За епохалното археолошко откритие во Корошишта (и кога од шумата не ги гледаш дрвјата)

Се чита за 3 мин.

Големото археолошко откритие на архајската некропола од 6 век пред новата ера во струшкото село Корошишта поттикна многу страсти кај пошироката јавност. Поттикна возбуда за наука и истражувања, за соработка на многу нивоа, помеѓу ресори, институции, колеги, со жителите на Корошишта и на Волино. За жал, поттикна и многу ниски страсти.

Пишува: Весна Ивановска-Илиевска


Архајскиот гроб исполнет со златни, сребрени и бронзени предмети, слични на гробовите со златни маски од Требенишката некропола, археолозите го открија пред околу еден месец во селото Корошишта, недалеку од Требеништа. Истражувањата ги спроведе Археолошкиот музеј од Скопје под раководство на археологот д-р Перо Арџанлиев, во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид и Музејот „Д-р Никола Незлобински“ од Струга. Откритието е епохално, затоа што во изминатите 100 години „Требенишките кнезови“ само неколкупати си го покажале лицето. Првпат во 1918 година кога бугарски војници случајно ги нашле гробниците во кои биле депонирани и првите две златни маски и многу други предмети. Во време на бугарска јурисдикција, предметите веднаш биле однесени во Софија каде што се наоѓаат и денес. Од 1930 до 1934 година, кога Македонија била под српска јурисдикција, српскиот археолог Никола Вулиќ пронашол уште две маски (со други придружни богати предмети), кои веднаш биле однесени во Белград. Веќе во поновата историја, кога Македонија имала своја државност, откриени се гробовите на Дебој, па на Горна Порта во 2002 година кога беа пронајдени златна маска и ракавица, наоди што денес ù припаѓаат на Македонија. Последно е откритието во Корошишта.Ohrid naodi 3

Археолошките предмети се од посебно значење и ни отвораат мал прозорец во животот во Охридско-струшкиот Регион пред 27 века. Истражувачите велат дека според гробните наоди, ова било високо организирана социјална елита. Арџанлиев, кој подолго време научно се занимава со Требенишките некрополи и со големците што почивале таму, вели дека за нив е пишувано многу. Нарекувани се со различни епитети, кои означуваат одредена моќ: базилеи, кнезови, елита, воини и сл. Според гробните прилози, сиве овие епитети им прилегаат. Но, дециден е Арџанлиев, околу нивното потекло т.е. на која племенска заедница им припаѓаат, археолошката наука сè уште не може со сигурност да одговори. Сепак, за поширокиот историски контекст науката потврдува дека вакви т.н. елити се јавуваат на еден поширок простор на Централен Балкан во една иста хронолошка рамка – од крајот на 6 век пр.н.е. и почетокот на 5 век пр.н.е. Ова раздобје во науката е познато како доцноархајски период, кога одеднаш се појавува феномен на богати погребувања, во кои најкарактеристичен белег е појавата на посмртни златни маски. Такви погребувања се откриени на некрополите на Требеништа, Петилеп-Беранци, Синдос, Халкидики, Охрид, Архонтико и Ајани. Ова се потврдени факти верифицирани од светската наука.

Ohrid naodi 4

За Корошишта е важно да се каже дека археолошките истражувања не се случија одеднаш. Во 2020 година додека Шефит Шемшедини си вршел земјоделски работи во нивата, открил бронзен шлем што го предал во Заводот и музеј Охрид. Дури во 2023 година Арџанлиев добил согласност од денешниот сопственик на нивата Букури Шемшедини да вршат археолошки истражувања на локацијата. Уште една година траеле подготовките за да се стигне до археолошкото откритие.

Зошто се битни овие информации? За да има увид јавноста дека во археолошката наука нештата не се случуваат преку ноќ, особено за вакви, епохални откритија. Им претходат многу анализи, истражувања во канцеларија пред археолозите да излезат на терен. А го носат префиксот епохални, затоа што се јавуваат исклучително ретко. Веста за нашето последно откритие не ја пренесоа само македонските медиуми, туку и во регионот.

Ohrid naodi 1

Од моите скромни теренски искуства на археолошки ископувања како студент по археологија кон крајот на 90-тите години, ми остана длабоко врежано во сеќавањето дека археолозите не сакаат многу новинари. Не дека имаат нешто против оваа професија, туку не им веруваат. Секогаш стравуваат дека ќе ги извртат фактите за сметка на ексклузивноста, за подобро да ја продадат приказната. Дека „грнето злато“ секогаш ќе биде поважно од научниот контекст сочуван во слоевите земја. Жал ми е што како професионален новинар, многупати досега сум констатирала дека имале право.

Откритието во Корошишта не донесе само радост. Дамка оставија прашањата обоени со национализам, зошто се користи терминот „македонска археологија“, со инсинуации дека се однесува на етничкиот елемент, а не на државноста. Колегите новинари ја заборавија најважната работа – да им оддадат почит на Шефит и Букури Шемшедини, сопственици на нивата каде што е пронајдено големото откритие. Тие се Албанци по националност и од селото Корошишта демонстрираа граѓанска свест, цивилизациски вредности од највисока категорија, многу повисока од која било политичка определба или медиумска уредувачка политика. Многу поважно беше прашањето како државата ќе ги награди за нивната големина? Ова прашање никој не го постави.

Ohrid naodi 2

Археолозите многу прецизно ја објаснија терминологијата „македонска археологија“, дека се однесува на географската одредница за државата во која денес, во наше време се случуваат нештата. Како што терминот „грчка археологија“ денес се користи во Грција, „бугарска археологија“ во Бугарија, „албанска археологија“ во Албанија итн. Лично ми е нејасно зошто новинари од редакции на албански јазик во Македонија покажуваат значителен интерес за археологијата исклучиво за наоди што по секоја цена се етикетираат како „илирски“ или „дардански“ без научен доказ. Зошто никогаш ексклузивна вест не биле цивилизациите од неолитот, претходниците на сите племиња што подоцна се развиле на овие територии?

Проблемите во македонското културно наследство не се од етничка природа. За жал. Тие се многу потешки, системски. За неколку години ќе снема професори на Институтот за историја на уметност и археологија, студентите се бројат на прсти, конзерваторите исто така, музеите и заводите за заштита на културното наследство кубурат со кадар, археолози со докторати си заминуваат од земјава затоа што никој не ги вработува, нема краткорочна и долгорочна стратегија за културното наследство. Ова се темите што треба да ги загрижат новинарите. Македонци или Албанци. Или која било друга националност.


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).