Четири начини како медиумските работници може да го користат NotebookLM

Се чита за 5 мин.

Алатката NotebookLM на Гугл функционира како ваш колега новинар, кој инстантно се претвора во експерт за документите што сте му дале да ги прегледа. Овој ресурс може да го забрза вашето новинарско истражување, да ве доведе до пофокусирана тема, да ви отвори нови перспективи за темата или, пак, целото истражување да го претвори во интерактивен разговор во поткаст формат.


Пишува: Александар Манасиев

Стотици бесплатни алатки секојдневно се појавуваат на пазарот за кои креаторите тврдат дека ќе го револуционизираат начинот на кој ги извршувате секојдневните работи. Овие алатки, барем декларативно, имаат за цел да ви ја олеснат работата, да автоматизираат голем дел од работите што досега рачно сте ги правеле или, едноставно кажано, да ви заштедат време и пари.

Со развојот на ВИ (вештачката интелигенција) зачести и појавата на алатки што ветуваат кули и градови, но најголем дел од нив или се неприменливи за медиумските работници или, пак, се скапи за користење. Во крајна линија, најголем дел од оние што работат во медиумскиот бизнис немаат ниту време ниту енергија да ги следат и да ги испробаат сите нови алатки што се појавуваат на пазарот. Токму затоа најголем дел од нив остануваат неискористени и незабележани од крајните корисници.

Но, одвреме-навреме се појавуваат и алатки што едноставно имаат потенцијал сериозно да ја променат „играта“ и да станат моќен ресурс во рацете на новинарите и на медиумските работници. Таква е алатката NotebookLM на Гугл, за која може да се каже дека е импресивна и дека може да има низа примени во медиумскиот бизнис, сега или во блиска иднина. Но, што е NotebookLM? Едноставно кажано, станува збор за алатка што ќе ви помогне да пронајдете смисла во комплексните информации. Вие ја „храните“ со документи, а алатката инстантно се претвора во експерт за содржината што сте ја понудиле на менито. И тоа е само една од можностите. 

Иако е во експериментална фаза, несомнено е дека оваа или некоја следна понапредна верзија на овој ресурс ќе биде ваш незаменлив партнер во работата. Она што е важно со оваа ВИ-алатка е дека вие ја имате контролата над овој ресурс односно документите што ги давате на увид не се достапни за други корисници и со нив не се тренира вештачката интелигенција.

„Вашите лични податоци не се користат за обука на NotebookLM, така што сите приватни или чувствителни информации што ги имате во вашите извори ќе останат приватни, освен ако не изберете да ги споделите со соработниците“, велат од Гугл.

Лошата страна е што иако овој ресурс е достапен во 180 земји и региони, засега Македонија не е дел од нив. Но, со оглед на брзата експанзија по иницијалното пуштање во САД, се очекува дека наскоро ќе биде достапен и во земјава. Сепак, доколку користите VPN (виртуелна приватна мрежа) можете да ги заобиколите овие географски рестрикции и да ја користите алатката без ограничувања. Алатката може да ја користат и овие што живеат или се на привремена работа надвор од Македонија и вакви позитивни искуства веќе се споделуваат на социјалните мрежи. NotebookLM дефинитивно е во фаза на раст и развој и со брзо темпо се претвора во корисна алатка за многу повеќе профили на луѓе отколку само за оние што работат на полињата на едукација и истражување.

Во продолжение следуваат четири начини на кои медиумските работници може да ја искористат оваа моќна алатка на Гугл.

Длабинска анализа на документи

Новинарите што работат на истражувачки приказни и анализи, неретко треба да прегледаат стотици или илјадници документи со цел да ја „ископаат“ приказната. За ова се потребни многу време и енергија, некогаш недели или месеци работа. Ако голем дел од новинарите имаат доволно енергија, доволно време нема речиси никој. Токму тука во игра влегува новата алатка на Гугл.

NotebookLM овозможува да ги прикачите сите документи што се дел од вашето истражување (ПДФ, Гугл докс формат, слајдови, веб-страници итн.) од различни извори на платформата и за кусо време ќе може да „фати“ забелешки поврзани со документите, да донесе комплексни заклучоци, да ги анализира на безброј начини и да ги претвори во поедноставна форма или во аудиоформат. Овој ресурс функционира како ваш колега новинар, кој инстантно станува експерт за овие извори/документи што сте му ги понудиле. Можете да комуницирате во врска со документите што сте му дале да ги прегледа, да поставувате прашања итн. Целиот процес може да го забрза вашето истражување, може да ве доведе до пофокусирана тема за истражување или, пак, да ви отвори нови перспективи.

На сличен начин досега новинарите го користеа Четџипити (ChatGPT), но разликата во новата алатка на Гугл е што целосно се фокусира на информациите со кои ќе го нахраните и во своите одговори воопшто не излегува од рамката што му ја давате односно се избегнуваат таканаречените халуцинации. Она што е важно е дека кога NotebookLM ќе донесе заклучоци или ќе ви понуди цитат, изворот на тие информации се токму документите што сте му ги дале на увид. Рамката ја одредувате вие самите и NotebookLM не излегува од неа.

m t n 3

Генерирање идеи

Утринските редакциски колегиуми се местото каде што најчесто новинарите ги генерираат идеите за приказните. Но, голем број медиуми немаат практика за брејнсторминг на идеи на колегиум или, пак, едноставно немаат со кого тоа да го направат бидејќи станува збор за човек-медиум. Без разлика дали сте фриленс новинар или, пак, дел од некоја редакција, NotebookLM може да ви биде партнер во генерирање идеи за вашите приказни или, пак, да ви понуди решенија. Доволно е само да ја „нахраните“ алатката со документи во текстуален формат, презентации, јутјуб-линкови, линкови од веб-страници и други извори што ги користите во вашето истражување. Потоа ќе го оставите NotebookLM  да ви помогне во кои насоки може да се одвива вашата приказна, да пронајде различни агли на приказната или да ви помогне да креирате приказна во продолженија. Секако авторот на приказната треба да сте вие, а не вештачката интелигенција.

Претворете ги документите во поткаст

Поткастите, како самостоен продукт или како екстензија на вашето новинарско истражување, во последно време се честа форма на раскажување приказни.  Без разлика дали се во видео или само во аудиоформат, поткастите имаат своја верна публика што постојано е во пораст.

NotebookLM ви овозможува да креирате поткаст само врз основа на вашите документи. Оваа функција може да го претвори вашето комплексно новинарско истражување или анализа во интерактивна дискусија во форма на поткаст генерирана од вештачката интелигенција. Ова е особено применливо за редакции што досега не креирале ваков формат, редакции што „кубурат“ со луѓе или едноставно немаат ниту време ниту знаење како да креираат поткаст.

NotebookLM Points The Way

Но, оваа можност на NotebookLM може да ја користите и додека истражувате одредена тема, а немате време за читање илјадници документи. Замислете дека цел извештај од околу стотина страници на Државниот завод за ревизија може да се претвори во петминутен поткаст што ќе го слушате додека возите велосипед до вашата редакција.

Игор Војноски, кој живее во Австрија, неодамна сподели дека го претворил извештајот на Европската комисија за Македонија во ваков интерактивен разговор. Епилогот е разговор за кој нема да можете да препознаете дека е генериран со ВИ.

Оваа можност на NotebookLM има огромен потенцијал за примена во иднина, со што ќе се даде поголема интерактивност на пишаниот формат. Голем број автори на книги веќе го користат овој ресурс за да креираат аудиоверзија на своите книги што наликува на разговор помеѓу две лица, секако генериран од ВИ.

Анализа на јутјуб-видеа и на аудиофајлови

Покрај можноста за анализа на документи во различен текстуален формат, NotebookLM ви овозможува како извор да додадете и линкови од видеа од Јутјуб или фајлови во аудиоформат. Со додавање одредено интервју од Јутјуб што трае еден час, вие може за кусо време да добиете белешки поврзани со тоа интервју, да се изведат најзначајните поенти и заклучоци. Истото важи и за аудиофајловите. Замислете дека ваш колега правел интервју со претседателска на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, кое трае половина час. Доколку го вметнете аудио- или видеофајлот во овој ресурс на Гугл, вие за кусо време ќе може да ги извлечете најважните поенти без да го преслушате целиот аудио- или видеофајл. Алатката ќе ви ги даде и тајм-кодовите на таа изјава, така што ќе можете и самите да ја проверите веродостојноста пред да ја објавите.

m t n 2

Несомнено е дека NotebookLM нуди низа корисни можности за медиумските работници како за приватни така и за професионални цели. Овие алатки во блиска иднина ќе бидат помоќни, побрзи и попаметни. Медиумските работници не треба да стравуваат дека ВИ-алатките ќе им го земат работното место. Напротив, на нив треба да се гледа како на нужен ресурс, а не како на неминовна закана.

 


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).