брзо земаат замав и информацијата се презема едноставно без да се провери и размисли како оваа вест би влијаела врз семејството, пријателите, поблиски и подалечни роднини, но и врз самиот човек. По неколку часови веста беше „разоткриена“ на Фејсбук, преку статусот на оперската певица Весна Гиновска-Илкова.

 „Ве замолувам сите што пишувате текстови дека колегата Борис не е меѓу нас, воздржете се од коментари. Последна информација вечерва е дека полека закрепнува“, гласеше статусот на Весна Гиновска-Илкова.

Fotografija 6 Status na Vesna Ilkova

 Твит „RIP Boris Trajanov“ и Статус на Весна Илкова (27.3.2021)

Можеби светот ќе се справи со пандемијата предизвикана од ковид-19, но многу тешко ќе се справи со другата пандемија предизвикана од лажните вести и дезинформации. Вакцина за пандемијата од лажните вести и дезинформации нема. Веројатно, сè зависи од тоа колку имунитетот на медиумите ќе издржи да се справи со оваа пандемија во сенка, но и со нејзините соеви, социјалните мрежи. Можеби само ќе треба да го потсетиме медиумскиот имунитет на старите негови антитела:

„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.“ (Кодекс на новинари)

Автор: Христина Ѓорѓиевска

Насловна фотографија: pexels.com

-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).