Наука: Како археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија ја возбуди јавноста во Србија

Се чита за 8 мин.

Полемиката отвори низа интересни прашања. Како науката да се избори за своето место и зошто широките народни маси одбираат повеќе да веруваат на тоа што не е потврдено со факти. Особено кога е поттикната од национални и етноцентрични побуди

Пишува: Весна Ивановска-Илиевска


Археолошкиот локалитет Влахо кај селото Живојно во Пелагонија, едно од наоѓалиштата каде што научниците докажаа дека најрано се појавиле неолитските населби во Европа, деновиве стана интересен за социјалните мрежи во Србија. Научниот труд на Гоце Наумов и Агате Рајнгрубер, верифициран и објавен во реномираното светско археолошко списание „Documenta Praehistoric“, отвори полемика откако информацијата ја пренесе српскиот специјализиран портал sveoarheologiji.com. Повеќемина читатели ја нападнаа сопственичката на порталот, научната новинарка Маја Миљевиќ-Ѓајиќ, и самата магистер по археологија, дека со објавување на информацијата, ја понижува српската култура, алудирајќи на тоа дека населбата Лепенски Вир на Дунав е најстарата откриена европска култура. Полемиката отвори низа интересни прашања. Како науката да се избори за своето место и зошто широките народни маси одбираат повеќе да веруваат на тоа што не е потврдено со факти. Особено кога е поттикната од национални и етноцентрични побуди?

Д-р Гоце Наумов е археолог и повеќе години активно го истражува Влахо, преку Центарот за истражување на предисторијата. Наумов е дел од Ајнштајновиот центар во Берлин каде што со грант од Ајнштајновата фондација ги моделира јагленородните дати од неолитските локалитети во Пелагонија, но и воопшто од Македонија. Тоа го прави во соработка со Агате Рајнгрубер, една од врвните европски познавачи на предисториската хронологија, која заедно со Лоренс Тисен пред десетина години го направиле најопсежниот апсолутен хронолошки преглед на датите од Југоисточна Европа и од Анадолија.

goce naumov 1Гоце Наумов

Со неа работевме на изработката на хронолошки секвенци од повеќе локалитети и преку Бејзовото моделирање добивме одличен преглед за сите архитектонски и стратиграфски етапи на Влахо, Врбјанска Чука и Велушка Тумба во Македонија, како и за Мавропиги, Паљамбела и Ревенија во Грција. Користевме единствено дати од семиња, говеда и кози/овци, бидејќи се најреферентни и најпрецизни, за разлика од оние добиени од јаглен/дрво, луѓе и свињи, кои поради повеќе природни фактори може да осцилираат и неосновано да покажат многу порани години – објаснува Наумов.

Доказ: Првите земјоделски заедници се формирани во географска Македонија

Нивните хронолошки модели покажале дека датите на првите земјоделски заедници од географска Македонија посочуваат на порано населување на овој простор отколку што порано се претпоставувало. Според Наумов, ова сознание е познато и афирмирано и од грчки археолози.

Ние уште повеќе го зацврстивме со неколку нови дати и хронолошки модели. Од друга страна, во археологијата оправдано прифатен е моделот на најрано населување на првите земјоделски заедници во Тесалија и на Пелопонез, но новите ревидирани хронологии покажуваат дека овие датирања се претежно засновани на дати добиени од јаглен/дрво и луѓе што можат да бидат многу нерелевантни и далеку понепрецизни од оние добиени од семиња, говеда или овци. Со идните истражувања во Тесалија и на Пелопонез може да се добијат уште постари дати засновани на овие видови и веќе востановениот модел на населување на Европа уште повеќе да се аргументира. Во науката ваквите ревидирања и корекции на толкувањата, вклучително и оние хронолошките, се сосема вообичаени и многу корисни – вели Наумов.

Maja Miljević ĐajićМаја Миљевиќ-ЃајиќИскуствата на Маја Миљевиќ-Ѓајиќ велат дека поединците, за жал, често ги отфрлаат или се сомневаат во научните докази и наоди, дури и кога тие се широко прифатени и поддржани од мнозинството експерти во областа. Конкретно, за реакциите што се однесуваат на локалитетот Влахо, таа посочува неколку клучни фактори: недоволното разбирање на научните методи и докази, односно недоволната едукација, погрешна литература во рацете на луѓе со големо влијание врз масите во време на современи технологии и брз пренос на информации.

Интернетот овозможи брзо ширење лажни информации преку социјалните мрежи, каналите на Јутјуб и другите онлајн платформи. Интернетот користи алгоритам што на своите корисници од сите страни им ги „наметнува“ содржините што претходно ги гледале. Постојано им се појавуваат и неизбежно е да се кликне на нив. Промовирањето на псевдонауката од познати личности (пејачи, спортисти) ѝ нанесува огромна штета на науката. Медиумскиот простор на националните телевизии (во Србија) има сè помалку културна содржина и често се отстапува на „истражувачи“ со сомнителни звања и дипломи. Затоа научниците и едукаторите треба да препознаат каде грешат и да го приспособат својот пристап кон јавноста. Да бидат поприсутни во јавноста, како и на социјалните мрежи и на другите платформи каде што има претежно млади луѓе. Неопходно е што повеќе да се промовира науката и критичкото мислење и да се вклучи јавноста – објаснува таа.

vlaho Insta screenshot

Влахо – еден од четирите најрани неолитски локалитети, но има и постари

Во научниот труд Наумов и Рајнгрубер го користат терминот географска Македонија бидејќи во студијата се вклучени повеќе неолитски локалитети од територии на денешните современи држави. Освен Влахо, кој се наоѓа во Пелагонија и е датиран околу 6.400 година пр.н.е., вклучени се и локалитетите Мавропиги, Ревенија и Паљамбела, кои се наоѓаат во Грција и се датирани дури и порано од Влахо, околу 6.500 година пр.н.е. Според Наумов, тоа е сосема логично бидејќи одреден демографски бран на рани земјоделски заедници се движел од Термајскиот Залив, односно од регионот Пиерија околу 6.550 година пр.н.е., вклучувајќи ги локалитетите Ревенија и Паљамбела. Овој бран се проширил кон регионот Птолемаида, каде што се наоѓа локалитетот Мавропиги и кој воедно има блиска поврзаност и хронологија (заснована на семиња) со Влахо.

Vlaho foto Hristijan Talevski 1Од истражувањата на Влахо / Фото: Христијан Талевски

Тоа значи дека Пелагонија била еден од регионите што бил рано вклучен во овој процес на ширење на неолитот и тоа секако е многу логично доколку се има предвид демографската експанзија кон север. Во тој процес биле неолитизирани и други региони, како што е воедно и Тесалија. Сегашните сознанија убаво покажуваат дека почетокот на неолитот бил интересен и динамичен период исполнет со разновидни демографски движења и културни интеракции меѓу заедниците. Идните истражувања на балканските археолози ќе ги надополнуваат демографските модели или ќе предложуваат сосема нови, што е сосема очекувано со оглед на тоа што има уште многу неолитски населби што допрва треба да се проучуваат и кои можат да приложат сосема нови видувања – вели Наумов.

Според него, засега Влахо е еден од четирите најрани неолитски локалитети во географска Македонија, што воедно го прави и еден од најстарите. Но, главниот фокус кон Влахо не треба да биде само кон неговата хронологија, туку и кон просторната организација, материјалната култура, обредите и исхраната, а кои по многу нешта се специфични и вредни за афирмација.

Наумов е дециден дека скромното присуство на археолозите во јавниот домен создава огромен простор за искривување на откритијата и толкувања, а воедно отвора широки полиња за нивно користење за погрешни цели. Не случајно, реакцијата на насловот за Влахо побудила и неосновани национални перспективи за локалитетот Лепенски Вир.

Станува збор за прекрасен и по многу нешта уникатен локалитет, кој српските археолози мошне темелно го презентираат, но кој, за жал, како и многу други на Балканот, се користи како национално оружје од поединци што веројатно и немаат желба темелно да го разберат она што археолозите го истакнуваат. Истото се случува и во Македонија, каде што многубројни археолошки откритија погрешно се интерпретираат од личности што овие откритија ги користат претежно за квазинационални проекции – вели Наумов.

Vlaho kaj Zhivojno

Тој додава дека ниту другите соседни земји не се имуни на овој психолошки патоген што се храни со искривување на археолошките факти, па и во Бугарија, Албанија, Грција и Косово неосновано се манипулира со археологијата за националистички цели.

Археолозите можат единствено да придонесат овие вируси да не инфицираат поголем дел од населението со тоа што ќе излезат од комфорната зона на академскиот елитизам и ќе им понудат на своите сонародници и државници форми на доследно почитување и афирмирање на сопственото културно наследство. За среќа, постојат многубројни балкански археолози што тоа го прават преку нивни ангажмани во популарни публикации, изложби, документарни филмови, написи или репортажи. Само треба да се поддржат од повеќе колеги и од одговорни функционери што имаат визија за соживот, а не сценарија за раскол. Имаме прекрасно археолошко минато и неопходно е да се истакне квалитетот на она што се случувало во предисторијата, антиката или средниот век. Тоа е многу повозбудливо и поинспиративно отколку бодењето очи со националистичките археолошки патологии – вели Наумов.

Антрополозите објаснуваат како небулозните дискусии се одржуваат во живот

Д-р Ана Ашталковска-Гајтаноска е редовен професор на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-научниот факултет во Скопје. Таа истакнува дека етноцентрични реакции не се ексклузивни за Балканот. Но, тоа не значи дека не треба критички да ги разгледуваме овие долготрајни тенденции во нашите општества.

ana ashtalkovska gajtanoskaАна Ашталковска-Гајтаноска– Прво што ми паѓа на ум кога ги читам коментарите е книгата на Иван Чоловиќ со наслов „Балканот – терор на културата“ (Слово, Скопје 2012) каде што се вели дека наспроти популарните стереотипи дека Балканците се некултурни, односно дека тие страдаат од недостиг на култура, всушност излегува дека страдаат од вишок култура. Тоа е така затоа што културата на овие простори „добива својство на вистинско божество“. Таа се есенцијализира, се присвојува бесрамно и никако не може да се споделува со другите. Се убедуваме во автохтоност, оригиналност, се повикуваме на континуитети што одат наназад со илјадници години за да го утврдиме она што е ексклузивно наше. Секако бурните историски и политички околности во кои политичките центри на моќ ги поттикнуваат ваквите нарации се причина за одржувањето во живот на овие небулозни дискусии – објаснува Ашталковска-Гајтаноска.

Во време на епидемија од дезинформации преку мас-медиумите и големото присуство на псевдонаука секаде во светот, тешко прашање е како науката да се избори за да ги пласира научните докази, особено во македонски контекст каде што методолошкиот национализам е сѐ уште мејнстрим или доминантен патоказ во науката, наспроти критичките пристапи кон овие прашања што укажуваат на опасностите од злоупотреба на чувствата на луѓето во оваа смисла. Тоа сме го доживеале на своја кожа, односно сме биле и сме во моментов сведоци на злоупотреби на етничките прашања за политички цели. Практично излегува дека токму тоа е наше секојдневие.

Науката во вакви околности не може да стори многу доколку не добие поддршка „од горе“. Потребни се сериозни напори за промена на концепциите во образованието на сите нивоа. Наместо децата да ги воспитуваме со интерпретации што ги есенцијализираат културите на кои им припаѓаат, и уште поважно, наместо да ги воспитуваме да се доживуваат како жртви низ историјата, кои треба да се борат, да го бранат, да го оправдуваат својот оригинален идентитет, треба да им се укаже дека овие, инаку благородни и силни чувства, можат да бидат злоупотребени, а во нашите околности тие, за жал, се често злоупотребени – вели Ашталковска-Гајтаноска.

Па наместо да ги воспитуваме да бидат жртви под постојана закана, подобро е да ги воспитуваме да бидат активни чинители што ќе знаат да ги препознаат токму заканите од различни есенцијализми. Според Ашталковска-Гајтаноска, на овој начин си ги ограничуваме капацитетите на долг рок затоа што луѓето остануваат окупирани со конструкции што се секако нереални, а кои ги отсликуваат коментарите што ги коментираме во случајов. Таа со жалење  констатира дека, како што стојат работите во моментов, нема изгледи во догледна иднина да се работи на ова значајно прашање.

Неодамна го слушнавме премиерот како на прес-конференција директно го поддржа токму тој методолошки национализам како норма во истражувањето на овие прашања. Тоа значи дека државата со своите механизми е подготвена да го промовира и да го спонзорира овој ризичен метод на работа, така што истражувањата од општествените и од хуманистичките дисциплини што се занимаваат со овие прашања се легитимни само во овој случај, според политиките на државата – објаснува Ашталковска-Гајтаноска.

Vlaho grasak i lekjaЗрна од грашок и леќа пронајдени на Влахо

Тоа понатаму секако се прелева на научниците, на истражувачите, на предавачите и на професорите, на авторите на учебници, на наставниците итн. и на крај на децата. Повторно се создава опасен затворен круг, кој никако не ни дозволува да излеземе од рамките на коментарите што овде ги осудуваме.

Овие теми многу ме возбудуваат како истражувачки прашања во моите професионални области, но истовремено многу ме вознемируваат како граѓанка што треба да расте дете во ваква атмосфера. Ја препорачувам книгата на Чоловиќ затоа што тој, за разлика од мене, наместо да се вознемирува, многу повеќе се забавува во анализата на ваквите коментари што доаѓаат од широките народни маси, но и од професионалците, како и од политичарите. Хуморот може да биде многу ефикасен начин за деконструкција на ваквите нарации – вели Ашталковска-Гајтаноска.

И Миљевиќ-Ѓајиќ се согласува дека археологијата не е имуна на влијанието на псевдонауката не само на Балканот и може да се набљудува на глобално ниво. Погрешното толкување на археолошките податоци е глобален проблем. Затоа е важна комуникацијата, ангажирањето на локалната и на пошироката заедница.

Неопходна е и поддршката од медиумите и на одредени институции. Комуникацијата на археолозите со јавноста мора да биде во чекор со времето и треба да се приспособува на јавноста, а не обратно. Бидејќи работата на археолозите и воопшто на научниците е од интерес за општеството. Науката и нејзините откритија треба да бидат достапни за секого. Наша должност е да се бориме против сензационализмот и заблудите што ги има насекаде, со изнесување цврсти докази за тоа и да бидеме истрајни во тоа – завршува таа.

 


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).