Домот е најнебезбедното место за жените жртви на родово-базирано насилство

Се чита за 7 мин.

Дваесет и две жени биле убиени во Македонија во периодот од 2017 до 2020 година, само поради тоа што се жени. Ова е најгрубата дефиниција која може да се даде за тоа што претставува „фемицид“, а врз основа на достапните податоци на Државниот завод за статистика и другите институции.

Ваквата статистика за земјава и преку директен увид во предметите за убиства на жени е категоризирана во истражувањето на Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство „Глас против насилство“, во којашто „Анализа на случаи на фемициди – убиства на жени во РСМ (2017-2020)“ се наведува дека прибирањето податоци за убиства на жени е исклучително тежок и долг процес.

Проектната координаторка во Мрежата, Ана Аврамоска Нушкова вели дека ова е резултат на непостоење систем на прибирање податоци за оваа најтешка форма на родово-базирано насилство, иако ваков систем не постои ни за другите форми за насилство врз жени.

„Фемицид е форма на насилство на којашто во голем број од случаите се покажало дека претходат определени ситуации и дејствија за да дојде до најфаталното – убиство на жена затоа што е жена. Се вршат убиства поврзани со родово-базирано насилство, убиство на жена во име на честа, намерно убивање на жени во воен конфликт, убиство на жена поради мираз... тоа се сите тие форми коишто треба да се преточат, за едно убиство да можеме да го квалификуваме како фемицид. Не секое убиство на жена може да биде категоризирано како фемицид. “ – вели Аврамоска Нушкова.

Токму семејното насилство е тоа кон кое треба да се насочиме за воспоставување системи и начини за превенирање на убиствата, кои пак, и според светски, но и според домашните статистики се извршуваат во домот, односно приватниот простор на убиените жени. Во Македонија, 50 проценти од убиствата се случиле во семејниот дом, а додека, пак, 25 проценти се случиле во домот во кој жртвата живеела сама, со родителите или други членови на семејството. Најголемиот број на убиени жени се со над 61-годишна возраст (5 жртви), а според етничката група, најзастапени се Македонките (10 жртви).

„Во Македонија, домот е најнебезбедниот простор за жената. Тоа особено се покажа во периодот на пандемијата, кога имаше рестрикции и полициски часови, а жените кои трпат семејно насилство беа во континуитет затворени со сторителите. Дополнително, пак, загрижува фактот што ниту една од 14-те убиени жени во чиишто предмети имавме увид, не го пријавиле насилството што го преживувале, во надлежните институции.“ – истакнува проектната координаторка во „Глас против насилство“, Ана Аврамоска Нушкова.

Доколку се направи споредба со состојбата во Црна Гора, кај нас загрижува фактот што жртвите на семејно насилство не пријавуваат во институциите, за разлика од статистиките кај нив, каде што во последните четири месеци се убиени дури три жени, кои насилството во домот го пријавувале кај надлежните. Но, заедничка работа и за двете држави е недовербата во институциите. Поради тоа, црногорските невладини организации велат дека состојбата е алармантна. Директорката на Центарот за женски права во Црна Гора, Маја Раичевиќ вели дека институциите не реагираат навремено за да ги заштитат жртвите, а особено не прават проценка на ризиците, со што ги оставаат жртвите сами да ја водат постапката.

„Иако сите три случаи биле пријавени кај надлежните институции, изостанува нивниот ефикасен одговор. Настанати се сериозни пропусти, при што жртвите, нивните семејства, како и нивните малолетни деца се оставени без никаква заштита. Овие случаи само го соголија слабиот систем за заштита на жртвите на кои посочувам веќе долго време.“ – потенцира Раичевиќ.

Кај нас, пак, од јануари 2021 година, според новиот граѓански Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство е воведен принципот на „должно внимание“, според кој законски на државните службеници им се наметнува индивидуален пристап кон секоја жртва која пријавила семејно насилство, но, сепак стапката на пријавувања е сè уште ниска.

И во едната – и во другата земја, недовербата во институциите и нивната неефикасност е нотирана во квалитативните истражувања за Западен Балкан на ОБСЕ за 2019 година, при што се посочува дека се оди дотаму жените сметаат и дека пријавувањето би го влошило насилството.

Ваков случај на пријавување, а потоа влошување на состојбата со семејното насилство ја разбранува македонската јавност во последните месеци, откако 23-годишната велешанка, Пале Илоска во нужна одбрана го усмрти својот интимен партнер, полицаец по професија, за кој поднесувала многу пријави за физичко и психичко малтретирање, поради што и Судот во Велес ја ослободи од обвинението на почетокот од 2022 година.

Адвокатката Наташа Бошкова вели дека оваа одлука е исклучително важна, затоа што Судот препознал дека иако се исполнети сите обележја на кривичното дело „убиство“, сепак сторителката не треба да биде казнета, зашто се обидела да си го заштити својот сопствен живот.

„Оваа одлука е важна, а врз основа на образложението на судијката, затоа што таа во центарот на својата одлука ја стави жртвата на долгогодишно семејно насилство. Фактот што таа жена трпела долги години насилство и во моментот била предмет на насилство од страна на сега убиениот, всушност таа за да си го заштити сопствениот живот го лишила од живот напаѓачот, по што утврди дека Пале не е виновна.“ – истакнува Бошкова.

Експертите ја поздравија оваа одлука на велешкиот Суд, велејќи дека веројатно ќе придонесе кај жртвите кои сега трпат семејно насилство, да почнат да развиваат доверба во институциите.

Но, тоа не го менува фактот дека во Македонија имаме потреба од промени во Кривичниот законик (КЗ), за којшто во Собранието на РСМ веќе е почната процедурата за усвојување на Предлог-законот за изменување и дополнување на КЗ, а за кој пратеничката и претседателка на партијата ДОМ, Маја Морачанин вели дека го поздравува, а врз основа на образложенијата на амандманските измени предложени од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, за кои смета дека се издржани и дека треба да бидат поддржани од пратеничките и пратениците.

„Во декември 2017-та година, Собранието ја ратификуваше Истанбулската конвенција. За да се овозможи нејзино имплементирање, потребно е околу 30-тина закони да се усогласат со Конвенцијата. Со овие измени се превидува употреба на родово сензитивен јазик, вметнување на родовата перспектива во КЗ, измени во однос на делата „полов напад“ и „силување“, дефинирање на психичкото насилство и инкриминирање на демнењето и сексуалното вознемирување, како кривични дела. Во однос на Членот 123 (Убиство), се додава поимот „родово базирано насилство врз жените“. На јавната расправа за Кривичниот законик, која се одржа на седница на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите, граѓанските организации дадоа забелешка дека тоа не е доволно за соодветно квалификување и препознавање на делото „фемицид“, односно убиство на жена и предложија амандманско подобрување на Предлог-законот.“ – ни прецизираше пратеничката Морачанин при разговорот.

Адвокатката Бошкова вели дека усвојувањето на овој Предлог-закон нема многу да ги промени состојбите на терен, доколку не се направат суштински промени.

„Тоа што нам ни е потребно е постоечката законска рамка да биде унапредена, да се усвои и институциите да се сензитивизираат. Нам ни е потребна трансформација. Не само на општеството – туку и на институциите. Тие да ги сфатат причините и последиците на родово базираното насилство, односно дека тие несразмерно и многу почесто ги погаѓаат жените.“ – потенцира Наташа Бошкова.

Токму од овој аспект, сите соговорнички и во Македонија и во Црна Гора ни го посочија и психолошкиот момент кај жените кои минуваат низ семејното насилство, а дел од нив завршуваат фатално, како жртви на фемицид.

Во Црна Гора, законската регулатива не е до тој степен специфична во однос на овие жртви, како што е случајот кај нас. Таму, според психологот од Црна Гора, Адриана Пејаковиќ сè уште културолошкиот контекст во кој живеат граѓаните, односно патријархалната култура каде мажот е доминантен е на високо ниво.

„Со векови постои нерамноправна распределба на општествените моќи меѓу мажите и жените, во кои жената е скоро сведена на ниво на сопственост на таткото, братот, сопругот... Таа нема исти права како и мажот, потчинета е. Низ историјата многу жени и женски движења се бореле за подобрување на статусот на жената во општеството и во семејството. Сепак, ние и натаму живееме во општество каде што мажот има повеќе права, каде што насилството во семејството некогаш се оправдува, каде што жената мора да молчи и да трпи.“ – вели Пејаковиќ.

Кај нас, пак, со новиот Закон од јануари, минатата година, се предвидува и специфична заштита за сите жени жртви на различни форми на насилство, преку воспоставувањето специјализирани сервиси за помош и поддршка.

Психологот Фросина Ивановска напоменува дека ние немаме длабински истражувања за тоа како се случувало насилството, како прогресирало, но, сепак, постојат алатки кои професионалците можат да ги искористат за проценка од ризици. На пример, посочува дека актот на давење на жената е еден од најтешките, а сепак физички непрепознатливи ризици, каде што се покажува моќта на поседување, го одзема воздухот, говорот, односно, тоа се смета за врв во случаите на семејното насилство. Според судската документација, случајот со велешанката Илоска е токму таков, кога пред да го усмрти партнерот, тој ја давел.

„Насилството не почнува одеднаш, во смисла – ти си жртва, а јас сум насилник. Не. Тоа е нешто коешто ќе се развива, а од општеството веднаш знаат да ја осудат жртвата. Многу е важно дали таа има пријатели, поддршка, работа... Економската независност понекогаш е поголем предвидувач за тоа дали ќе се врати жртвата назад, но, најважно е како ќе реагира системот за заштита. Дали гарантираме безбедност е прво и основно. Ние не можеме да правиме затворенички од жените во шелтер-центрите на три, шест или девет месеци. За да се зајакнат економски, жените мора да имаат поддршка за грижата на децата. Кај нас тие се ограничени врз основа на понудените услови. Не треба ние само да им понудиме на жените, само за колку да им понудиме, а ако не им одговара ним, тогаш ништо, тоа е, „ти си многу захтевна“. Тоа не е во ред.“ – истакнува Ивановска.

Заклучокот е дека и во двете држави, каде што во Црна Гора нема унапредување на законската регулатива, а кај нас има, сепак, ефикасноста на институциите затајува. Затоа, мора да се слушнат жените, односно, да се ислушаат за тоа што имаат тие да кажат. Пристапот кон ваквите случаи мора да биде специфичен, индивидуализиран, а некогаш и заедно со преживеаните да се прави планот, за да им се помогне како да се снајдат подобро во средината, а да не завршат во најфаталните статистики за фемицид. Мора да имаме посветено подобрување на општествата во кои живееме, а кои нема да бидат засновани на нееднаквост, особено кога станува збор за родово базираното насилство.

Автори: Теодора Ѓурниќ / Огнен Јанески

 


eu flag webОвој текст е поддржан преку регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, што се спроведува со поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации од регионот: СЕЕНПММакедонски институт за медиумиАлбански медиумски институтМедиацентарКосово 2.0Црногорски институт за медиумиНовосадската школа за новинарствоМировен институт и Бианет.

Содржините во текстот се единствена одговорност на авторите и  и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската Унија.