Говор на омраза - да се известува или не?

Се чита за 3 мин.

clen 10 2 cover

После инцидентот на Скопското кале кој се случи на 13 февруари 2011 година Комитетот за односи меѓу заедниците одржа седница на која дел од пратениците ги обвинија медиумите дека тие, со нивниот начин на известување, придонеле да се случи овој немил настан. Реакцијата на дел од моите колеги новинари со кои ја следев седницата беше дека политичарите давале провокативни изјави, а тие само известувале за нив. Во овој случај и двете страни беа во право. Политичарите понекогаш користат говор на омраза, а новинарите не мора секогаш да ги пренесуваат ваквите изјави, затоа што, во тој случај, придонесуваат ваквите пораки да добијат поширока публика.

Во сензитивни периоди медиумите можат да одлучат и да не пренесуваат изјави кои содржат говор на омраза. Сепак, тоа не треба да биде правило бидејќи би било протолкувано дека медиумите ги прикриваат информациите од јавноста. Затоа е најдобро новинарите да научат како се известува за појави поврзани со говор на омраза.

Тест од пет точки

Мрежата на етички новинари предлага тест од 5 точки при покривање на настани поврзани со говор на омраза:

  • Ако говорникот не е јавна личност, можеби е најдобро да се игнорира.
  • Ако говорникот често го користи говорот на омраза треба да се запрашаме дали тоа е вест.
  • Која е целта на говорникот кој користи говор на омраза, кои се неговите жртви и какви последици ќе имаат од ваквиот говор?
  • Медиумот треба да внимава дали конкретниот  говор би можел да предизвика насилство и дали со пренесувањето на ваков говор би имал правни последици.
  • Треба да се внимава на социјалната, економската и политичката клима во која се дадени тие изјави. За време на избори говорите можат да бидат многу провокативни. Медиумот треба да одлучи дали ќе ги цитира или ќе ги парафразира овие говори.


Член 10  од Кодексот на новинарите на Македонија пропишува дека новинарот не смее во своите текстови да го користи јазикот на омразата или да поттикнува на насилство и дискриминација врз која било основа.

Медиумите треба да го осудат говорот на омраза

erdem aТекст на еден портал содржеше сериозни дискриминирачки и навредливи коментари кон албанската етничка заедница. Комисијата за жалби на Советот за етика во медиумите во Македонија ја разгледа претставката во врска со овој текст и утврди дека е прекршен член 10 од Кодексот на новинарите.

Комисијата констатира дека во текстот не се дава експлицитна поддршка на една навивачка група и на нивниот говор на омраза, но сепак медиумот  на таквите коментари им обезбедил медиумски простор, а со тоа и реален повод за поттикнување на насилство и омраза. Според Комисијата, пренесената содржина е еднострана и лесно може да предизвика негативни ефекти, дури и подгревање на меѓуетнички тензии. Затоа, кога веќе одлучил да го објави текстот, медиумот морал да го лоцира говорот на омразата и експлицитно да се огради или да ја осуди таквата содржина, со цел на јавноста да ѝ помогне во нејзиното препознавање.

И новинарите жртви на говор на омраза

Последна жртва на говор на омраза беше една наша колешка која беше нападната од интернет портал. Комисијата за жалби по добиената претставка одлучи дека се прекршени повеќе членови, меѓу кои и член 10. Комисијата констатираше дека и во двата текста објавени од страна на порталот има говор на омраза и дискриминација по полова основа и по изглед.

Како да се препознае говорот на омраза?

Hе постои единствена и конечна дефиниција за тоа што е говор на омраза. Во Препораката (бр. R /97/ 20) на Советот на Европа за „говор на омраза“ се истакнува дека терминот „говор на омраза“ треба да се разбере како термин кој ги опфаќа сите форми на изразување со кои се шири, поттикнува, промовира или оправдува расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на омраза заснована на нетолеранција, вклучувајќи и: нетолеранција изразена во форма на агресивен национализам и етноцентризам, дискриминација и непријателство кон малцинства, мигранти и лица со имигрантско потекло.

Европскиот суд за човекови права во своите пресуди кои се однесуваат на говор на омраза поаѓа од оваа дефиниција на говорот на омраза или неговото разбирање како говор кој ги опфаќа „сите форми на изразување кои шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат омраза заснована на нетолеранција.“

Автор: Ердем Ахмет, член на Комисијата за жалби на СЕММ

 

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија.

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).