Новинарството во служба на здравјето

st 1

Смртта ни стана секојдневие! Со голема вознемиреност го чекаме соопштувањето на статистиката на инфицирани од вирусот ковид-19, а особено на починатите. Животот и смртта станаа статистика! Многу нехумано, иако станува збор за луѓе, за сакани на илјадници семејства.

Дел од новинарите го положија испитот

Освен лекарите и медицинскиот персонал, во периодот на пандемијата и дел од новинарите и медиумите со успех го положија испитот, бидејќи се ставени во функција на животот на луѓето.

Секако, во овој контекст, може да се напомене дека во медиумите премногу се нагласуваше статистиката околу вирусот, иако имаше простор повеќе за прикажување човечки судбини. Ова ќе придонесеше да се освестат граѓаните и да бидат повнимателни во смисла на превенција од коронавирусот. Треба да се истакне фактот дека имаше и „херои“ новинари, кои влегуваа во просториите на Инфективната клиника, загрозувајќи се себеси и своите семејства, само за да известуваат објективно за пациентите што се лекуваа. Од друга страна, како и во секоја друга професија, и во новинарството има такви што со „двете нозе“ ги прекршуваат професионалните стандарди и вредности, како и етичките норми, објавувајќи лажни вести, конспиративни теории и многу сензации.   

За жал, покрај фактот што новинарството напредува технолошки, особено на почетокот на пандемијата во дел од онлајн медиумите на албански јазик, иако не во голем број, сосема неодговорно и несовесно се објавуваа видеа на разни лица што се шегуваа со вирусот ковид-19. Секако, за кликови! Не може да се повикуваат на слобода на изразување тие што стануваат непријатели на човештвото.

Новинарството се враќа на својот колосек

Но, сепак, има среќа во несреќа! И покрај негативните појави, радува фактот што новинарството се враќа на својата професионална и етичка мисија, односно да промовира хуманизам и човечка солидарност. Новинарството, станувајќи сè похумана професија, се става во служба на јавниот интерес.

Едно од значајните прашања, но и посебно оспорувано во практиката во земјата, е прашањето што е новинарство од јавен интерес. Обидот за негово дефинирање, пред сè нè води кон вредностите што Денис Меквејл ги дефинира како одговорен однос на медиумите кон јавноста. Тие го вклучуваат активното информирање околу животот и општествениот систем.

Иако не постои едноставен и јасен одговор што е јавен интерес, тој кратко може да се дефинира како „тоа што е во интерес или од корист за поголем број луѓе во општеството“. Но, проблем е фактот дека многу често се меша тоа што ја интересира јавноста (публиката) со тоа што е јавен интерес или, со други зборови, што е од корист за општеството.

Јавниот интерес не е тоа за што се интересира јавноста, тоа што бара да знае и не значи исполнување на љубопитноста на јавноста.

Заштитата на здравјето на населението е од висок јавен интерес. Со аналогија на албанската поговорка „Дојде оваа смрт и се видовме“, велиме „Дојде овој вирус и се видовме!“. Бидејќи народот вели дека „во секое зло има и нешто добро“, пандемијата нека служи како лекција за општото добро. Нека служи како сигнал за зацврстување на новинарството, кое на јавното здравје му дава поголемо значење и простор.

st 2

Фото: pixabay.com

Здравствените прашања да добиваат повеќе простор

Бидејќи деновиве често слушаме, како во хор, дека „Здравјето е над сè“, значи дека редакциите на медиумите, традиционални и нови, односно пишани, електронски и тие што произведуваат мултимедиумски содржини, треба да им даваат повеќе простор на содржините што се во функција на заштитата на здравјето. Не сакајќи на медиумите да им дадеме поголеми одговорности отколку што им припаѓаат, велиме дека тие имаат влијание врз здравството, секако без да заборавиме дека оваа битна сфера за човештвото бара мултисекторски или мултиинституционален стратешки пристап.

И после ковид, новинарите постојано треба да бидат во јавните клиники и во здравствените домови. „Здравствениот преглед“ треба да биде сеопфатен, со тоа што ќе ги истакнува на виделина аномалиите што ги има здравствениот систем, почнувајќи од хигиената, продолжувајќи со здравственaтa грижа, „Мој термин“, функционирањето на матичните лекари во руралните средини, инфраструктурните услови во болниците, исхраната на пациентите и многу други прашања.

Новинарството треба да го продолжи својот пат, истражувајќи уште подлабоко околу здравствениот систем, кој во времето на вонредната и кризната состојба ни ја открива неговата кревкост и недоволното делење финансиски средства од буџетот на државата. Исто така, овој период ни откри и еден дефект поврзан со новинарството, а тоа е медиумската индиферентност во минатото околу здравствениот систем.

Медиумите треба да известуваат за професионалните капацитети во нашите јавни болници, анализирајќи го фактот зошто еден дел од медицинскиот персонал оди надвор од земјата, во Европа, а и подалеку. Почесто треба да има анализи околу стратегијата на државата за здравството односно за јавните политики во овој сектор.

st 3

Фото: unsplash.com

Да се истражува корупцијата во здравството

Треба да се истражува корупцијата и организираниот криминал во здравствениот систем за да се види дали е вистина тоа што се зборува меѓу народот дека „кој има пари оздравува, кој нема – умира“. Во јавноста, познати се гласините дека еден дел од „беломантилците“ иако ја дале Хипократовата заклетва, ако им ги допрете џебовите, го менуваат медицинскиот пристап. Почит за тие што не влегуваат во групата „корумпирани лекари“, кои веруваме дека се во мнозинство.

Новинарите треба да ја имаат под лупа и работата на Фондот за здравствено осигурување, начинот како се снабдува земјата со лекови или, пак, кои се процедурите за испраќање на пациентите за лекување надвор од земјата.

Еден посебен сегмент треба да му се посвети и на менаџирањето на јавните здравствени институции, ставајќи го акцентот на прашањето колку критериумот на идеолошка и партиска подобност е доминантен фактор за избор на раководните кадри во болниците и во централните клиники.

Во минатото весниците ја имаа рубриката „Прашајте го лекарот“, а денес за да имаме попрофесионално новинарство. Во големите национални медиуми треба да се формираат специјализирани редакции за здравство, кои ќе имаат уредник и специјализирани новинари. Може да се ангажираат и лекари, во својство на соработници на емисиите за здравство. Ако не редакции, помалите медиуми треба да специјализираат најмалку еден новинар за здравство.

Во очекување подобри денови за здравјето на граѓаните, треба да се прави обид и за подобри денови за новинарството против вирусите и болестите.

Автор: Сефер Тахири

Насловна фотографија: unsplash.com

----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).