Што предвидуваат ЧетЏПТ, Џемини и Клод за новинарството во 2025 година?

Се чита за 3 мин.

Бидејќи новинарството е динамична професија што постојано се менува, се обидовме да откриеме кои ќе бидат трендовите во медиумската индустрија за 2025 година, но наместо самите да истражуваме, потешката задача им ја дадовме на четботите ЧетЏПТ (ChatGPT), Џемини (Gemini) и Клод (Claude).

Пишува: Александар Манасиев


Овој текст не е напишан од вештачка интелигенција, но алатките за ВИ дефинитивно беа вклучени во неговото креирање. Бидејќи новинарството е динамична професија што постојано се менува, под влијание на технологијата и променливите навики на публиката, се обидовме да откриеме кои ќе бидат трендовите во медиумската индустрија за 2025 година. Но наместо самите да истражуваме, потешката задача им ја дадовме на четботите ЧетЏПТ (ChatGPT), Џемини (Gemini) и Клод (Claude). Ги прашавме: Кои ќе бидат трендовите во новинарството во 2025 година?

Брзината на дадените одговори беше речиси иста, но содржината помалку или повеќе се разликуваше. ЧетЏПТ својот одговор го спакува во седум главни трендови што се очекува да ја обликуваат индустријата: интеграција на вештачка интелигенција (ВИ), подем на новинари инфлуенсери, дополнителен пад на влијанието на печатените медиуми, пораст на таканаречените медиумски пустини, еволуција на интерактивно и партиципативно новинарство, предизвици за слободата на печатот, економски притисоци и иновации во бизнис-моделите.

Иако дел од она што ЧетЏПТ го наведе не е ништо ново, на пример предизвиците за слободата на печатот и економските притисоци, сепак дел од „предвидувањата“ се доста важни за дополнително појаснување. 

Ma Cov 2

„Конвергенцијата на новинарството и социјалните медиуми доведе до појава на таканаречени новинари инфлуенсери, кои користат платформи како Тикток, Инстаграм и Јутјуб за директно да се вклучат со публиката. Овој тренд ја одразува промената кон персонализирана испорака на вести, каде што одредени новинари градат свои брендови и негуваат интерактивни односи со својата публика“, вели ЧетЏПТ и додава дека ова ги замаглува границите помеѓу традиционалното новинарство и инфлуенсерите поставувајќи предизвици за новинарскиот интегритет и објективноста.

Како извори на информациите за ова предвидување ЧетЏПТ ги наведе „Тајмс“, „Ројтерс“, „Фајненшл тајмс“, „Асошиетед прес“ и „Википедија“.

Следен го тестиравме Џемини на Гугл. Овој четбот беше „поскржав“ во предвидувањата за новинарството и ни даде кус список од 10 тренда, меѓу кои се: редакции што ќе се потпираат на ВИ, пораст на содржина креирана од вештачка интелигенција, пораст на новинарство засновано на податоци и визуализација на тие податоци, зголемено користење на виртуелната и на проширената реалност и зголемено користење на 360-видеа.

Понатаму, според Џемини, ќе има пораст на влијанието на социјалните медиуми како платформи за информирање на јавноста и пораст на користењето содржина креирана од публиката (User-Generated Content). Како последни, но не и најмалку важни, се зајакнувањето на важноста за верификација на информациите како и потребата од зголемена транспарентност и отчетност на медиумските работници.

Трет и последен четбот што го прашавме за трендовите во новинарството за следната година беше Клод. Го користевме нормалниот начин на одговор и добивме прилично долг список на предвидувања. Како и во претходните случаи, на врвот на списокот е влијанието на ВИ во медиумската сфера.

За ова Клод предвидува дека новинарите ќе користат алатки за истражување и за проверка на факти засновани на вештачка интелигенција, зголемено користење на ВИ за автоматско генерирање содржини поврзани со рутински информации, напредна анализа на податоци и препознавање модели за да се идентификуваат трендовите и персонализиранo менаџирање на вестите за одредени читатели.

Следната година, според Клод, ќе има зголемен фокус на мултимедија и интерактивно раскажување приказни со зголемено користење видео и аудио содржина, интерактивни визуализации на податоци, проширена и виртуелна реалност и зголемено користење видеосодржини во кратка форма оптимизирани за мобилни и социјални платформи.

ma cov 3

Клод има и конкретни предвидувања во однос на развојот на претплатничките модели. Смета дека медиумските организации ќе ги усовршат своите стратегии за генерирање приходи преку микропретплатнички модели, таргетирање одредени сегменти на публиката и преку медиумски платформи поддржани од заедницата. Понатаму смета дека блокчејн-технологијата ќе го трансформира начинот на коj се верификуваат информациите и ќе овозможи децентрализирано новинарство. На крајот Клод предвидува дека ќе се подобри начинот на кој се известува за ВИ, ќе има построги упатства за употреба на вештачката интелигенција во новинарството и зајакнати мерки за заштита на податоците.

Трите четботи дадоа различни одговори за трендовите во новинарството, но во голема мера предвидувањата се однесуваат на исти промени во индустријата, пред сè под влијание на технологијата. Одговорите беа јасни и прецизни, за разлика од одговорите на прашањето дали сметаат дека 2025 година ќе биде добра година за новинарството. На ова прашање Клод одговори:

„2025 година ќе биде предизвик за новинарството, но исто така нуди значителен потенцијал новинарството повторно да се реобмисли, да ги искористи новите технологии и повторно да се поврзе со публиката преку поавтентични, иновативни пристапи за известување“.

Според ЧетЏПТ, перспективите се измешани, но влеваат надеж.

„2025 година би можела да биде пресвртна за новинарството. Доколку медиумските организации продолжат да иновираат, да ги диверзифицираат своите модели на приходи и да се придржуваат до етичките стандарди, индустријата би можела да ја зајакне својата улога во информирањето на јавноста. Сепак, надминувањето на економските, на политичките и на технолошките предизвици ќе бара координирани напори од новинарите, медиумските организации и од публиката. Иако перспективите се измешани, отпорноста и приспособливоста на новинарството даваат надеж за посветла иднина.“

Сличен е и одговорот на Џемини, кој ја потенцира важноста од приспособувањето на медиумските организации. 

„На крајот на краиштата, успехот на новинарството во 2025 година ќе зависи од тоа колку добро новинарите и медиумските организации ќе се приспособат на овие предизвици и можности. Со прифаќањето на иновациите, давањето приоритет на точноста и градењето доверба кај публиката, новинарството може да продолжи да игра витална улога во општеството.“

ЧетЏПТ, Клод и Џемини одлично си ја завршија работата и помогнаа во креирањето на овој текст, но пред да им се заблагодариме, им дадовме задача да креираат илустрации за овие предвидувања. Резултатите не беа најдобри, но им оставаме можност да се подобрат наредната година.

 


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).