Дисциплинирање на медиумите во Русија

Конечно од Москва стигна вест што дава надеж за руските медиуми. Но, засега само надеж. Станува збор за еден случај, кој е исклучок за да го потврди правилото. А, тоа е дека и во Русија медиумите се дисциплинираат. Појава што е карактеристична за авторитарните држави. За жал, денес кон неа се приклучуваат дури и членки на Европската Унија. Заедничка карактеристика за сите нив е дека се изнедрени од некогашната Источна Европа или, пак, од Советскиот Сојуз. 

Што се случи во Русија? Рускиот комитет за надзор (Роскомнадзор) го избриша интернет-телевизискиот канал „Дожд“ од Регистарот на медиуми со странско финансирање. А токму поради тоа руското Министерство за правда го прогласи „Дожд“ за „странски агент“ во август годинава. Тогаш се крена голема врева околу спроведувањето на законот за „странски агенти“ или попрецизно и официјално Законот за некомерцијални организации, или пак најблиску до нас, Закон за здруженија и фондации. Сега на телевизискиот канал треба да му биде тргнат епитетот „странски агент“, односно министерството да го избрише од неговиот список. Но, се чини дека за тоа, „Дожд“ ќе почека.

На што асоцира изразот „странски агент“? А згора на тоа, ако треба да го ставаш пред секој текст што го објавуваш во твојот медиум. Еве, на пример, како изгледа тоа во руски медиум, прогласен за странски агент: „Ова соопштение (материјал) е создадено и (или) распространето од странско средство за масовна информација, кое врши функција на странски агент, и (или) руско правно лице, кое врши функција на странски агент“.

Во Русија „странски агенти“ се воведоа со закон во 2012 година по големите протести во зимата 2011 и во пролетта 2012 година. Се смета дека оттогаш наваму Русија, власта, постепено го стега ременот околу вратот на сè она што таа смета дека е против неа. Законот најнапред се донесе за некомерцијални организации, за подоцна со него да бидат опфатени и медиумите.

Во последниве години Русија носи закони повикувајќи се на постоење слични во западните земји. Во САД има Закон за странски агенти (FARA) донесен во 1938 година, за борба со влијателните агенти од нацистичка Германија. Во 1966 година во него се внесени измени што го насочуваат дејствувањето на законот врз политичките лобисти, кои работат по нарачка на странски држави. Тоа можат да бидат и правни и физички лица. Според законот, тие треба задолжително сами да се регистрираат. Во случај на сомнеж, властите се должни да ја докажат неопходноста од нивното вклучување во списокот на странски агенти.

На прв поглед, законите и во двете земји се слични. Регистрирање во министерствата за правда, давање отчети за работата. Американците бараат податоци за парите легнати на сметка и за трошоците на секои шест месеци. Русите, пак, на секој квартал. Згора на тоа, Русите секоја година бараат ревизорски извештаи, а секое полугодие објавување извештај за работата. Има и важни разлики меѓу двата закона. Критериум за вклучување во списокот на странски агенти во САД е физичкото лице или организацијата директно да се управуваат или да се контролираат од странска влада или организација. Додека во Русија, пак, доволно за влез во списокот е да се добие странски грант. Мала дигресија. Што би се случило ако кај нас некој авторитарен лидер нарача ваков закон? Сите невладини би требало да бидат прогласени за странски агенти. А имаше обиди во времето на Груевски, поттикнати од руското искуство, да се „приштрафат“ и македонски НВО. Среќа што сè остана недокрајчено.

Во САД на оние што стекнале статус „странски агент“, а не се регистрирале, им се закануваат до пет години затвор и казна до десет илјади долари. Но во практика во последниве над 50 години имало само седум случаи што дошле на суд, а изречена е само една казна, и тоа во 1966 година. Во Русија, пак, засега нема кривично гонење, што не е исклучено со најнови промени во законите, но многу граѓански организации и медиуми престанаа со работа.

На Русите малку им беше што ги држат за врат граѓанските организации, па во 2017 година посегнаа по медиумите. Официјални руски личности тогаш велеа дека тоа е одраз на дејствата на САД во поглед на рускиот ТВ-канал „Раша тудеј“ (РТ). Русите беа лути што прво РТ, а потоа и радиото Спутник беа принудени да се регистрираат како странски агенти. Во САД сметаа дека фактот што тие се платени од државни пари е доволен доказ дека треба да се регистрираат како „странски агенти“.

Овде има една голема разлика меѓу рускиот и американскиот закон. Регистрирањето во САД не носи закана за ограничување на работата. Додека во Москва странските, пред сè американските медиуми, беа предупредени дека може да дојде до ограничување на нивната работа. Во врска со носењето на овие закони, професорот Елиот Боренстеин од Њујоршкиот универзитет смета дека во Русија станува збор за стигматизација на граѓанското општество како „странски агент“, додека, пак, регистрацијата на РТ има друга, потесна цел, а тоа е дискредитација на рускиот канал како разурнувач на американскиот политички систем.  

И така во 2017 година и медиумите почнаа да влегуваат во списоците со „странски агенти“. Неазвисно дали се странски медиуми или руски. Важно е да не добива пари од странство. Уште тогаш имаше укажувања дека законодателот решил како странски агент да го регистрира секој што распространува информации, не само медиумите. Туку и социјалните мрежи и разни твитери, инстаграми... Напразни беа убедувањата од власта дека тоа нема да се слчучи. Со последователните промени се дојде до ситуација човек да може да стане странски агент ако напише нешто и на социјална мрежа или, пак, ако добие подарок пари од странство. Или ако има претплатници на својот медиум од странство.

Медиумите одеднаш беа натерани да подготвуваат квартални извештаи за добиените пари, да соопштуваат информација за личноста или за организацијата што го финансирала медиумот странски агент, да каже за што се потрошени тие пари, да прави годишна ревизија и секои шест месеци да објавува извештај за работата. И, секако, да ја ставаат „етикетата“ дека се странски агенти. И така почна да се рои списокот со медиуми странски агенти. Со подоцнежни измени во разни закони и поединци новинари стануваат „странски агенти“. И списокот почна да расте. Почнаа да се штанцаат „странски агенти“ во медиумите. До 15 октомври во регистарот беа вклучени 88 медиуми и физички лица. Последен пат списокот беше дополнет со еден новинар. Проширувањето на списокот, за Кремљ не значи загрозување на слободата на говор.

Телевизиските канали вклучени во регистарот на медиуми странски агенти, ќе мора да ги маркираат, да ги обележуваат своите материјали, како и другите медиуми. Пред секоја емисија телевизискиот канал треба да публикува дисклејмер со текст во центарот на екранот минимум 15 секунди. Големината на текстот треба да биде 20 проценти од големината на екранот! За непочитување на обврските за финансиска отчетност и др., предвидена е административна одговорност. Првото нарушување е со казна од 500 илјади рубли, околу 7.000 долари. За второто, казната веќе се удвојува. Подоцна и казна затвор. Ако станува збор за вебсајт, „Роскомнадзор“ може да го блокира во целост.

Во август летово по уште еден бран прогласени „странски агенти“, редица медиуми објавија обраќање до власта, со кое се бара да престане прогонувањето на новинарите врз основа на законот за странски агенти и да се укинат регистрите за агентите. Кремљ во одговорот рече дека станува збор за „емотивно обраќање“ и дека не станува збор за прогон на новинарите, туку за спроведување закон, кој треба да постои, заради мешање однадвор во руските внатрешни работи. Подоцна 23 главни уредници и директори на медиуми одново се обратија до властите со конкретни предлози за промени во законот. А, најпрво се бара ставањето во списокот на „странски агенти“ да оди по судски пат, а не некој од министерството да каже кој е странски агент. Од Кремљ одговорија дека конкретните предлози ќе се разгледаат од составот на новата Државна дума. А тоа значи некаде по Нова година или догодина напролет. Ако воопшто власта сака да преземе таков чекор.

Власта во Русија сите операции со таканаречените медиуми странски агенти и новинари поединци, не случајно ги забрза и ги зголеми од почетокот на годинава. Есенва имаше избори, а медиумите што станаа странски агенти беа многу слушани, гледани и следени од јавноста. Многу повеќе дури и од државните медиумски корпорации. Нивно обележје беше зборување за другата вистина. Не онаа на власта. Истражуваа за коруцијата, не сите, но го поддржуваа Алексеј Наваљни. Рејтингот на власта и на владејачката партија, а со тоа и на Путин, почна да паѓа. И се посегна по Сталиновото: „Нема човек, нема проблем“. Некои медиуми престанаа со работа, а другите се под постојана закана дека можат да бидат дури и затворени.

Пред неколку денови беа публикувани и укажувања од специјалните служби, конкретно од Федералната служба за безбедност(ФСБ), и произлезе дека во списокот на странски агенти може да се влезе дури и за собирање и предавање странски јавно објавени податоци за војската, за „Роскосмос“... Има шеесетина позиции за кои не може да се пишува. Односно поради кои може да се стане странски агент, ако се чепне во нив. А фактот дека она што е забрането, а е јавен документ, странците можат да го најдат кога сакаат седејќи дома, за специјалните служби не значи ништо. Сега може да биде опасно да се истражува и за корупцијата во армијата, во големите државни корпорации.

Но, да се вратиме на медиумот од почетокот на текстов. Телевизискиот интернет-канал „Дожд“ сега ќе чека да го избришат од списокот. „Дожд“ беше ставен во списокот поради „финансирање од странство“ и „распространување информации, публикации, подготвени од медиуми странски агенти“. Излезе дека „Дожд“ добивал средства од ЕУ како грант за образовни проекти и сл. Стануваше збор за минимални суми. Договорот со ЕУ е раскинат.

Сега прашање е како ќе излезе телевизијата од списокот. Во законот што ја регулира таа материја, сè е предвидено за да те стават во списокот на странски агенти. Но, нема ништо како да се излезе од него. Како може да се избрише таа одлука. Излегува дека нема таква процедура во законот, а за казни, на пример затвор за грешки при регистрирање на финансискиот отчет, има процедури. Сето тоа нормално влијае врз професионалната работа на новинарите. Може да се случи „Дожд“ да чека неколку месеци, па и подолго ако е потребно, да се дополни законот со процедури за бришење од списокот. И сето време ќе мора да ја објавува етикетата дека е странски агент. Со трпење на последиците од тоа. И економски. Но, тоа е најмалото што може да ѝ се случи на телевизијата. Нема да изненади суетните бирократи да најдат некое друго дело на „Дожд“ и уште многу долго да ја третираат како странски агент. А во Русија такво нешто е практика.

Има еден новинар, Иван Сафронов, вработен во „Роскосмос“, кој веќе втора година е под истрага, во притвор. Не можат да му накалемат ништо. Го гонат за наводно давање информации на „странски служби“. Но станува збор за материјали што се јавно достапни и за истражувања на новинарот кога не работел во „Роскосмос“. Негови колеги сега стравуваат да се допишуваат со странци, со дипломати и сл. Или да седнат да разговараат со нив. Велат дека би било голема среќа за Сафронов ако го прогласат за „странски агент“. Тоа е најмлата работа што би можела да му се случи. А тоа е сериозно предупредување за сите новинари. За сите истражувачи. За оние што останаа во Русија.

Автор: Мирче Адамчевски

Насловна фотографија: pexels.com

----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).