Еден од главните предизвици на демократијата и алатка што се користи за манипулација на граѓаните. Вака експремиерот Зоран Заев ги опиша дезинформациите на прес-конференцијата што ја одржа на крајот на јули во 2019 година. Од говорницата во медија центарот на Владата, која тој ја предводеше во тој период, најави акциски план за справување со дезинформациите, како и две стратегии – едната за транспарентност, а другата за медиумска писменост.
ВМРО-ДПМНЕ во својство на опозиција ги оцени овие најави како обид за медиумска цензура и обвини дека Заев самиот е синоним за лаги и дезинформации. Неполна година подоцна, дезинформациите на глобално ниво, не одминувајќи го и македонското општество, добија нов тек.
Ковид-пандемијата значеше своевиден почеток на настаните што ги интензивираа дезинформациите, ги исправија новинарите пред нови предизвици и ја наметнаа потребата од зголемена транспарентност кај институциите. Тие, пак, во борбата против дезинформациите како пример сега ќе треба да ја земат новата Стратегија за транспарентност, но и новиот Акциски план за одговорно, отчетно и транспарентно работење.
Дезинформациите за работата на институциите ги прават граѓаните несигурни
На овие два документа веќе работи актуелната Влада, од каде што во писмена изјава информираат дека е формирана работна група, која се очекува дека ќе ги унапреди состојбите што треба да бидат дел од Стратегијата и од Акцискиот план.
А нарушената доверба во институциите е токму една од најштетните последици од дезинформациите што може да ја поткопаат демократијата во земјата. Ова е ставот на комуникологот што го контактиравме, проф. д-р Сеад Џигал, кој посочува дека на овој начин може да се предизвика збунетост и несигурност кај граѓаните.
„На подолгорочен план дезинформациите имаат некои подлабински ефекти како што е недовербата не само во институциите, политичките претставници, туку и во комерцијалниот сектор. Понатаму, може да се јави недоверба во медиумите и генерално можеби кон другите групи што се дел од општеството“, смета нашиот соговорник.
Новите медиуми како „ветер во грб“ за теориите на заговор
Тој вели дека глобалните случувања ги засилиле дезинформациите и во македонскиот медиумски простор, што потврдува дека новите медиуми иако ја олеснија комуникацијата, станаа алатка за ширење теории на заговор и невистини.
„Лесниот пристап до информациските и комуникациските технологии направи секој од нас потенцијално да биде некаков вид информатор што споделува или креира информации. Во таа смисла, лесно е да се креираат, но и да се дистрибуираат информации, особено оние што се дезинформации“, нагласува Џигал.
Според универзитетскиот професор, кризата во новинарството дополнително го олеснила нивното ширење.
„Значи, кризата во новинарството исто така придонесе да имаме лесно создавање и ширење дезинформации. Новинарите и медиумите беа клучен филтер што ги собира и ги филтрира информациите. Секако дека медиумите треба да ги заштитат граѓаните и публиката генерално од дезинформации“, вели Џигал потенцирајќи дека преку новите медиуми луѓето шират свои теории на заговор, непроверени и непотврдени информации.
„Сега е полесно луѓето да се поврзат меѓу себе на интернет, да создаваат одредени групи не само на интернет туку и пошироко. Како група имаат одредено влијание во општеството. Тој момент на лесно поврзување на луѓе што не се компетентни и стручни, влијае врз убедувањето дека некои дезинформации се можни. Во еден таков случај може да помислиме дека, ете, кога толку луѓе веруваат, можеби има нешто во тоа“, истакнува Џигал.
Самите институции исто така не се имуни на дезинформациите, па се шират шпекулации и за нивното работење – потврдуваат од службата за односи со јавност во Владата.
– Со овој глобален феномен и предизвик се соочува и оваа Влада, која има за цел намалување на шпекулациите преку точно и навремено информирање на јавноста за конкретни одлуки и решенија. Дезинформациите негативно влијаат и врз демократскиот амбиент во државата – заклучуваат оттаму во писмениот одговор.
Неселективното информирање и кадровската екипираност – механизми за справување со дезинформациите
Но, универзитетскиот професор Џигал вели дека повеќето институции допрва треба да работат на подобрување на капацитетите за информирање.
„Немаат сите институции портпароли, доволно организирани одделенија за односи со јавност. Во таа смисла, потребно е да се вложи малку повеќе и во човечки ресурси и во поврзаноста и соработката со медиумите. Тогаш кога станува збор за сензитивни политички теми, тие одбиваат или селективно информираат. Треба да се подобрат работите, како материјално така и човечки, но и во смисла на обуки, едукација и подобрување на довербата. Ако дознаеме некоја вест што е контроверзна, тогаш секогаш да бидеме упатени и да веруваме на она што го објавуваат институциите. Тоа е клучно во борбата против дезинформациите“, смета Џигал.
Според него, борбата против дезинформациите е сестрана и ним не може да им се спротивстави само системот или само поединците што се изложени на овие штетни влијанија.
„Една од главните стратегии за спречување некакво влијание на дезинформациите е токму тоа – кога ќе се јави некоја дезинформација, да не се остави да има подлабински и поширок ефект, односно секогаш да има валидна информација што ќе се спротивстави, ќе негира или ќе опонира на штетното влијание на дезинформациите. Институциите треба да бидат подготвени не само во смисла на собирање информации, туку во смисла на вмреженост и во секторот на медиуми, и во секторот на извори на информации, соработка со медиумите. Потребна е сериозна работа и организиран пристап, кој по ситуација на ширење дезинформации, ќе реагира како што треба“, порачува проф. д-р Џигал.
На кадровската екипираност на институциите како една алка во синџирот на борбата против дезинформациите, укажуваат и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
Од ова тело порачуваат дека токму со транспарентност институциите може да го стеснат просторот за ширење дезинформации.
– Зголемувањето на институционалната транспарентност е логичниот чекор што може да се преземе за намалување на влијанието на дезинформациите – велат од АВМУ.
Економски, профитерски, политички... какви се интересите на изворите на дезинформации?
Од Агенцијата сметаат дека борбата против дезинформациите е дотолку комплексна што самото наше законодавство треба да се усогласи со европското.
Во овој контекст потребно е усогласување на националното медиумско законодавство со европските прописи, стандарди и препораки (Актот за дигитални услуги, Актот за слобода на медиумите во Европа (EMFA), корегулаторните и саморегулаторните акти поврзани со дезинформациите, препораките од Советот на Европа); донесување стратегија за медиумска писменост на национално ниво; соодветна кадровска екипираност на институциите за пласирање и достапност на информации до медиумите и до граѓаните – додаваат од регулаторното тело за медиуми.
Од Агенцијата се на став дека изворите на дезинформациите се најразлични и најчесто се мотивирани од економски, профитерски или од политички интереси. Меѓутоа, како што велат оттаму, се случувало да станува збор и за ненамерно ширење, од незнаење или брзање во објавување на веста, поради што извор на дезинформации можат да бидат и државни институции, политички партии, медиуми, новинари.
АВМУ нема директна надлежност да врши надзор за разоткривање дезинформации и манипулации, но како што нагласуваат, постојано ги повикуваат медиумите да известуваат професионално обезбедувајќи ѝ на јавноста точни, навремени и објективни информации.
Ова особено беше значајно за време на пандемијата со коронавирусот, велат од Агенцијата во писмениот одговор.
Од ова тело додаваат дека иако нема конкретни правила, искуството покажува дека дезинформациите најмногу се шират при одржување важни настани или во време на значајни општествени случувања.
Важните општествени случувања ги подгреваат штетните наративи
Ваков впечаток, всушност, има и Билјана Георгиевска, извршна директорка на Советот за етика во медиумите (СЕММ).
Таа вели дека освен ковид-пандемијата, и политичките избори кај нас, па и воените конфликти што влијаеја врз глобалното општество, ја засилија „војната со (дез)информациите“. Според неа, целта во ваквите случаи е да се предизвика сомнеж, недоверба во системите, во институциите, како и да се разниша единството во одредени општествени слоеви. Понатаму, да се доведат во прашање партнерствата, особено на меѓународен план, да се сменат насоките за пријателства во светот, да се промени односот кон меѓународни договори и решенија.
„Пропагандните центри, во оваа војна, ги жртвуваат од личното здравје на граѓаните до колективниот мир и напредок на општествата“, смета Георгиевска.
Таа истакнува дека стратегии имало и ќе има, но поважна е практиката за да се остварат очекувањата на познавачите дека Владата ќе исполни сѐ од списокот на заложби за зајакнување на националниот штит против дезинформациите.
„Владата треба да се погрижи за што поголема транспарентност за работата на сите сегменти на јавната администрација, но и за што поголема достапност на информациите од јавен карактер, за новинарите, а со тоа и за јавноста. Треба да овозможи услови за слобода на говор и непречена работа на медиумите, без заткулисните сојузи и финансиски зделки со политичко-бизнис блиските сопственици и уредници на медиумите. Но, за почеток, би сугерирала да се погрижат да проработат телефоните и мејловите на државните институции и да има кој да одговори од другата страна на повиците од новинарите и од граѓаните“, забележува нашата соговорничка.
Георгиевска споделува и дека СЕММ како координатор на Мрежата против говор на омраза во медиумите и во онлајн просторот, речиси цела година очекува владини претставници да пристапат кон потпишување на Меморандумот за соработка.
„Со ова би се официјализирало дејствувањето на оваа мрежа, составена од претставници на државни институции, комисии, агенции и граѓански организации, но досега немаме одговор за тој чин. А ширењето говор на омраза може да е еднакво штетно за општеството и за демократските процеси, колку и ширењето дезинформации“, порачува Георгиевска.
Улогата на медиумите во справувањето со дезинформациите
Токму Советот неодамна промовираше и Прирачник со насоки и практики за проверка на факти, давајќи свој придонес во јакнењето на свеста и на капацитетите на медиумите кога станува збор за борбата против дезинформациите. Оттука, Георгиевска ја објасни медиумската улога во сеопфатниот пристап за справување со дезинформациите.
„Медиумите се првиот филтер низ кој, во зависност од кредибилитетот и одговорноста на новинарите и на уредниците што работат таму – или ќе поминат или ќе бидат сопрени дезинформациите. Фокус на новинарите треба да бидат реалните случувања во животот на заедницата, објаснети едуцирано, транспарентно и аргументирано, наместо теории на заговор ширени од сомнителни центри, дома и во светот. Медиумите имаат и едукативна улога – континуирано да информираат и да им укажуваат на граѓаните како самите да се заштитат од манипулативни содржини на социјалните мрежи, на пример“, додава извршната директорка на СЕММ.
Исто како и професорот Џигал, и таа нагласува дека социјалните мрежи и дигиталните платформи воопшто, им овозможуваат на многубројни актери да внесуваат сомнеж и да ја поткопуваат довербата на населението во домашните и во европските институции кон чии демократски вредности е насочено и нашето општество.
„Пропагандните центри во регионот и во светот работат на секое ниво. Да, точно е дека и владите се предмет на манипулативни и злонамерни информации. Верувам дека со транспарентно работење и вклученост на сите релевантни чинители, со видлива а не само декларативна европеизација, властите ќе можат да ја подобрат во моментов прилично разнишаната доверба од јавноста“, заклучува Георгиевска.
А како, всушност, изгледа во практика изложеноста на институциите на дезинформации?
Не случајно, одговори побаравме од Министерството за одбрана, кое во согласност со Индексот на активна транспарентност е лидер на табелата во споредба со сите институции на централно и на локално ниво пет години по ред, од кои последните четири (вклучувајќи ја и 2024 година) со 100-процентна исполнетост на критериумите.
Искуството на оваа институција само го потврдува она што го посочуваат и нашите други извори, а тоа е влијанието на глобалните случувања, меѓу кои и воениот конфликт меѓу Русија и Украина како и нападот на Израел врз Газа.
Министерството било и е изложено на дезинформации од секаков вид, но реакцијата на овие дезинформации е нераскинливо поврзана со нивниот потенцијал да предизвикаат штета на одбранбениот систем. Во изминатиот период, во контекст на руската агресија врз Украина, имало обиди за ширење дезинформации во контекст на употребата на опремата што е донирана на Украина, но тие биле со мала пробивност ако се земат предвид каналите за ширење на овие дезинформации – ни одговорија од Министерството за одбрана.
Тимот за односи со јавноста при ова министерство тврди дека одбранбениот систем се соочува со обиди за ширење дезинформации во континуитет.
Меѓу примерите за нив, се вбројуваат и активностите на Криволак:
Во изминатите години имало повеќе примери за такви обиди – од „активностите на ‘Криволак’ имаат штетно влијание врз животната средина“ и „користење муниција со осиромашен ураниум на ‘Криволак’“ до „употреба на ист тип бомбардери за време на армиска вежба како оние што се користеле за напад на СР Југославија“. Тие првенствено биле т.н. „тригер“ за одбранбениот систем да воведе мерки со кои фактички ќе се одговори на овие дезинформации.
Од Министерството објаснија и како одговориле на ваквите наративи:
На пример, во однос на наводите за „загадување на животната средина предизвикано од активностите на македонската и на сојузничките армии на „Криволак“, во соработка со академска лабораторија, дел од државен универзитет, воведено е мерење на загадувањето за време на големи армиски вежби и со емпириски докази е потврдено дека станува збор за целосна дезинформација. Поучено од овие обиди за дезинформирање на јавноста, Министерството во понатамошниот период е поподготвено да одговори на овие и на слични обиди за дезинформирање – се вели во одговорот од секторот за односи со јавноста.
Дефиницијата на НАТО вметната во Политиката за стратегиски комуникации на МО
Со оглед на фактот, пак, дека нашата држава веќе е членка на Алијансата, ресорот Одбрана во својата Политика за стратегиски комуникации ја има вметнато дефиницијата за ‘дезинформациите’ на НАТО, бидејќи токму нивното дефинирање е столбот на кој се темели системот за справување со нив.
Но, кои се другите механизми со кои Министерството за одбрана дејствува на ова поле? Оттаму ни одговорија дека е донесен Концепт за развој на систем за справување со дезинформации што се темели на три функции – превентивна, проактивна и реактивна. Секоја од нив е поставена во неколку организациски единици во Министерството.
Имено, проактивната и реактивната функција се дел од активностите и задачите на Секторот за информации и комуникации. Во доменот на проактивноста, Министерството е насочено кон предвремено детектирање можни дезинформации („pre-debunking“) и нивно пресретнување со зголемена визибилност и пошироко информирање на клучните публики за теми од интерес на одбраната. Реактивниот столб опфаќа развој на интерен систем за брзо информирање („rapid alert system“) при детектирана дезинформација и подготовка на соодветен одговор во согласност со семафор-правилото (црвено-жолто-зелено) кое го утврдува нивото на штетност.
Превентивната функција што вклучува и развој на општествената отпорност е дел од задачите на Секторот – Регионален центар за односи со јавноста, кој истовремено е и Партнерски центар за обука на НАТО, во фаза на добивање на НАТО-акредитација во согласност со сите НАТО-стандарди за еден центар за обука. Во овој центар е развиена и обука за справување со дезинформации, која првенствено е насочена кон владините комуникатори, велат од Министерството.
Истовремено, како што информира тимот за односи со јавноста, целиот систем е детално опишан и утврден во Упатството за односи со јавноста, кое е интерен документ. Дополнително, во Министерството постои и Правилник за транспарентност во работењето на МО.
Дефиницијата на НАТО говори дека дезинформациите се „намерно креирани лажни или манипулирани информации, кои имаат за цел да ја измамат односно да ја доведат во заблуда клучната публика“. Познавачите што ги контактираше МИМ се едногласни – дека тие се еден вид хибридна закана, која има свое влијание врз безбедноста на секое општество, вклучувајќи го и македонското.
Дезинформациите им го нарушуваат кредибилитетот на институциите изложувајќи ги на намалена доверба од граѓаните на кои треба да им ги испорачаат своите услуги. Нивната штетност оди дотаму што може да поттикнат сомнеж во општиот напредок, да создадат поделби по разни основи во општеството – велат нашите извори.
Според нив, дезинформациите сеат песимизам, недоверба и отуѓеност, го дезориентираат како поединецот така и заедницата.
Ова во практика би значело дека барајќи аргументи во потрага по вистината, обичниот граѓанин лесно би можел да наседне на сензационализам и шокантност во отсуство на релевантни и точни информации.
Ова, пак, само уште повеќе ја нагласува важноста на медиумската писменост. Таа во земјава, според легислативата, особено е промовирана од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која од 2017 година континуирано презема активности во оваа насока заедно со Мрежата за медиумска писменост.
Ова е особено изразено во рамките на Деновите на медиумска писменост, каде што во изминатите шест години се реализирани многубројни работилници, панел-дискусии, интерактивни предавања, обуки, вебинари, посети на медиуми, преведени се публикации, спроведени се кампањи преку каналот на мрежата на Јутјуб, Фејсбук, Твитер и Инстаграм профилите и низа други активности поврзани со справувањето со дезинформациите и препознавањето лажни вести.
Последните Денови на медиумска писменост 2024 беа целосно посветени на препознавањето и на справувањето со дезинформациите, особено во ерата на вештачката интелигенција, велат од Агенцијата.
Од Агенцијата нагласуваат дека работат и на едуцирање и на сопствениот кадар:
„Па, така, фокусот на феноменот на дезинформациите и на мерките за справување беше ставен во рамките на твининг проектот, кој регулаторот го реализира со германскиот партнер IRZ. Веќе беше одржана работилница на аспекти од оваа тема“.
Со цел граѓаните да развијат поголема медиумска, но и дигитална писменост, на располагање наскоро ќе им биде Водичот за дезинформации на чие креирање работи АВМУ во моментот. Овој документ што треба да биде плод на соработката со германскиот партнер, ќе биде готов на почетокот на идната година. Со ова, граѓаните во земјава ќе добијат практични совети за тоа како да ги препознаат дезинформациите, како важен сегмент од намалувањето на нивното ширење.
Врз основа на овој документ, ќе биде подготвена и спроведена и кампања за подигнување на свеста за препознавање на дезинформациите, најавуваат од АВМУ.
Автор: Вања Мицевска
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).