Инфлуенсерите, кои најчесто немаат никаков медиумски бекграунд, сè почесто стануваат примарен извор за информации за голем дел од младите во земјава. Младите неретко им веруваат без воопшто да го знаат вистинскиот идентитет на тој што ја креира содржината. Што можат медиумските организации да научат од нивната стратегија?
Пишува: Александар Манасиев
Дали знаете кој и каде ги информира младите за најновите случувања во земјата и во светот? Дали се тоа медиумските организации во кои се вработени професионални новинари или, пак, инфлуенсерите, кои најчесто немаат медиумски бекграунд? Факт е дека во денешно време ретко или речиси никогаш нема да видите млади како читаат весник, слушаат вести на радио или се информираат за најновите случувања преку телевизискиот екран. Наместо тоа, ќе видите дека најголем дел од нив постојано се на мобилните телефони и како платформи за информирање ги користат социјалните медиуми – Јутјуб, Инстаграм и Тикток.
Доколку не верувате, тогаш направете еден мал тест. Одете во некое основно или средно училиште и прашајте ги младите за нивните навики на информирање. Неспорно е дека речиси сите како платформи ги користат социјалните медиуми, но поважното прашање е кој ги информира. Овде ќе наидете на уште поголемо изненадување, а тоа е дека огромен процент од младите следат инфлуенсери, наместо да се информираат преку медиумите што имаат организиран начин на прибирање на информациите, нивна аналитичка обработка и проверка пред да ја дистрибуираат содржината до публиката. Но, пред да навлеземе подлабоко во целата тема, да ги провериме фактите поврзани со информирањето на младите.
Низа истражувања покажуваат дека младите навистина преферираат да следат вести преку социјалните медиуми. Истражувањето на Делоит за дигиталните трендови во 2024 година, објавено во декември годинава, покажува дека мнозинството млади (54 %) на возраст од 18 до 24 години преферираат социјални медиуми наместо ТВ (33 %) како извор на вести.
Е, сега, за она поважното – дали ги следат вестите што ги објавуваат медиумските организации или, пак, се информираат од инфлуенсери? Ова истражување покажува дека инфлуенсерите како извор на вести се највлијателни токму кај најмладиот дел од публиката. Дури 17 % од младите на возраст од 18 до 24 години одговориле дека се информираат преку инфлуенсери. Кај публиката на возраст од 25 до 34 години инфлуенсерите се извор на вести во 7 %, а кај другите овој процент е незначителен.
Важно е да се напомене дека ова истражување е правено во поразвиени земји од Европа, каде што влијанието на традиционалните и онлајн медиуми и нивната застапеност на социјалните мрежи како и довербата во нив се поголеми. Истражувањето на Делоит покажува и дека публиката има одредено ниво на медиумска писменост и критички размислува и ги проверува информациите. Најчестиот метод за идентификација на лажни вести, според ова истражување, е пребарување информации од повеќе извори (28 %), проследено со внимателна проверка на други канали за дистрибуција на вести (25 %) и потврдување на изворот на информациите (23 %).
Најмладите опфатени со ова истражување се оние на возраст од 18 до 24 години. Ако влијанието на инфлуенсерите е големо кај оваа категорија од публиката, може само да се претпостави колкаво е влијанието кај публиката на возраст од 14 до 17 години. Веројатно далеку поголемо.
Уште едно истражување потврдува дека инфлуенсерите се влијателни во сферата на информирање на јавноста. Истражувачкиот центар „Пју“ неодамна откри дека еден од петмина жители на САД (20 %) се информираат токму преку информациите што ги објавуваат инфлуенсери. Многу е поголемо влијанието кај анкетираните под 30 години (37 %), што значи дека четворица од 10 жители на САД на возраст до 30 години се информираат преку инфлуенсери.
Најчестите платформи што ги користат инфлуенсерите за споделување вести се Х каде што 85 % од нив имаат профили, Инстаграм каде што половина од нив имаат профили и Јутјуб каде што 44 % од нив имаат профили. Она што е интересно е дека повеќето (77 %) немаат никаква поврзаност и не работеле во медиумска организација. Повеќето од анкетираните во ова истражување (65 %), кои се информираат од инфлуенсерите, рекле дека тие им помогнале подобро да ги разберат актуелните настани и граѓанските прашања.
Е, сега да се вратиме на навиките на младите во Македонија во контекст на тоа каде и од кого се информираат. Ако направите мини анкета помеѓу основците во повисоките одделенија, осмо и деветто и помеѓу средношколците, ќе забележите дека голем дел од нив се информираат преку социјалните мрежи и тоа токму од инфлуенсерите.
Иако нема направено систематско истражување за навиките на младата публика во земјава, сепак забележливо е дека инфлуенсерите, кои најчесто немаат никаков медиумски бекграунд, сè почесто стануваат примарен извор за информации за голем дел од младите во земјава. Младите неретко спомнуваат имиња на инфлуенсери од Србија како извор на информации – Муџа, Стубери и слично. Тие имаат огромна публика што брои и по неколку милиони следбеници.
Младите неретко им веруваат на овие инфлуенсери, некогаш и без воопшто да го знаат вистинскиот идентитет на тој што ја креира содржината. Таков е примерот со инфлуенсерот од Македонија што се потпишува како Роберто Навали. Голем дел од основците и средношколците го споменуваат како извор на информации што го следат. Неговиот вистински идентитет, за пошироката публика, е непознат. Неговиот импакт не е за потценување со оглед на фактот дека само на Инстаграм има повеќе од 200.000 следбеници, многу повеќе од поголемите медиумски куќи во земјава. Покрај примарниот канал има и посебен канал наменет само за вести – Роберто Навали News на кој, како што пишува, се споделуваат вести од земјава, регионот и од светот. И додека медиумските организации се борат да дојдат до младата публика, инфлуенсерите како Роберто Навали веќе ја имаат освоено, односно се попопуларни како канали за следење вести отколку мејнстрим медиумите. Токму традиционалните медиуми можат да научат од инфлуенсерите како се пакува содржината за различните платформи со цел да ја придобијат помладата публика.
И сега ќе се прашате зошто е важно кој и каде ги информира младите за најновите случувања од земјата и во светот? Овие прашања се од круцијална важност со цел младите на возраст од 14-17 години да бидат соодветно информирани за вестите од веродостојни извори. Тие се во период кога ги развиваат вештините за критичко размислување и го обликуваат своето разбирање за светот.
Пристапот до веродостојни информации им помага да ги разликуваат фактите од фикцијата, да се справат со предизвиците какви што се дезинформациите и да изградат балансирани ставови за општествените прашања. Соодветно информираните млади имаат поголема веројатност активно да се вклучат во креирање позитивни промени во нивните заедници, да развијат медиумска писменост и да носат одговорни одлуки што ќе влијаат врз нивната, но и врз иднината на нивните најблиски. Дополнително, веродостојните информации ги штитат од штетна содржина и им даваат знаење што подоцна ќе им помогне активно да учествуваат во светот што брзо се менува.
Од друга страна, фактот дека инфлуенсерите полесно и поефикасно ја придобиваат младата публика треба да биде поука и за медиумските организации во земјава, но и за новинарските здруженија. Копи-пејст новинарството, сензационализмот и честото кршење на етичките норми се само дел од причините за намалената доверба во информациите што ги креираат медиумските организации. Сето тоа создава простор за инфлуенсерите да се наметнат како извор на информации и да освојат добар дел од публиката. Но, ова не е без проблеми.
Што ако некој инфлуенсер нанесе сериозна штета во заедницата со своето информирање односно дезинформирање на јавноста? Што кога тој инфлуенсер не е потпишан со вистинското име и презиме за разлика од новинарите што својата содржина ја потпишуваат и ги наведуваат изворите на информации. И додека новинарите и медиумите се одговорни пред публиката и преку процесот на саморегулација подложат на морална санкција, доколку го прекршат Кодексот на новинарите, овие инфлуенсери и креатори на дигитална содржина засега не подложат на никаква одговорност. Токму во овој дел навреме треба да се вклучат и професионалните новинарски здруженија и да ги опфатат овие креатори на дигитална содржина со процесот на саморегулација. Овие самостојни креатори на содржина се факт што нема да исчезне. Тие имаат голема публика што постојано расте, а со тоа расте и нивното влијание. Токму затоа во светот постои жешка дебата за нивно регулирање односно ставање во одредена рамка. Од клучно значење е да се најде соодветна рамнотежа помеѓу заштитата на јавноста и јавниот интерес и почитувањето на слободата на говорот.
Сепак, важно е да се напомене дека сите инфлуенсери не се исти. Некои се професионални и одговорно ја информираат јавноста, додека за други приоритет се забавата и личната добивка, на сметка на одговорното информирање. Саморегулацијата преку новинарските здруженија може да биде начинот преку кој ќе се промовираат одговорното и етичко однесување кај инфлуенсерите во информирањето на јавноста. Сепак, за целосно справување со овој проблем, потребно е и континуирано јакнење на медиумската писменост кај публиката, особено кај помладите генерации, кои се поподложни на влијанието на социјалните медиуми. Ова подразбира развој на вештини за препознавање лажни вести, проверка на извори и критичка анализа на содржините.
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).