Игравме добро, но нѐ зафркна судијата!

Се чита за 6 мин.

Одамна ја немам слушнато реченицата „Весникот го читам од крајот кон почетокот“, а некогаш таквиот пристап беше еклатантен пример дека разговарам со некој што дели исти интереси со мене. И спортската публика сака да чита, тоа е факт, но сè помалку има весници, а сè повеќе ширењето на вестите оди по дигиталните канали, односно преку интернет-порталите и мрежите за социјализирање.

Пишува: Александар Табаковски


Ваквиот пресврт делумно ја смени перцепцијата за објективното информирање, бидејќи на слободната територија наречена „сајберпростор“ се појавија и сериозни имиња, но и „одметнати“ што само глумат професионалци, накусо речено – не се посветени на почитувањето ниту на Десетте Божји заповеди, а камоли на стандардите и на начелата за непристрасно известување.

Спортот во суштина претендира да биде „чист“, каде што победа си е победа, а поразот е пораз, но сепак на сите им е пристапот „игравме добро, ама не зафркна судијата“. Дали е тоа стремеж кон барање оправданија или милозливост кон тимот што е симпатизиран, сеедно, бидејќи ако нема аргументи за органите да реагираат по службена должност, таквите теории се неодржливи. Од денешна гледна точка, ова е една бенигна форма, која може да доведе до лажни верувања во нечија вредност, или можеби подготвеност на одредено ниво. Но, колку и да води кон нереални укажувања, таквите написи од медиумите не се третираат како содржина со низок квалитет. Зошто?

Ваквата флоскула не е лажна вест сама по себе, бидејќи токму психолозите што ги мотивираат оние што треба да го дадат својот максимум на теренот, користат свои тактики за да ги издигнат на повисоко ментално ниво: „спортски е да се надеваш“, „топката е тркалезна“ и „натпреварот започнува од 0:0“. Во таквата низа, кога спортистите ќе ја прифатат таквата улога и настојуваат повеќе да демонстрираат победнички отколку губитнички менталитет, нивните изјави преку медиумите се шират до публиката. Тоа секако е битен канал за клупските комуникации, бидејќи може да влијае врз посетеноста на трибините. Дури и кога противникот е од висок ранг, пристапот „скапо ќе си ја продадеме кожата“ ќе донесе повеќе продадени влезници отколку „леле што нè снајде, сигурно ќе изгубиме“. Да не беше така, веројатно кошаркарите на МЗТ Скопје никогаш немаше да го „спакуваат“ еден Реал Мадрид, а ракометарите на Вардар и на Металург немаше да дочекаат да се радуваат на победи против великани како Барселона или Париз Сен Жермен.

gjoko hadzievski 1– Спортот се заснова на амбицијата, никој не може да му забрани на спортистот да сонува за победа! На ова поднебје каде што сме гледале квалитетен спорт, не може да ни се сервираат лажни вести. На пример, во кошаркарската лига на Југославија, дури четири екипи (Партизан, Цибона, Југопластика и Босна) биле европски шампиони, а ние сме ги гледале против нашите клубови. Тука во Скопје беше поразена Црвена звезда откако стана европски шампион во фудбал. Но, гледам дека има сè помалку објективност и критички настроени коментари. Со пофалби во медиумите нема да се постигнат успеси и да се продадат играчи. Едноставно е, секој може да евалуира дали одредени играчи играат во квалитетни лиги и дали се редовни првотимци или „ја греат клупата“, па аналогно на тоа да спореди успешност на одредени тренери или на генерации играчи. Поддржувам дека треба да се пишува афирмативно за нашите спортисти, но не смеат да изостанат критиките – категоричен е Ѓоко Хаџиевски, поранешен селектор на македонската фудбалска репрезентација и предводник на ФК Вардар во неговите најуспешни денови.

Ова е јасен показател дека и спортскиот читател треба да располага со основна медиумска писменост, да знае да разликува медиум од фан-страници, кои преку мрежите за социјализација споделуваат различни навивачки обоени содржини. Меѓутоа, афирмативното пишување за домашниот спорт во медиумите, не смее да се разбере исто како и навивачките содржини, односно мора да постои јасна граница, но во исто време и критички осврти.

Станува јасно дека конвенционалното известување не е толку „проблематично“, односно проблемите лежат во сегменти каде што се преплетуваат бизнис-интересите. Со други зборови, иако финалниот резултат најчесто е егзактен показател за нечија вредност, во спортот има доволно простор за споменатите бизнис-креативци да пробаат и да го најдат своето место. Проблемот станува сѐ поголем кога во игра влегуваат повеќе пари. Веќе не се во прашање само приходи од влезниците: ако од распродавање на капацитетот на еден стадион од 30.000 седишта по цена од 10 евра за влезница можете да стигнете до максимум 300.000 евра, со продажба на еден фудбалер во странски тим можете да заработите многу, многу повеќе.

Милионските суми за трансфери што се вртат на пазарот, прават спортот сѐ повеќе да биде перципиран како бизнис, односно „индустрија“, а во неа секогаш ќе има магнати, „алхемичари“ и работници. Пазарната економија и отворениот пазар од една страна, како и развојот на алатките со кои се креира јавното мислење, влегуваат во спрега со бизнис-интересите, а не со спортските.

Оттука, како најеклатантен пример за режирање трансфер преку медиумите ќе го посочам оној што не се реализираше: на хрватскиот ракометар Ивано Балиќ, често нарекуван и „ракометен Моцарт“, во Вардар. Во 2013 година, откако неговиот ангажман во Мадрид заврши, Балиќ беше во потрага по нешто што ќе му одговара во новонастанатата ситуација. Хрватскиот „Вечерњи лист“ се повика на изјава на Самсоненко дека во Вардар ќе донесе две мега засилувања и објави сторија „Балиќ наместо за Берлин, заминува во Скопје?“. Иако во текстот самите нудат контраодговори дека никакви податоци за таков трансфер нема, цитирајќи извори и од Хрватска и од Македонија, тоа не ги спречи да го стават тој сензационален наслов, по кој македонските медиуми полудеа и „се фатија во орото“.

at sport 2

Лично бев присутен на прес-конференцијата на која Самсоненко уште еднаш демантираше и се чудеше од каде доаѓаат таквите информации, заклучувајќи меѓу редови, штом „аферата“ не е лансирана од македонска страна, одговорот треба да се бара кај хрватската страна. Две-три години подоцна ја дознав и вистината, бидејќи во интервју за „Дерби“ голманот Арпад Штербик откри дека поради некои блиски контакти со Вардар, бил замолен да искомуницира и да праша дали има место за Балиќ меѓу „црвено-црните“, но освен негативен одговор на тоа прашање, добил повратно и дека за него ќе има место ако сака да дојде во Скопје.

at sport 1Вакви примери можат да се набројуваат во недоглед, бидејќи во актуелниот летен преоден рок шпекулациите ги преселуваат играчите низ светот, а често се случува да има ситуации како „...откако и други клубови покажаа интерес, барањата за обесштетување се зголемија...“. Чиста пазарна економија, или отелотворување на познатата „невидлива рака на пазарот, која преку понудата и побарувачката влијае врз цените. Па, добро, кој клуб не би сакал да земе повеќе пари за да го ослободи играчот од неговиот важечки договор?

Сосема се заборава на хуманата страна и известувањата за трансферите неретко наликуваат како познатите реплики опишани во литературата при продажбата на робови во минатото („Колибата на чичо Том“ – Хариета Бичер Стоу). Овој ќе бил столб во одбраната, оној ќе давал голови, и така во недоглед. Читателите често не се ни свесни какви бизнис-интереси се преплетуваат во таквите шпекулации што немаат допирни точки со спортот, па дури можат да се сретнат и написи во кои се појаснува дека еден клуб, кој под извесни околности ослободил свој играч за трансфер, има право на процент од неговите идни трансфери.

Во некои спортови се вртат големи пари, па дури исти сопственици располагаат со повеќе различни клубови во различни лиги, па се лансираат шпекулации дека тоа се прави за да се избегне таканаречениот финансиски ферплеј: лимитот нема да биде пречекорен, бидејќи другиот клуб ќе го плати скапо оној фудбалер што треба да биде купен, а потоа ќе го даде на позајмица. Наспроти ова, во помалите спортови често има ненаплатени побарувања, задоцнети плати, па дури и принудувања одредени сертификати (за трансфер од една федерација во друга), играчите сами да си ги плаќаат. Но, овие вести ретко излегуваат во јавност бидејќи не е во интерес на клубовите и на оние што мешетарат на пазарот.

zoki mihajlov promocija 1– Работите се сменија откако медиумите почнаа да се докажуваат со тиражи, а не со квалитет. За мене само вистината е вистинската вредност во новинарството. Медиумите мораат да се дистанцираат од објавувањето такви вести што немаат ништо со спортот, а добиваат простор како да се најважното нешто. Публиката треба да ги цени таквите медиуми, а не да ги остава на маргините, едвај да преживуваат. Мојот работен век беше во едно друго време, кога секој збор се мереше, а сум бил сведок дека поради технички пропусти се отповикувале известувачи и се паркирале борбени возила пред националната ТВ. Денес таа слобода во медиумите е злоупотребена – оценува доајенот на македонското спортско новинарство, Зоран Михајлов.

Непристрасното известување му е потребно на светот повеќе од кога и да е, бидејќи желбата да се контролираат медиумите и лиферувањето вести, како и погледите за тоа до што одредени настани можат да доведат, очигледно добива замав. Истото се однесува и за медиумите што третираат политика, економија и спорт. Справувањето со лажни вести мора да ги истакне оние што имаат кредибилитет, во спротивно публиката ќе остане збунета од вестите што катадневно се лансираат од различни извори.

 


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).