Учениците главно се информираат за она што нив ги интересира и чувствувам како да се оттргнати од секојдневието на нашето општество – вели Тони Аврамов, професор по македонски јазик и раководител на Медиумскиот клуб „Јоска“ при УЦ „Јосиф Јосифовски-Свештарот“.
Младите се изложени на голема количина информации, особено преку социјалните мрежи, а тоа ги прави подложни на дезинформации. Многу од нив не се секогаш свесни за тоа кои информации се точни, а кои не. Некои се потпираат на доверливи извори, какви што се официјалните вести и платформите што ги сметаат за веродостојни, додека други лесно се манипулираат со сензационалистички наслови или лажни вести. Постои и тренд на површно „кликнување“ на информации без длабоко проверување на изворите, вели Магдалена Сарагинова, професорка по македонски јазик во гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес. Таа е една од наставниците што работат на медиумските клубови во своите училишта и се посебно посветени на медиумската писменост кај младите. Нивен проект беше првонаграден на последниот конкурс за најдобар медиумски производ на МИМ.
Младите немаат доволно интерес за подетално истражување
Желбата за проверка на информации зависи од неколку фактори, вклучувајќи ги образованието, дигиталната писменост и свесноста за ризиците од дезинформациите. Некаде младите може да бидат мотивирани да проверуваат факти, особено ако информациите се поврзани со теми што ги засегаат лично, какви што се политика или здравје. Сепак, многумина можеби немаат доволно време или интерес за детално истражување и често се потпираат на тоа што веќе го гледаат на платформите на кои се активни, додава Сарагинова.
Таа нагласува дека како и за возрасните, така и за младите многу е важна социјалната одговорност, односно да се свесни за влијанието што го имаат кога споделуваат информации, но и да се воздржат од ширење дезинформации.
Најдобриот начин да се самозаштитат е да развијат критичко мислење и дигитална писменост. Тие треба да научат како да препознаат неверодостојни извори и да ги проверуваат информациите пред да ги споделат. Неопходно е да се научат основните техники за проверка на факти, какви што се проверка на авторитетот на изворот, користење повеќе независни извори и анализирање на контекстот – вели Сарагинова.
Младите што попосветено се вклучени во осознавањето на медиумската писменост, дали преку секции, клубови и слично, имаат стекнати и навики да ги проверуваат дезинформациите. Тие се согласуваат дека воведувањето предмет за медиумска писменост во образованието може да помогне во подобро разбирање на медиумите и полесно препознавање дезинформации, но тоа ќе ги направи и поодговорни граѓани. Во кус разговор со ученици од медиумскиот клуб од Велес, тие ни споделија дека се обидуваат да се потпрат на доверливи извори и проверени информации од реномирани организации и експерти (Јана Пљокова, трета година). За Василка Карталова, четврта година средно, важно е одредена содржина да се потврди и од релевантни институции како министерствата.
Социјалните медиуми Инстаграм и Фејсбук се главниот извор за информирање на младите. Никола Ничовски, пак, ја користи и вештачката интелигенција за да се информира, смета дека така добива најбрзи и најточни информации.
Да, проверувам информации од повеќе извори за да бидам сигурен дека се точни. Најчесто користам реномирани вести, го проверувам датумот на објавата, ги споредувам информациите со официјални извори и внимавам на тоа кој ја објавил информацијата – вели тој.
За средношколката Леа Јанева, при допир со сомнителна информација, младите треба да ја проверуваат на повеќе веб-страници и платформи. Според Јаков Ѓоргоски, кој учи во втора година, воведувањето предмет за медиумска писменост, ќе придонесе за критичко развивање кај младите.
Секоја средба, секоја работилница е добредојдена
Тони Аврамов, професор по македонски јазик во УЦ „Јосиф Јосифовски-Свештарот“, смета дека како и возрасните така и учениците се навикнаа информациите да ги примаат преку веб-страниците и социјалните мрежи. Со своите ученици тој работи на оваа тема на препознавањето лажна вест како основна лекција. Тој укажува на сè позачестената појава, односно на фактот дека младите како да не се заинтересирани да читаат, а многу повеќе се фокусирани на гледање фотографии или куси видеа.
Учениците главно се информираат за она што нив ги интересира и чувствувам како да се оттргнати од секојдневието на нашето општество. Нивниот свет е сосема поразличен од оној на возрасните, но сепак она што тие го ‘консумираат’ како вест и информација, многу добро знаат дали е вистинито или не, и што е најважно, користат повеќе извори за да ја потврдат вистинитоста на информацијата. Засегнати од нивните интереси, речиси секогаш ги проверуваат информациите. Користат алатки, но и знаат дека вистинската информација е потпишана од новинар или знаат да видат дали изворот има импресум, дали фотографијата е лажна, монтирана (фотошопирана). Од една страна сум презадоволен од нив и нивното познавање, но од друга страна жалам што малку ‘копаат’ по информации што нудат едукативни содржини – вели Аврамов.
Тој посочува дека едукативните работилници за медиумската писменост и повеќе од возможното им ги отвора видиците да внимаваат што читаат и што користат.
Светот се менува, тие ги следат современите текови, а од друга страна, мораме и ние возрасните. Секоја средба, обука или работилница е од корист не само за нив, туку и за сите нас. Едно е сигурно и потребно – насоки како да се креираат содржини со добра содржина, добри практики... – објаснува Аврамов.
Младите луѓе за себе мислат дека се успешни во препознавањето на дезинформациите, иако само 7,8 % се сигурни дека споделиле дезинформација, а повеќе од половина (51 %) одговориле дека можеби споделиле без да знаат дека е дезинформација. Ова се податоци од анкета што ја спроведе Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот „Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.
Испитаниците се изјасниле дека знаат каде да пријават дезинформација ако таа се појави на социјалните мрежи, но само 34,3 % одговориле дека пријавиле присуство на дезинформации во медиумите. Анкетниот прашалник бил спроведен во периодот од декември 2023 до март 2024 година на примерок од 345 испитаници на возраст од 18 до 29 години со различни демографски и социоекономски карактеристики (средношколци, студенти, невработени и вработени). Младите луѓе најчесто пристапуваат до онлајн вестите користејќи ги социјалните медиуми Инстаграм, Фејсбук и Јутјуб, а за случувањата кај нас и во светот се информираат и од семејството и пријателите, од генераторите на вести и од експертите со свои јавни профили.
Дека поголем дел од информациите што ги споделуваат онлајн порталите се вистинити сметаат само 20,6 % од младите, а уште помал процент испитаници (13,4 %) се изјаснија дека поголем дел од информациите на социјалните медиуми се вистинити.
Тие почесто пасивно ги консумираат вестите, односно почесто наидуваат на вести додека прават други работи отколку што активно ги бараат и ги проверуваат информациите. Читањето вести често ги предизвикува да ги споделуваат усно или онлајн со пријатели и колеги и да ги читаат коментарите од други луѓе на вестите на социјалните медиуми, а поретко практикуваат директно и јавно да реагираат со свое пишано мислење за одредена вест, се вели од заклучоците на анкетата.
Автор: Сребра Ѓорѓијевска
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).