Новинарите жртви на политиката

Се чита за 7 мин.

mirce 1

Дописничката на Би-би-си од Москва, Сара Рејнсфорд, на 31 август го објави својот последен текст од Москва. Денот до кога мораше да го напушти главниот град на Русија по долгогодишна работа како дописник. Веста низ светот на 13 август ја пренесе Blumberg, повикувајќи се на рускиот телевизиски канал „Русија24“. Веста беше дека Русија ќе ja протера новинарката на Би-би-си до крајот на август во знак на одмазда!

Протерувањето новинари не е честа практика, како, на пример, протерување дипломати или шпиони. И токму затоа овој потег на Русија, пошироко предизвика посебен интерес. Но, најмногу во Москва и во Лондон.

Според Рејнсфорд, читајќи го нејзиниот последен текст, таа е протерана од Русија како закана за нејзината национална безбедност, по речиси 20 години работа. Рејнсфорд пишува дека на 10 август на враќање од Белорусија, на аеродромот Шереметјево ѝ рекле дека ѝ е забранет влез во Русија заради „заштита на безбедноста на Русија“, дури и морала да потпише документ дека „разбира дека ако се обиде да ја премине руската граница, ќе го прекрши законот“. Но, по 12 часа ѝ рекле дека може да влезе во Русија, да го напушти аеродромот само за да се спакува, со оглед на тоа што визата ѝ истекува на 31 август. За неа протерувањето е прекин на многугодишните врски со Русија. Најважниот дел од нејзиниот живот, откако на 18 години за првпат заминала во Москва во време на распадот на СССР.

Рејнсфорд била повикана во руското МНР и таму ѝ рекле дека во нејзиното протерување нема ништо лично, а официјално ѝ соопштиле дека тоа е одговор на недавањето виза за работа на руски дописник на ТАСС од Лондон. И тоа уште од 2019 година.

bbc 1 2 1Веста од 13 август, нормално беше дочекана со реакција на матичната куќа на Рејнсфорд, Би-би-си. Во изјавата, генералниот директор на Би-би-си, Тим Дејви, рече: „Протерувањето на Сара Рејнсфорд е директен напад врз слободата на медиумите и го осудуваме безрезервно. Ги повикуваме руските власти да ја преиспитаат својата одлука. Во меѓувреме, ние ќе продолжиме да известуваме за настаните во регионот независно и непристрасно“. Британското Министерство за надворешни работи го опиша потегот како „уште еден неоправдан чекор на руските власти“.

И амбасадата на Британија во Москва повика да не се протерува новинарката. Обединетото Кралство смета дека одлуката на руското МНР да одбие продолжување на работната виза за новинарката Сара Рејнсфорд е неразумна и повикува на промена на одлуката, изјави амбасадата на земјата во Москва за РБК. „Ги повикуваме (руските власти) да го преиспитаат овој реакционерен чекор против наградуваниот новинар на Би-би-си“, рекоа дипломатите. Тие, исто така, истакнаа дека ваквите одлуки на Москва ќе продолжат да ја влошуваат ситуацијата со слободата на медиумите во земјата. Дипломатската мисија не се согласи со обвинувањата дека руските медиумски работници се малтретирани во Кралството. „Руските новинари продолжуваат да работат слободно во Обединетото Кралство, под услов да дејствуваат во рамките на законот“, резимираше британската амбасада.

Визен ќорсокак

И додека Рејснфорд, Би-би-си и дипломатите зборуваат за протерување, официјална Москва смета дека не станува збор за тоа. Едноставно визата ѝ истекува на 31 август, а не ѝ е продолжена како одговор на непродолжување виза на руски новинари во Лондон. „Одлуката да не ѝ се продолжи визата на дописничката на Би-би-си Сара Рејнсфорд беше чисто возвратна мерка“, напиша портпаролката на руското МНР Марија Захарова во саботата, на 14 август, на нејзиниот Телеграм-канал. „Тоа нема никаква врска со нарушување на слободата на говорот“, тврди Захарова.

Таа објасни дека летото 2019 година, новинар од руска новинска агенција морал да го напушти Обединетото Кралство со своето семејство, бидејќи тие не дочекале „продолжување на визите и какво било објаснување за причините за ваквиот став“. Во исто време, Русите строго ги почитувале сите упатства на британската страна. Обидите да се испратат други дописници да ги заменат, исто така, биле неуспешни: „Британската страна одби да му издаде визи на новинарот, и повторно без никакво објаснување“.

Портпаролката, исто така, ги негираше изјавите на новинарката на Би-би-си за забраната засекогаш да се врати во Руската Федерација, нарекувајќи ги манипулација. „Не ѝ го кажаа тоа. Новинар, дури и Британец, кој живеел во средина што зборува руски, според неговите процени, една третина од неговиот живот, треба да ја разбере разликата помеѓу ‘никогаш не се враќај’ и ‘отповикана новинарска виза и акредитација на неопределено време’. Но, ние сме навикнати на такви манипулации со информации“, истакна таа.

zah 1Захарова во една изјава на 14 август нагласи дека Русија ќе ѝ издаде работна виза на Сара Рејнсфорд во случај британската страна да го стори истото за рускиот дописник. „Ако му дадат виза на руски дописник, ќе ѝ дадат и на Сара. Ова е токму она што го предложивме, повикувајќи го Лондон да го деблокира визниот ќорсокак за новинарите“, истакна Захарова. Таа соопшти дека нејзиното министерство повеќепати предупредило за можноста од возвратни мерки.

Настаните со одземањето на работната виза и акредитацијата на Сара Рејнсфорд, беа повод Би-би-си да го покани рускиот амбасадор во Лондон Андреј Келин во емисијата „Hard Talk“. Емисијата во најголем дел беше посветена на Авганистан, но поради актуелност не остана без разговор и темата за медиумите, за Сара Рејнсфорд и за руските дописници. Амбасадорот Келин изјави: „Руските новинари во Велика Британија работат во тешки услови, не им даваат акредитации за многу настани, не можат да отворат банкарски сметки, бидејќи банките имаат упатства да не го прават тоа. Пред една година (поточно во 2019 година) на нашиот новинар му беше одбиено правото да остане во Велика Британија. Односот кон новинарите овде, морам да кажам, е крајно лош. Тие се протерани и се лишени од правото да бидат тука“. Бидејќи тие денови сите зборуваа за „некој новинар“, водителот Стивен Сакур праша за кого станува збор. Амбасадорот Келин појасни: „Тоа е дописник на новинската агенција ТАСС. Неговото име е (Игор) Броварник, на целото семејство му беше одбиено продолжување на визата, а неговата сопруга беше во деветтиот месец од бременоста...“

Пиони на политичарите

Во 2019 година, британскиот медиумски регулатор Ofcom го казни рускиот канал РТ за прекршување на правилата за непристрасност при известување за труењето во Солсбери на поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка Јулија. Инаку, руското Министерство за надворешни работи честопати ги споменуваше и проблемите со визите за руските новинари во Обединетото Кралство. Претставниците на Би-би-си „неодамна го посетија Министерството за надворешни работи“ и ним „сѐ подробно им беше кажано“, изјави портпаролката на министерството Марија Захарова, како одговор на прашањата на западните медиуми за одлуката да не ѝ се обнови визата на британската новинарка Сара Рејнсфорд.

Од сето ова што се случува со Сара Рејнсфорд и со руските новинари, може да се заклучи дека станува збор за пиони во шаховската игра на политичарите. Во време кога се зборува за пропагандни војни, за дезинформации, а во кои учествуваат и Обединетото Кралство и Русија, а да не зборуваме за други земји од Запад и Кина, на пример, новинарите се први за отстрел. И веројатно тоа ќе се случува сѐ почесто. Не случајно Стивен Сакур му рече на рускиот амбасадор Келин дека за проблемите со руските новинари во Британија не е виновен Би-би-си и дека тоа е проблем на владата. Сакур е во право. А односите меѓу Русија и Британија се катастрофални. Но, тоа е посебна тема.

Руските медиуми на Запад ги третираат како пропагандно оружје. А во Русија, пак, велат дека тоа е така бидејќи тие медиуми пренесуваат теми за кои во конкретната земја не сакаат да се зборува. Згора на тоа, портпаролката Захарова споменува дека за почит се рејтинзите на Раша тудеј на Запад, па тоа им ги боде очите на властите и ја третираат како пропагандно оружје. Од друга страна, Западот е во право кога зборува за задушувањето на слободата на говор во Русија, која, пак, смета дека западните медиуми шират пропаганда против Русија. Британската амбасада во Москва вели: „Руските новинари продолжуваат да работат слободно во Обединетото Кралство, под услов да дејствуваат во рамките на законот“. А што ако не работат во рамките на законот? Ќе ги протераат? Или, најлесно е со „меки“ методи да се натераат сами да ја напуштат државата. Нема да продолжат виза, нема да им дозволат да отворат банкарски сметки, како што изјави рускиот амбасадор Келин, и слично. Или, пак, нема да им даваат визи на други дописници. Русија за возврат ја користи истата „мека“ метода. Нема продолжување на визата.

HARDtalk

Да се вратиме на Сара Рејнсфорд. Таа во вторникот (7 септември) даде интересно интервју за опозицискиот руски телевизиски канал „Дожд“, кој пред извесно време беше ставен во списокот на „странски агенти“, кој Русите го прават според истоимениот закон, демек и во САД уште од 1939 година имало таков закон. Нејсе, ова е посебна тема, за медиумите во авторитарни држави, особено на постсоветските простори.

Тргување со новинари

Рејнсфорд во интервјуто одново ги раскажува случките што биле пред нејзиното и во време на нејзиното заминување од Москва. Речиси сѐ што кажа во својот последен извештај од Москва. Новинарот, водител од „Дожд“, барајќи ја вистината околу рускиот новинар Игор Броварник во Лондон, без продолжена виза, ја прашува Рејнсфорд зошто британската страна не може да ја продолжи неговата виза, дотолку повеќе што Марија Захарова вели дека ако се реши тоа прашање, ќе се реши и прашањето на визата на Рејнсфорд и таа ќе може да се врати во Русија. Рејнсфорд одговара дека моментите со визите се лични моменти и за нив не се зборува. Можеби е направена проверка на луѓето што сакаат да останат во Лондон, но не ја поминале. „Јас, едноставно, не разбирам што се случува, но ми се чини дека тоа е многу подлабоко и многу повеќе отколку новинар за новинар. Ми се чини дека најнапред треба да се гледа општиот призвук на односите меѓу Британија и Русија. Политиката, секако, е ужасна и мене ми се чини дека ова е некаков сигнал. Т.е. да се зборува за тоа дека го протерале, не му дале на човекот да остане во Британија пред две години и затоа ние го протеруваме дописникот на Би-би-си. Малку не ми е многу разбирливо“, изјави Рејнсфорд. Нормално, нејзе можеби и не ѝ е разбирливо, бидејќи таа е новинар, а не политичар кому му се јасни ваквите игри.

Соговорникот на Рејнсфорд ѝ соопшти дека разговарала со Марија Захарова за случајот со неа, а Захарова ѝ рекла: „Тогаш нека дадат виза кому било од агенцијата ТАСС“, што зборува дека Британците воопшто не сакаат да примат новинар од таа агенција. Русите настојуваат, ако не ви се допаѓа тој и тој, нека биде друг новинар. Како да станува збор за тргување со новинари. Рејнсфорд се прашува: „А зошто се тргува со новинари? Јас не разбирам зошто ние, зошто новинарите. Ние имаме иста работа.“ – „Реципрочен одговор“, одговара водителот. За Рејнсфорд да заклучи: „Ние не сме политичари, не сме претставници на своите држави, ние едноставно си ја вршиме својата работа. Зошто да тргуваат со мене или со некој новинар од ТАСС? Јас не разбирам и не се согласувам со тоа, јас не сакам да бидам така тргувана“.

Владите си водат своја политика. Тие нема никогаш да ги прашуваат новинарите што сакаат. Особено оние што работат за медиуми непосредно или посредно под државна капа. И тие ќе бидат протерувани, или со „меки“ мерки принудувани да заминуваат. И сето тоа како дел од реципроцитет, ако во меѓувреме не се направи трговија со нив. Пропагандните војни си имаат цена. Сега не може да се исклучи дека во иднина Русија и Обединетото кралство, а и Западот во целост, уште повеќе на отстрел ќе ги имаат новинарите. Сѐ ќе зависи од ефектите на пропагандата.

Автор: Мирче Адамчевски

Насловна фотографија: unsplash.com

----------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).