Дел од медиумите ги уриваат темелите на новинарската професија

Се чита за 4 мин.

clen1 cover

Џозеф Пулицер, врвен американски новинар, на неговиот тим му наложил едноставно правило, кое е едно од основите во новинарската професија: точност, Според Етичкиот кодекс на новинарите, „основна задача на новинарите е да ги почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана“.

Иако треба да се избегнуваат неосновани искази или шпекулации, за жал, дел од медиумите, особено во онлајн-сферата, се потпираат токму на шпекулации, озборувања, полуинформации од типот „во чаршијата се зборува“, неосновани претпоставки, произволни предвидувања итн.

Во членот 1 од Кодексот на новинарите се нагласува дека потребата да се известува во кус временски период не смее да ги загрози точноста, кредибилитетот и професионалноста на текстот/ прилогот. Интерпретирањето на членот 1 од Кодексот е базирано врз Прирачникот за етика во новинарството.

Една статистика, илјада зборови!

Од 404 одлуки на Комисијата за жалби при Советот за етика, врз основа на жалби поднесени од граѓани и правни субјекти од 2014 година, откога постои  Советот за етика во медиумите, дури 267 (66 %) се однесуваат на неточно или невистинито известување. Анализата на случаите што биле предмет на разгледување покажува дека во поголем број текстови „втората страна“ речиси и да ја нема.

Според статистичкиот преглед на Советот за етика на медиумите за 2014- 2017 година, од 175 одлуки од 214 жалби, 138 (45 %) се однесуваат на неточни и нeпроверени информации, немање „втора страна“ и отсуство на најмалку два меѓусебно неповрзани извори. Најчести прекршители се интернет порталите и тоа 79 %, телевизиите 12.6 %, весниците 8 % и новинските агенции 0.5 %.

Според статистичкиот преглед за 2018 година од 68 одлуки од 86 жалби, 23 (60.5 %) се однесуваат на членот 1. 52 (76.5 %) се однесуваат на портали, 12 (17.6 %) на телевизии, 3 (4.4 %) на весници и само 1 односно 1.5 % на новински агенции.

Според статистичкиот преглед за 2019 година, од 77 донесени одлуки од 83 жалби, 41 (68 %) се однесуваат на членот 1. Трендот е ист,  бидејќи поголеми прекршители се порталите, и тоа во 69 одлуки (83.1 %), а 13 (15.7 %) се однесуваат на телевизиите и 1 (1.2 %) на весниците. Во 2020 година, заклучно со месец јуни, од 84 одлуки, 36 се за интернет-портали кои го прекршиле членот 1. Овие податоци се должат на фактот дека голем број портали го злоупотребуваат јавниот простор и тоа го покриваат со фактот дека онлајн медиумите не се регулирани (со законот за медиуми).

 

Но, ако некоја сфера не е регулирана со конкретен закон, не значи дека има неограничена слобода, односно дека слободата на изразувањето е апсолутна, бидејќи слободата треба да се балансира со одговорноста. Таа може да биде ограничена кога некој ќе ја злоупотреби за да ги повреди правата на другите во општеството или ќе загрози некои утврдени легитимни цели од јавен интерес Додека еден добар дел од расположливите информации им помагаат на луѓето да ги прошируваат своите хоризонти на информираност и знаења, голем дел од новинарите, што работат во домашните медиуми, пласираат неточни информации, конструкции, па дури и лаги со цел да ја манипулираат јавноста заради политички и други интереси.

„Втора страна“ - што беше тоа?

Општ заклучок е дека опаѓањето на квалитетот на медиумското известување се должи пред сè на необезбедувањето на втората страна. Тоа е причина и за неизбалансираност.

Во текст објавен во слична или иста форма од повеќе портали Комисијата за жалби констатира дека медиумот го прекршил членот 1. Имено, во жалбата против порталите се наведуваше дека еден аналитичар од Бугарија од сферата на антикорупцијата, бил ставен во понижувачка позиција пред македонската публика. На настан во Скопје, како учесник на  конференција за антикорупција, бил прашан за спорот за македонскиот јазик со Бугарската академија на науките и уметностите, иако тој не се занимава со историја, ниту со лингвистика. Фактот дека работи во институт при БАН не го обврзува по ниту еден основ да даде изјава, ниту пак му дава право на новинарот да очекува изјава на тема што не е дел од неговата работа. Медиумите не одговорија на наводите на жалбата. Комисијата одлучи дека е направен пропуст, бидејќи е побаран став од лице, кое не е ниту надлежно, ниту релевантно да зборува за теми од сферата на лингвистиката. Ова уште повеќе што авторот на прилогот упорно истакнува дека аналитичарот имал обврска, но одбил да даде мислење во однос на ставот на БАН за македонскиот јазик.

seferЗемањето на информации од социјалните мрежи со себе носи опасност од нарушувања на Кодексот на новинарите. Подносител на жалба појаснува дека негова лична објава на Фејсбук била искористена за спинување на дневно - политички теми и дека била целосно извадена од контекст. Медиумот не се изјасни за наводите во жалбата. Комисијата утврди дека се работи за текст без автор, чија содржина се сведува на статус на корисник на социјалната мрежа Фејсбук, кој споделува свое искуство за наводен проблем при преминувањето на границата меѓу Јордан и Египет. Исто така, Комисијата констатира дека медиумот не се обидел да обезбеди проверена информација, притоа не контактирајќи со ниту една релевантна институција, за да се добие потврда дали информацијата е точна или веродостојна за споделување со јавноста. Порталот не се обидел ниту да го контактира лицето - сопственик на содржината и да ја провери кредибилноста на статусот, како и неговата точност. Оттука и одлуката дека е прекршен членот 1 од Кодексот.

Непочитувањето на основното правило да се обезбеди став од институција, во случајот од гимназија, каде наводно се случил инцидент, во кој според медиумот-портал, директорот им оневозможувал на учениците да протестираат против загадувањето на воздухот. И тука е нарушен членот 1.

Не само граѓаните, туку и високи државни функционери го почувствувале недостигот на „втора страна“. Еден министер, неколку пати реагираше кон одредени медиуми за прекршување на член 1. За наводите, во дел од медиумите, дека се „уапсени високи полициски службеници од екипата на министерот“ и дека „министерот гласал против одлуката за првомајските празници, а граѓаните ги нарекол агресивни“, не е прашан ниту тој лично, ниту неговиот кабинет.

Истата судбина ја има и друг министер. Во дел од медиумите беше пласирано дека „министерот по референдумот за името дал оставка“, но таквиот навод беше заснован само на Фејсбук статус на поранешна министерка, која имала критичен став кон министерот.  Ниту од министерот, ниту од неговиот кабинет не бил побаран став.

Подносител на жалба од институција од Охрид, меѓу другото потенцира дека од него, како втора страна, не била побарана изјава или став во врска со еден настан, со што му било скратено човековото и демократско право да се произнесе. Во друг текст, кај истиот портал, објавен во рок од неколку денови, изнесено е тврдење за кое Комисијата се согласи дека медиумот отстапил од основното новинарско правило и не се обидел навремено да добие став од засегнатите страни во новинарскиот производ. Ваквиот однос на медиумот доведува до заклучок дека новинарите во него или не знаат, или, пак, намерно ги нарушуваат професионализмот и етиката.

Автор: Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби на СЕММ

 

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија.

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).