Дел од српските и македонските медиуми не ги испочитуваа професионалните новинарски стандарди при известувањето за падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад. Трагедијата се случи на 1 ноември годинава, а со неа се продлабочи известувањето преполно со сензационализам и непочитување на приватноста на жртвите, некритичко пренесување на пропаганда, ненаведување на изворите на информации, плагијаторство и непроверување на содржината на објавите од социјалните мрежи.
Пишуваат: Бојан Блажевски и Сања Џорџевиќ
Заедно со падот на настрешницата, нарушен е и угледот и професионалноста на некои медиумски куќи во двете земји. Во Србија, некои редакции не пропуштија да ја стават својата работа во тесните политички интереси на властите пред јавниот интерес. Македонските медиуми не се посветија доволно на професионално известување од местото на настанот, туку воглавно пренесуваа вести од српските медиуми.
„На почетокот беа присутни конфузија и недостаток на информации. Во моментот кога дознав за падот на настрешницата бев во Белград, така што колешките и колегите веќе делумно ја организираа работата и известувањето за овој случај, додека јас се обидував да помогнам колку што можам од Белград“, раскажува уредникот на порталот Радио 021 Зоран Штрика за тој 1 ноември.
„Тоа беше вонредна состојба, останавме во редакцијата до полноќ и го следевме сето она што се случува. Се вртеа многу информации. Добивавме различни податоци од изворите, па известувавме за она што претходно сме го провериле, свесни дека тоа е исклучително чувствителен момент“, додава тој.
За известувањето за овој настан, новосадскиот портал направи посебна рубрика. Од минута во минута објавуваа проверени вести.
„Поважно ни беше тоа што го објавуваме да биде точно, отколку да бидеме први, бидејќи не постои никаква сатисфакција во известувањето за вакви трагедии, особено да се известува за тоа дека некој настрадал“, вели овој уредник.
Редакцијата на Радио 021 ја истражувала реконструкцијата на железничката станица и пред падот на натстрешницата, но не добиле никакви одговори од надлежните власти. Во неа од 2021 година се вложени 65 милиони евра, од кои во самата зграда се издвоиле 16 милиони евра. Проектот за реконструкција го изработиле српската филијала на компанијата China Railway Design Corporation и Сообраќајниот институт ЦИП од Србија. Изведувач на проектот бил кинескиот конзорциум China Railway International Co.Ltd и China Communication Construction Company Ltd. Објавувањето на документите за проектот за реконструкција започна дури по трагедијата.
Кога фактите не се светост, а лагата го гради дискурсот
Уште една трагедија повторно докажа дека во фиоките на одредени редакции во Србија нема етички кодекси. Поединечни медиуми, кои покриваат голем дел од публиката, повторно паднаа на тестот за професионализам, кршејќи ги принципите на вистинито известување, независност од влијание, почитување на приватноста и достоинството на жртвите од трагедијата и нивните семејства.
За новинарите и новинарките на „Радио 021“ и овој пат императив беше посебното новинарско внимание и почитување на професионалните стандарди, а укажувањето на грешките на одговорните беше незаменлива должност.
„Ние бевме водени од човечноста. Бевме свесни дека оваа трагедија ги погодува најмногу жртвите, нивните семејства, пријателите, како и фактот дека го погодува целиот град. Секој еден можеше да биде под натстрешницата“, вели Штрика.
Одредени македонски медиуми покажаа значителна нечувствителност во првите часови по несреќата. Неколку македонски интернет портали вечерта на 1 ноември и на 2 ноември објавија дека бројот на загинати се искачил на 16, иако српското Министерство за внатрешни работи (МВП) уште вечерта на 1 ноември веќе објави дека конечниот број на жртви е 14 загинати и тројца тешко повредени лица. Дополнително загрижува фактот што неточните податоци за бројот на жртвите во тие текстови до денес не се коригирани и сè уште се достапни на јавноста.
Иако бројот на македонските медиуми кои ја направиле оваа грешка е занемарлив, нивната несериозност во проверката на точноста на информациите е директно кршење на членот 1 од Кодексот на новинарите на Македонија. Истиот член од Кодексот на новинарите и новинарките на Србија го прекршија и српските и македонските медиуми кои набрзина побрзаа да објават дека конкретната настрешница не била предмет на реконструкција. Медиумите некритички ја пренесоа првичната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој веќе на 1 ноември изјави дека натстрешницата не била реконструирана цели 60 години.
И покрај јасните докази дека се работело на натстрешницата, како и дека самата железничка станица била официјално отворена дури два пати, тврдењето дека овој дел од зградата не бил предмет на градежни работи 60 години, послужи како обид да се контролира штетата на имиџот на власта на Александар Вучиќ.
Уште пред изјавата на претседателот Вучиќ, само дваесетина минути по несреќата, некои српски таблоидни медиуми објавија дека е во прашање „стариот дел од зградата“ кој не бил реновиран од неговата изградба. Изјавата на Вучиќ, како и онаа на други министри од српската влада, која следеше веднаш по трагедијата, неколку интернет портали, телевизии и весници во Македонија некритички ја пренесоа како засебна вест.
Веднаш по падот на настрешницата, српските власти започнаа со медиумски кризен менаџмент за да спречат политичка штета од трагедијата. Па така, во првите денови во медиумите кои се под нивна контрола најпрво се обидоа да создадат пробен дискурс за бројните причини поради кои не била реконструирана натстрешницата на станицата. Но, како што минуваа деновите по трагедијата, во кои се редеа експертски изјави и медиумски истражувања за причините за трагедијата, а барањето за одговорност кај српската јавност растеше, така српските власти се свртеа кон нова тактика - нападот е најдобра одбрана.
Повеќето медиуми во Македонија, со исклучок на државната новинска агенција МИА, немаа свои дописници или известувачи од Србија за да подготват збирни дневни извештаи за трагедијата. Но, тоа не ги ослободува медиумите од обврската да користат повеќе извори на информации, од различни медиумски куќи кои известуваат за настанот од различен агол.
Ова ги сведе македонските медиуми на обични преведувачи на информации од српски јазик. Непрофесионалниот пристап е особено видлив кај поголемиот дел од интернет порталите, кои наместо збирни извештаи за трагедијата, објавуваа десетици кратки вести од настанот, една по друга.
Андон Мајхошев, професор по новинарска етика на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, смета дека ваквиот тип на известување произлегува од брзањето за објавување на нови информации, со цел да се зголеми читаноста и да се привлече вниманието на јавноста. Тој додава дека не може да се исклучи можноста за новинарска мрзеливост, што се одразува во отсуството на наведувањето извори, недоволното истражување или внесување на нови моменти за темата.
„Регистрираните медиуми, нашиот јавен сервис и другите медиуми кои имаат национална концесија, печатените медиуми, повеќе се држеа до Етичкиот кодекс на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ)“, вели професорот Мајхошев за начинот на кој македонските медиуми известуваа за падот на натстрешницата.
Најпроблематичен аспект од известувањето на српските портали беше објавувањето на снимките од надзорните камери, на кои се гледа моментот на колапсот на натстрешницата. Во „Радио 021“ немаа дилема дали читателите треба да ја видат таа снимка.
„Во моментот кога се појави снимката не знаевме колку луѓе има под натстрешницата, колку се загинати, а колку се повредени. Со објавување на видеото ќе истрауматизиравме голем број луѓе, а тоа не сакавме да го направиме“, објаснува Зоран Штрика.
За членката на српскиот Совет за печат Тамара Скроза, споделувањето на таквото видео е грубо кршење на новинарската етика. Тоа не смеело да се случи.
„Објавувањето на снимките претставува вознемирување на семејствата на жртвите и на јавноста. Тоа претставува прекршување на правото на достоинство на жртвите. Тука нема никаков јавен интерес“, вели Скроза.
Ова видео за прв пат се појави на социјалните мрежи. Новиот Кодекс, како и Упатството за примена на Кодексот во онлајн опкружувањето, предвидуваат содржината од профилот да може да се пренесе со дозвола на авторот.
Сепак, Скроза истакнува дека снимките кои сведочат за нечија смрт не смеат да се објават во медиумите.
И македонските медиуми паднаа на испитот за користење на релевантни извори. Одредени интернет портали се фокусираа на употребата на содржини објавени на социјалните мрежи (Фејсбук, Инстаграм) како главен или еден од изворите на информации, во обид да создадат сензационалистички наслови или поинаква содржина. Десетици македонски медиуми го објавија видеото од падот на натстрешницата со наслови од типот: „Вознемирувачко: видео од моментот кога се урна настрешницата“, „Вознемирувачко видео“, „Вознемирувачко: се појави ново видео“ или „Ново видео од друг агол“.
Иако Инстаграм во меѓувреме ги отстрани ваквите видеа, текстовите со такви наслови сè уште се достапни на многу портали. Исто така, во македонските медиуми ретко можеше да се најде медиумска содржина, во која се наведува изворот (медиум) или авторот на визуелната содржина (фотограф, снимател) што се пренесува.
Професорот Мајхошев појаснува дека Етичкиот кодекс на ЗНМ бара наведување на изворите на информации, а како посебен проблем го наведува плагијаторството. Доколку новинарите не се присутни на местото на настанот, се поставува прашањето како да се бориме против лажните вести, кои медиумите (не)свесно ги пренесуваат.
„Затоа е многу важно да се проверат информациите од неколку независни извори, вклучително и идеолошки различните“, вели Андон Мајхошев.
Огнен Јанески, претседател на Советот на честа при ЗНМ, смета дека преземањето содржини од социјалните мрежи без нивна проверка, верификација и дополнително истражување е сериозно прекршување на новинарскиот кодекс.
„Тоа ја поткопува довербата на јавноста и професионалниот интегритет на медиумите“, објаснува тој.
Здружението на новинарите на Македонија, заедно со Советот за етика во медиумите и Македонскиот институт за медиуми, во моментов работат на ажурирање на Кодексот на новинарите, со цел да се обезбедат јасни етички стандарди кои ќе одговараат на новите форми на медиумско известување.
Ширење сензационализам и нарушување на приватноста на жртвите
„Фотографии на жртвите во Нови Сад! Тони бетон паднаа на нив: сестри со ќебе, момче и девојка...“, „Луѓето плачеа под урнатините, а потоа завладеа тишина“, или „Сведок на несреќата во Нови Сад ги опиша страшните сцени“, се само дел од насловите кои претставуваа дополнителен притисок врз вознемирената јавност.
И во Србија и во Македонија, во деновите по падот на натстрешницата, дел од медиумите се фокусираа на ширење сензационалистички содржини и во повеќе наврати ја нарушија приватноста на жртвите, не почитувајќи ги професионалните новинарски стандарди и со тоа ја продлабочија болката и тагата на семејствата.
Врв на непрофесионалност, па дури и на дегутантност, беа деталните репортажи од погребите на жртвите. Во Кодексот на новинарите и новинарките на Србија, кој стапи на сила пред неколку дена, е додадено дека од погреби не се известува, освен во случај на високо позиционирани јавни личности.
За разлика од Србија, каде таблоидите и одредени интернет портали се појавија како главни создавачи на сензационалистички информации и текстови кои ја нарушуваат приватноста на жртвите, во Македонија ваквата содржина се пренесуваше исклучиво преку интернет порталите, кои некритички ги преведуваа ваквите текстови на македонски јазик од српските колеги и се поставија во улога на трансмитери.
Па така, во македонските медиуми се појавија реченици од типот: „Според некои информации, таа кобниот петок го довикувала своето бебе под урнатините“ и „му рекла дека го сака и дека ќерката го чека дома“.
Цитирани се и изјави на луѓе блиски до роднини на починатите: „Не можат да се помират со загубата“. Откако им беше кажано дека ги изгубиле двата ангела, им беа ставени седативи и интравенски апчиња...“.
Се појави и неименувана девојка, која наводно се спасила од падот на нагстрешницата: „Преживеав и отидов подоцна да му се помолам на Бога во манастир и да му се заблагодарам што сум жива...“
Исто така, повеќето медиуми во Македонија го открија името и презимето на македонскиот државјанин кој загина при падот на натстрешницата. Десетина медиуми отидоа чекор подалеку со пренесување на објави од социјалните мрежи, од именувани или неименувани профили, во кои се открива дел од приватниот живот на починатиот. Наведени се причините поради кои од Македонија се преселил во странство, а објавена е и неговата фотографија. Наместо да се наведе изворот, напишана е нејасна формулација: „една од објавите на Фејсбук“, „се споменува во Фејсбук објава“, „според некои информации“.
И не беше таков пристапот во известувањето само за македонскиот државјанин, туку и за другите жртви на трагедијата. Во анализата на известувањето на македонските медиуми што се направи за оваа сторија, се пронајдоа текстови со детални описи на однесувањето на жртвите веднаш по трагедијата, емотивни изјави на преживеани и изјави на роднини на починатите. Особено на македонските портали се појавија наслови од типот: „Траор и лелек по сестричките“, „Под урнатините го довикувала детето“, „Почивајте во мир ангели“, „Момчето на починатата кошаркарка го повторува само ова “, „Тинејџерка преживеала, па отишла во манастир“ и слично.
Наташа Доковска од организацијата „Новинари за човекови права“, која работи на подобрување на состојбата на детските права во Македонија, вели дека новинарите треба да избегнуваат сензационализам во известувањето и да го заштитат достоинството и приватноста на поединците. Ова особено важи за жртвите и нивните семејства. Таа потенцира дека со ваквиот начин на известување се прекршуваат членовите 7 и 8 од Етичкиот кодекс на новинарите, а најмногу кога децата се жртви.
Доковска додава дека новинарите треба да го заштитат идентитетот на жртвите, да не користат чувствителен јазик и да се одговорни кон јавниот интерес.
„Известувањето треба да биде фактичко, без сензационализам и емотивна манипулација“, нагласува Доковска, додавајќи дека фокусот на новинарите треба да бидат причините за трагедијата и можностите за нејзино спречување.
„Овие принципи ги гарантираат правата на децата и го спречуваат непотребното поттикнување на емоционален стрес кај семејствата и јавноста, како и секундарната виктимизација на жртвата и нејзиното семејство“, заклучува Наташа Доковска.
Огнен Јанески од Здружението на новинари на Македонија додава дека новинарите треба да ги почитуваат личната болка и жалост, а известувањето мора да биде ослободено од сензационализам.
„Со објавувањето вакви содржини, се нарушува приватноста и достоинството на загинатите и нивните семејства, што е во спротивност со етичките стандарди на професионалното новинарство“, додава тој.
Катерина Наумова, професорка на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје, објаснува дека непочитувањето на правата и слободите на поединецот и злоупотребата на моќта на медиумите може да предизвика емоционална отапеност, недоверба и одбивност кон медиумите, како и некритичност во толкувањето на информациите.
„За жал, речникот што се користи во медиумите, обемот и изборот на информациите, често ја влошуваат првичната состојба на страв и вознемиреност, до степен на паника, и укажуваат на недоволна сензитивност кај дел од медиумските работници“, вели Наумова.
Каја Дамњановиќ, професорка по психологија на Филозофскиот факултет во Белград, нагласува дека медиумите треба да известуваат за вакви трауматични настани на пристоен начин - како кога на сосед, пријател или член на семејството треба да му кажат тешка вест.
„Во таква ситуација, дали навистина ќе одите и на ожалостената личност ќе му покажете фотографија од гробиштата, ќе нагласите дека вие немате врска со тоа, дека никој не е виновен и ќе набројувате кои се оние што немаат врска со тоа“, прашува Дамњановиќ.
За да се надмине ваквиот начин на известување, Катерина Наумова предлага да се развијат протоколи за известување за конкретни теми, во кои јасно ќе се дефинираат целите, пристапот, терминологијата и потребните компетенции на медиумските работници, а сето тоа во соработка меѓу новинарите и институциите и експертите.
Одделението за психологија при Филозофскиот факултет во Белград уште во 2023 година има објавено „Психолошки насоки за медиумско известување по кризни настани“, додека Здружението на новинарите на Македонија за време на појавата на епидемијата во 2020 година публикуваше „Насоки за безбедно и професионално известување за коронавирусот“. Сепак, нашата анализа покажува дека ваквите публикации ретко допираат до оние за кои се најмногу наменети - прекршителите на професионалните новинарски стандарди.
Каја Дамњановиќ, која учествуваше во развојот на насоките за известување по кризни настани, вели дека фактите и обезбедувањето на контекст им помагаат на луѓето да го разберат искуството низ кое минуваат. Но, само во случај, доколку целта на медиумите е благосостојба на општеството.
„Ако целта на медиумите е да ја вознемируваат јавноста, тогаш добра формула е замаглување на фактите, сензационализам, т.е. нагласување на суштински неважни, но атрактивни, па дури и бизарни ситници, како и занемарување на рационалните прашања за причините“, објаснува таа.
Таа додава дека на тој начин се развива општа несигурност во општеството, што во психологијата се нарекува непријателска информациска средина. Непријателска средина е онаа во која важни информации или делови од нив се замолчувани, маскирани, прикриени, во кои има премногу неважни и периферни квазиинформации чија цел е да ги вознемири луѓето доволно за да развијат тенденција да бараат бизарни информации.
„Во таква средина ни е многу тешко да се снајдеме и нашето мислење, кое во нормално опкружување би можело да ни помогне да ги решиме проблемите, е под притисок да направиме многу повеќе грешки во расудувањето. Прашањето за квалитетот на нашето мислење зависи од загадувањето на еколошката нишка во која се наоѓа“, објаснува Дамњановиќ.
Негативна кампања против „предавниците“
Таблоидите и провладините медиуми во Србија ретко прашуваат зошто и кој е одговорен за падот на натстрешницата. Тамара Скроза смета дека ова се клучни прашања на кои треба секојдневно да инсистираат сите медиуми. Таа посочува на член од новинарскиот кодекс, во кој се вели дека „премолчувањето на фактите кои можат значително да влијаат на ставот на јавноста за некој настан е еднакво на намерно искривување или лиферување невистини“.
„Молкот во овој момент е строго забранет“, истакнува Скроза.
Премолчувањето има долгорочни негативни последици за општеството. Пропуштањето да се инсистира на одговорност ги наведе политичарите да мислат дека можат да се извлечат од сè без последици, за што сведочи и непостоењето епилог на бројни афери. Инсистирањето на одговорност ќе им покаже на носителите на одлуки дека има санкции за нивните неправилности, што би довело до намалување на бројот и обемот на неправилности во иднина.
„Се работи за демократијата, опстанокот на државата, општеството, но и елементарната физичка безбедност на секој од нас. Оние компании кои работеа на реконструкција на железничката станица во Нови Сад, работеле и на други проекти. Ние сè уште не знаеме уште колку настрешници има и под која ќе завршиме ние“, вели Скроза.
Поради тоа, на овие одговори инсистираат студентите и студентките од цела Србија, кои веќе неколку недели ги држат своите факултети под блокади. Нивните барања се јасни: целосно објаснување за причините за падот на натстрешницата, оставки и одговорност на поединци и институции.
За разлика од сличностите кај македонските и српските медиуми во делот на објавите на сензационалистички наслови и нарушувањата на приватноста на жртвите, како и користењето на постови од социјалните мрежи без проверка на информациите, распространувањето на црната кампања против „предавниците“ на Србија беше пропагандистички материјал дистрибуиран првенствено во српските медиуми. Многу мал дел од овој непрофесионализам ги прејде границите на македонскиот медиумски простор. Освен два до три интернет-портали во Македонија, ваквата црна кампања против оние кои бараат одговорност не беше пресликана во македонските медиуми.
Инаку, етичкиот Кодекс на новинари на Македонија во членот 14 бара новинарите да обезбедат професионална дистанца од политичките субјекти.
Без да се контекстуализира темата, да се додадат дополнителни извори, спротивставени гледишта и да се вклучи историјатот на настанот, во помал дел од македонските медиуми некритички се пренесоа и пропагандистичките содржини од провладините српски медиуми за штрајкот со глад и нарушеното здравје на поранешниот српски министер за градежништво Горан Весиќ. Тој беше приведен на крајот на ноември по падот на натстрешницата за сомнеж дека предизвикал тешко дело против општата сигурност. Она што загрижува е што македонската јавност не можеше да го дознае изворот на ваквите информации.
На прашањето за тоа каква е опасноста од префрлање на туѓа државна пропаганда во македонскиот медиумски простор, Огнен Јанески вели дека проверката на преземените информации и критичкиот пристап кон изворите треба да бидат внимателно направени. Исто така, медиумите треба да вложат напори за да дадат аналитички пристап кон темата и да се создаваат оригинални новинарски содржини.
„Уредничката независност е клучна за спречување на ширење на странски пропагандни наративи во македонскиот медиумски простор“, дециден е Јанески.
Тој посочува дека при падот на натстрешницата во Нови Сад не е првпат да се случи некритичко преземање на содржини од српските медиуми.
„Едукацијата на новинарите за препознавање дезинформации и зајакнување на нивните истражувачки капацитети е неопходна за да се одржи интегритетот на медиумското известување“, заклучува Огнен Јанески.
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.